Говори и обраќања
Годишно обраќање во Собранието на Република Македонија
Вторник, 14 Декември 2010


Годишно обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија

Почитуван Претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитуван Претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор, претставници на верските заедници на Република Македонија,
Ваши екселенции, Дами и господа,
Почитувани граѓани на Република Македонија,

Крајот на годината секојпат ни овозможува да се навратиме на оствареното, да им се радуваме на успесите, но и да извлечеме поуки од научените лекции. Да видиме што сé е постигнато во годината која ја испраќаме, на што се уште се работи, и што останува да се сработи во годината која ни претстои.
Исполнувајќи ја уставната обврска, денес по втор пат ви се обраќам за да дадам отчет за исполнувањето на моите уставни надлежности.
Освен како мој отчет, ова обраќање ќе го посветам и на моите погледи и оцени на состојбите и развојот во Републиката воопшто. Притоа, би сакал на овој највисок законодавен дом да му ги претставам и моите погледи на она што не очекува во 2011 година.

Почитувани,

Како Претседател на Република Македонија изминатава година, сите мои активности ги насочив кон она што ми се уставни надлежности и стратешки определби на државата. Мојата политика произлегува од нив.
Меѓутоа, на самиот почеток на ова мое излагање, мора накратко да се спомне и во кој контекст сето ова се остваруваше.
Имено, сето она што се случуваше на меѓународен план во 2010 година, како и секогаш во минатото, не можеше да се сведе на една можна вистина. Сите потреси, пореметувања кои беа присутни во 2010 година, како во сферата на политиката, така и во сферата на финансиите, екологијата, демографијата укажуваат дека човештвото навлегува во сеопшта општествена и морална криза со огромни глобални размери.
Ваквата кризна динамика придонесе да се раѓа, да се создава, да се обликува мултиполарен свет со нови центри на економска и политичка моќ. Веќе се чувствува воспоставувањето на нови ривалства и нови сојузништва од регионално до меѓународно ниво.
Секој од нас, длабоко во себе чувствува дека се случуваат овие промени.
Во таков контекст, на надворешно - политички план, оваа година имав 36 меѓународни настапи и активности, остварив 25 посети на странски држави. Како претседател на Републиката ja претставував нашата држава на сите најзначајни мултилатерални настани. Бев домаќин на пет официјални и уште неколку работни посети на мои колеги. Имав повеќе од сто средби со шефови на држави и влади и шефови на меѓународни организации.
Сите средби и посети имаа единствена функција, да ја претставувам нашата земја и достојно да ги застапувам нејзините стратешки интереси. Водечката цел во мојата меѓународна активност првенствено ми беше да ја претставам Македонија како земја чија мирољубивост придонесува за стабилноста на регионот. Македонија како мултиетничко општество што може да служи за пример. Македонија како држава извозник на стабилност. Македонија како актер чија одговорност во мултилатералните организации е дел од придонесот кон меѓународните односи. Македонија како отворена пазарна економија која стреми да го постигне својот развој. Македонија како европска култура што има волја и капацитет да биде дел од Европското семејство на народите. Македонија како демократија што ги промовира човековите и малцинските права. Македонија како културна татковина на македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
Со моите активности сметам дека успеав да придонесам за добрососедските односи и регионалната соработка, како и да создадам нови и да ги јакнам постојните партнерства и пријателства. Да создавам амбиент во кој администрацијата и бизнис заедницата ќе можат подобро да работат, но исто така, ќе се отвораат и нови простори за комуникации и соработка на нашата земја. Затоа инсистирав секогаш со мене, при посетите и средбите, да има претставници на Владата на Република Македонија и претставници од бизнис заедницата.
Активното учество на меѓународната сцена, без разлика дали станува збор за Обединетите Нации, ОБСЕ, Европа, Америка, Азија, e најдобар показател за меѓународниот капацитет на Република Македонија. Со тоа најдобро покажавме дека сме активен учесник во регионалните и глобалните процеси при што успеавме и македонскиот глас за овие прашања да биде слушнат и почитуван.
Претседавањето на Република Македонија со Комитетот на министри на Советот на Европа, како македонско претседавање, беше исклучителна можност за промоција и афирмација на земјата. Македонското претседавање беше наш придонес во напорите за подобро функционирање на најстарата европска институција. Македонија посветено работеше и се грижеше за нашиот заеднички европски дом, и тоа во време кога започнаа клучни реформи во организацијата. Бевме водени од нашите три приоритети - јакнење на заштитата на човековите права, унапредување на интеграцијата на националните малцинства во европските општества и вклучување на младите во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества. Со ваквата агенда придонесовме кон остварувањето на целите на најстарата европска меѓународна организација.
Македонското претседавање се случи на 60 годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права. Навистина беше ретка прилика што во името на Република Македонија, заедно со Генералниот Секретар на Обединетите Нации господинот Бан Ки Мун, имав можност да се обратам пред Парламентарната Асамблеја на Советот на Европа на јубилејот на оваа конвенција. Навистина бев горд што како Претседател на Република Македонија можев во името на сите држави членки на Советот на Европа да ги испратам благородните пораки за промоција на човековите права во Европа токму на македонски јазик. Таму, каде што пред само петнаесеттина години беше оспоруван од некои политичари.
Во поглед на регионалната соработка, имаме напредок во добрососедските односи со сите наши соседи, со Албанија, со Косово, со Србија, со Бугарија, но и со Грција.
Со Србија продолжуваме да ја развиваме регионалната соработка. Иако постои определена разлика во нашите погледи околу Косово, тоа не смее да биде пречка за сестраната и традиционално добра билатерална соработка.
Соработката со Косово е сè подобра, а притоа ние посветено продолжуваме со напорите да помогнеме при неговата интеграција во регионалните иницијативи, но и да ја унапредиме нашата економска и општа размена и соработка.
Со Албанија односите се на високо ниво на развој, макар што сите можности за соработка не се исцрпени. Сметам дека етничките заедници во двете земји можат повеќе да се ползуваат како мост во унапредувањето на таа соработка, но и за взаемна помош.
Со Бугарија, исто така, продолжуваме да ја развиваме блиската политичка комуникација, но сеуште сме под посакуваното ниво во однос на економските односи. Најголемиот предизвик и најголемата потреба за унапредување на македонско-бугарската соработка е изградбата на Коридорот 8 и железничкото поврзување на Скопје и Софија.
Со Грција политичкиот дијалог станува сè поприсутен и поинтензивен. Ја добива посакуваната динамика, нешто што недостасуваше во минатото и нешто што може уште повеќе да ги подобри генерално добрите економски односи.
Исто така, може да се констатира дека многу позитивно се одвиваат нашите односи и сестрана соработка со поширокото соседство и регионот во целина, со Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, со Црна Гора, Турција, со Романија, Унгарија.
Споредено со состојбата од пред само една деценија, регионот денес живее во знакот на взаемно помирување, стабилност и просперитет. Регионалната соработка го достигнува соодветното ниво. Денес со моите колеги од потесното и пошироко соседство, при нашите сè почести средби, разговараме за конкретни и практични проекти, вложувања и акции од кои корист ќе имаат граѓаните: економија, патна и железничка инфраструктура, транспортни и енергетски коридори, битка против организираниот криминал, заштита на животната средина.


Почитувани,

Деновиве навршува една година во која нашите граѓани, по подолго време, повторно имаат можност слободно да патуваат низ земјите на Европската Унија. Една голема пречка за поврзување на нашата земја со светот, за пристап до светските достигнувања и за промоција на нашите вредности надвор, веќе ја нема. Правилното користење на визната либерализација ќе покаже дека македонските граѓани заслужено се дел од европскиот слободен простор.
Свесни сме дека нашиот пат е цврсто трасиран кон Европската унија. Но, на тој пат треба да продолжиме да се движиме како рамноправни граѓани на Европа. Вистина е дека интеграцијата во Евопската унија нуди економски развој и напредок, повисок стандард, образование, работа и можност за сите. Но, треба да се знае дека Европската унија, исто така, бара вложувања и откажувања, придонес и придобивки за заедничките и општи добра. Значи, можноста не треба да се бара во социјалните фондови, туку во придобивките на Европа кои овозможуваат општествен и индивидуален развој и напредок.

Почитувани,

Денес, повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребно она што јас го нарекувам европски мир, кој ја подразбира Европа како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, на идеи, капитал и производи. Отворен простор во кој секоја економија може да расте и да се шири. Отворен простор, каде луѓето со отворен ум ќе градат толеранција и почитување на различностите.
Затоа во моменти на криза, нам во регионот ни е потребно да имаме повеќе, а не помалку Европа. Глобалната економска криза не смее да биде алиби за да запреме на патот на напредокот, да го напуштиме патот кој го зацртаа градителите на Европа.
Напротив, токму во услови на економска криза сите ние треба да се вратиме на основните принципи кои го водеа европското обединување, и кои впрочем беа мотив за надминување на кризните состојби и односи на европските држави.
Не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Македонија освен европските интеграции. Нема поголема движечка сила на нашите општества од Евро - интегративниот процес. Способноста на Европа да влијае врз своето соседство, без притисок, без сила, да ги привлекува и да ги прилагодува соседните држави во своето соѕвездие на демократски и просперитетни држави, е една од најважните мисии на Европа.
Затоа во нашите стратешки определби на НАТО и на Европската унија, гледаме како на доминантно интегративни, развојни и безбедносни проекти, кои имаат големо влијание врз економските, социјалните, и вредносните реалности на континентот во чиј средишен дел сме и ние. Постојано предупредувам да не се заборави изворната идеја на европското обединување. Околностите и економската криза во сегашните членки не се поволни кога е во прашање приемот на нови земји. Ние тоа го разбираме. Но, тоа не значи дека ги прифаќаме тезите за замор од проширувањето. Впрочем кризите секогаш биле и периоди на големи предизвици и големи можности. Време кога се создавале нови лидери, со нови решенија и нови визии.
Сепак, најголемата пречка за нас во евроатланските интеграции е проблемот кој го создаде нашиот јужен сосед со нашето име. Во тој контекст Република Македонија секогаш достоинствено и одговорно се придржуваше до резолуциите на ОН од 1993 г. кога беше примена во членство и до одредбите на македонско-грчката Времена спогодба од 13 септември 1995 година.
Македонија својата искреност и посветеност ја докажа многупати досега, со измената на Уставот и на државното знаме, со приемот во Обединетите нации под привремен начин на обраќање, но и во други прилики. И покрај се, ние се залагаме за продолжување на грчко-македонскиот дијалог, како израз на нашата одговорност, како заедничка обврска и како единствен начин за надминување на грчко-македонскиот билатерален спор.
Подготвени сме на европски начин да ги премостиме разликите. Но, тоа подразбира и фокусирање на темелното право на државата. Ние сме граѓани на европска земја и бараме од Грција, како членка на Европската Унија, со нас да се однесуваат европски. Затоа, уште еднаш порачувам – дека не е прифатливо да се разговара за решение што задира во македонскиот идентитет, во македонскиот јазик и во Уставот на Република Македонија како чувар на нашата државна сувереност и нашето национално достоинство. Затоа, сакам да подвлечам - додека сум Претседател на Република Македонија тоа нема да го дозволам.
Ние судбински ја доживуваме старата мудрост - nomen est omen - во името е суштината. Нашето име одразува суштински дел од македонскиот идентитет. Нашите предци се соочувале со многу поголеми притисоци, но никогаш не подлегнале, со голема мака ни го оставиле она што треба ние денес да го сочуваме за идните генерации.

Почитувани,

Македонскиот државен врв, како никогаш досега, има јасен став. Интензивирање на македонско-грчкиот дијалог и трагање по взаемно прифатливо компромисно решение. Но, решението мора да биде во рамките на Резолуцијата 817 на Обединетите нации од 1993 година.
Ние сакаме решение, но само во рамките на грчко-македонската Времена спогодба од септември 1995 година. И на крај, конечната одлука ќе ја имаат граѓаните.
Како Претседател на Република Македонија, јас ги согледувам сите ставови на политичките субјекти во земјава, вклучувајќи ги и оние на опозицијата, и врз основа на тие ставови ја градам, во рамките на моите надлежности, државната политика во однос на ова прашање. Одговорност на секој релевантен политичар во Република Македонија е да не го злоупотребува грчко-македонскиот билатерален спор во контекстот на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Не треба да се охрабрува неединство меѓу граѓаните.
Точно е дека дневната политика по ова прашање внатре во земјата ни причинува извесна штета, но сакам да нагласам дека главната причина поради која се уште нема решение се некои грчки политичари, а не политичарите во Република Македонија. Време е да се напуштат стереотипите и предрасудите од минатото во корист на заедничката иднина.
За да бидеме доследни во остварувањето на нашата стратешка определба за евроатланска Македонија, ние треба да сме сплотени, да сме обединети, да сме единствени и со заеднички напор да истраеме на патот кој е пред нас.



Почитувани,

Пред нас е година на сериозни одлуки. Одлуки кои бараат од сите сегменти на македонското општество да се однесуваат одговорно и достоинствено, онака како што македонските граѓани умеат секојпат кога се исправени пред клучни историски предизвици. Македонските граѓани тоа го покажаа пред речиси 20 години, кога донесоа одлука за независна, суверена и самостојна Република Македонија. Тие тоа го докажаа и пред помалку од 10 години кога прифатија вековната традиција на соживот и толеранција да биде унапредена со Охридскиот договор.
Сите сегменти од македонското општество, од македонската политичка сцена, невладините организации, медиумите и сите други општествени актери, треба да останат достојни на политичката зрелост на македонскиот граѓанин, на неговиот демократски капацитет.
Суштинските идентитетски прашања, за кои трошиме многу време и енергија, на Македонија и се наметнати, и издигнати на ниво на висок приоритет бидејќи се поставени како условување на подобрата иднина на нашата држава. Без ваквите условувања, на македонските интеграции со отворањето на разни историски и идентитетски спорови, јас сум сигурен дека оваа дебата во Македонија ќе минуваше многу побезболно и со многу помалку внимание во јавноста.
Македонските граѓани се соочени со еден непримерен и наметнат избор, да избираат меѓу своето минато, сегашност и иднина. Тоа е причината за отворањето на дебати кои, во други држави, секако звучат анахроно и туѓо, во време кога многу дебати се водат за сферите на економијата, невработеноста, инфраструктурата, развојот, екологијата, енергијата, новите технологии.
Работев напорно за да го намалам неизбалансираниот пристап во презентирањето на нашата вистина околу наметнатиот спор за името.
Она што можам да го заклучам по многуте средби и разговори е дека Република Македонија наидува на разбирање повеќе отколку што се мисли. Разбирање пред се од нашите пријатели, партнери и сојузници во НАТО со кои ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети. Со кои ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Останува тоа да се надополни и со споделување не само на обврските, туку и на правата и привилегиите што со себе ги носи членството во алијансата.
Позитивните искуства од регионот ја потврдија старата вистина дека прашањата и проблемите се решаваат само преку дијалог. Дека комуникацијата ја враќа довербата меѓу страните и гради мостови за соработка. Дека оној што комуницира, тој и се интегрира. Дека трајните и одржливи решенија се градат само со искрена посветеност и свеста за заедничкото минато, заедничката сегашност и заедничка иднина. Во тој контекст се интензивните средби на Премиерот на Република Македонија и Премиерот на Република Грција.
Без разлика на искушенијата и тешкотиите со кои се соочуваме на патот на нашето придружување кон Унијата и во НАТО, можам да констатирам дека нашата земја прави се за нашите внатрешни демократски, економски, социјални и развојни реформи да не заостанат. Токму спротивното - тие да се забрзаат и унапредат.
За тоа укажуваат и позитивните извештаи и препораките за почеток на пристапните преговори кои ги добиваме од Брисел.  Позитивните рангирања од релевантни меѓународни институции кои укажуваат на успешноста на мерките и активностите кои во услови на глобална економска криза ги презеде Владата на Република Македонија.

Почитувани,

Во однос на одбраната, особено сум горд на Армијата на Република Македонија која во последните две децении од постоењето се покажа како достоен наследник на востаниците и борците од двата Илиндени. Како еден од столбовите на македонскиот интегритет и самобитност, но и како горд чувар на традицијата на македонскиот соживот, Армијата продолжува да биде ткиво кое ги поврзува сите заедници кои живеат во Република Македонија, независно од етничката и религиозната припадност.
Притоа, спроведените реформи прават Армијата да биде еден од главните мотори на македонската евроатланската интеграција.    Усвоена е нова Стратегија за одбрана на Република Македонија, целосно комплементарна со НАТО. Донесена е и нова структура на силите на Армијата на Република Македонија. Дограден е Планот за одбрана на Република Македонија согласно новите безбедносни ризици кој треба да овозможи складно делување во рамките на Системот за одбрана.
Но, за одржување на кондицијата на започнатите реформи, и следење на процесите во одбраната и остварување на партнерските цели и целите на НАТО, финансиските средства кои се издвојуваат за одбраната не треба да бележат опаѓање.
И покрај тоа што привремено сме спречени да станеме членки на алијансата, Република Македонија останува посветена на напорите за влез во НАТО. Исто така во рамките на нашите можности ќе продолжиме да ја градиме одбраната и да учествуваме во меѓународните мисии. Успехот на македонските мировници во Авганистан, Ирак, Либан и Босна и Херцеговина, е најдобра потврда за посветеноста на Македонија на овој план. За тоа зборува фактот дека македонскиот придонес денес е еден од најголемите по глава на жител, при што само во Авганистан, Македонија контрибуира повеќе од сите земји во регионот и повеќе од многу земји членки на НАТО.

Почитувани,

Освен прашањето за името, европските и евроатланските интеграции, голема енергија беше вложена во економските и енергетските прашања. Економската иднина без енергетска сигурност не може да се замисли. Затоа, како конкретен успех од економско-дипломатската активност на Република Македонија можам да ги наведам затворањето на Клириншкиот долг и започнатите разговори за приклучување кон меѓународниот енергетски коридор “Јужен тек“ и изградба на крак низ земјава. Македонија најпосле треба да биде ставена на меѓународната мапа на енергетски транспортни коридори. Со тоа ќе ни се отвори можност за добивање евтини енергенси за нашите компании и домаќинства и намалување на цената на нашето производство. Ова претставува конкретен влог во енергетската и генералната економска стабилност и сигурност на земјата.
Улогата на државата е да ги унапредува билатералните односи, трасирајќи го патот за продлабочување на економската соработка меѓу земјите. Упатени една кон друга, државата и бизнисот развиваат партнерски однос со цел одржување на економската стабилност. Токму затоа, секаде и секогаш ги повикувам стопанствениците од други земји да ги искористат предностите на Македонија. Токму затоа, за време на официјалните и работни посети, како гостин но и како домаќин, секогаш покрај себе ги имам претставниците од македонското стопанство и се обидувам да ги отворам вратите за соработка.
Кога веќе ги спомнав, сакам да соопштам дека во партнерство со македонската бизнис заедница ја основавме и Школата за млади лидери, под мое покровителство, која веќе ја продуцира првата мошне успешна генерација. Отпочнавме и со реализација на другите проекти од мојата програма. Отворена е Народната канцеларија на Претседателот на Република Македонија во Скопје, каде граѓаните слободно и отворено ги изразуваат своите проблеми, барања и видувања. Наскоро ќе отвориме вакви канцеларии и во Тетово и Битола. Продолжуваат дијалозите со верските лидери, а во тек е и конкурсот за избор на најмлад научник.


Почитувани,

Од следната година, Македонија со целосното укинување на царинските давачки засекогаш станува дел од заедничкиот европски пазар. Очекувам оваа мерка да биде значајна за иднината на Македонија, за конкурентноста на нашите компании, за стандардот на македонските граѓани.
Соочувањето на македонската економија со европската економија секако дека ќе открие слабости кои се својствени на држава со мал пазар кој досега бил затворен. Очекувано е дека ќе има критики дека пребргу се оди со отворањето на македонската економија.
Некои од овие критики можевме и порано да ги слушнеме, во одредени гранки на стопанството. Јас сум длабоко уверен дека отворените пазари, слободната конкуренција, ги отстрануваат неефикасностите и овозможуваат фер пазарна борба во која можеме да ги искористиме нашите предности. Со тоа очекувам  Македонија, да излезе побогата, поразвиена, и понапредна.
Друга мерка која не очекува во 2011 година, и од која очекувам да придонесе за ослободување на скриениот економски потенцијал на нашата држава, е поголемата улога на општините. Во голем број области на општествениот живот, во образованието, во здравството, во културата, постои голем простор за натамошно зајакнување на улогата на локалните форми на организација.

Почитувани,

Уште од независноста, македонската политичка сцена никогаш не била целосно компактна, одлика која, за жал, не ја одмина ниту 2010 година.
Очекувам дел од јавноста повторно да ги употреби старите квалификации дека не работам по сопствено убедување или дека сум недоволно гласен кога станува збор за сериозни прашања од општественот живот. Поддржувам и ќе учествувам во секоја политичка дебата во која се користат аргументи, кога е потребна и корисна, но, само доколку таа нема за цел со дневно-политички обвинувања да се наруши позицијата на земјата.
Бевме сведоци на разни дискусии околу моите ингеренции во однос на разузнавачкиот систем. Затоа, сакам да потсетам дека не станува збор за надлежности на Ѓорге Иванов, туку за надлежности на Претседателот на Република Македонија. Затоа, сакам да нагласам дека како Претседател на Република Македонија ќе ги штитам надлежностите на институцијата. Сепак, свесни сме за потребата од пофункционален систем. Се бара модел кој нема да биде на штета на демократијата и човековите права.
Грешат сите што мислат дека мерило за нечиј успех или неуспех во спроведување на уставните надлежности е бројот на кавгите што ги имаат во Собранието, со Владата или пред јавноста. Грешат и тие што сакаат да изнудат судир во државниот врв. Ним ќе им кажам дека не треба да се надеваат дека ќе дозволам со неодговорно поведение да ја нарушиме кохезијата што ја изградивме околу стратешките определби на Република Македонија, особено за евроатланските интеграции и зачувувањето на македонскиот национален идентитет.
Различни мислења, ставови и несогласувања постоеле и ќе постојат. Како меѓу опозицијата и власта, така и меѓу државни функционери и органи. Всушност, за тоа и постои демократијата.
Но, кога се работи за врвни национални прашања секогаш инсистирам тие да бидат надминати со конструктивен разговор. Како досега, така и во иднина ќе направам се, сите несогласувања да ги надминувам со конструктивен дијалог.

Дами и господа,

Во годинава што изминува беа отворени и голем број сериозни прашања за области кои добро ги  познавам и ценам, а тоа се прашањата за лустрацијата, за невладиниот сектор, односно граѓанските организации и граѓанските иницијативи и за улогата на медиумите во демократските општества.
Лично сум разочаран од спроведување на законот за лустрација. Во очекување на судска разрешница нема да прејудицирам кој и како згреши, но сакам да ви кажам дека процесот на прочистување мора да се одвива во институциите. Тоа претставува тест за нас како држава и очекувам тој тест успешно да го минеме. Секој што обавува јавна дејност подлежи на јавна одговорност. Секој кој обавува јавна функција мора да подлежи на јавна контрола.
Македонското општество, како сеуште да се привикнува на политичкот плурализам, на политичката борба за власт. Честопати во изминатите години се свртувавме кон невладиниот сектор во потрага по објективни, непристрасни и стручни оценки и совети. Оваа доверба отвора можност за злоупотреби.
Јас бев особено силно погоден од информациите за можни системски злоупотреби на дел од овој сектор. Довербата која била градена со години, може да се загуби во еден миг. Затоа, за организации чиј најважен, можеби единствен ресурс, е токму довербата што ја имаат кај граѓаните, ова е особено тешка закана. Мораме да отвориме сериозна и издржана дискусија за позиционирањето на граѓанскиот сектор во иднина, доколку сакаме и понатаму да сметаме на овој значаен сегмент на граѓанското организирање.
Кажаното за кризата на довербата во невладиниот сектор може слободно да се каже и за македонските медиуми, каде овој проблем како да е уште поизразен, а е дополнително засилен и од економските предизвици со кои се соочуваат медиумите. Секогаш ќе стојам во одбрана на слободата на изразувањето, исто како што секогаш ќе стојам зад функционирањето на правната држава и институциите. Јас секогаш ќе ја поддржувам отворената и жива дебата.
Сегашната состојба на медиумите во голема мера дозволува и поттикнува гласно искажување на спротиставени ставови. За вкусот и стилот не би расправал, но мислам дека суштината на дебатата е постигната и воопшто не можам да се согласам со оценките дека нема дебата. Притоа, особено е важно граѓаните да знаат, јасно и транспарентно, кога им се обраќаат политичари кои се борат за нивната доверба, а кога им се обраќаат претставници на здруженија, медиуми, експерти, кои зборуваат како сила која зборува во јавен интерес, а  притоа не се оптоварени  од борбата за власт. Замаглувањето на границите меѓу владиниот и невладиниот сектор, меѓу политиката и медиумите, доведува до состојба во која се губи довербата на граѓаните, но се губи и суштината на демократијата.

Почитувани,

Нашата сила е во нашиот најдобар извозен политички продукт, нашиот модел на мултиетнички соживот, модел на инклузивна демократија. Македонскиот модел подразбира интеграција без асимилација. Интеграција со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности. Некои се восхитуваат од него, некои се плашат. Ние сме горди. Ние сме најсветлиот пример како, на Балканот, на ова раскрсница на цивилизациите, може да има соживот и толеранција. Нашиот устав, Рамковниот договор, и длабоките вековни традиции на соживот, толеранција, разбирање и меѓусебно помагање, се гарантите на овој модел.
Од време на време се појавуваат проблеми, но темелите на овој модел се цврсти. Идната година ќе ја одбележиме десетгодишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Може да се констатира значаен напредок во поглед на донесувањето и примената на законските решенија. Со уставните амандмани, измените и дополнувањата во постојната легислатива и носењето на нови закони што произлегуваат од истиот, заокружена е правната рамка и создадени се услови за натамошен развој.
Заокружувањето на процесот на имплементација на Охридскиот рамковен договор останува eден од главните приоритети на Република Македонија. Активностите што се преземаат во тие рамки се насочени кон унапредување на: процесот на децентрализација; употреба на јазикот на немнозинските заедници; правичната застапеност на претставниците на сите етнички заедници и образовниот систем. На тој начин, ние ја градиме довербата.
Денес, таа доверба ни е потребна повеќе од кога било. Ни претстојат предизвици поврзани со евроатланските интеграции на нашата татковина. За успешно да го изодиме патот, за успешно да ја оствариме заедничката цел, ни требаат помалку делби, а повеќе единство. Помалку расправии, а повеќе почитување. Многу повеќе самодоверба и самопочит.


Дами и господа,

На самиот крај, би сакал да констатирам - Нашата цел е јасна и општоприфатена од страна на граѓаните – инклузивна, демократска, европска и евроатланска Република Македонија. Држава која ќе ги чува придобивките на вековната борба за независност и самостојност. Македонија која работи на исполнување на легитимните потреби, барања и интереси на сите македонски граѓани.
Иако на тој наш пат се соочуваме со многу предизвици, сепак, верувам дека оваа цел е достижна. Сметам дека формулата за успех веќе ја знаеме – повеќе сплотеност, а помалку поделби. Слогата, како благословена состојба на меѓусебно разбирање и почитување е тајната на заедничкиот успех. Доволно е да се навратиме на историските одлуки чии јубилеи ќе ги чествуваме идната година. На тоа не обврзуваат нашите претци, сегашните и идните генерации.



Почитувани,

Храбрите ги прати среќата. Свесни сме дека сами го градиме сопствениот успех и успехот на нашата татковина. Она што ни преостанува е со чиста совест, со обновено чувство на единство, решително да зачекориме во годината која ни претстои.

Ќе завршам со мисла која и претходно сум ја истакнувал:
Знаеме кои сме, знаеме што сме, и знаеме каде одиме!

Да живее Република Македонија!

Ви благодарам.

Признание “Повелба на Република Македонија“ за Фестивалот на детска песна “Златно славејче“
Четврток, 09 Декември 2010


Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одликувањето на фестивалот “Златно славејче“ со “Повелба на Република Македонија“

Почитувани,

Сакам да го изразам моето големо задоволство, што како Претседател на Република Македонија сум покровител на фестивалот на детската песна “Златно славејче“, кој пред 40 години произлезе од благородната мисија на Сојузот за грижа и воспитување на децата на град Скопје. Задоволството е уште поголемо бидејќи денес сме тука за да оддадеме признание на фестивалот и на сите оние кои низ децениите се вградија во песните и изведбите.

 


Почитувани,

Сплотувајќи ги во себе уметничката, воспитно - образовната и хуманитарна дејност, “Златно славејче“ е многу повеќе од музички фестивал.

“Златно славејче“ е можеби најзначајниот расадник на музички таленти во Македонија, музичко училиште низ кое прелетале речиси сите ѕвезди на македонската музичка сцена. Тука тие не научиле само да пеат, да танцуваат и да настапуваат, туку и да се дружат, да почитуваат, да соработуваат. Научиле да си помагаат, да го формираат својот карактер и да ги запознаваат вистинските вредности, но и многу повеќе.

Знаеме дека љубовта кон мајчиниот јазик се раѓа уште во детството. Милозвучноста пак, на еден јазик најлесно се изразува преку сплотеноста на зборот, стихот и песната со музиката. Преку музиката, хармонијата од зборови допира до децата и ги поврзува со убавината на јазикот, со добрите пораки, со вистинските вредности. “Златно славејче“ тоа го прави веќе 40 години, продуцирајќи над седумстотини композиции на македонски јазик, од македонски автори, за децата од Македонија, но и многу пошироко. Како вистински амбасадори на македонската култура, традиција и песна, златните славејчиња веќе 40 години носат радост и топли чувства до децата од целиот свет.

За благородната мисија на златните славејчиња најдобро говорат многубројните хуманитарни и добротворни концерти, секојпат посветени за оние на кои помошта им е најпотребна, за и тие да ја споделат детската радост. На тој начин кај најмладите се гради чувството за тоа како да се биде одговорен и хуман во општеството. А таквите општества во кои се негува тоа чувство имаат светла иднина.

Токму затоа, како Претседател на Република Македонија донесов одлука овој фестивал да го одликувам со “Повелба на Република Македонија“. Тоа е признание за четиридецениската работа и грижа за децата, за сите генерации кои израснаа и раснат со фестивалот, но и силен поттик за идните генерации. Тоа е признание за сите песни исполнети со детски желби и мечтаења, со поуки и лекции како за врсниците, така и за возрасните. Многу од тие песни го победија времето и го надминаа генерацискиот јаз, и ден денес придонесуваат подобро да се разберат младите и возрасните, децата и родителите, учениците и наставниците.


Почитувани,

Како што сите оние кои како деца учествувале, пееле и танцувале на “Златно славејче“, се горди на фестивалот, така и Македонија е горда што го има “Златно славејче“. Затоа, овој наш влог треба да биде поттик за сегашните генерации но и генерациите кои следат – да продолжат да го збогатуваат фестивалот со своите гласови и танци, со своето учество и присуство, затоа што и фестивалот секогаш несебично ќе им возврати. Вклучувајќи се кон музичкото јато, тие ги развиваат музичките таленти, го негуваат македонскиот јазик, и им помагаат на врсниците на кои помошта им е најпотребна.

Затоа, посакувам уште многу децении златното јато од славејчиња да пее под македонското сонце, нови песни, нови изведби за нови генерации.

Ви благодарам.

Oбраќање на Самитот на ОБСЕ во Астана
Среда, 01 Декември 2010


Почитуван господин Претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа,

Дозволете ми да го изразам моето задоволство што сум овде, во прекрасниот град Астана, како учесник на седмиот Самит на ОБСЕ, во овој критичен момент кога се дефинира курсот на нашата заедничка безбедност и кога се консолидира улогата на ОБСЕ во евро-атлантскиот и евро-азискиот регион. Сакам да упатам честитки до нашиот домаќин за укажаното гостпоримство и за исклучителната организација.

Овој Самит, несомнено, има големо значење. Сведочејќи за неопходноста од зголемена ефикасност на нашата организација, работејќи напорно со цел да се даде силен поттик и да се ревитализира Организацијата, земјите-учеснички донесоа одлука за организирање на Самит на ОБСЕ за прв пат во новиот век во Централна Азија. Ова е јасен знак за нашата цврста определба да продолжиме да работиме на надминување на разликите и навистина да започнеме со изградба на безбедносната заедница, на зајакната меѓусебна соработка. Пред само десетина дена во Лисабон, бевме сведоци на заеднички ангажман за зајакнување на Алијансата, со цел да се подготви за предизвиците од 21-от век. И ОБСЕ треба да се подготвува за реалностите кои ги носи новиот век.

Постои симболика во фактот што оваа година се одбележува 35-годишнината од Хелсиншкиот Завршен Акт, и 20-годишнината од Париската Повелба за нова Европа. Денес сме овде за да ја реафирмираме нашата посветеност кон овие фундаментални начела, и да ги одобриме потребните мерки за амбициозните визии од Хелсинки и Париз да станат реалност.

Како еднакво важна, би сакал да ја спомнам и 20-годишнината од документот од Копенхаген, кој се смета за водич и основа за човековата димензија на работата на ОБСЕ. Уште од осамостојувањето, Македонија е водена од начелата и определбите на ОБСЕ, со што претставува добар пример дека довербата меѓу заедниците може да се гради само со почитување на човековите права и основните слободи на сите граѓани.



Почитувани,

Можам слободно да кажам ОБСЕ имаше значајна улога во мојата земја, Република Македонија. Сакам да подвлечам дека заврши добра работа. Значаен беше влогот и ангажманот на ОБСЕ за Македонија. Денес мојата земја од корисник на услугите е активен придонесувач во целите на Организацијата. Македонија денес е уникатен пример на мултиетнички соживот, на инклузивна демократија, модел кој ни овозможи да бидеме контрибутор во безбедноста и стабилноста. Република Македонија значајно придонесува не само за  регионалната стабилност и соработка, туку и за поширокиот мир и безбедност, како на пример во Авганистан. Република Македонија е целосно фокусирана на развој и унапредување на добрососедските односи.
Потврди за постигнатиот прогрес има многу. Република Македонија денес ги има исполнето сите критериуми за членство во НАТО. Македонија денес е подготвена да ги почне пристапните преговори со Европската унија. Следната година ќе ја одбележиме 20 годишнината од независноста, и сметам дека во овој период постигнавме исклучителен прогрес.

Но не само мојата земја, туку и целиот регион на Југоисточна Европа ги искористи придобивките од Организацијата. Споредено со состојбите од пред само десет години, нештата во нашиот регион се драматично променети на подобро.

Дами и господа,

Навистина беше време да се собереме со цел да ги зголемиме нашите залагања за решавање на постојните конфликти во регионот на ОБСЕ на мирен начин, искоренувајќи ги заканите или употребата на сила. Мора да продолжат напорите за градење на доверба. Мора да комуницираме за подобро да се разбираме и заеднички да делуваме. Двигател на овие процеси е политичката волја. Тука сме за да ја нагласиме таа политичка волја. Целосно го поддржувам ставот дека ОБСЕ треба да се фокусира на големата слика. Верувам дека Документот кој ќе го усвоиме овде во Астана ќе не донесе поблиску до заедничката цел - нова ера на соработка меѓу нашите општества и создавање заедничка евро-атлантската и евро-азиска безбедносна заедница. Убедени сме дека ниту една држава, самостојно, нема да може да одговори на предизвиците на денешницата.

Почитувани,

Во оваа прилика би сакал на следниот претседавач, Литванија, да му посакам успех. Ќе завршам со тоа што на претседателот Назарбаев ќе му упатам честитки за успешното претседавање.

Ви благодарам.

Обраќање на Самитот на НАТО во Лисабон
Сабота, 20 Ноември 2010


Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на состанокот на шефови на држави или влади на Самитот на НАТО во Лисабон.

Ценети екселенции,
Генерален секретар,
Дами и господа,

Дозволете ми да се приклучам кон сите соговорници кои го искажаа своето сочувство за војниците на ИСАФ кои ги дадоа своите животи за безбедноста, мирот и стабилноста на Авганистан. Тие направија непроценлива жртва за идните генерации да живеат во свет ослободен од терористички закани.

Пред само неколку дена се вратив од Кабул, каде ги посетив македонските мировници и се сретнав со Командантот на ИСАФ. Горд сум на нивиот ангажман за кој пофалби пристигнуваат од сите релевантни фактори. Горд сум што истите се одлично прифатени и од локалното население. Република Македонија, посветено се вклучи во мисијата ИСАФ во Авганистан. Од август 2002 година до денес, нашиот придонес е: 17 ротации низ кои минаа 1513 македонски мировници. Придонес, кој денес е еден од најголемите по глава на жител,. Горди сме што нашиот придонес по глава на жител е веднаш рамо до рамо со придонесот на дел од најголемите земји членки.

Почитувани,

Македонскиот придонес не е само нумеричка, туку и реална вредност. Во одбраната на слободата, нашите мировници се распоредени на дел од најодговорните позиции и редовно се вклучени во некои од најсложените акции.

Сакам јасно да кажам дека остануваме присутни во Авганистан се додека е тоа неопходно, се до исполнувањето на поставената цел - да му помогнеме на народот во Авганистан да изгради демократско општество втемелено врз почитување на човековите права и владеење на правото. Тоа го правиме бидејќи веруваме во партнерството на НАТО со авганистанската влада за изградба на просперитетна земја, ослободена од тероризам. За тоа зборуваат резултатите на воено - цивилната соработка. Затоа, даваме целосна поддршка на воената стратегија за справување со вооружените групи и примената на сеопфатниот пристап на ИСАФ. Целосно ја почитуваме заложбата на авганистанската влада за преземање на одговорноста за својата безбедност до 2014 година. Токму затоа, македонските напори се повеќе се фокусираат кон подобрување на националните капацитети на авганистанските безбедносни сили.

Почитувани,

Веруваме дека новиот стратешки концепт ќе ја зајакне Алијансата и ќе ја подготви за предизвиците од 21-от век.

Ние во Република Македонија со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети. Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Во Алијансата ја гледаме нашата иднина.

Но, нешто и недостасува на оваа слика и на ова партнерство.

Токму поради ирационалниот билатерален спор, Република Македонија се уште чека пред вратите на Алијансата, и покрај признаената подготвеност за членство и значајниот придонес во мисиите на Алијансата.

Ние, многупати досега покажавме волја да го решиме овој билатерален спор. Јас верувам дека можеме да дојдеме до решение. Можам да ви потврдам дека, за разлика од порано, сега постои позитивна клима во однос на ова прашање. Силно веруваме дека низ дијалог, со зајакната доверба и со подобро разбирање, ќе дојдеме до заемно прифатливо решение. Ние сме подготвени.

Верувам дека не е далеку денот кога ќе биде отстранета оваа единствена пречка за моите сограѓани да можат да уживаат во благодетите од членството во ова семејство, како што веќе ги споделуваме обврските.

23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба
Сабота, 23 Октомври 2010

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Свечената академија по повод 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

На денешен ден  пред 117 години, во Солун, беа шестмина. Меѓу народот беа познати како даскали, екими, или едноставно акллии - учени луѓе. Тие на денешен ден, по тогашниот календар, посадија едно стебло кое низ годините растеше и се разгрануваше. Некогаш некои гранки на тоа стебло се потсушуваа, некои гранки соседите ги калемеа, други жестоко ги сечеа и сакатеа. Тоа стебло одолеа на многу непогоди, суши, студови и мразови. Беше на ветрометина, растеше на раскрсница. Секој недобронамерен патник, по некој белег и лузна му оставаше. Сепак не се даваше, жилавоста од коренот доаѓаше.

Веројатно со вакви зборови тој настан би го опишал книжарот Иван Хаџи Николов, а дијагнозата би ја дал д-р Христо Татарчев, така урокот би го раскажувале учителите Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Да, на денешен ден овие шестмина ја создадоа првата семакедонска организација. Организација која со тек на време си го менуваше името, но во сите нејзини имиња остануваа две придавки: „македонска“ и „револуционерна“. Токму затоа преку денешниот ден, сега веќе државен празник, го славиме и му се поклонуваме на делото на тие шестмина прометеи.

Го славиме денот на македонската револуционерна борба.

Водени од длабоката љубов кон Македонија и македонскиот народ, тие беа свесни за крепкоста на македонската ослободителна борба. Борба  пред која беа исправени бројни предизвици и странски пропаганди. Цврсто уверен дека слободата може единствено да се освои со сопствени сили, Иван Хаџи Николов, порача:

“Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.“

Нивниот фаќел го прифатија десетина, стотина, илјадници следбеници. Многу од нив се и ученици на славните учители. Еден од највозвишените секако е Гоце Делчев. Светлината која кај народот ја симболизираше Свети Илија, овие следбеници ќе ја обединат на Илинден 1903 за да сјае до ден денешен.

Организираниот почеток на македонската револуционерна борба беше израз на најхрабрите и најобразованите луѓе од тоа време. Луѓе со бистра мисла и чисто срце. Херои кои сакаа да ја поврзат и обезбедат иднината за сите Македонци, без разлика на верската или етничката припадност во заедничка борба за државност. Нивната мисија беше да ги обединат напорите на слободољубивите Македонци, Власи, Албанци, Турци, подготвени да застанат под бајракот за ослободување на Македонија од ропството.

Организацијата од најраните денови се залага за братство на сите луѓе во Македонија. Првиот член од правилата гласел: „Секој што живее во европскиот дел на Турција без разлика на пол, националност или лични уверувања може да стане член на организацијата“. Оваа идеја ќе ја најдеме во сите документи на македонската револуционерна борба, во Крушевскиот манифест и сите други манифести. Затоа оваа идеја опстојува и се негува и од нашата генерација во Македонија.

По Илинденското востание организацијата се повеќе станува иницијална програма. Програма за македонскиот непокор, национална слобода, независност и еднаквост со другите европски народи и со сите слободни народи во светот.

Од пред точно сто години, во 1910 година оваа семакедонска организација го доби дефинитивното име: Внатрешна македонска револуционерна организација или ВМРО. Но во таа година дојде и расколот. Раскол кој беше една од причините за парализирањето на македонското национално и револуционерно движење и распарчувањето на Македонија и македонскиот народ во Балканските војни во 1912 и 1913 година.

Еден дел од организацијата отиде на „лево“, другиот дел на „десно“. Едните отидоа на „исток“, другите на „запад“.

Со почетокот на Првата светска војна македонските интелектуалци во странство го дигаат својот глас, Крсте Мисирков на 6 август 1915 година во говорот што го упатил до Општословенското собрание бара „Обединување на цела Македонија во една држава“. Македонската колонија во Петроград во „Македонски глас“ од октомври 1915 година печати апел на македонските патриоти до народните пратеници на Бугарија, Србија и Грција: Во апелот се вели „Македонија треба да биде самостојна, целосна и независна“.

Македонската емиграција во Швајцарија, организирана во бројни емигрантски политички друштва испраќа различни апели и меморандуми до Конференцијата на Втората интернационала, до Меѓународната конференција на Лигата на народите, до сите големи сили и потписнички на Версајскиот мир. Тие бараа да се обрне внимание на македонското прашање и да се воспостави статус на слободна Македонија во политички и црковен поглед.

За одбележување е апелот на „Женевското друштво за независна Македонија“, раководено од д-р Коцарев. Со апелот се повикуваат „сите Македонци без разлика на верата и народноста да заборават на поранешните омрази и лични расправии и да создадат цврсто јадро за единство и независност на Македонија, која не им припаѓа ни на Бугарите, ни  на Србите, ни на Грците, туку само на Македонците“.

Сите македонски друштва во Швајцарија по 1918 година се обединуваат и го формираат „Генерален совет на македонските друштва во Женева“. Во нивниот апел од јуни 1919 година се вели: „Ние Македонците бараме ова неприкосновено право (се мисли на идеите на Претседателот Вилсон за правата на народите на самоопределување) да се почитува, кога ќе стане збор за Македонија. Македонскиот народ ги има неопходните и потребните способности за самоуправа, бидејќи тој не е аморфна маса, ниту несвесна заедница... Слободна и независна Македонија благодарејќи пред сè на својата одлична географска положба, ќе послужи како обединителна врска меѓу балканските држави, ќе им дозволи да се среќаваат поинаку отколку со оружје и ќе придонесе за остварување на Балканска конфедерација“.

Во 1924 година се постигна договор за создавање на ВМРО (обединета) за сите делови на Македонија. Биле издадени Декларација и Манифест. Во овој програмски документ, манифест на ВМРО со нова политичка програма за единство во дејствувањето на македонските револуционерни сили, познат како „Мајски манифест“, меѓу другото стои: „ВМРО во својство на вистинска револуционерна сила се бори за ослободување и обединување на раскараните делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица во нејзините природни етнографски и географски граници.

Таа смета дека политичкото постоење на Македонија може да биде гарантирано само од сојузот на самостојно определените балкански народи во форма на една Балканска Федерација, која што единствено ќе може да ги парализира анексионистичките стремежи на постојните балкански држави, да го осигура правилното решавање на сите национални спорови, да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства“.

Во Манифестот се вели дека тоа е можно: „Кога борбата за ослободување на Македонија и за образувањето на Балканската Федерација ќе смета првенствено на обединетите револуционерни сили на целото македонско население, без разлика на вера и народност и кога таа борба ќе биде поведена во тесна соработка со другите балкански народи...“

Поради ваквите искажани ставови, набргу по објавувањето, ќе биде убиен еден од авторите на „Мајскиот Манифест“ и обновувачот на ВМРО, Тодор Александров.

Поради различните историски околности, основните програмски идеи на ВМРО ќе ги прифати работничкото движење, либералните и народни организации на Македонците, македонските литературни и културни организации, кои ќе ги вклучат во своите историски иницијативи. Едноставно, сите тие ќе ја комплетираат лепезата на македонското национално движење.

Во 1936 година поголема група Македонци, повеќето студенти, во Загреб изработија Декларација која ја потпишаа голем број македонски студенти надвор од Македонија. Оваа Декларација била всушност еден национално-политички документ кој останува доследен на македонската револуционерна борба. Дел од овие студенти, интелектуалци и познати Македонци,  во август 1936 година во Охрид ќе го организираат конгресот на МАНАПО.

Конгресот зазема една демократска, антифашистичка и македонско-патриотска ориентација. МАНАПО раширило широка дејност, придонесувајќи за активирање на пошироките општествени слоеви околу идејата за национална еманципација на Македонците. Врз организацијата е извршен жесток притисок од тогашната власт и во 1938 година таа престанува да постои. Голем дел од нејзините следбеници подоцна ќе се приклучат во народно ослободителното борба и во Комунистичката партија на Македонија.

Токму затоа доследен толкувач и реализатор на идеите и програмата на автентичната македонската револуционерна организација беше и партизанското движење за време на Втората светска војна. Тоа најдиректно ќе го искаже во својот реферат народниот херој Кузман Јосифовски – Питу на Преспанското советување, одржано на 2 август 1943 година. Во овој реферат посветен на 40-годишнината на Илинденското востание тој вели:

...”Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална  слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја... ”

Методија Андонов – Ченто ќе се бори илинденските идеали да станат наша реалност. Жестоко за нив ќе се залага при подготовките за свикувањето на АСНОМ, особено на средбата на македонската делегација на Вис. Токму затоа и ќе биде избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.

Живиот сведок на двата Илиндени Панко Брашнаров, отварајќи го првото заседание на АСНОМ, ќе каже: “животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.”

Ченто, подоцна како избран пратеник во Собранието на НРМ и пратеник во Собранието на Југославија, поднесува амандман на Нацрт Уставот на ФНРЈ. Тој останува доследен на континуитетот на македонската револуционерна борба и токму негова заслуга е внесувањето на одредбата за правото на народите на самоопределување, вклучувајќи го правото за отцепување. Оваа одредба ќе остане во сите следни устави на тогашната држава.

Користејќи ја токму таа одредба, нашето Собрание на 25 јануари 1991 година ја донесе Декларацијата за сувереност на Република Македонија, отцепувајќи се од дотогашната федерација.

Брашнаров беше навистина сведок, но како и многумина други учесници на АСНОМ стана и жртва на илинденските идеали во новата држава. Ченто сакајќи одлуките на АСНОМ да станат нова македонска реалност, заврши во затвор една цела деценија. Цел еден период го избришаа неговото име и неговите заслуги од учебниците, од книгите, од историјата. Забранија дури и името да му се спомнува.

Почитувани,

На овој свечен ден сакам да ве информирам дека како Претседател на Република Македонија донесов одлука. Одлука со која постхумно го одликував Методија Андонов – Ченто со највисокиот Орден на Република Македонија за исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена самостојна, суверена и демократска држава, како македонски деец, борец, државник и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Со овој чин, најпосле, јавно му го оддадовме заслуженото признание за неговото дело. Овој голем син на Македонија целиот свој живот го посвети на  борбата за правата на македонскиот народ, со кој заедно се бореше и страдаше, и како таков беше прогонуван и затворан.

Ченто беше искрен патриот и чесен човек избран да го предводи народот во мугрите на слободна и независна Македонија.

Поклонувајќи се пред неговото големо дело, ние денес му оддаваме почит. Верувам дека нашата благодарност можеме најдобро да ја искажеме ако го негуваме аманетот кој ни го остави Ченто – заедно, сложно да ја чуваме Македонија, за да им ја предадеме на нашите потомци.

Почитувани,

Ниту еден државен празник не е празник само на една политичка партија, ниту само на една вера или етникум. 8-ми септември 1991-та, денот на независноста на Република Македонија е нераздвоен од 2 август 1944та, АСНОМ не ќе беше можен без 11 октомври 1941-та. Денот на востанието на Македонија е нераздвоен од Илинден 1903-та. Илинден 1903та не ќе беше можен ако не беше 23 октомври 1893-та година, ден кој го славиме како празник на македонската револуционерна борба.

Сите овие празници го симболизираат континуитетот на македонскиот стремеж кон слободата. Секој од овие празници е посветен на едно од скалилата по кои нашите предци се искачуваа за да го достигнат вековниот идеал. Идеал кој Јане Сандански го сублимира порачувајќи: “...да живееш значи да се бориш – поробениот за слобода, а слободниот за совршенство.“ Денес, ние и нашите деца ја живееме таа слобода.

Затоа, сакам да подвлечам дека тој што ги дели празниците на наши и ваши, го дели и народот на наш и ваш. Тие не и мислат добро на Македонија. Сите ние сме наши. Овој народ е еден и единствен, народ кој го сочинуваат сите граѓани на Република Македонија без разлика на вера, етничка или политичка припадност. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци. Христијани, муслимани, евреи, атеисти. И како што народот е еден и единствен, така и слободата е една, заедничка и неделива за сите нас. Ако слободата е единствена, зарем може нејзиното славење да биде поделено, партизирано?

Затоа, не треба да се затемнува овој светол празник кој ги обединува генерациите кои се бореа и изборија за нашата слобода и слободата на нашите деца. Затоа, празниците не треба да се делат на наши и ваши, бидејќи тоа е спротивно на идејата поради која денес ги одбележуваме. Празниците обединуваат бидејќи се заеднички, и ни припаѓаат на сите нас. Празници кои нè потсетуваат на заветите на нашите борци за слободна, независна, суверена, демократска и европска Македонија.

Почитувани,

Ние го исполнуваме заветот. Република Македонија од 1991 година достојно ги продолжува идеалите на следбениците на македонската револуционерна борба. Од славната Крушевска Република, од државотворниот АСНОМ. Република Македонија е демократска и правна држава која се темели врз почитувањето на човековите права и слободи. Држава чија големина лежи и во нејзината отвореност. Отвореност кон сите кои живеат во неа, но и кон соседите во регионот.

Таа наша македонска отвореност, како што сум кажал многупати, природно се надоврзува на благородната идеја на Европската унија, идејата за Обединета Европа. Таа наша отвореност е дел од визијата за европски мир, кој ја подразбира Европа како обединет и отворен простор, простор во кој има толеранција и славење на различностите. Каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Простор во кој односите меѓу државите се темелат врз соработка, отвореност, демократија и почитување на човековите права, но и почитување на човековото достоинство.

Македонија и Балканот денес живеат со таа идеја за обединета Европа. Европа кон која природно припаѓаме. Затоа, Македонија и Балканот искрено се посветени на напорите за надминување, помирување и интегрирање. 
 
Почитувани,

Повторно и повторно, апелирам да се престане со дневно-политичките поделби! Само единствени и обединети околу стратешките цели ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува  граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска Македонија.

Потомци и следбеници на шестмината херои, на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, на сите знајни и незнајни херои,

Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија!

Постхумно одликуван Методија Андонов Ченто со ,,Орден на Република Македонија’’
Петок, 22 Октомври 2010

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод постхумното одликување на Методија Андонов Ченто со ,,Орден на Република Македонија’’ за исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава, како македонски деец, борец, државник и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Почитувани членови на семејството Ченто,
Почитувани присутни,
Дами и господа,

Во пресрет на денот на македонската борба, денес исправаме една голема историска неправда. Денес постхумно го доделуваме нашето највисоко државно признание - Орденот на Република Македонија, на Методија Андонов – Ченто. Големиот борец за Македонија, кој на првото заседание на АСНОМ беше избран за претседател на Президиумот, врховното законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија. Функција на која бил избран и на второто заседание на АСНОМ. А на третото заседание на АСНОМ избран за претседател на Народното собрание на Демократска Федеративна Македонија, односно Народна Република Македонија. Или меѓу народот познат како првиот претседател на Македонија.

Почитувани,

Роден во предвечерието на славното Илинденско востание, во 1902 година во Прилеп, Методија Андонов – Ченто израсна со слободарскиот дух од тоа време. Дух кој го осветлуваше неговиот пат во борбата за националните права на македонскиот народ. Правото на идентитет и самоопределување. За таа негова борба бил апсен и осудуван неколку пати од сите власти што биле на просторот на  денешна Република Македонија.
Политички и стопански е активен во кралството Југославија бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отварање на училишта на македонски јазик.
Ченто е еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп во 1940 година. За таа негова активност е затворен во затворот во Ада Циганлија и Велика Кикинда. По излегувањето од затвор се залага за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е уапсен како македонски националист и сепаратист, затворен и интерниран во Баина Башта при што е осуден на смрт. Одведен е дури на стрелање но во последен момент, поради новите околности што ја зафаќаат тогашна Југославија, на 15 април 1941 година е ослободен.
Од тоа време останале во сеќавање неговите зборови: “Не можете ниту Вие, ниту кој било друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде на часовите да зборуваме на својот мајчин македонски јазик, затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца. Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик.“
Од 1935 до 1940 година е претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде отворено се спротивставува на тогашната власт. За неговите изјави биле информирани редовно властите во Белград со оценка дека се сепаратистички и автономистички.

Во 1941 и 1942 година, неколку пати е апсен и задржуван во затворите во Прилеп и Битола, од страна на бугарската влст, затоа што повикува на борба против фашизмот . Тогаш јавно изјавува: “за да се спечали слободата има само еден пат: борба!“ која “може да има само една форма: општо оружано народно востание!“ Во 1943 година  е интерниран, близу бугарско-турската граница, а подоцна во логорот Чучулигово во близината на Петрич.
По ослободувањето од интернација. Ченто се среќава со Кузман Јосифовски – Питу, неговиот сограѓанин, кој е главната движечка сила за ослободувањето на Македонија. Питу многу добро ја знае улогата и дејноста на Ченто и му укажува зошто е потребно да се приклучи кон НОБ. Ченто веќе во октомври 1943 е на слободните територии во Дебарца. Именуван е за член на Главниот штаб, а подоцна и за претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
 
Воден од принципите, кои, според него, “во основа не се разликуваа од принципите на Илинденското востание и Крушевската Република“ тој се бореше илинденските идеали да станат денес наша реалност. Жестоко се залагаше за нив при подготовките за свикувањето на АСНОМ. Тогаш, Ченто има напишано: “Најважниот акт со кој првото македонско Народно Собрание ќе излезе, пред нашиот народ, ќе биде историската прокламација на полната национална слобода на Македонија. Со други зборови, тоа ќе стане радосен весник на вековниот идеал за слобода.“
Во јуни 1944 година заедно со Мане Чучков и Кирил Петрушев одат како македонска делегација на Вис. Имаат средба со Тито и го убедуваат дека македонскиот народ има право да ги ужива сите права што им припаѓаат и на другите народи.

Почитувани,

Отварајќи го првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров, жив сведок на двата Илиндени ќе каже: “животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.”

Визијата на Ченто и на Брашнаров ја потврди и Манифестот на АСНОМ од 2 август 1944 година, во кој стои: Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува...“

Верен на демократските републикански традиции, како вистински народен трибун, Методија Андонов – Ченто ни го остави својот завет: “Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото...“

Ченто како избран пратеник во Собранието на НРМ и пратеник во Собранието на Југославија поднесува амандман на Нацрт Уставот на ФНРЈ и токму негова заслуга е внесувањето на одредбата за правото на народите на самоопределување, вклучувајќи го правото за отцепување. Користејќи ја токму таа одредба, нашето Собрание на 25 јануари 1991 година ја донесе Декларацијата за сувереност на Република Македонија, отцепувајќи се од дотогашната федерација.
Токму ова неговата искрена заложба за независна и демократска држава,  го доведе во судир со оние кои имаа поинакви планови за Македонија. Комунистичкото раководство ќе ги употреби сите можни средства против Ченто. Обвинуван е дека е против социјалистичка Југославија, дека е македонски националист и сепаратист, реакционер, застапник на буржоаска демократија.
Целта била јасна: негова целосна елиминација пред престојната Мировна конференција во Париз. Ченто имал желба да оди на Мировната конференција и да го постави барањето за правото на македонскиот народ на самоопределување.
Жестокиот притисок на тогашната власт е причина да се повлече од сите функции. Се вратил во Прилеп и се подготвувал да емигрира во САД. Набргу е уапсен и обвинет дека дејствува против Југославија, за обединување на Македонија под протекторат на САД.

Осудуван од Србите, затворан од Бугарите, сепак, најдолго се задржа и го изгуби своето здравје осуден од своите соборци во македонските затвори. Цел еден период неговото име и неговите заслуги беа избришани од учебниците, од книгите, од историјата. Забранија дури и името да му се спомнува. Токму затоа, Ченто е симбол на сите жртви од комунистичкиот режим чиј единствен грев беше што се залагаа за независна, демократска и просперитетна македонска држава.

Токму затоа, со денешниот чин сакаме да пратиме една јасна порака: Македонија никогаш нема да дозволи монтирани судски процеси, едноумие и тоталитаризам. Никогаш нема да дозволи нејзините синови да бидат заборавени. Никогаш нема да дозволи други да одлучуваат за нејзината судбина.

Почитувани,

Она за што Ченто мечтаеше, независна демократска македонска држава, конечно е остварено. Остварено е и духовното обединување на Македонците како дел од една слободна Европа и слободен свет.

Но, нашата задача не е завршена. Заветот кој Ченто ни го остави не смееме да го заборавиме, особено сега кога Македонија е исправена пред историски предизвици. Кога сите ние треба да застанеме под знамето на независна Македонија. Само сплотени, можеме да ја вардиме слободата, независноста и демократскиот поредок. Само сплотени можеме да ја чуваме Македонија, и не треба да има сомнеж дека тоа и ќе го направиме. На тоа не обврзува Ченто. Не обврзуваат нашите славни претци. На тоа не обврзуваат и генерациите кои следат.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 57 од 64