Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Четвртиот меѓународен конгрес ,,Исламска цивилизација на Балканот“
Почитувани,
Ми претставува особена чест да ве поздравам тука, во храмот на науката и уметноста, како покровител, но и како учесник на Четвртиот меѓународен конгрес “Исламска цивилизација на Балканот“.
Културното наследство на Балканот, во секој историски период, сведочи за комплексноста на животот кој го граделе различни луѓе, различни религиски, етнички и јазични заедници. Тие честопати се конфронтирале, судирале но и знаеле да најдат модел на коегзистенција, взаемна почит и заеднички интерес.
Со оглед на фактот што Балканот е простор меѓу Истокот и Западот, меѓу хеленистичката и римската сфера на влијание. Балканот е едноставно место на среќавање на големи цивилизации и култури кои со себе го носеле богатството на различностите на овие простори. Но истовремено Балканот бил и предизвик на кој требало да се реагира на соодветен начин.
На Балканот поделбата на христијанството на православие и католицизам, предизвикала многу трауми и мачни моменти, особено за богомилите. Различните христијански цркви живееле една покрај друга, негувајќи заедничка културна рамка во која се наоѓале спротивставените православни и католички влијанија, грчкиот алафавит, римската абецеда, глаголицата, кирилицата.
Два века пред распадот на Византија, Балканот страдал од политичка нестабилност и од внатрешни борби меѓу грчки, словенски, венецијански господари и стопани. Во една таква атмосфера на Балканот доаѓат Османлиите и исламската цивилизација.
Во многу национални истории на Балканот доаѓањето на Исламот и на Османската власт се толкува како почеток на еден нов мрачен период од кој балканските христијани никогаш нема целосно да се повратат.
Меѓутоа, историските факти укажуваат на нешто сосем друго. На пример како што наведува Марк Мазовер, инаку многу добар познавач на балканските прилики: На местото на старите господари дошле нови. Османските војници (и муслимани и христијани) биле наградувани со имоти, а некои од старите византиски работни задолженија останале на сила. Угледни грчки и словенски семејства го прифатиле исламот и влегле во османската елита; некои успеале, за кратко време, да ги задржат имотите без да ја сменат верата.
Бескрајните војни кои беснееле во четиринаесетиот век на Балканот биле заменети со стабилност што ја донела организираната османска држава. Тој период во историјата, особено во 16 и 17 век е наречен „Pax Ottomana“.
Во 18 и 19 век состојбите се промениле. Империјата се соочила со нови тешкотии произлезени од непрекинатото војување. Во тоа време Балканот обезбедувал околу две третини од даноците на целата Империја. Најголемиот товар паднал врз селанството. Се јавува ајдуштвото. На Балканот доаѓаат идеите од Француската револуција. Почнуваат востанијата, се создаваат нови држави. Повторно има нови поделби и Балканот станува простор кој тешко може да се дефинира.
По запознавањето на исламот, балканските народи почнуваат потолерантно да мислат за луѓето од друга религија и друго политичко убедување. Се јавила реакција со желба за самоодржување. Се зацврстило чуството на припадност кон одредена заедница и поттикот за јуначки дела. Се чуствувало влијанието врз книжевноста, особено љубовната лирика, врз народното творештво, на епиката. Се чуствува влијанието врз музиката.
Османлиското градинарство и особено цвеќарство го менува ликот на балканските градови и села. Секаде се сади цвеќе, посебно трендафили, лалиња, јасмин. Се садат овошни насади кои претходно ги немало на Балканот: смокви, бадеми, кајсии, дињи, лубеници и различни зачини. Почнува да се одгледува пченката. Огромно е влијанието за создавање нови занаети и услуги: бакарни садови, производи од кожа, од памук и од свила. Огромно е влијанието врз сите балкански кујни. Храната станува се поразновидна, со специјалитети кои опстоиле до ден денес.
Исламската цивилизација на Балканот, чие значење е еднакво на значењето на христијанската цивилизација, суштински влијае врз физиономијата и богатството на нашите култури и општества.
Поуката од тоа е дека Балканот е мирен и стабилен, но и самиот продуцира мир, стабилност и безбеднос единствено кога е на отворен простор. Тогаш, Балканот ја има онаа способност да ги помирува различностите, да ги сплотува културите и цивилизациите, да создава трајни вредности.
Почитувани,
Во Македонија соживотот меѓу Христијанството и Исламот може да се види речиси на секој чекор. Од споделените светилишта, каде и христијаните и муслиманите заедно се молат на Бога, преку традицијата на заедничко празнување на најзначајните верски празници.
Ние имаме Собрание, Влада, општини, во кои заедно работат и високи функционери и обични службеници од различни религии. Македонија имаше Претседател кој не припаѓа на мнозинската верска заедница. Ние сме земјата која на светот му ја даде Мајка Тереза, која денес е почитувана од сите во нашиот регион, независно од нивната религија. Заедништво кое се искажува во речиси сите сфери. ние доживуваме обнова на религиозните чуства кај нашите граѓани, независно дали станува збор за христијани, муслимани, евреи. Оваа природна реакција е враќање на некои подзаборавени вредности, но и обид да се дадат нови одговори на модерното време. Разбирливо е дека има реакции, понекогаш и загриженост од обновата и новите форми на религиозниот живот во Македонија. Затоа, мораме да се спознаеме подобро, да инсистираме на сознанието дека почитувањето на сопствената религија не е акт насочен против некого. Исто како што слободата на граѓаните кои не припаѓаат на одредена религија, кои секако имаат право да постапуваат спротивно на религиските правила, не може и не смее да се сфати како атак врз религијата. Македонската мултиетничност и мултиконфесионалност, не значат ограничување на градењето верски објекти, ограничување на учењето на религиите, за да не се навреди другиот. Напротив, тие значат слободно славење на религијата, како и слобода да не се слави ниту една религија.
Секако, религијата не смее да се наметнува, и не смее да заплашува. За да биде витален, еден систем на верување мора да биде отворен и да им даде на верниците можност соодветно да одговорат на прашањето на сомнежот. Силната религија не врши присилиа врз своите верници, силната религија нив ги привлекува како светлина во ноќта.
Нашиот исклучителен придонес како земја во која религии, традиции и разни етнички групи соработуваат за градењето на заеднички дом и се во потрагата по одговорите на некои вечни прашања, е доказ дека е можна подобра иднина за регионот, Европа и светот.
Со увереност дека овој значаен, четврти меѓународен конгрес, ќе фрли ново светло врз вредностите на исламската цивилизација на Балканот, Ви посакувам успешна и плодна работа.
Ви благодарам.