| Признание “Повелба на Република Македонија” за Владислав Барчиковски | |
|
|
Почитуван г-дин Барчиковски, Имам голема чест и задоволство да ви се обратам по повод доделувањето на „Повелба на Македонија“ на Бригадниот генерал, професор д-р Владислав Барчиковски. Денес на церемонијата на доделувањето на признанието „Повелба на Македонија“ на доктор Владислав Барчиковски, имаме извонредна можност да се поклониме пред неговата научна големина и пред неговата хуманитарна дејност. Господинот Владислав Барчиковски како доктор својот живот го посвети на помаѓање на луѓето и вo организирање и спроведување на активности на хуманитарен план. Во рамките на своите ангажмани, доктор Барчиковски несебично се ангажираше во згрижувањето и пружањето лекарска помош на Македонците-бегалци (партизани и цивили) во Република Полска кон крајот и почетокот на граѓанската војна во Грција (1946-1949). Помаѓањето на ранетите и болните не беше само обичен медицински третман. Тоа беше и зацелување на душевните рани на луѓе кои ги изгубија своите домови и ги оставија своите најблиски заминувајќи на одалеченост од илјадници километри. Освен професионална медицинска нега, доктор Барчиковски заедно со своите полски колеги и сограѓани, на своите пациенти им го дарија и своето срце. Сево ова никогаш нема да биде заборавено од сите оние кои поминаа низ медицинските третмани и од нивните семејства. Денеска со нас се и неколку од пациентите на доктор Барчиковски, живи сведоци на неговата хуманост и професионалност. Тие се и живи сведоци на една голгота на македонскиот народ чии рани сеуште не се исцелени и која се надеваме дека нема никогаш да се повтори, никому. Почитувани, Македонија има одговорност да ги слави своите пријатели и да не ги заборави сите собитија од својата историја. Само така ќе можеме без товар и премолчени вистини од минатото да се сочиме со сегашноста и подготвени да ја пречекаме иднината. Докторе Барчиковски, вие сте апсолутен пример дека не постојат бариери кога е во прашање талентот, волјата и истрајноста. Хуманоста и грижата за луѓето не можат да ја спречат ниту војни, ниту тоталитарни режими, ниту било какви историски неприлики. На крајот дозволете ми уште еднаш во името на сите македонски граѓани, во името на Република Македонија и во мое лично име да ви ја искажам сета почит и благодарност со надеж дека вашите несебични и големи дела ќе бидат инспирација за сегашните и идни генерации во Македонија и во вашата родна Полска , да ги применуваат добрите дела во секојдневното живеење со сите луѓе и секако со тоа да придонесат за подобар и похуман свет.
|
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод доделување на










