|

Господине Генерален Секретар, екселенции, дами и господа. Имам особена чест и привилегија, денес да се обратам пред овој единствен форум, каде и големите и малите, и моќните и помалку моќните нации имаат еден глас. Форум од кој со право се очекува дијалог и лидерство во справувањето со предизвиците на мирот и безбедноста, гладот и развојот, човековите права и климатските промени. Успехот е можен само со издигнување над поединечните интереси. Убеден сум дека денес, повеќе од било кога, имаме причини нашите зборови да ги артикулираме во акција, секој посебно и сите заедно. Дозволете ми најпрво да упатам честитки и да го поздравам изборот Претседател на 65тото Генерално Собрание, г-дин Џозеф Дајс и да ја изразам нашата подготвеност за соработка за време на неговиот мандат. Би сакал да му упатам и честитки на досегашниот Претседател, господинот Треки, за неговото успешно претседавање со 64-то Генерално Собрание. Истовремено, ја користам оваа прилика да ги поздравам ангажманите и напорите и на Генералниот Секретар, г-динот Бан Ки-мун, насочени кон јакнењето на улогата на оваа, наша организација. Господине Претседател, дами и Господа. На самиот почеток, би сакал да кажам неколку збора во врска со последиците на глобалната финансиска и економска криза и особено за улогата на Обединетите Нации во овој контекст. Глобалната криза економска и финансиска претставуваше предизвик кој можеше ефективно да ги уназади позитивните процеси околу имплементацијата на милениумските развојни цели, борбата за постигнување мир во сите региони. Мислам дека сите ние, земјите членки и самиот систем на Обединетите нации успешно се справувавме со неа. Навремено и заеднички се изнајдоа адекватни решенија за голем дел од проблемите и беа отпочнати процеси за олеснување на ефектите од кризата, како и за соочување со можни нови, идни кризи. Се презедоа акции за ублажување на најпогодените, согласно акционите планови, и преку соодветна поддршка и соработка, најчесто резултирајќи со успешен пресврт. Да не заборавиме, економската, финансиската, и со самото тоа и социјалната безбедност, се основата на која почива одржливиот развој, националната и глобалната безбедност и просперитет. Дами и господа, Се наоѓаме на 5 години од крајниот рок за исполнување и реализација на Милениумските развојни цели. Јасната цел е пред нас - цел пред која не смееме да потклекнеме, сега кога и покрај забавеноста на темпото за нивна реализација, на сите ни е јасно колкав е влогот и кои би биле придобивките. Го поздравувам исходот од состанок на високо ниво за Милениумски развојни цели одржан минатата недела, на кој се обврзавме да ги зајакнеме напорите до крајната цел. Република Македонија, како и досега, останува максимално посветена на целосното исполнување на целите и тоа е инкорпорирано на национално ниво во Стратегијата на Владата за економски и одржлив развој, како и националната легислатива која е прилагодена кон актуелните обврски кои произлегуваат од меѓународните документи. Од друга страна, глобалниот феномен на климатските промени претставува сериозна закана за нашата планета и за нашиот начин на опстојување. Се почестите природни непогоди и хуманитарни катастрофи веќе неколкупати јасно ни ставија до знаење дека природата реагира на неодговорниот однос на човештвото кон неа. Но, битката за природата не смее да биде само декларативна и да се води на глобално ниво. Таа мора да се случува во секое мало гратче, во секоја држава, со развој и стриктно почитување на националните стратегии. Тие успешни формули потоа треба да бидат преточени во заедничката, глобалната битка за зачувување на нашиот начин на живот во согласност со потребите на планетата. Република Македонија е целосно подготвена соодветно да придонесе во глобалните напори. Преземаме многу иницијативи. Вистински сме фокусирани на најдоброто можно оружје во оваа битка, јакнење на свеста, образованието и културата која се однесува на намалување на употребата на електричната до намалување на штетните емисии во атмосферата. Како страна на Рамковната Конвенција за климатски промени, повеќе од една деценија, во мојата земја активно се работи на остварување на целите на истата. Екселенции, За жал, светот се уште не живее во посакуваниот мир и просперитет. За жал, се уште сме сведоци на секојдневно нарушување на мирот и безбедноста во одредени региони во светот, на стари и замрзнати конфликти, а се забележува и појава на нови тензии во неколку региони во светот. Ако основната институционална и суштинска цел на оваа организација е потребата човештвото да биде поштедено од страдања, војни, конфликти, тогаш треба да се запрашаме дали се доволни напорите кои треба да го обезбедат мирот и просперитетот. Одговорот е не, ниту на глобално ниту на регионално ниво. Врз суштината на конфликтите, најчесто предизвикани од недостиг на демократски процеси и владеење на правото во одредени региони, сериозно влијание имаат и последиците од глобалната финансиска и економска криза, но и на бавното темпо на исполнување на зацртаните милениумски развојни цели. Само со промовирање на мирот, човековите права и владеењето на правото, со дијалогот и толеранцијата, можеме да го направиме светот поправично и праведно место за живеење. Господине Претседател. Во контекст на претходно искажаното, ја поздравувам актуелноста на темата на оваа Сесија, која треба да помогне во креирањето на ефективни одговори на глобалните кризи и да и ја врати улогата на Обединетите Нации во глобалното управување. Треба да се врати изворната идеја на основоположниците на Обединетите Нации, тие ни оставија завет. Република Македонија силно ги подржува заедничките напори за подобрување на целосната кохерентност на системот на Обединетите Нации. Сметам дека сите се согласуваме дека беше, и е потребно, редефинирање на функционирањето на системите на Обединети нации, со цел тие на најдобар и на најефикасен начин да одговорат на барањата и приоритетите на земјите членки. Да создадеме високо функционална организација за глобално управување. Организација во која што ќе нема преклопување на мандатите, туку постигнување максимален ефект со соодветно и транспарентно користење на постоечките ресурси. Екселенции, дами и Господа, делегати, Република Македонија, уште од своето осамостојување, целосно е посветена на суштински реформи во сите сфери, насочени кон унапредување на демократијата и подобрувањето на животниот стандард на своите граѓани, засновани врз историските традиции на почитувањето на мултиетничкиот соживот, дијалогот и меѓусебното разбирање. Нашите постигања во овој контекст се препознатливи и меѓународно признати. Токму заради тоа, Република Македонија со право очекува датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО. Ги исполнивме потребните реформи за влез во НАТО, пет години сме земја кандидат за ЕУ, една година сме со позитивна препорака за почеток на преговори со ЕУ. Но, за жал, граѓаните се уште не ги почуствувале придобивките од тоа, а реформите кои не донесоа до пред вратите на овие организации не беа ни малку лесни. Покрај тоа, мојата земја е активно посветена кон регионалната соработка и градењето на добрососедски односи. Го прифаќа и промовира дијалогот, како единствен начин за надминување на сите отворени прашања во регионот. Република Македонија сите свои расположиви капацитети ги насочува кон реализирање на врвните стратегиски цели на надворешната политика - интеграцијата на земјата во ЕУ и НАТО. Сакам да напоменам дека пред петнаесет години овде во Њујорк беше потпишана Времената спогодба со нашиот јужен сосед со кој таа се обврза да не го спречува членството на мојата држава во меѓународните и регионалните организации и интеграции. Но, морам да го споменам фактот дека мојата земја сеуште чека пред вратата на овие две организации заради постапките на нашиот јужен сосед, спротивни на обврските преземени со Времената спогодба. Република Македонија е целосно посветена на процесот на решавање на разликата со Грција во рамките на механизмот воспоставен со Резолуциите на ОН. Станува збор за нашето име, за нашето право на самоидентификација и човечко достоинство. Правиме се што можеме за да имаме блиски и пријателски односи со соседна Грција, со нејзините граѓани. Решението е можно само доколку се почитуваат Повелбата на ОН, нејзините Резолуции, меѓународното право и принципи врз кои почива меѓународниот поредок. Република Македонија и нејзините граѓани заслужија да ги уживаат придобивките од членството во НАТО, и да ги започнат преговорите за интеграција во ЕУ. Почитувани Екселенции и делегати, Вчера, токму во ОН, со грчкиот премиер остварив средба во насока на градење клима на меѓусебна доверба и разбирање, и се надевам дека како две соседни земји кои живееле и ќе живеат една со друга, ќе успееме да изнајдеме взаемно прифатливо решение. Тоа ќе биде голем чекор за нас, но и голем чекор кон исполнувањето на заедничката визија за целиот наш регион. Морам да ви кажам дека сум охрабрен од тоа како стојат работите во нашиот регион. Се поинтензивната комуникација и соработка придонесува за подобро разбирање и почитување. Со прифаќање на дијалогот, како единствен начин за надминување на наследените проблеми и отворени прашања, се креира еден нов амбиент. За тоа сведочи и вториот по ред Балкански лидерски форум, оддржан токму тука во Њујорк, пред неколку дена. Полека но сигурно, Балканот си го враќа нарушениот углед. Балканот повторно претендира да стане дел од отворениот европски простор, на кој ќе се почитуваат европските вредности, европските критериуми и европските принципи. Балканот бил и останува Европа. Господине Претседател, Екселенции, Дами и господа Дозволете ми да завршам со констатацијата дека Република Македонија верува во Организацијата на Обединетите Нации, верува во постулатите на кои таа почива. Верувам дека таа може да ја зачува стабилноста на меѓународниот поредок и односи и успешно да се справува со сегашните и идни глобални предизвици. Република Македонија е подготвена да го продолжи својот конструктивен придонес во исполнувањето на таа цел. Ви благодарам.
|