|

Екселенции, дами и господа, На почетокот, сакам да се заблагодарам на Генералниот Секретар, и на сите оние инволвирани во подготовката и одржувањето на овој состанок, за нивното лидерство и залагања да не задржат фокусирани на Милениумските развојни цели. Почестен сум што ја имам можноста да се обратам во овој момент кога остануваме обединети во нашата желба да изградиме иднина со повеќе надеж, нова ера на просперитет каде секој ќе ја има шансата да живее со дигнитет. Почитувани, Живееме во време кога светот полека излегува од глобалната економска криза. Не смееме да заборавиме дека економската и финансиската криза секогаш е и хуманитарна криза бидејќи носи сиромаштија за премногу луѓе. Бавниот напредок во искоренувањето на екстремната сиромаштија се надоврзува на бројните предизвици како што се конфликтите, недостатокот од храна, зголемувањето на нееднаквоста меѓу земјите и регионите во светот. Сведоци сме на рапидното зголемување на бројот и интензитетот на природните и од човекот предизвикани катастрофи. Катастрофи кои во услови на забрзани климатски промени резултираат со се повеќе човечки жртви и материјални штети. Катастрофи од кои не се поштедени ниту земјите во развој, ниту развиените земји. Затоа, мора да се дејствува веднаш. Потребна е силна политичка волја. Сите ние знаеме што досега постигнале нашите земји и меѓународните организации. Сите ние сме свесни за предизвиците и задачите кои ни претстојат. Но, не сите земји и региони во светот се соочуваат со еднакви предизвици. Почитувани, Регионот на Југоисточна Европа, кон кој припаѓа и мојата земја, постигна видлив напредок во остварувањето на Милениумските развојни цели. За да можам да го констатирам ова, морам да потсетам дека целиот регион, во споредба со состојбата од пред само десет години, постигна драматичен успех. Пред десет години, паралелно со Милениумските развојни цели, нашиот регион излезе од еден трауматичен период. Водени од идејата за заедничка иднина во Европската унија и во НАТО, со свежи сеќавања за мрачниот период на конфликти, сите во регионот почнаа да ги придвижуваат своите општества кон просперитетна севкупна регионална соработка. Сите во регионот се фокусиравме на заедничката цел. Ова беше предуслов и за да се фокусираме на Милениумските развојни цели. И, постигнавме одредени резултати. До каде е Република Македонија во остварувањето на целите? Во областите како што е намалувањето на здравствените ризици и проширувањето на образованието Република Македонија има значителен напредок. Имаме напредок и во унапредувањето на животната средина. Останува констатацијата дека во областите како што се сиромаштијата и партнерството за развој има мал напредок. Има и објаснување зoшто е недоволниот напредок во овие сегменти. За многумина и овде во оваа сала е чудно да слушнат дека делумно причините за несоодветниот развој треба да се бараат во постапките на една земја членка на ЕУ и НАТО. За жал морам да ви кажам дека Република Македонија е попречена во економскиот развој, од својот прв сосед. Имаме наметнат проблем околу името на мојата земја кој освен на политички план, ни создава сериозни импликации во економскиот развој, во привлекувањето странски инвестиции, нешто што може директно да ја намали сиромаштијата и невработеноста. Македонија 15 години по првото трговско ембарго од Република Грција се соочува со нова блокада која ги нема карактеристиките на ембаргото од деведесеттите, но сепак ги има истите последици. Факт е дека Република Грција е еден од најголемите инвеститори во Република Македонија, но исто така, факт е дека со блокадите во интеграциските процеси, индиректно ни се блокира привлекувањето на други инвеститори и инвестиции. Но, ние не сме обесхрабрени. Веруваме дека наскоро со нашиот сосед ќе најдеме решение кое ќе ни ја обезбеди европската и евроатлантската иднина, а со тоа и благосостојба за нашите граѓани. Ние сме подготвени за тоа. Почитувани, Република Македонија останува посветена на намалувањето на сиромаштијата и социјалната исклученост. Затоа, започнавме со подготвувањето на национална стратегија за социјална инклузивност. Сметам дека оваа стратешка рамка ќе ни помогне да ја унапредиме општествената кохезија. Посебно внимание посветуваме на ромската заедница во Република Македонија. Преку “Декадата за вклучување на Ромите 2005-2015“ сакаме оваа ранлива и социјално исклучена заедница од маргините на општеството да ја интегрираме во сите општествени сфери. Ова е голема задача која ја остваруваме во тесна соработка со агенциите на Обединетите нации. Денес, Македонија може да се пофали со можеби најдобриот третман кон оваа ранлива популација, не само во регионот, туку и многу пошироко. Во Република Македонија, ромската популација има сопствена локална самоуправа, училишта, медиуми и се она што подразбира нормален живот на една заедница. Во Република Македонија, од нејзината независност до денес, Ромите имаат свои претставници во Парламентот, во Владата, во сите механизми на државната управа. Подготвени сме нашите позитивни искуства и научени лекции да ги споделиме со сите. Во сеопфатното образование се крие клучот на индивидуалниот успех и општествениот напредок. Токму затоа, и основното и средното образование во Република Македонија се задолжителни, а инвестирањето во наобразбата на младите се зголемува од ден во ден. Во Република Македонија спроведен е проектот компјутер за секој ученик. Свесни сме за синергијата меѓу различните милениумски развојни цели. Забрзувањето на напредокот во една област повлекува забрзување на напредокот и во други области. Ваквата синергија е видлива и во Република Македонија, каде унапредувањето на здравјето на родилките, мајките и децата резултира со ниска смртност кај децата. На тоа се надоврзува и посветеноста во борбата против ХИВ/СИДА, туберкулозата и другите тешки болести. Сепак, постојат прашања кои бараат глобален одговор. Последиците од климатските промени се веќе наша реалност. Затоа, потребна е здружена акција за адаптирање кон климатските промени и намалување на ризиците од катастрофи. Почитувани, Во духот на соработката и солидарноста ние сме оптимисти дека Милениумските развојни цели ќе се остварат. Во таа насока ќе продолжиме да бидеме максимално конструктивни. Ви благодарам.
|