|
Почитуван г-дин Етјен Давињон, Ваши екселенции, дами и господа, Ми претставува вистинска чест и задоволство да се обратам во срцето на Европа, во овој престижен меѓународен институт кој го носи славното име на Ламорал, грофот од Егмонт. Тој беше и е инспирација на сите оние што се стремеле кон слободата и обединувањето. Токму за тоа ќе зборувам и денес. Пред две децении, со падот на Берлинскиот зид, се отвори хоризонтот на надежта за народите од Источна Европа. Многу од нив сега живеат како граѓани на обединета Европа. Сепак, воените катастрофи на просторите на поранешна Југославија, илјадниците жртви и раселените лица, покажаа дека трагедијата во европската историја не беше завршена. По трагичната последна деценија на XX-от век, се покажа дека на стариот континент насушно му е потребен духот на визионерите и татковците на Нова Европа. И тогаш и сега неопходно потребни се Роберт Шуман, Жан Моне, Конрад Аденауер и сите други градители на визијата за обединета Европа. Следбениците на градителите што ги бришеа европските граници денес имаат нова задача, конечно да ги урнат и границите на Балканот. Балканот е географски и историски интегрален дел на Европа. Европа не може да биде целосна без него. Овие градители на дело покажаа дека мотото “раздели па владеј” е погубно за Европа. Дека разединета Европа може лесно да стане плен на сопственото минато и разурнувач на сопствената иднина. Дека европскиот напредок и иднина ќе бидат обезбедени само врз основа на визионерскиот и градителски принцип “обедини и предводи”. Само обединета Европа може да биде достоен предводник на слободата и благосостојбата. Само обединета Европа може со успех да настапува на меѓународната сцена и да се носи со глобалните предизвици. На нашиот регион денес му е потребно она што го нарекувам Pax Europeanae, затоа што самата европска идеја е мировен проект. Визијата за Pax Europeanae, визијата за Република Македонија и целиот регион е поврзана со иманентната потреба од отворен простор. Отворениот простор во кој има слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи, просторот на отворените граници и отворени умови. Европа како отворен простор во кој секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Како отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Како простор на толеранција и почитување на различностите. Токму искуствата од минатото укажуваат дека нашиот регион опстојувал во мир тогаш кога бил на отворен простор. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир и стабилност, како што тоа генерации државници и визионери во Европа веќе го имаат направено. Или, како што велеше Жан Моне, таткото на модерна Европа: “Да се гради Европа значи да се гради мир” Сега, повеќе од било кога порано, на Балканот му треба Pax Europeana. Потврда за тоа е стабилизирачката улога на Европската унија на Балканот. Бидете уверени дека нема поголема движечка сила на нашите општества од интегративниот процес. Способноста на Европа да влијае врз своето соседство, без притисок, без сила, да ги привлекува соседните држави во своето соѕвездие на демократски и просперитетни држави, е една од најголемите сили на Европа. На Балканот има премногу историја а премалку географија. Нашиот регион не може самиот да ги победи духовите од минатото. За тоа зборува токму неодамнешната историја. Пред една деценија, Балканот се уште беше препознатлив по трагедиите на жртвите и стотиците илјади раселени лица. Само преку интеграција на регионот може да се обезбеди вакво нешто да не се повтори. Болните спомени од тој период се уште се свежи за целиот Балкан, и треба уште да се работи на залечување на раните, зачувување на споменот за тоа што се сторило. Треба уште да се работи за да се дојде до помирување. Пред една деценија Балканот беше изолиран и од внатре и од надвор, како од меѓународните ембарга, така и од меѓусебните блокади. Блокади што на својот грб ги почувствуваа и македонските граѓани. Се чинеше дека бевме далеку од европските идеали, светлосни години далеку од европските идеали на мир, разбирање и заедништво. Ситуацијата на Балканот од пред една деценија драматично се промени. За прв пат во историјата, на преминот од XX-от во XXI-от век, во сите држави на Балканот добивме демократски избрани власти. Во таа една деценија од демократизацијата се роди нов дух на соработка. Денес, балканските држави тесно соработуваат на полето на економијата, инфраструктурата и енергетиката. Се развива и продлабочува кооперацијата во однос на безбедноста, заштитата на животната средина и културата. Се почести се автохтоните балкански иницијативи за градење и јакнење на довербата и соработката меѓу балканските народи и општества. Денес се случува она што пред само една деценија беше незамисливо. Денес земјите од регионот се радуваат на позитивните постигнувања на своите соседи. Успехот на другите на полето на евроатланските интеграции го чувствуваме и како наш успех. За овој досегашен напредок голема е заслугата на Европската унија, која претставува инспирација за сите нас. За тоа најдобро зборува токму словенечко - хрватскиот модел. Водени од европската идеја, двете соседни земји успешно го избегнуваат маѓепсаниот круг на блокадите. Европската идеја им помогна на двата соседи на европски начин да ги надминуваат разликите. И ние сме подготвени на европски начин да ги премостиме разликите. Јас тоа го правам од 12 мај 2009 година, од денот кога стапив на функцијата Претседател на Република Македонија. Од тогаш па до денес, повеќе пати упатив покана за средба на мојот грчки колега, Претседателот Папуљас. Од тогаш па до денес, активно и посветено учествувам на сите глобални, европски и регионални форуми. Република Македонија континуирано придонесува кон безбедноста и стабилноста на регионот. За тоа зборува и нашиот став во однос на Косово. И покрај тоа што има разлики во европските ставови во однос на Косово, сепак, огромното мнозинство ја прифатија независноста на Косово. Република Македонија, како одговорен и доследен партнер, ја прифати таа нова балканска и европска реалност. Но, ние не запревме тука. Не само што го признавме Косово, туку веќе развиваме особено блиски односи со најмладата европска држава на полето на економијата, енергетиката и инфраструктурата. Цениме дека прифаќањето на таа нова реалност стабилизирачки влијае на Балканот. За тоа зборуваат минатогодишниот самити во Валона и годинешниот самит во Призрен, на кои се сретнав со претседателите на Албанија, Косово и Црна Гора. Следната година, во истиот период, јас ќе бидам домаќин на истиот, веќе традиционален формат. Со оглед на заклучоците од претходната средба во Призрен, се надевам дека овој самит ќе биде проширен со присуството на уште два соседи, грчкиот претседател Папуљас и српскиот претседател Тадиќ. Денес, пред да дојдам во овој престижен институт, остварив средба со Претседателот на Европскиот совет, г-н Ван Ромпуј и го поканив и тој да учествува на самитот идната година. Сметам дека со своето присуство тој ќе ја потврди посветеноста на Европската Унија за развој и унапредување на соработката на Балканот, меѓу европските земји кои заедно си ја градат европската иднина. Таквиот чекор позитивно ќе го надополни нашиот заеднички проект. Тоа воедно е и најдобар доказ дека ја следиме мнозинската политика на структурите кон кои припаѓаме. Ние сме европски земји и заедно ја градиме европската иднина. Можеби меѓу нас постојат разлики, но имаме и заедничката одредница: уверувањето дека европското семејство на народи не може да биде целосно без нас. И покрај нашата најдлабока посветеност кон европското заедништво, кон духот на европската демократија, покрај очигледните успеси, има едно прашање кое, за жал, фрла сенка врз севкупниот регионален напредок. Сите сте добро запознаени за попречениот пат на Република Македонија кон евроатланските интеграции. И тоа за еден апсурден спор. Во изминатите две децении ние покажавме конструктивност и направивме сериозни отстапки. Отстапки што ниту една друга држава не би ги направила. Ги направивме едноставно затоа што веруваме дека добрососедските односи се основа на европската сегашност и иднина. Уште на самиот почеток на нашата независност, со промената на Уставот од 1992 година, се потврди мирољубивата политика на мојата земја. Се покажа дека Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави и дека нема да се меша во суверените права и во внатрешните работи на други држави. Но, тоа не ги задоволи барањата на нашиот јужен сосед. Наместо признавање и интеграција, добивме економска блокада. Во тоа време Република Македонија беше речиси целосно економски отсечена од светот. На север поради меѓународните санкции кон Сојузна Република Југославија. На југ, поради паралелното и унилатерално ембарго што го воведе нашиот јужен сосед за да не принуди да го промениме името и знамето. Цената на грчкото ембарго ја платија македонските граѓани. Цена која може да се мери во милијарди. Во 1993 година Република Македонија направи суштинска отстапка – прифати да биде примена во Обединетите нации под привремен начин на обраќање, со име кое упатува на веќе непостоечката земја - Југославија. Мојата земја направи уште една отстапка со тоа што прифати да разговара за разликите околу името. Иако природно право е на секоја држават сама да одлучува за своето име, Република Македонија излезе во пресрет на грчките барања. Македонија се согласи да разговара, за да го надмине спорот. И покрај цврстите уставни и политички гаранции за отфрлање на било какви територијални претензии или мешање во внатрешните работи на соседите, Република Македонија во овој период остана меѓународно изолирана. И покрај исполнетите услови за признавање што беа констатирани од Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија, Македонија остана меѓународно непризната. Како резултат на овој апсурден спор, членството на Република Македонија во Обединетите нации беше одложено за две години. Приемот во Советот на Европа цели четири години, а за полноправно членство во ОБСЕ мојата земја чекаше дури четири и пол години. И сето тоа се случуваше во исклучително турбулентен период на крваво и насилно распаѓање на Југославија. Во 1995 година, Република Македонија донесе мошне тешка одлука која е незамислива за речиси сите други земји. Одлука за промена на најважниот национален симбол – државното знаме, симбол со кој се поистоветуваат македонските граѓани и стотиците илјади македонски иселеници ширум светот. Симбол кој е длабоко вткаен во македонското историско сеќавање. Но, тоа повторно не ги задоволи барањата на нашиот јужен сосед. Природно право и потреба е на секоја земја да има свое име, исто како што правното лице има право и потреба од правен идентитет. Како може правното лице, земјата, без правен идентитет да го исполнува капацитетот за општење со други држави? Како може без идентитет да склучува договори и независно да учествува во меѓународните односи? И покрај сето тоа, мојата земја излезе во пресрет на грчките барања и на 13 септември 1995 година ја потпиша Времената спогодба. Спогодба која требаше да го отвори патот на Република Македонија во меѓународните организации. Во Членот 11, став 1 на оваа спогодба конкретно е наведено дека: ...„по стапувањето во сила на оваа Времена спогодба, Првата Страна (Грција) се согласува да не се противи на пристапување или полноправно зачленување на Втората Страна (Република Македонија) во меѓународни, мултилатерални и регионални организации и институции на кои Првата Страна е член, но Првата Страна го зачувува правото да се противи на какво било членство наведено погоре ако и само во случај да Втората Страна е ословувана во таквите организации и институции различно одошто во параграфот 2 на Резолуцијата 817 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации“. Република Македонија секогаш се придржуваше до овој договор. Но, и понатаму бевме и се уште сме блокирани. И покрај постигнатите високи стандарди и исполнетите критериуми за членство, денес Република Македонија не е членка на НАТО. Иако барањето за прием го поднесовме согласно Времената спогодба со Грција, сепак во 2008 година, ние не добивме покана со која и формално би постанале дел од Алијансата. Името се користеше и се уште се користи како изговор за блокирање на Република Македонија. Ваквите чекори не придонесуваат кон градењето на безбедноста и стабилноста на Балканот. Тие не се во духот на европско заедништво, во духот на глобалната посветеност кон помирен и побезбеден свет, духот на кои ние сме целосно посветени. Напротив, со блокирањето на македонското интегрирање се поттикнува безбедносниот вакуум во регионот. Сакам да знаете дека блокадите на интегративните процеси се директни блокади на визијата за Pax Europeanae. Блокадата е иманентна спротивност на целите на ЕУ и НАТО – мирот, безбедноста, стабилноста и благосостојбата. Блокадата е нивна антитеза. Блокадата е антиевропски и антимировен чин. И овој пат, одново, се присетувам на предупредувањето на Жан Моне: "Ветото е длабока причина, а истовремено и симбол на немоќта да се надминат националните егоизми. Најчесто е израз на најдлабоки и безусловни блокади“. Знаејќи дека визијата за Pax Europeanae го мотивира нашето општество, подготвени сме без одлагање да најдеме решение. Но, решение во рамките на Резолуцијата 817 на ООН од 1993 година. Ние сакаме решение, но само во рамките на Времената спогодба со Грција од септември 1995 година. Ни помалку, ни повеќе од тоа. Сметаме дека именувањето на нашата нација и јазик воопшто не е предмет на разговорите, бидејќи во резолуциите на Обединетите нации конкретно е наведено дека се разговара само за разликата околу името. Затоа, сакам да потенцитрам: ниту Република Македонија, ниту Грција имаат ексклузивитет во користењето на придавката македонско или македонски. Ние никогаш не сме имале проблем доколку Грција ги употребува придавките, но имаме проблем кога тоа нам ни се ускратува. Доказ за неискреноста на Грција се последните случувања во врска со македонското претседавање со Комитетот на министри на Советот на Европа. Грција отворено се противеше и сеуште се противи на користењето на терминот „Macedonian Chairmanship“ односно „македонско претседателство“. Тоа покажува дека некои политичари кај нашиот јужен сосед имаат проблем не само со нашето име туку и со придавката. Придавката која заедно со името го одразува и нашиот идентитет. Покажавме дека сме подготвени да им помогнеме да го надминат тој проблем и да ја прифатат реалноста на Македонија и Македонците. Подготвени сме на европски начин да ги премостиме разликите. Тоа подразбира и почитување на темелната европска вредност – почитување на индивидуалните слободи и права. Ние сме европска земја и бараме со нас да се однесуваат европски. Ако покажавме длабоко почитување за сите наши соседи, едноставно бараме да и нашите соседи покажат почит кон нас. Нашето наследство е европско. Со векови, тоа наследство е поставено во европскиот контекст. Македонија е по дефиниција европска. Република Македонија е населена од луѓе од различни потекла, религии, јазици. Со богатството на оваа разноликост, Македонија е тоа што е. Ние сме посветени на одржувањето на оваа разноликост и на заштитата на граѓанските права на сите наши граѓани. Нашите напори да се интегрираат сите елементи на општествената реалност во Македонија биле многу пати истакнати и пофалени. Обврска за секоја земја е да не дозволи да се кршат правата на нејзините граѓани, од ниедна страна, ниту од внатре, ниту од надвор. Никој не смее, а и не може, да дозволи со акт на јавното право да се задира во доменот на приватноста, во доменот на индивидуалните човекови права. Правата на самоидентификација и човечко достоинство. Едноставно, невозможно е да се прифати, а уште помалку да се имплементира, решение што ќе има такво дејство. Затоа, сакам јасно да ви кажам дека никој во Македонија нема никогаш да прифати да разговара за решение што задира во македонскиот идентитетот, во македонскиот јазик и во уставното име на државата. Ние судбински ја доживуваме старата мудрост – nomen est omen – какво е неговото име, таков е и тој. Нашето име одразува суштински дел од нашиот идентитет. А сите знаеме дека народ без идентитет е како дрво без корен. Подготвени сме без одлагање да најдеме решение. Но, ќе повторам, решение во рамките на Резолуцијата 817 од 1993 година ООН. Ние сакаме решение, но само во рамките на Времената спогодба со Грција од септември 1995 година. Ни повеќе, а ни помалку од тоа. Нашата рака на помирување се уште е подадена. Убеден сум дека можеме да дојдеме до решение. Можам да ви потврдам дека, за разлика од порано, сега постои позитивна клима. За тоа зборуваат и честите и редовни средби на премиерите на двете земји, како билатерални така и во рамките на меѓународните форуми и самити. Работите се движат кон подобро. Се враќа взаемната доверба меѓу лидерите, која впрочем е подолго присутна меѓу нашите две општества, со исклучок на одредени поединци од двете страни. Останува да се направи значаен напор што ќе не донесе до решението. Уште нешто. Од Брисел, од срцето на Европа, сакам да пратам јасна порака. Јас верувам дека Европската унија може конкретно да ни помогне. Верувам дека можеме да ги започнеме преговорите за членство во Унијата. Таквиот чекор ќе биде охрабрувачки. Доколку ни се одреди датумот за почнување на преговори, тогаш, убеден сум дека тоа позитивно ќе влијае врз стабилноста на целиот регион. Тоа секако ќе има силен и позитивен ефект не само за Република Македонија туку и за останатите држави во Југоисточна Европа. Нека целата Европа ја живее Европа. Мирниот заеднички соживот на различните етнички, религиозни или јазични заедници во Македонија, покрај сите практични секојдневни тешкотии, не е реликт на еден свет кој пропаднал, туку проект на европската иднина. Она што е денес Македонија, тоа е Европа утре. Заедница на заедници, модел на интеграција без асимилација. Во моменти на економска и финансиска криза, нам ни е потребно да имаме повеќе, а не помалку Европа. Кризата не смее да биде алиби за да запреме на патот на прогресот, да го напуштиме патот кој го зацртаа градителите на Европа. Напротив, токму во услови на криза ние треба да се вратиме на основните принципи кои што го водеа европското обединување, и кои впрочем беа мотив за излез од тогашната криза на европските држави. Успешноста на овие проверени и докажани принципи на солидарност, соработка, отвореност, демократија и човекови права, е најдобрата препорака во услови на една нова криза да се навратиме на тоа мудро решение што го започна обединувањето на Европа. Ако минатата криза беше надмината со отвореност и визионерство, тогаш навистина нема оправдување за повиците во денешната економска, политичка и морална криза да се реагира со затворање внатре во самите себе. Стравот е разбирлива реакција во вакви услови, но стравот не е добра политика, стравот не е политичка визија во време кога се очекуваат решенија. Во моменти на криза очекуваме да се создаваат лидери со визија. Во моменти на криза визиите се трасираат. Во денешната криза, европското лидерство треба да гледа не само предизвик, туку и можност. Тоа е мојата визија за Македонија, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа. Тоа е мојата визија за Pax Europeana. Јас верувам во мудроста на Европското лидерство. Ви благодарам.
|