Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на годишниот прием за претставниците на дипломатскиот кор во Република Македонија.
Ценети екселенции,
Дами и господа,
На самиот почеток, дозволете ми вам и на вашите семејства, да ви ја честитам новата 2011 година и да ви посакам многу здравје, среќа и натамошни лични и професионални успеси.
Почитувани,
Овој традиционален собир, е убава можност да се присетиме на успесите и предизвиците од минатата година и со добра мисла и да ја отвораме вратата на новата година.
На внатрешен план, годината беше одбележана со спроведување на суштински реформи во сите општествени сфери, согласно заедничките европски вредности и стандарди, со што Македонија покажа дека чекори на вистинскиот пат. Вие сте сведоци дека Република Македонија постојано го унапредува своето општество кое почива врз владеењето на правото, врз почитувањето на човековите права, врз уникатниот модел на мултиетнички соживот. Тој пат не е без проблеми и предизвици. Најголемите предизвици сепак остануваат во економската сфера. Верувам дека 2011та ќе биде година на подобрување на состојбите во оваа област, дека полека но сигурно ќе излеземе и ќе ги надминеме последиците што ги остави кризата. Оптимизмот го темелам на реалните показатели, но пред се на силната посветеност на државата и на нашата бизнис заедница и асоцијации.

Почитувани,
На надворешен план, имавме исклучително успешна година во која продолжи афирмацијата на Република Македонија на меѓународен план.
Изминатата година ќе ја памтиме и по успешното Македонско претседавање со Комитетот на Министри на Советот на Европа, и тоа во време кога започнаа клучни реформи за организацијата.
Можам да констатирам дека имаме напредок во односите со сите наши соседи, како од непосредното, така и од поширокото соседство, а особено сме горди на постигнатите резултати на полето на регионалната соработка. Верувам дека и оваа година ќе биде одбележана со нови иницијативи кои ќе значат и сеопшт регионален напредок во насока на заедничката европска иднина.
2010та беше година на интензивна меѓународна активност со која многумина од вас можат да посведочат, односите со многу пријателски држави ги издигнавме на повисоко ниво, ги јакневме постојните традиционални врски со многу држави, создававме нови пријателства, ја интензивиравме соработката, се запознававме и отворавме нови перспективи и можности. Со уште поголем интензитет истото ќе продолжиме да го правиме и во Новата 2011 година.
Дами и господа,
Новата година е момент на оптимизам, на нова енергија и на нова сила. 2011та за Македонија е година на јубилеи. Одбележуваме 70 години од борбата против фашизмот, 20 години од независноста, и 10 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, нашиот модел на инклузивна демократија кој ќе продолжиме да го унапредуваме и промовираме. Оваа година ќе се присетиме и на трагедијата на Холокаустот, и со отворањето на Меморијалниот центар, ќе одадеме почит на македонските Евреи кои беа жртви на нетолеранцијата и омразата кон различностите. Тој ќе претставува културен центар посветен на промовирање на меѓурелигиското и меѓуетничкото разбирање. Овие јубилеи очекувам да ни го дадат потребниот оптимизам кој ќе нé насочува храбро да бараме решенија на предизвиците.

Сакам да знаете дека за нас, за целото македонско општество, како и за поширокиот регион, европските и евроатланските интеграции продолжуваат да бидат главна движечка сила и фактор на обединување и соработка. Не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Македонија освен евро-атлантските интеграции. Затоа, бидете уверени, Република Македонија останува посветена на европските и евроатланските интеграции. Затоа 2011та ќе биде година на продолжување на суштинските реформи, на имплементација на вредностите и критериумите, кои ќе не приближуваат до посакуваната цел, но уште позначајно, ќе одговорат на реалните потреби на моите сограѓани.
Од овој аспект, благодарни сме што унгарското претседавање, високо во своите приоритети го постави проширувањето. Верувам дека и пријателска Полска ќе ја следи визијата на основачите на заедничкиот европски дом, и дека 2011та ќе биде година во која Република Македонија и целиот регион ќе оди чекор понатаму во интеграциите.
Почитувани,
Сите вие сте свесни дека, за жал, нашиот пат кон највисоката стратешка цел, полноправно членство во Европската унија и во НАТО е попречен. Жално е што поради ирационална причина, на генерации и генерации македонски граѓани им е отежнат патот до прогресот и благосостојбата. Македонија е подготвена на европски начин да ги премости разликите со соседна Грција. Македонија е европска земја и очекува со неа да се однесуваат европски. Верувам дека низ дијалог, со зајакната доверба и со подобро разбирање, ќе дојдеме до заемно прифатливо решение. Компромис во кој ќе нема победници и поразени. Верувам дека не е далеку денот кога ќе биде отстранета оваа единствена пречка за моите сограѓани да можат да ги уживаат правата и благодетите од членството во европското и евроатланското семејство.

Драги гости,
Сакам да нагласам дека политиката на отвореност кон сите, политиката на интензивни контакти и соработка, на дијалог и зголемено разбирање и доверба, политиката на присутност и реален придонес на Република Македонија на сите форуми и теми од заеднички, регионален и глобален интерес, ќе продолжи да биде највисоко во мојата агенда, и оваа, и следните години.
Верувам дека во сите овие поставени цели го имаме разбирањето и поддршката од нашите пријатели и сојузници.
На самиот крај, би сакал да ви се заблагодарам за севкупната поддршка што Вие и земјите и организациите кои ги претставувате, досега и ја дававте на Република Македонија. Ви посакувам среќна и успешна година.
Благодарам.