|
 Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод доделувањето на Големата годишна награда за архитектура.
Почитувани,
Ми претставува особено задоволство да ви се обратам како покровител на оваа традиционална манифестација, вечерва, кога еден од вас ќе биде прогласен за најуспешен архитект за тековната година. Вредноста на ова признание е дотолку поголема што доаѓа токму од колегите архитекти кои најдобро умеат да ја проценат важноста на архитектонското дело.
За некои архитектурата е визуелна уметност, други пак мислат дека е занает. Независно од одговорот на оваа дилема, верувам дека сите се согласуваме околу суштина на архитектурата - да создава, да гради и надградува. Да го спојува корисното со убавото, прагматичното со естетското.
Сите добро знаеме дека архитектурата е огледало на еден народ, на неговите вековни традиции, постојани вредности и идни стремежи. Но, и дејност која им дава слобода на поединците да стават индивидуален печат на своето време.
Токму затоа, македонската архитектура може да се сфати и како куќа чии цврсти темели ги удрија македонските народни неимари. Куќа во која се вградени архитектонските решенија и форми од различните периоди и цивилизации кои низ вековите ја обликувале нашата култура. Додавајќи нови катови, секоја епоха ја доградува и надградува оваа македонска куќа. Секоја генерација има обврска да ја чува но и усовршува нашата куќа, за на следната генерација да и ја предаде побогата и поцелосна.

Централното место во овој голем градителски потфат секако ви припаѓа вам, архитектите. На вас е да го освојувате но и да го обогатувате просторот, изнаоѓајќи нови решенија и форми. Сликата на едно општество е неговата архитектура, а вие, со вашиот творечки дух, вашата имагинација и знаење ја создавате таа слика. Голема е честа, довербата и одговорноста која ви се пружа, да ги препознаете потребите на граѓаните, да имате чувство за современите текови. Да проектирате цврсти, функционални, складни градби во кои луѓето ќе живеат, работат и ќе го минуваат своето време. Да градите зданија чија идеја и конструкција ќе го издржат тестот на времето и ќе остават траен белег во македонската архитектура.
Завршувајќи со оваа мисла, дозволете ми сега да го прогласам и поздравам добитникот на Големата годишна награда за архитектура за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2010 година.
|