Говори и обраќања
alt
Поздравно обраќање на Претседателот Иванов на ифтарот организиран од Турската демократска партија
Среда, 17 Август 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод одбележувањето на муслиманскиот свет месец Рамазан, на покана на Демократската партија на Турците во Македонија присуствуваше на свечена Ифтар вечера во хотелот Александар Палас во Скопје. Во оваа прилика Претседателот во поздравно обраќање им ги честита рамаданските пости на сите муслимански верници:

Почитуван Претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван Претседател на Владата на Република Македонија,
Почитуван Претседател на Турската демократска партија,
Почитувани пратеници, министри, амбасадори, стопанственици,
Ценети пријатели,

Голема е радоста и убаво е чувството што оваа година сме заедно на оваа ифтарска трпеза. Овие трпези  се симболи на заедништвото, меѓусебното почитување и толеранција,  кои со векови наназад  ги собираат на едно место граѓаните без разлика на нивните вери.

Колку и да се различни молитвите и постите на нашите сограѓани, заеднички се принципите во кои веруваме и моралот кој нè води. Овој дух кој нè собра  заедно на оваа трпеза е истиот тој дух на заедништво, со кој со векови сме граделе соживот, и со кој се стремиме да бидеме дел од заедничкиот европски простор. Блазе нам што тој дух, сите ние го чувствуваме  вечерва.

Етимолошкото значење на зборот РАМАЗАН е „согорување“ или поточно „согорување на гревовите“.  Почитувани, како што сите ние сме ги соединиле нашите различности и сме се собрале заедно на оваа трпеза, да се надеваме дека овој Рамазан, како што ги „согорува гревовите“ ќе ги „согори“  нетолеранцијата,  непочитувањата и поделбите.

Вечерва кога седиме едни покрај други, гледаме колку заеднички нешта нè поврзуваат. Затоа не велам дека е потреба, туку е неопходност, што почесто да се собираме по повод нашите заемни празници. На нашата трпеза има место за секој.

Почитувани присутни,

Вечер на 17-oт  ден на месецот на постот, уште еднаш Ви го честитам Рамазан, со молба Господ да ги прими Вашите молитви и пост. Нека помине овој месец во духот на единството, љубовта, почитта кон семејството, соседите и човечноста.

На крај со 7-те совети на големиот турски мислител, Мевлана Џелаледин Руми, Ви пожелувам пријатен ифтар:
1. Во великодушност и помагање на другите биди како река;
2. Со сочувство и милост биди како сонце;
3. Во прикривање на другите грешки биди како ноќ;
4. Во лутина и бес биди како мртов;
5. Во скромност и понизност биди како земја;
6. Во толеранција биди како море;
7. Или биди како што изгледаш, или изгледај како што си.

Ви благодарам.

 

alt
Обраќање по повод отворањето на конференцијата посветена на Охридскиот рамковен договор
Петок, 12 Август 2011

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа.
Годинава, кога славиме две децении од независноста на Република Македонија, одбележуваме и една деценија од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Настан на кој е посветена и оваа конференција.

Годишнините секогаш се повод за навраќање на она што било, на она што поминало, но и момент за дебата за иднината. Дебата за предизвиците и перспективите.

Деновиве имаме можност преку медиумите да се запознаеме со различни сведоштва за тоа што се се случувало во 2001 година во Македонија. Кој каков удел имал во сето тоа. Како се однесувале одредени актери. Дознаваме дека двонеделните разговори, овде во Охрид, не биле ниту едноставни, ниту пак лесни.

Претставниците и лидерите на четирите најголеми партии заедно со тогашниот претседател Борис Трајковски и меѓународните претставници на вчерашен ден, тука во Охрид го парафирале а на утрешен ден во Скопје го потпишале Рамковниот договор. Со тоа се стави крај на конфликтот што се случи тогаш во  2001 година во Македонија.

Деновиве, исто така, дознавме и некои нови детали за работи кои само ги претпоставувавме. Особено тоа се однесува на иницијалната фаза на создавање на таканаречениот „нон пејпр“ од кој подоцна произлезе и текстот на Рамковниот договор. Вистината кога тогаш излегува на виделина, а историјата е таа што ќе суди.

Различни интерпретации, изјави и сведоштва ќе продолжат и во иднина. Врз основа на нив аналитичарите, историчарите ќе ги носат своите судови и ќе ја градат претставата за тоа што навистина ни се случило во 2001 година. Што навистина беше причина, а што последица.
Веројатно вакви теми ќе се отворат и на конференцијава, за да не ни се оствари Хегеловата мудрост дека единствена работа која ја учиме од историјата е дека ништо не сме научиле од историјата. 

Кога се потсетуваме на вакви моменти, не треба само да го потенцираме тоа што сме го добиле. Тоа е неспорно, го добивме мирот и многу други работи. Треба да се потсетуваме и на тоа што сме го изгубиле. Многу родители ги изгубија  своите деца, но и многу деца ги изгубија своите родители. Некои ги изгубија своите домови, некои своите пријатели, своите соседи. Некои ги изгубија своите идеали, а некои своите идоли. Некои сеуште ги бараат коските на своите најблиски. Имаат право да знаат каде се и што се случи со киднапираните цивили. И јас лично го барам овој одговор.

Овој дел од нашата понова историја навистина сеуште е трауматичен и болен. Болен затоа што раните на душата, за разлика од раните на телото, никогаш не зарастуваат.
Да се навратиме сега на самиот Рамковниот договор.

Историјата нé научи дека е неопходно прво да се постигне мир, за да се овозможи развој на демократијата. Токму тоа го постигна Охридскиот рамковен договор. Демократијата и мултиетничноста имаат едно заедничко својство: секогаш е подобро да извираат од внатре, од самото општество, за да бидат вистински ефикасни. Притоа, демократијата во едно милтиетничко општество е можна доколку политичките лидери настојуваат да донесуваат одлуки што водат кон поврзување, а не кон судири.

Охридскиот рамковен договор беше основа за измени во Уставот, легислативата, децентрализацијата на моќта, правичната застапеност во државната администрација, обезбедувањето на образование на мајчин јазик, употребата на јазиците, изразувањето на идентитетот. Оттогаш достигнавме едно ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција за разликите.

Во изминатите години, исполнувајќи го сето она што произлезе од Рамковниот договор ги исполнивме и критериумите за членство во НАТО и подготвени сме за отпочнување на преговорите со Европската унија.  Но, во процесот на тоа евро-атлантско приближување станавме носители на уште една вредност – модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира.

Во овој контекст сакам да нагласам дека македонскиот модел има двојна улога – се јавува како инструмент со кој се обезбедува довербата на граѓаните во државата и нејзините институции, нејзините симболи, но и како основа за градење и развивање на меѓуетничката доверба. Тоа е нашиот пат во градењето на функционален мултиетнички соживот. Затоа не може да постои никакво оправдување кога се отстапува од ова, нешто за што бевме сведоци неодамна во Тетово.

Македонскиот модел не се сведува само на правична застапеност во јавната администрација и државните институции, туку на взаемно почитување на идентитетот, културата, традициите и обичаите. Тоа се вистинските темелни вредности на соживотот.

Нашиот модел, исто така, не може да се гледа само на ниво на централната Влада. Децентрализацијата е таа која овозможува внатрешна флексибилност и можност за обнова на општеството одвнатре. Истражувањата покажуваат дека огромен процент на граѓани меѓу-етничките односи на локално ниво ги оценуваат како добри и многу добри, а на централно ниво, онаму каде не соработуваат граѓаните, туку елитите, оценките се полоши. Во минатото бевме сведоци на напуштање на институциите на системот, што е опасно и непожелно за кој било модел на менаџирање на меѓу-етничките односи, па и нашиот. Сето ова води кон заклучокот дека кај нас граѓаните се оние кои добро соработуваат, а политичките елити се оние чија комуникација била помалку успешна.

Токму затоа, ценам дека нашите напори во иднина треба да ги насочиме кон тоа да им овозможиме на граѓаните економски напредок, квалитетно интегративно образование кое ќе продуцира успешни и амбициозни млади кадри, но и развој на граѓанската свест и совест. Односно од мултиетничка политика да преминеме во мултиетничка економија.

Дами и господа,

Во секоја демократија, правата подразбираат и обврски. Ако некоја заедница бара почитување на нејзините права на државно ниво, тогаш таа заедница има обврска да им ги овозможи истите права и на другите заедници во општините каде таа е мнозинска. Само така се гради довербата и заедничкиот живот.

Сепак, неоспорно е дека постои генерална оцена кај припадниците на помалите етнички заедници, дека тие се несоодветно застапени. Имајќи го предвид интегрирачкиот карактер на одредбите, одговорот не треба да се бара во нови рамковни договори за секоја заедница поодделно, бидејќи одредбите од Уставот и законите се однесуваат на сите заедници во Република Македонија.

Спроведувањето на Уставните и законските одредби е споделена одговорност и задача која бара посветеност од сите субјекти во земјата. Постои и потреба од поголема транспарентност на државните институции во однос на правичната застапеност, а за да се има целосен и прецизен преглед на постигнатото.

Затоа, одредбите од Уставот и од законите кои се однесуваат на заедниците и нивните права и самиот процес на нивно спроведување, не треба да се користи за меѓупартиски пресметки. Во правната држава нема простор за произволно толкување на законите за тесни партиски интереси. Бидејќи сите сме еднакви пред правото, без разлика на верската, етничката или политичката припадност.

За да немаме дилеми, потребно е да имаме прецизно толкување на Охридскиот рамковен договор, кој е и дел од Уставот на Република Македонија. Тоа толкување мора да ја изразува изворноста на намерите и договореното пред десет години. Потребно е секогаш да ја имаме предвид унитарноста и кохезивноста на државата. Потребно е да внимаваме на правата на граѓаните, и на фактот дека ниту едно колективно право не смее да ги загрози индивидуалните права.

Потребно е секогаш да имаме предвид дека Охридскиот рамковен договор е заснован на нетериторијалноста на правата, зашто искуствата кажуваат дека еднаш кога правата ќе се територијализираат, тогаш се цементираат поделбите. Најважно од сé е дека договорот не може и не смее да се толкува од позиција на тоа кој е на власт или во опозиција, или зависно од тоа кому какво толкување во моментот му одговара.

По финализирањето на текстот во Охрид, тогашниот претседател на Република Македонија, господинот Борис Трајковски, преку професорот Гале Галев побара стручно мислење од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Според мои сознанија тоа беше и единствена компетентна научна дебата за нацрт амандманите на Уставот произлезени од Рамковниот договор.

Текстот на амандманите беше анализиран од различни правно политолошки аспекти. Уставно-правен, компаративно-правен, историско- правен и слично. На дебатата присуствуваше и свои објаснувања и одговори на прашањата изложи еден од советнците на претседателот. Целиот стенограм од таа дебата подоцна е објавен како издание на Правниот факултет. Тој материјал претставува навистина драгоцено сведоштво за тој период и придонес на нашата наука кон вакви комплексни прашања со кои се соочува демократијата во мултиетничките општества. Многу од обработените и анализирани прашања, денес се составен дел на многу учебници, научни трудови. магистерски тези и докторски дисертации.

Расправата имаше позитивен ефект. Ја  иницира  промената на понудената измена на Преамбулата на Уставот. По потпишувањето на текстот на Рамковниот договор, од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија се подготви брошура со текстот на договорот, преведен на јазиците на заедниците. Брошурата беше наменета за јавната дебата и беше печатена во огромен тираж.

Воведот од оваа брошура е уште едно автентично сведоштво за амбиентот во Македонија кога е донесен Рамковниот договор.  Во брошурата, исто така, е содржана и платформата за акција на невладиниот сектор  во однос на договорот. Објаснета е суштината на самиот договор и специфичностите на демократијата во мултиетничките општества. Автор на тој вовед и на текстот на платформата сум лично јас.

Имајќи го предвид десетгодишното искуство од спроведувањето на одредбите од Охридскиот договор, верувам дека она во што Република Македонија и нејзините граѓани се разликуваат од многу други земји и народи е во тоа што успеаја правилно да го разберат светот на различностите. Да ја обноват традицијата за меѓуетнички соживот и религиозна толерантност. Нешто што беше ставано настрана во еден период од нашата историја.

Деновиве гледаме насекаде низ светот што се случува со процесите на етничка преродба и како речиси сите општества на планетата стануваат, мултиетнички, мултијазични, мултиконфесионални. Сведоци сме и на изјави на европски лидери дека не успеале да изградат модел на почитување на различностите и дека мултикултурализмот за нив е неуспешен проект. Македонија, наспроти нив е позитивен пример и има што да понуди на овој план.

Точно е дека постоеја и постојат обиди за политичка злоупотреба на исклучително значајни политички прашања, како што е Охридскиот договор, нашето име и нашата европска иднина. Но, она што е важно е дека на патот кон европските и евроатлантските интеграции, македонските граѓани покажаа висока демократска зрелост и не дозволија да бидат манипулирани, а што се однесува до манипулаторите се виде дека тие лошо поминуваат на изборите.

Во таа смисла, особено е важно тоа што спроведувањето на обврските кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор беше клучна задача на нашиот европски и евроатлантски пат. Сега, кога тие обврски се исполнети, граѓаните на Република Македонија со право очекуваат вреднување на спроведеното. Но наместо Македонија да биде наградена, се повеќе се чини дека е казнета.

На самиот крај, би сакал да го изразам своето уверување дека овој настан не претставува само можност за ретроспектива, туку и импулс за општествено будење во сферите од заеднички интерес на сите граѓани на Република Македонија, независно од етничката, верската или јазичната припадност. Будење кое ќе биде во функција на натамошниот развој на нашата специфична, но функционална демократија.

Мултиетничкиот модел во нашиот општествен и демократски поредок веќе заживеа. Таквиот поредок никогаш не е завршен или заокружен, но дава можност не само нашето општество, туку и многу други општества во регионот и пошироко, да станат заедници на слобода, еднаквост, соживот и добра коегзистенција, водејќи кон мир, стабилност и просперитет.



 

alt
Обраќање на Претседателот Иванов на чествувањето на 2-ри Август - Ден на Републиката
Вторник, 02 Август 2011

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Илинден Скопје, 2 август 2011 година

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Возвишено е чувството денес, на ден Илинден, пред споменикот на еден од најголемите синови на Македонија, Методија Андонов-Ченто, да ви го честитам 2 Aвгуст, најголемиот македонски празник.

Денес, кога прославуваме 108 години од првиот, 67 години од вториот Илинден, во годината кога славиме две децении од третиот Илинден, не можеме а да не го погледнеме нашиот историски изоден пат со искрена почит и достоинство, со силна посветеност и нескриено чувство на гордост и решителност.

На 2 Aвгуст 1903, во херојско Крушево пламна факелот за ослободување на Македонија од османлискиот јарем. Иако Крушевската Република по само десет дена беше задушена во оган и крв, сепак искрата на слободата продолжи да тлее во мислите и срцата на многубројните македонски родољуби. Тие го презедоа факелот и ја продолжија народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна.

Почитувани сограѓани,

По тешките страдања, жртви и борби, вториот Илинден 1944, со божји благослов и под заштита на светиот отец Прохор Пчињски, ги положи темелите на македонската државност. Отворајќи го Првото заседание на АСНОМ, сведокот на двата Илиндена, Панко Брашнаров воскликна:

„...со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“.

Собрани пред споменикот на големиот народен трибун и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, не можеме а да не си спомeнеме на неговиот завет: „Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото...“

Драги сограѓани,

Требаше да помине речиси половина век, за на 8 Септември 1991 година да се случи и третиот Илинден и прогласувањето на македонската независност. Сонцето на слободата конечно ги огреа македонските граѓани. Она за што Ченто мечтаеше, независна демократска македонска држава, конечно е остварено.

Патот на независноста не беше ниту лесен, ниту пак безболен. Илинденците со револверот и бајонетот, пролевајќи ја самопожртвувано својата крв, се бореа за нашата слобода. А, слободна Република Македонија со политички напори и мирни средства продолжи да се бори за признавање на своите неприкосновени права. Правата на своите граѓани да живеат во својата национална држава како рамноправна членка на меѓународната заедница.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Соочена со негации и оспорувања, со политички блокади и економски ембарга, со вооружени конфликти во соседството и превирања во земјава, Република Македонија успеа да ги надживее периодите на предизвици и да излезе посилна и поединствена. Останавме верни на заветот врежан во крушевскиот Манифест и врз темелите на вековната традиција на соживот на сите етнички заедници, изградивме единствен македонски модел на интеграција без асимилација.

Успеавме да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и продолжуваме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред сè, правото на своето име, идентитет и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа.

И затоа, денес можеме со чиста мисла и крената глава да дадеме отчет пред Ченто и пред другите големи синови и ќерки на Македонија, пред знајните јунаци и незнајните херои и сите оние кои се вградија во независна Македонија.

Затоа, сакам да знаете дека Илинден е потсетување на пожртвуваноста на генерациите македонски родољуби, но и мотивација за оваа и идните генерации да се посветат на градење, чување и унапредување на бесценетата слобода на Македонија. Бидете уверени, Илинден е завет за чување на идеалите, вредностите и принципите на македонските револуционери, но и компас кој со беспрекорна точност ни ја покажува нашата иднина и иднината на нашите деца.

Верувам дека пораката на Илинденците може да се воопшти во пораката на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој во една прилика рекол: „Делото на ослободувањето на еден народ е, пред сè, негово сопствено дело, на неговите сопствени раце". Со своето големо дело, Илинденците нè обврзуваат да се однесуваме одговорно и достоинствено, онака како што им доликува на чедата на Македонија.

Жртвувајќи се на олтарот на татковината, тие нè задолжија сите нас, сите чеда на Македонија независно од етничката, верската и политичката припадност.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми...,

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Голема и споделена е нашата заедничка одговорност низ меѓусебна лојалност кон нашата заедничка и единствена татковина Македонија, да го исполниме заветот на Илинденците: Да ја градиме Македонија како развиена, напредна и демократска држава. Да ги браниме интересите на македонските граѓани, независноста, мирот и стабилноста за доброто на сите.

Како што Илинденците од 1903 и борците од 1941 – 1945 година низ сплотеност и обединување се бореа и се изборија за самостојна, независна и суверена македонска држава, така, на нас е низ сплотеност да го оствариме сонот на македонските граѓани за демократска, европска и евроатлантска Република Македонија.

Затоа, ве повикувам сите да се обединиме под знамето на независна Македонија!

Потомци и следбеници на славните Делчев, Груев и Сандански, на Карев, Гули и Петров,

Потомци на гемиџиите, на славните Брашнаров, Аголи и Ченто, за многу години Илинден!

Да ни е вечна слободата и независноста!

Да живее Република Македонија!

alt
Музиката започнува онаму каде што говорот завршува – со овие зборови Претседателот Иванов го прогласи фестивалот Охридско лето за отворен
Вторник, 12 Јули 2011

Почитуван господине претседател Вујановиќ,
Почитуван господине претседател Топи,
Ценети екселенции,
Дами и господа, драги пријатели,

Вистинска чест и задоволство е да се биде покровител на фестивалот кој континуирано ја промовира врвната европска и светска уметност во древниот Охрид, истовремено афирмирајќи ја македонската култура и македонските уметници во Европа и во светот.

Задоволството е дотолку поголемо бидејќи годинава, токму во Охрид сум домаќин на 3-от регионален претседателски самит, кој ги потврдува нашите заложби за споделување, соработка и заедништво на патот кон нашата европска иднина. Верувам дека во таа решителност имаме и верен сојузник – културата, уметноста и музиката како универзален јазик на човештвото.

Почитувани присутни,

Како што природата е Божја уметност, така уметноста е човекова природа. Од најстари времиња, па сè до денес, Македонија го потврдува ова. Вечерва, тука, во Античкиот театар го доживуваме сплотувањето на оваа тријада исто како што тоа го правеле граѓаните на древниот Лихнид. Сплотеност меѓу театарот и Езерото, меѓу музиката и танцот, меѓу човекот и неговата креативност.alt

Денес, сите патишта на сценската, вокалната и музичката уметност водат во Охрид. Во овие 40 дена, Охрид ќе биде духовно пристаниште кое низ уметноста ќе ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина. Ова лето ќе биде во знакот на безвременото творештво на великаните како Бетовен, Моцарт и Бах. Ова лето публиката ќе има можност одново да ги доживее Еврипидовите Електра и Медеја, да се соживее со Шекспировите ликови, но и врвните современи драмски остварувања.

Токму затоа, Македонија е особено горда на фестивалот „Охридско лето“, кој низ годините стана втор дом за многу светски познати ѕвезди, но и ѕвезди во подем.

Драги пријатели на уметноста,

На самиот крај, во исчекување на изведбата на Респигијевата „Римска трилогија“, сеќавајќи се при тоа на зборовите на Де Ламартин дека „музиката започнува онаму каде што говорот завршува“, го прогласувам годинешниот фестивал „Охридско лето“ за отворен!
 

alt
Обраќање на Самитот на Претседатели на држави и влади во Процесот за соработка на Југоисточна Европа
Четврток, 30 Јуни 2011

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Самитот на Претседатели на држави и влади во Процесот за соработка на Југоисточна Европа

Почитувани екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да го поздравам овој важен самит кој ја симболизира регионалната посветеност кон соработката и заедничките вредности. Би сакал на досегашниот претседавач и домаќин на овој значаен форум, Црна Гора, да и честитам за резултатите и за успешното дејствување на чело на мисијата на Процесот. Едновремено, на Република Србија и на нејзиното водство, кое денес го презема кормилото, да им посакам исто така успешно претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа.

Во изминатите 15 години, во Македонија е изградено едно чувство на гордост и задоволство што сме учесници во оваа автохтона иницијатива, која во изминатите години го оправда своето постоење токму со концентрација на политики и развојни цели од заеднички интерес.

Благодарение на нашите ценети домаќини, денес се наоѓаме на прекрасниот Свети Стефан, кој низ времето бил островски град - тврдина, засебен и издвоен од копното. Пред само десет години, многу од нашите земји исто така беа издвоени острови. Денес, Свети Стефан е местото од кое ние испраќаме јасна и недвосмислена порака за нашата посветеност кон отворањето и меѓусебното поврзување во градењето на заедничка иднина преку заедничката соработка. Впрочем, во овој меѓузависен и глобализиран свет, ниту еден народ и земја не се острови сами за себе. Сите чувствуваме дека предизвиците со кои се соочуваат земјите од нашиот регион и можностите кои треба правилно да се вреднуваат, нè упатуваат на зголемена соработка.

Почитувани,

Ние, во регионот на Југоисточна Европа, сакаме да ја изградиме иднината преку инвестирање во заеднички проекти и развојни програми од заемен интерес. Токму преку такви програми се градат можностите за меѓусебна доверба и споделени интереси и перспективи, што е одговорност, пред сè кон нашите граѓани.

Мојата визија се занова врз таканаречените „три Е“- Европа, економија и енергетика. Секое од нив е поврзано со другите, и тоа со двонасочна спрега.

Во споредба со состојбата од пред само десет години, кога сосема други прашања беа на агендата за Југоисточна Европа, денес, ние веќе разговараме и се договараме за конкретни проекти, за инфраструктурно, економско и енергетско поврзување, за инвестиции и размена, за културна и општествена соработка.

Дами и господа,alt

Сакам да ве уверам дека Република Македонија останува доследна на своите трајни и врвни цели и приоритети, водејќи се притоа од основниот принцип на отвореност кон сите, блискост со сите. Нашите цели се јасни: Македонија како полноправна членка во НАТО и во Европската унија, Македонија која развива извонредни односи со сите свои соседи, Македонија вклучена во сите регионални иницијативи, Македонија отворена кон светот, кон меѓународната заедница, кон сите. Следејќи ги тие цели на кои и лично сум фокусиран изминатите две години, можам одговорно да потврдам дека резултатите не изостануваат.

Неодамна одржаните предвремени парламентарни избори во мојата земја покажаа дека мнозинството граѓани ги поддржуваат тие цели и приоритети, што претставува обврска на новоизбраните државни органи.

Исто така, сакам да потврдам дека редовната комуникација што ја имаме со речиси сите наши соседи ја преточивме во конкретни договори од чие спроведување сите имаме корист. Предрасудите од минатото да ги оставаме во минатото, за да можеме да се фокусираме на сегашноста, гледајќи ја и трасирајќи ја иднината.

Со задоволство можам да констатирам дека и нас нè поттикнуваат постигнувањата на нашите соседи во регионот на кои им се радуваме. Со некои од вас заедно чекоревме кон членството во НАТО, пат кој Република Албанија и Република Хрватска го завршија успешно.

Ова е убава прилика да и честитам на Република Хрватска за напредокот во евроинтеграциите. Неодамнешната позитивна одлука на Европскиот совет во однос на членството на Хрватска во Европската унија е позитивен сигнал за сите нас во регионот, бидејќи таков исчекор е потребен за сите земји од Западен Балкан.

Убедени сме дека вашиот успех е и наш успех, како и успех на целиот регион. И тоа се однесува за сите наши соседи, без исклучок. Република Македонија сака со сите свои соседи да влезе во најдиректна соработка, особено имајќи ги предвид предизвиците и можностите на новите времиња.

Драги пријатели,

Историјата покажа дека проширувањето на Европската унија е најзначаен, не само развоен туку и мировен проект на европскиот континент, кој им овозможи на европските држави да ги надминат своите историски насобрани проблеми и разлики. Во изминатите десет години, нашиот регион делумно ги почувствува благодетите од интегративниот процес. Но, проектот на европското обединување сè уште не е завршен.

Токму затоа, на Балканот денес му е потребна поддршката за продолжување на европските и евроатлантските интеграциски процеси.

Со интеграцијата сите ние ќе дадеме придонес кон демократијата и владеењето на правото во европскиот отворен простор. Така, европскиот успех ќе зависи од сите нас. Преку спроведувањето реформите, преку регионалната соработка, ја носиме сите заедно одговорноста и нашите земји, секоја одделно и сите заедно, ја трасираат својата иднина. Но одговорноста е заедничка: никој не треба да има дилема. Кога велам сите заедно, не мислам само на земјите од нашиот регион, мислам на цела Европа, на сите земји на нашиот континент. Одговорност и обврска имаат и европските партнери. Така јас го разбирам проширувањето.

Без интеграција на нашиот регион не можеме да зборуваме за целосно успешен и заокружен процес. Само целосно обединета Европа ке може да биде конкурентна на другите големи и растечки сили. Само таква Европа ке може да се справува со бројните проблеми, денес, утре и во иднина. Европа не смее повеќе да биде изненадувана, како со настаните и распадот на СФРЈ, Северна Африка и Медитеранот, или со проблемите во Еврозоната. Лидерите на Европската Унија имаат обврска да делуваат во интерес на Европа. Јас верувам во визијата и водството на европските лидери, не сум обесхрабрен, иако Република Македонија е изложена на нееднаков третман, иако имаме дополнителни критериуми како никој досега на нашиов континент, ни пошироко.

Почитувани,alt

Најголемата моќ и на нашиот регион, и на Европа е во нејзината отвореност и обединетост, додека најголемата нивна опасност демне од затвореноста и поделеноста. Само заеднички можеме да ги решиме прашањата како регионалната енергетска поврзаност, заедничките транспортни коридори, заедничката железничка инфраструктура. Нашите држави се со уникатна местоположба. Од една страна, се потпираме на Европа, која е водечки регион во светот по владеењето на правото и степенот на демократија, економскиот развој, изградената инфраструктура и образованото население. Од другата страна, ние се граничиме со земјите на Исток, кои како економии се во подем. Југоисточна Европа е природен мост меѓу развиеното јадро на Европа и некои од најбргу растечките економии во светот, кон најважните извори на енергенси, кон во голема мерка неискористените капацитети на човечки капитал и потрошувачки потенцијал. Ние можеме да бидеме исклучително важен преносник на знаење, капитал и позитивни вредности меѓу овие два региони. Но, како одделни држави, ние не сме способни самите ниту инфраструктурно, ниту политички или економски да одиграме улога меѓу Европа и нејзиното блиско соседство. Балканот мора да функционира како обединет регион, дел од обединетиот европски пазар, и важна алка во европската комуникација кон светот.

На тој начин, земјите од нашиот регион можат темелно да учествуваат во мисијата за развој и обединување на Европа, нашиот заеднички дом.

Ви благодарам.

alt
Обраќање на Претседателот Иванов на претседателската конференција „Соочување со утрешнината“ во Ерусалим
Среда, 22 Јуни 2011

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се обрати на меѓународната конференција  „Facing Тomorrow 2011“ која се одржува во Ерусалим под покровителство на израелскиот претседател Шимон Перес:

Почитуван претседателе Перес,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Вистинско задоволство е да се биде во главниот град на Државата Израел, Ерусалим. Самиот факт, што оваа конференција станува традиционална, е потврда за значењето, релевантноста и актуелноста на овој форум. Контактот со Ерусалим е длабоко внатрешно искуство, кое секогаш нè враќа кон самите себе. Затоа, верувам дека овој древен Ерусалим ќе претставува инспирација за сите нас да дојдеме до нови идеи за иднината која нè очекува.

Почитувани,

Глобалните предизвици со кои се соочуваме во изминатата деценија ни овозможуваат да ги препознаеме контурите на иднината. А, иднината е контрастна и преполна со бројни ризици и можности. Контрастот го изострува нашиот фокус, и нè насочува правилно да ги согледаме предизвиците и да ги искористиме можностите.

Клучниот предизвик произлегува од парадоксот на 21 век – сраснувањето и поврзувањето на светот оди напоредно со неговото раздвојување и раслојување, и тоа во економска, политичка и културна смисла.

Живееме во време кога се случуваат темелни промени во меѓународните односи. Кога глобализацијата и информатичката револуција создава нов, виртуелен трибализам, кога младите, кои сè повеќе се аудиовизуелни, го менуваат светот преку интернетот, а државите имаат сè помало влијание врз виртуелниот свет кој го освојува реалниот свет.

Ние сме сведоци на Фејсбук и Твитер генерацијата. 21 век е време кога јавното мислење има сè поголемо влијание врз носителите на одлуки. Она што неодамна се случи со Wikileaks најдобро зборува за новите предизвици и можности на новото време, во кое сè поизразена станува поврзаноста меѓу демократијата и мултикултурализмот.

Ценети екселенции,

Неодамна во Варшава присуствував на 17-от самит на шефови на земјите од Централна Европа. Таму можеа да се чујат искрени и отворени дискусии за предизвиците на сегашноста и можностите кои ги нуди иднината. Во оваа прилика ќе го парафразирам претседателот на Италијанската Република, Наполитано, кој изјави дека иднината на Европа, а не на Европската унија, е негов главен интерес.

Претседателот Наполитано беше целосно во право кога рече дека не можеме веќе да продолжиме напред, ако една половина од Европската унија е заинтересирана за источното партнерство, а другата за Медитеранот. Европа едноставно мора да го постигне неопходното единство за да продолжи понатаму.

Почитувани,alt

Можам да ви кажам дека на Самитот во Варшава, претседателот на САД демонстрираше вистинска визија и лидерство. Во таа смисла, се согласувам со неговите ставови во однос на демократијата. Точно е дека е најдобро кога демократијата извира од внатре, од самите општества. Ако е тешко да се извезува демократијата, тогаш, најмалку што може да се направи е да се помогне демократијата преку демократизацијата.

На земјите од Блискиот Исток и од Северна Африка денес им е неопходна помошта во започнатите демократски процеси. Денес им е потребна поддршка идентична на онаа која земјите од Централна и Источна Европа ја добија пред две децении.

И ние сме биле соочени со недемократија и тоталитаризам, каков што сега искусуваат дел од вашите соседи. Подготвени  сме да ги споделиме нашите искуства од тоталитаризам, кон демократска транзиција и консолидација на демократијата.

На планетата сите сме различни, но сме еден свет. Ниту една религија не ги учи верниците на лоши работи, само лошата мисла води кон интерпретација на Божјата порака на начин спротивен на духот на религиите. На неодамнешното отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакнав дека:

„За сите нас, холокаустот е трагедија за човештвото. Секој оној, кој во себе ја негува човечноста дадена од Бога, го доживува холокаустот како трагедија. Бидејќи холокаустот не е дело на човекот и на луѓето. Холокаустот е дело на оние што се откажале од Божјото и од човечноста.“

altЦенети екселенции,

Сметам дека развојот, чувањето и унапредувањето на демократијата не е процес кој има крај. Токму затоа на Балканот денес му е потребна поддршката за продолжување на европските и евроатланските интеграциски процеси. Денес ни треба она што јас го нарекувам европски мир или Pax Europeana. Денес ни треба изворната идеја на обединувањето која значеше обезбедување мир. Само со брза интеграција ќе го обезбедиме просперитетот на регионот. Оттука, за она што се залагам е отворен ум, отворен простор, отворен пазар. Драго ми е што сум опкружен со врвни мислители и научници кои го истражуваат и мозокот и умот. И метафизика и биологија. Она што треба да ги спојува и оние кои го истражуваат мозокот и оние кои го истражуваат умот е потрагата по мир и развој.

Второ, сакам да се осврнам на улогата на ЕУ на меѓународната сцена. Европа треба да го има предвид големото поместување на моќта, во просторна, но и парадигматска смисла. Просторно, од запад кон исток, парадигматски, од геополитиката кон геокултурата и геопрофитот. Европските лидери имаат обврска да се фокусираат на долгорочните стратешки интереси на континентот.

Во овие одлучувачки моменти Европа не треба да се занимава самата со себе. Европа не смее да стане интровертна и затворена, бидејќи најголемата моќ на Европа е во нејзината отвореност, додека најголемата слабост е во нејзината затвореност и поделеност. Интровертна Европа може да ја загуби меката моќ на убедување.

Јас сум оптимист за Европа. Во најтешките моменти, Европа продуцирала лидери со визија кои имале храброст да го остават минатото во книгите по историја, и со поглед вперен во иднината да ја градат сегашноста. Денес, европското проширување е најуспешниот мировен, безбедносен и стабилизирачки проект што доведе до помирување на многу внатрешни европски конфликти и историска нетрпеливост меѓу европските народи. Но, сметам дека е потребен нов импулс, особено на Балканот.

Почитувани,

Како што е невозможно да се напише историјата на Европа без историјата на Евреите, но и без историјата на Балканот и Македонија, исто така е тешко да се замисли европската иднина без Израел, без Балканот и без Македонија. Дозволете да образложам зошто.

Обединета во различностите, Европа ја црпи својата моќ од етничката, културната, јазичната и верската различност, испреплетеност и богатство. Тоа е, секако, придобивка која треба да се чува и унапредува.

Македонскиот влог во иднината на Европа е нашиот модел на функционална мултиетничка демократија, модел на интеграција без асимилација е она со што ние можеме да ги збогатиме европските вредности.

Македонија успеа да изгради инклузивна демократија втемелена врз вековната традиција на соживот и толеранција. Традиција која е во сржта на македонскиот модел на интеграција без асимилација, со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности.

Почитувањето на етничката и културната коегзистенција е традиција со која се гордееме, а има и зошто. Во Македонија, етничките, националните и верските заедници ги уживаат сите права и слободи кои ни се познати денес. Нашиот модел во суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици.

Со Охридскиот рамковен договор, со кој се уредија односите меѓу етничките заедници во мултикултурна Македонија и кој е најуспешниот ваков договор во поширокиот регион на Југоисточна Европа, вековната традиција на правилно разбирање на светот на разликите, доби своја легитимација и вредност.

Се разбира, мултиетничката демократија никогаш не е затворено прашање и постојано се соочува со нови предизвици, но цврсто верувам дека нашиот модел е модел на иднината.

Затоа, подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките со нашите соседи од регионот, но и пошироко. Тоа е нашиот влог и најдобар политички извозен производ, кој може на европските соседи да им помогне во изградбата на демократските системи.

Ценети екселенции,alt

Сметам дека вистинската комплексност, но и вредност на мултикултурализмот најмногу доаѓа до израз во мултиетничките градови.

Живееме во век кој е урбан исто колку што е и мултикултурен. Повеќе од половината од човештвото веќе живее во урбани центри, а се очекува дека до 2050 година, дури 70% од светската популација ќе живее во градовите. Секојдневно, над 200.000 лица се приклучуваат кон светската урбана популација, што значи дека популацијата на градовите ширум светот се зголемува за над 2 лица секоја секунда.

Со самиот прилив на нови жители од матичните земји, но и од странство, голем број од овие растечки урбани средини се трансформираат во мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични центри и стануваат јадра на мултикултурниот живот.

Притоа, посебно е интересен феноменот на мегалополисите кои се темелат токму врз хармонизацијата на различностите, давајќи едновремено рамка и воспоставувајќи платформа за мултикултурализмот кој е богатство на нашата планета.

Мултиетничките градови во себе обединуваат илјадници, па и милиони поединци, потреби, барања и интереси. Десетици, па и стотици етнички, верски, јазични, социјални и економски групи и заедници. Мултиетничкиот град е конгломерат од луѓе и групи кој е предизвик сам по себе за оние кои управуваат со градот.

Се наметнува дилемата, како се гради ова заедништво кое подразбира лојалност на граѓаните кон градот и кон заедницата.

Верувам дека основите на овој предизвик можат да се препознаат во мудрата Солонова констатација дека dysnomia, или отсуство на законите, на градот му носи безбројни зла. Наспроти тоа, eunomia, разбрана како добро уредување односно владеење на добри закони, воведува ред и ги поставува работите на вистинското место. Со други зборови, eunomia е предуслов за урамнотежен и правно уреден живот меѓу луѓето.

Сметам дека одговорот на дилемата – како во мултиетничките општествата на 21 век да се постигне eunomia - лежи токму во мултиетничките градови.

Токму затоа, искуствата на оние кои управуваат со мултиетничките градови се клучни за водењето на мултиетничките и мултикултурните општества во овој урбан и мултикултурен век. Нивните искуства стануваат поважни за иднината на раководењето со глобализираниот диверзитет, отколку искуствата со националната држава на 19 и 20 век.

Токму затоа, оние кои управуваат со мултиетничките градови се лидери на иднината, бидејќи тие правилно ја разбрале нивната фундаментална задача – да создаваат хармонија, да обезбедат хармоничен развој на мултиетничката заедница кој е слика на светот.

Дами и господа,

На почетокот на моето обраќање го спомнав Ерусалим. Сега би сакал да завршам со Ерусалим.

Преку средбата на трите монотеистички вери, Ерусалим прави едно од најзначајните резимеа на современата цивилизација. Ерусалим е парадигма за надеж, за здруженост на луѓето, за посветеност на општото добро, за љубов, за верба. Ерусалим е парадигма за слава на Бога и за верба во човекот денес, утре, засекогаш!

Ви благодарам.
 

 
Почеток < Пред 51 52 53 54 55 56 57 58 59 60 Следно > Крај
Страница 53 од 64