|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денеска се обрати на меѓународната конференција „Facing Тomorrow 2011“ која се одржува во Ерусалим под покровителство на израелскиот претседател Шимон Перес:
Почитуван претседателе Перес,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Вистинско задоволство е да се биде во главниот град на Државата Израел, Ерусалим. Самиот факт, што оваа конференција станува традиционална, е потврда за значењето, релевантноста и актуелноста на овој форум. Контактот со Ерусалим е длабоко внатрешно искуство, кое секогаш нè враќа кон самите себе. Затоа, верувам дека овој древен Ерусалим ќе претставува инспирација за сите нас да дојдеме до нови идеи за иднината која нè очекува.
Почитувани,
Глобалните предизвици со кои се соочуваме во изминатата деценија ни овозможуваат да ги препознаеме контурите на иднината. А, иднината е контрастна и преполна со бројни ризици и можности. Контрастот го изострува нашиот фокус, и нè насочува правилно да ги согледаме предизвиците и да ги искористиме можностите.
Клучниот предизвик произлегува од парадоксот на 21 век – сраснувањето и поврзувањето на светот оди напоредно со неговото раздвојување и раслојување, и тоа во економска, политичка и културна смисла.
Живееме во време кога се случуваат темелни промени во меѓународните односи. Кога глобализацијата и информатичката револуција создава нов, виртуелен трибализам, кога младите, кои сè повеќе се аудиовизуелни, го менуваат светот преку интернетот, а државите имаат сè помало влијание врз виртуелниот свет кој го освојува реалниот свет.
Ние сме сведоци на Фејсбук и Твитер генерацијата. 21 век е време кога јавното мислење има сè поголемо влијание врз носителите на одлуки. Она што неодамна се случи со Wikileaks најдобро зборува за новите предизвици и можности на новото време, во кое сè поизразена станува поврзаноста меѓу демократијата и мултикултурализмот.
Ценети екселенции,
Неодамна во Варшава присуствував на 17-от самит на шефови на земјите од Централна Европа. Таму можеа да се чујат искрени и отворени дискусии за предизвиците на сегашноста и можностите кои ги нуди иднината. Во оваа прилика ќе го парафразирам претседателот на Италијанската Република, Наполитано, кој изјави дека иднината на Европа, а не на Европската унија, е негов главен интерес.
Претседателот Наполитано беше целосно во право кога рече дека не можеме веќе да продолжиме напред, ако една половина од Европската унија е заинтересирана за источното партнерство, а другата за Медитеранот. Европа едноставно мора да го постигне неопходното единство за да продолжи понатаму.
Почитувани,
Можам да ви кажам дека на Самитот во Варшава, претседателот на САД демонстрираше вистинска визија и лидерство. Во таа смисла, се согласувам со неговите ставови во однос на демократијата. Точно е дека е најдобро кога демократијата извира од внатре, од самите општества. Ако е тешко да се извезува демократијата, тогаш, најмалку што може да се направи е да се помогне демократијата преку демократизацијата.
На земјите од Блискиот Исток и од Северна Африка денес им е неопходна помошта во започнатите демократски процеси. Денес им е потребна поддршка идентична на онаа која земјите од Централна и Источна Европа ја добија пред две децении.
И ние сме биле соочени со недемократија и тоталитаризам, каков што сега искусуваат дел од вашите соседи. Подготвени сме да ги споделиме нашите искуства од тоталитаризам, кон демократска транзиција и консолидација на демократијата.
На планетата сите сме различни, но сме еден свет. Ниту една религија не ги учи верниците на лоши работи, само лошата мисла води кон интерпретација на Божјата порака на начин спротивен на духот на религиите. На неодамнешното отворање на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, истакнав дека:
„За сите нас, холокаустот е трагедија за човештвото. Секој оној, кој во себе ја негува човечноста дадена од Бога, го доживува холокаустот како трагедија. Бидејќи холокаустот не е дело на човекот и на луѓето. Холокаустот е дело на оние што се откажале од Божјото и од човечноста.“
Ценети екселенции,
Сметам дека развојот, чувањето и унапредувањето на демократијата не е процес кој има крај. Токму затоа на Балканот денес му е потребна поддршката за продолжување на европските и евроатланските интеграциски процеси. Денес ни треба она што јас го нарекувам европски мир или Pax Europeana. Денес ни треба изворната идеја на обединувањето која значеше обезбедување мир. Само со брза интеграција ќе го обезбедиме просперитетот на регионот. Оттука, за она што се залагам е отворен ум, отворен простор, отворен пазар. Драго ми е што сум опкружен со врвни мислители и научници кои го истражуваат и мозокот и умот. И метафизика и биологија. Она што треба да ги спојува и оние кои го истражуваат мозокот и оние кои го истражуваат умот е потрагата по мир и развој.
Второ, сакам да се осврнам на улогата на ЕУ на меѓународната сцена. Европа треба да го има предвид големото поместување на моќта, во просторна, но и парадигматска смисла. Просторно, од запад кон исток, парадигматски, од геополитиката кон геокултурата и геопрофитот. Европските лидери имаат обврска да се фокусираат на долгорочните стратешки интереси на континентот.
Во овие одлучувачки моменти Европа не треба да се занимава самата со себе. Европа не смее да стане интровертна и затворена, бидејќи најголемата моќ на Европа е во нејзината отвореност, додека најголемата слабост е во нејзината затвореност и поделеност. Интровертна Европа може да ја загуби меката моќ на убедување.
Јас сум оптимист за Европа. Во најтешките моменти, Европа продуцирала лидери со визија кои имале храброст да го остават минатото во книгите по историја, и со поглед вперен во иднината да ја градат сегашноста. Денес, европското проширување е најуспешниот мировен, безбедносен и стабилизирачки проект што доведе до помирување на многу внатрешни европски конфликти и историска нетрпеливост меѓу европските народи. Но, сметам дека е потребен нов импулс, особено на Балканот.
Почитувани,
Како што е невозможно да се напише историјата на Европа без историјата на Евреите, но и без историјата на Балканот и Македонија, исто така е тешко да се замисли европската иднина без Израел, без Балканот и без Македонија. Дозволете да образложам зошто.
Обединета во различностите, Европа ја црпи својата моќ од етничката, културната, јазичната и верската различност, испреплетеност и богатство. Тоа е, секако, придобивка која треба да се чува и унапредува.
Македонскиот влог во иднината на Европа е нашиот модел на функционална мултиетничка демократија, модел на интеграција без асимилација е она со што ние можеме да ги збогатиме европските вредности.
Македонија успеа да изгради инклузивна демократија втемелена врз вековната традиција на соживот и толеранција. Традиција која е во сржта на македонскиот модел на интеграција без асимилација, со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности.
Почитувањето на етничката и културната коегзистенција е традиција со која се гордееме, а има и зошто. Во Македонија, етничките, националните и верските заедници ги уживаат сите права и слободи кои ни се познати денес. Нашиот модел во суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици.
Со Охридскиот рамковен договор, со кој се уредија односите меѓу етничките заедници во мултикултурна Македонија и кој е најуспешниот ваков договор во поширокиот регион на Југоисточна Европа, вековната традиција на правилно разбирање на светот на разликите, доби своја легитимација и вредност.
Се разбира, мултиетничката демократија никогаш не е затворено прашање и постојано се соочува со нови предизвици, но цврсто верувам дека нашиот модел е модел на иднината.
Затоа, подготвени сме да ги споделиме искуствата и придобивките со нашите соседи од регионот, но и пошироко. Тоа е нашиот влог и најдобар политички извозен производ, кој може на европските соседи да им помогне во изградбата на демократските системи.
Ценети екселенции,
Сметам дека вистинската комплексност, но и вредност на мултикултурализмот најмногу доаѓа до израз во мултиетничките градови.
Живееме во век кој е урбан исто колку што е и мултикултурен. Повеќе од половината од човештвото веќе живее во урбани центри, а се очекува дека до 2050 година, дури 70% од светската популација ќе живее во градовите. Секојдневно, над 200.000 лица се приклучуваат кон светската урбана популација, што значи дека популацијата на градовите ширум светот се зголемува за над 2 лица секоја секунда.
Со самиот прилив на нови жители од матичните земји, но и од странство, голем број од овие растечки урбани средини се трансформираат во мултиетнички, мултирелигиозни и мултијазични центри и стануваат јадра на мултикултурниот живот.
Притоа, посебно е интересен феноменот на мегалополисите кои се темелат токму врз хармонизацијата на различностите, давајќи едновремено рамка и воспоставувајќи платформа за мултикултурализмот кој е богатство на нашата планета.
Мултиетничките градови во себе обединуваат илјадници, па и милиони поединци, потреби, барања и интереси. Десетици, па и стотици етнички, верски, јазични, социјални и економски групи и заедници. Мултиетничкиот град е конгломерат од луѓе и групи кој е предизвик сам по себе за оние кои управуваат со градот.
Се наметнува дилемата, како се гради ова заедништво кое подразбира лојалност на граѓаните кон градот и кон заедницата.
Верувам дека основите на овој предизвик можат да се препознаат во мудрата Солонова констатација дека dysnomia, или отсуство на законите, на градот му носи безбројни зла. Наспроти тоа, eunomia, разбрана како добро уредување односно владеење на добри закони, воведува ред и ги поставува работите на вистинското место. Со други зборови, eunomia е предуслов за урамнотежен и правно уреден живот меѓу луѓето.
Сметам дека одговорот на дилемата – како во мултиетничките општествата на 21 век да се постигне eunomia - лежи токму во мултиетничките градови.
Токму затоа, искуствата на оние кои управуваат со мултиетничките градови се клучни за водењето на мултиетничките и мултикултурните општества во овој урбан и мултикултурен век. Нивните искуства стануваат поважни за иднината на раководењето со глобализираниот диверзитет, отколку искуствата со националната држава на 19 и 20 век.
Токму затоа, оние кои управуваат со мултиетничките градови се лидери на иднината, бидејќи тие правилно ја разбрале нивната фундаментална задача – да создаваат хармонија, да обезбедат хармоничен развој на мултиетничката заедница кој е слика на светот.
Дами и господа,
На почетокот на моето обраќање го спомнав Ерусалим. Сега би сакал да завршам со Ерусалим.
Преку средбата на трите монотеистички вери, Ерусалим прави едно од најзначајните резимеа на современата цивилизација. Ерусалим е парадигма за надеж, за здруженост на луѓето, за посветеност на општото добро, за љубов, за верба. Ерусалим е парадигма за слава на Бога и за верба во човекот денес, утре, засекогаш!
Ви благодарам.
|