|
Почитуван господине претседател Вујановиќ,
Почитуван господине претседател Топи,
Ценети екселенции,
Дами и господа, драги пријатели,
Вистинска чест и задоволство е да се биде покровител на фестивалот кој континуирано ја промовира врвната европска и светска уметност во древниот Охрид, истовремено афирмирајќи ја македонската култура и македонските уметници во Европа и во светот.
Задоволството е дотолку поголемо бидејќи годинава, токму во Охрид сум домаќин на 3-от регионален претседателски самит, кој ги потврдува нашите заложби за споделување, соработка и заедништво на патот кон нашата европска иднина. Верувам дека во таа решителност имаме и верен сојузник – културата, уметноста и музиката како универзален јазик на човештвото.
Почитувани присутни,
Како што природата е Божја уметност, така уметноста е човекова природа. Од најстари времиња, па сè до денес, Македонија го потврдува ова. Вечерва, тука, во Античкиот театар го доживуваме сплотувањето на оваа тријада исто како што тоа го правеле граѓаните на древниот Лихнид. Сплотеност меѓу театарот и Езерото, меѓу музиката и танцот, меѓу човекот и неговата креативност.
Денес, сите патишта на сценската, вокалната и музичката уметност водат во Охрид. Во овие 40 дена, Охрид ќе биде духовно пристаниште кое низ уметноста ќе ги обединува луѓето и народите, нивното наследство, но и нивната иднина. Ова лето ќе биде во знакот на безвременото творештво на великаните како Бетовен, Моцарт и Бах. Ова лето публиката ќе има можност одново да ги доживее Еврипидовите Електра и Медеја, да се соживее со Шекспировите ликови, но и врвните современи драмски остварувања.
Токму затоа, Македонија е особено горда на фестивалот „Охридско лето“, кој низ годините стана втор дом за многу светски познати ѕвезди, но и ѕвезди во подем.
Драги пријатели на уметноста,
На самиот крај, во исчекување на изведбата на Респигијевата „Римска трилогија“, сеќавајќи се при тоа на зборовите на Де Ламартин дека „музиката започнува онаму каде што говорот завршува“, го прогласувам годинешниот фестивал „Охридско лето“ за отворен!
|