Обраќање на Претседателот Иванов на чествувањето на 2-ри Август - Ден на Републиката
Вторник, 02 Август 2011   

altОбраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод Илинден Скопје, 2 август 2011 година

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Возвишено е чувството денес, на ден Илинден, пред споменикот на еден од најголемите синови на Македонија, Методија Андонов-Ченто, да ви го честитам 2 Aвгуст, најголемиот македонски празник.

Денес, кога прославуваме 108 години од првиот, 67 години од вториот Илинден, во годината кога славиме две децении од третиот Илинден, не можеме а да не го погледнеме нашиот историски изоден пат со искрена почит и достоинство, со силна посветеност и нескриено чувство на гордост и решителност.

На 2 Aвгуст 1903, во херојско Крушево пламна факелот за ослободување на Македонија од османлискиот јарем. Иако Крушевската Република по само десет дена беше задушена во оган и крв, сепак искрата на слободата продолжи да тлее во мислите и срцата на многубројните македонски родољуби. Тие го презедоа факелот и ја продолжија народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ за време на Втората светска војна.

Почитувани сограѓани,

По тешките страдања, жртви и борби, вториот Илинден 1944, со божји благослов и под заштита на светиот отец Прохор Пчињски, ги положи темелите на македонската државност. Отворајќи го Првото заседание на АСНОМ, сведокот на двата Илиндена, Панко Брашнаров воскликна:

„...со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар, од Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава“.

Собрани пред споменикот на големиот народен трибун и прв претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, не можеме а да не си спомeнеме на неговиот завет: „Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото...“

Драги сограѓани,

Требаше да помине речиси половина век, за на 8 Септември 1991 година да се случи и третиот Илинден и прогласувањето на македонската независност. Сонцето на слободата конечно ги огреа македонските граѓани. Она за што Ченто мечтаеше, независна демократска македонска држава, конечно е остварено.

Патот на независноста не беше ниту лесен, ниту пак безболен. Илинденците со револверот и бајонетот, пролевајќи ја самопожртвувано својата крв, се бореа за нашата слобода. А, слободна Република Македонија со политички напори и мирни средства продолжи да се бори за признавање на своите неприкосновени права. Правата на своите граѓани да живеат во својата национална држава како рамноправна членка на меѓународната заедница.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Соочена со негации и оспорувања, со политички блокади и економски ембарга, со вооружени конфликти во соседството и превирања во земјава, Република Македонија успеа да ги надживее периодите на предизвици и да излезе посилна и поединствена. Останавме верни на заветот врежан во крушевскиот Манифест и врз темелите на вековната традиција на соживот на сите етнички заедници, изградивме единствен македонски модел на интеграција без асимилација.

Успеавме да ја сочуваме тешко стекнатата слобода и продолжуваме да се бориме за правата на сите свои граѓани, пред сè, правото на своето име, идентитет и достоинствен живот во Република Македонија како дел од обединета Европа.

И затоа, денес можеме со чиста мисла и крената глава да дадеме отчет пред Ченто и пред другите големи синови и ќерки на Македонија, пред знајните јунаци и незнајните херои и сите оние кои се вградија во независна Македонија.

Затоа, сакам да знаете дека Илинден е потсетување на пожртвуваноста на генерациите македонски родољуби, но и мотивација за оваа и идните генерации да се посветат на градење, чување и унапредување на бесценетата слобода на Македонија. Бидете уверени, Илинден е завет за чување на идеалите, вредностите и принципите на македонските револуционери, но и компас кој со беспрекорна точност ни ја покажува нашата иднина и иднината на нашите деца.

Верувам дека пораката на Илинденците може да се воопшти во пораката на македонскиот револуционер Гоце Делчев, кој во една прилика рекол: „Делото на ослободувањето на еден народ е, пред сè, негово сопствено дело, на неговите сопствени раце". Со своето големо дело, Илинденците нè обврзуваат да се однесуваме одговорно и достоинствено, онака како што им доликува на чедата на Македонија.

Жртвувајќи се на олтарот на татковината, тие нè задолжија сите нас, сите чеда на Македонија независно од етничката, верската и политичката припадност.

Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми...,

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Голема и споделена е нашата заедничка одговорност низ меѓусебна лојалност кон нашата заедничка и единствена татковина Македонија, да го исполниме заветот на Илинденците: Да ја градиме Македонија како развиена, напредна и демократска држава. Да ги браниме интересите на македонските граѓани, независноста, мирот и стабилноста за доброто на сите.

Како што Илинденците од 1903 и борците од 1941 – 1945 година низ сплотеност и обединување се бореа и се изборија за самостојна, независна и суверена македонска држава, така, на нас е низ сплотеност да го оствариме сонот на македонските граѓани за демократска, европска и евроатлантска Република Македонија.

Затоа, ве повикувам сите да се обединиме под знамето на независна Македонија!

Потомци и следбеници на славните Делчев, Груев и Сандански, на Карев, Гули и Петров,

Потомци на гемиџиите, на славните Брашнаров, Аголи и Ченто, за многу години Илинден!

Да ни е вечна слободата и независноста!

Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад