| Обраќање по повод отворањето на конференцијата посветена на Охридскиот рамковен договор | |
|
|
Годишнините секогаш се повод за навраќање на она што било, на она што поминало, но и момент за дебата за иднината. Дебата за предизвиците и перспективите. Деновиве имаме можност преку медиумите да се запознаеме со различни сведоштва за тоа што се се случувало во 2001 година во Македонија. Кој каков удел имал во сето тоа. Како се однесувале одредени актери. Дознаваме дека двонеделните разговори, овде во Охрид, не биле ниту едноставни, ниту пак лесни. Претставниците и лидерите на четирите најголеми партии заедно со тогашниот претседател Борис Трајковски и меѓународните претставници на вчерашен ден, тука во Охрид го парафирале а на утрешен ден во Скопје го потпишале Рамковниот договор. Со тоа се стави крај на конфликтот што се случи тогаш во 2001 година во Македонија. Деновиве, исто така, дознавме и некои нови детали за работи кои само ги претпоставувавме. Особено тоа се однесува на иницијалната фаза на создавање на таканаречениот „нон пејпр“ од кој подоцна произлезе и текстот на Рамковниот договор. Вистината кога тогаш излегува на виделина, а историјата е таа што ќе суди. Различни интерпретации, изјави и сведоштва ќе продолжат и во иднина. Врз основа на нив аналитичарите, историчарите ќе ги носат своите судови и ќе ја градат претставата за тоа што навистина ни се случило во 2001 година. Што навистина беше причина, а што последица. Кога се потсетуваме на вакви моменти, не треба само да го потенцираме тоа што сме го добиле. Тоа е неспорно, го добивме мирот и многу други работи. Треба да се потсетуваме и на тоа што сме го изгубиле. Многу родители ги изгубија своите деца, но и многу деца ги изгубија своите родители. Некои ги изгубија своите домови, некои своите пријатели, своите соседи. Некои ги изгубија своите идеали, а некои своите идоли. Некои сеуште ги бараат коските на своите најблиски. Имаат право да знаат каде се и што се случи со киднапираните цивили. И јас лично го барам овој одговор. Овој дел од нашата понова историја навистина сеуште е трауматичен и болен. Болен затоа што раните на душата, за разлика од раните на телото, никогаш не зарастуваат. Историјата нé научи дека е неопходно прво да се постигне мир, за да се овозможи развој на демократијата. Токму тоа го постигна Охридскиот рамковен договор. Демократијата и мултиетничноста имаат едно заедничко својство: секогаш е подобро да извираат од внатре, од самото општество, за да бидат вистински ефикасни. Притоа, демократијата во едно милтиетничко општество е можна доколку политичките лидери настојуваат да донесуваат одлуки што водат кон поврзување, а не кон судири. Охридскиот рамковен договор беше основа за измени во Уставот, легислативата, децентрализацијата на моќта, правичната застапеност во државната администрација, обезбедувањето на образование на мајчин јазик, употребата на јазиците, изразувањето на идентитетот. Оттогаш достигнавме едно ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција за разликите. Во изминатите години, исполнувајќи го сето она што произлезе од Рамковниот договор ги исполнивме и критериумите за членство во НАТО и подготвени сме за отпочнување на преговорите со Европската унија. Но, во процесот на тоа евро-атлантско приближување станавме носители на уште една вредност – модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира. Во овој контекст сакам да нагласам дека македонскиот модел има двојна улога – се јавува како инструмент со кој се обезбедува довербата на граѓаните во државата и нејзините институции, нејзините симболи, но и како основа за градење и развивање на меѓуетничката доверба. Тоа е нашиот пат во градењето на функционален мултиетнички соживот. Затоа не може да постои никакво оправдување кога се отстапува од ова, нешто за што бевме сведоци неодамна во Тетово. Македонскиот модел не се сведува само на правична застапеност во јавната администрација и државните институции, туку на взаемно почитување на идентитетот, културата, традициите и обичаите. Тоа се вистинските темелни вредности на соживотот. Нашиот модел, исто така, не може да се гледа само на ниво на централната Влада. Децентрализацијата е таа која овозможува внатрешна флексибилност и можност за обнова на општеството одвнатре. Истражувањата покажуваат дека огромен процент на граѓани меѓу-етничките односи на локално ниво ги оценуваат како добри и многу добри, а на централно ниво, онаму каде не соработуваат граѓаните, туку елитите, оценките се полоши. Во минатото бевме сведоци на напуштање на институциите на системот, што е опасно и непожелно за кој било модел на менаџирање на меѓу-етничките односи, па и нашиот. Сето ова води кон заклучокот дека кај нас граѓаните се оние кои добро соработуваат, а политичките елити се оние чија комуникација била помалку успешна. Токму затоа, ценам дека нашите напори во иднина треба да ги насочиме кон тоа да им овозможиме на граѓаните економски напредок, квалитетно интегративно образование кое ќе продуцира успешни и амбициозни млади кадри, но и развој на граѓанската свест и совест. Односно од мултиетничка политика да преминеме во мултиетничка економија. Дами и господа, Во секоја демократија, правата подразбираат и обврски. Ако некоја заедница бара почитување на нејзините права на државно ниво, тогаш таа заедница има обврска да им ги овозможи истите права и на другите заедници во општините каде таа е мнозинска. Само така се гради довербата и заедничкиот живот. Сепак, неоспорно е дека постои генерална оцена кај припадниците на помалите етнички заедници, дека тие се несоодветно застапени. Имајќи го предвид интегрирачкиот карактер на одредбите, одговорот не треба да се бара во нови рамковни договори за секоја заедница поодделно, бидејќи одредбите од Уставот и законите се однесуваат на сите заедници во Република Македонија. Спроведувањето на Уставните и законските одредби е споделена одговорност и задача која бара посветеност од сите субјекти во земјата. Постои и потреба од поголема транспарентност на државните институции во однос на правичната застапеност, а за да се има целосен и прецизен преглед на постигнатото. Затоа, одредбите од Уставот и од законите кои се однесуваат на заедниците и нивните права и самиот процес на нивно спроведување, не треба да се користи за меѓупартиски пресметки. Во правната држава нема простор за произволно толкување на законите за тесни партиски интереси. Бидејќи сите сме еднакви пред правото, без разлика на верската, етничката или политичката припадност. За да немаме дилеми, потребно е да имаме прецизно толкување на Охридскиот рамковен договор, кој е и дел од Уставот на Република Македонија. Тоа толкување мора да ја изразува изворноста на намерите и договореното пред десет години. Потребно е секогаш да ја имаме предвид унитарноста и кохезивноста на државата. Потребно е да внимаваме на правата на граѓаните, и на фактот дека ниту едно колективно право не смее да ги загрози индивидуалните права. Потребно е секогаш да имаме предвид дека Охридскиот рамковен договор е заснован на нетериторијалноста на правата, зашто искуствата кажуваат дека еднаш кога правата ќе се територијализираат, тогаш се цементираат поделбите. Најважно од сé е дека договорот не може и не смее да се толкува од позиција на тоа кој е на власт или во опозиција, или зависно од тоа кому какво толкување во моментот му одговара. По финализирањето на текстот во Охрид, тогашниот претседател на Република Македонија, господинот Борис Трајковски, преку професорот Гале Галев побара стручно мислење од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Според мои сознанија тоа беше и единствена компетентна научна дебата за нацрт амандманите на Уставот произлезени од Рамковниот договор. Текстот на амандманите беше анализиран од различни правно политолошки аспекти. Уставно-правен, компаративно-правен, историско- правен и слично. На дебатата присуствуваше и свои објаснувања и одговори на прашањата изложи еден од советнците на претседателот. Целиот стенограм од таа дебата подоцна е објавен како издание на Правниот факултет. Тој материјал претставува навистина драгоцено сведоштво за тој период и придонес на нашата наука кон вакви комплексни прашања со кои се соочува демократијата во мултиетничките општества. Многу од обработените и анализирани прашања, денес се составен дел на многу учебници, научни трудови. магистерски тези и докторски дисертации. Расправата имаше позитивен ефект. Ја иницира промената на понудената измена на Преамбулата на Уставот. По потпишувањето на текстот на Рамковниот договор, од страна на Фондацијата Отворено општество Македонија се подготви брошура со текстот на договорот, преведен на јазиците на заедниците. Брошурата беше наменета за јавната дебата и беше печатена во огромен тираж. Воведот од оваа брошура е уште едно автентично сведоштво за амбиентот во Македонија кога е донесен Рамковниот договор. Во брошурата, исто така, е содржана и платформата за акција на невладиниот сектор во однос на договорот. Објаснета е суштината на самиот договор и специфичностите на демократијата во мултиетничките општества. Автор на тој вовед и на текстот на платформата сум лично јас. Имајќи го предвид десетгодишното искуство од спроведувањето на одредбите од Охридскиот договор, верувам дека она во што Република Македонија и нејзините граѓани се разликуваат од многу други земји и народи е во тоа што успеаја правилно да го разберат светот на различностите. Да ја обноват традицијата за меѓуетнички соживот и религиозна толерантност. Нешто што беше ставано настрана во еден период од нашата историја. Деновиве гледаме насекаде низ светот што се случува со процесите на етничка преродба и како речиси сите општества на планетата стануваат, мултиетнички, мултијазични, мултиконфесионални. Сведоци сме и на изјави на европски лидери дека не успеале да изградат модел на почитување на различностите и дека мултикултурализмот за нив е неуспешен проект. Македонија, наспроти нив е позитивен пример и има што да понуди на овој план. Точно е дека постоеја и постојат обиди за политичка злоупотреба на исклучително значајни политички прашања, како што е Охридскиот договор, нашето име и нашата европска иднина. Но, она што е важно е дека на патот кон европските и евроатлантските интеграции, македонските граѓани покажаа висока демократска зрелост и не дозволија да бидат манипулирани, а што се однесува до манипулаторите се виде дека тие лошо поминуваат на изборите. Во таа смисла, особено е важно тоа што спроведувањето на обврските кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор беше клучна задача на нашиот европски и евроатлантски пат. Сега, кога тие обврски се исполнети, граѓаните на Република Македонија со право очекуваат вреднување на спроведеното. Но наместо Македонија да биде наградена, се повеќе се чини дека е казнета. На самиот крај, би сакал да го изразам своето уверување дека овој настан не претставува само можност за ретроспектива, туку и импулс за општествено будење во сферите од заеднички интерес на сите граѓани на Република Македонија, независно од етничката, верската или јазичната припадност. Будење кое ќе биде во функција на натамошниот развој на нашата специфична, но функционална демократија. Мултиетничкиот модел во нашиот општествен и демократски поредок веќе заживеа. Таквиот поредок никогаш не е завршен или заокружен, но дава можност не само нашето општество, туку и многу други општества во регионот и пошироко, да станат заедници на слобода, еднаквост, соживот и добра коегзистенција, водејќи кон мир, стабилност и просперитет.
|
Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа.










