Обраќање на Самитот на Претседатели на држави и влади во Процесот за соработка на Југоисточна Европа
Четврток, 30 Јуни 2011   

altОбраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Самитот на Претседатели на држави и влади во Процесот за соработка на Југоисточна Европа

Почитувани екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Ми претставува особено задоволство да го поздравам овој важен самит кој ја симболизира регионалната посветеност кон соработката и заедничките вредности. Би сакал на досегашниот претседавач и домаќин на овој значаен форум, Црна Гора, да и честитам за резултатите и за успешното дејствување на чело на мисијата на Процесот. Едновремено, на Република Србија и на нејзиното водство, кое денес го презема кормилото, да им посакам исто така успешно претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа.

Во изминатите 15 години, во Македонија е изградено едно чувство на гордост и задоволство што сме учесници во оваа автохтона иницијатива, која во изминатите години го оправда своето постоење токму со концентрација на политики и развојни цели од заеднички интерес.

Благодарение на нашите ценети домаќини, денес се наоѓаме на прекрасниот Свети Стефан, кој низ времето бил островски град - тврдина, засебен и издвоен од копното. Пред само десет години, многу од нашите земји исто така беа издвоени острови. Денес, Свети Стефан е местото од кое ние испраќаме јасна и недвосмислена порака за нашата посветеност кон отворањето и меѓусебното поврзување во градењето на заедничка иднина преку заедничката соработка. Впрочем, во овој меѓузависен и глобализиран свет, ниту еден народ и земја не се острови сами за себе. Сите чувствуваме дека предизвиците со кои се соочуваат земјите од нашиот регион и можностите кои треба правилно да се вреднуваат, нè упатуваат на зголемена соработка.

Почитувани,

Ние, во регионот на Југоисточна Европа, сакаме да ја изградиме иднината преку инвестирање во заеднички проекти и развојни програми од заемен интерес. Токму преку такви програми се градат можностите за меѓусебна доверба и споделени интереси и перспективи, што е одговорност, пред сè кон нашите граѓани.

Мојата визија се занова врз таканаречените „три Е“- Европа, економија и енергетика. Секое од нив е поврзано со другите, и тоа со двонасочна спрега.

Во споредба со состојбата од пред само десет години, кога сосема други прашања беа на агендата за Југоисточна Европа, денес, ние веќе разговараме и се договараме за конкретни проекти, за инфраструктурно, економско и енергетско поврзување, за инвестиции и размена, за културна и општествена соработка.

Дами и господа,alt

Сакам да ве уверам дека Република Македонија останува доследна на своите трајни и врвни цели и приоритети, водејќи се притоа од основниот принцип на отвореност кон сите, блискост со сите. Нашите цели се јасни: Македонија како полноправна членка во НАТО и во Европската унија, Македонија која развива извонредни односи со сите свои соседи, Македонија вклучена во сите регионални иницијативи, Македонија отворена кон светот, кон меѓународната заедница, кон сите. Следејќи ги тие цели на кои и лично сум фокусиран изминатите две години, можам одговорно да потврдам дека резултатите не изостануваат.

Неодамна одржаните предвремени парламентарни избори во мојата земја покажаа дека мнозинството граѓани ги поддржуваат тие цели и приоритети, што претставува обврска на новоизбраните државни органи.

Исто така, сакам да потврдам дека редовната комуникација што ја имаме со речиси сите наши соседи ја преточивме во конкретни договори од чие спроведување сите имаме корист. Предрасудите од минатото да ги оставаме во минатото, за да можеме да се фокусираме на сегашноста, гледајќи ја и трасирајќи ја иднината.

Со задоволство можам да констатирам дека и нас нè поттикнуваат постигнувањата на нашите соседи во регионот на кои им се радуваме. Со некои од вас заедно чекоревме кон членството во НАТО, пат кој Република Албанија и Република Хрватска го завршија успешно.

Ова е убава прилика да и честитам на Република Хрватска за напредокот во евроинтеграциите. Неодамнешната позитивна одлука на Европскиот совет во однос на членството на Хрватска во Европската унија е позитивен сигнал за сите нас во регионот, бидејќи таков исчекор е потребен за сите земји од Западен Балкан.

Убедени сме дека вашиот успех е и наш успех, како и успех на целиот регион. И тоа се однесува за сите наши соседи, без исклучок. Република Македонија сака со сите свои соседи да влезе во најдиректна соработка, особено имајќи ги предвид предизвиците и можностите на новите времиња.

Драги пријатели,

Историјата покажа дека проширувањето на Европската унија е најзначаен, не само развоен туку и мировен проект на европскиот континент, кој им овозможи на европските држави да ги надминат своите историски насобрани проблеми и разлики. Во изминатите десет години, нашиот регион делумно ги почувствува благодетите од интегративниот процес. Но, проектот на европското обединување сè уште не е завршен.

Токму затоа, на Балканот денес му е потребна поддршката за продолжување на европските и евроатлантските интеграциски процеси.

Со интеграцијата сите ние ќе дадеме придонес кон демократијата и владеењето на правото во европскиот отворен простор. Така, европскиот успех ќе зависи од сите нас. Преку спроведувањето реформите, преку регионалната соработка, ја носиме сите заедно одговорноста и нашите земји, секоја одделно и сите заедно, ја трасираат својата иднина. Но одговорноста е заедничка: никој не треба да има дилема. Кога велам сите заедно, не мислам само на земјите од нашиот регион, мислам на цела Европа, на сите земји на нашиот континент. Одговорност и обврска имаат и европските партнери. Така јас го разбирам проширувањето.

Без интеграција на нашиот регион не можеме да зборуваме за целосно успешен и заокружен процес. Само целосно обединета Европа ке може да биде конкурентна на другите големи и растечки сили. Само таква Европа ке може да се справува со бројните проблеми, денес, утре и во иднина. Европа не смее повеќе да биде изненадувана, како со настаните и распадот на СФРЈ, Северна Африка и Медитеранот, или со проблемите во Еврозоната. Лидерите на Европската Унија имаат обврска да делуваат во интерес на Европа. Јас верувам во визијата и водството на европските лидери, не сум обесхрабрен, иако Република Македонија е изложена на нееднаков третман, иако имаме дополнителни критериуми како никој досега на нашиов континент, ни пошироко.

Почитувани,alt

Најголемата моќ и на нашиот регион, и на Европа е во нејзината отвореност и обединетост, додека најголемата нивна опасност демне од затвореноста и поделеноста. Само заеднички можеме да ги решиме прашањата како регионалната енергетска поврзаност, заедничките транспортни коридори, заедничката железничка инфраструктура. Нашите држави се со уникатна местоположба. Од една страна, се потпираме на Европа, која е водечки регион во светот по владеењето на правото и степенот на демократија, економскиот развој, изградената инфраструктура и образованото население. Од другата страна, ние се граничиме со земјите на Исток, кои како економии се во подем. Југоисточна Европа е природен мост меѓу развиеното јадро на Европа и некои од најбргу растечките економии во светот, кон најважните извори на енергенси, кон во голема мерка неискористените капацитети на човечки капитал и потрошувачки потенцијал. Ние можеме да бидеме исклучително важен преносник на знаење, капитал и позитивни вредности меѓу овие два региони. Но, како одделни држави, ние не сме способни самите ниту инфраструктурно, ниту политички или економски да одиграме улога меѓу Европа и нејзиното блиско соседство. Балканот мора да функционира како обединет регион, дел од обединетиот европски пазар, и важна алка во европската комуникација кон светот.

На тој начин, земјите од нашиот регион можат темелно да учествуваат во мисијата за развој и обединување на Европа, нашиот заеднички дом.

Ви благодарам.

  Back<<Назад