23 октомври - Ден на македонската револуционерна борба
Сабота, 23 Октомври 2010   

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Свечената академија по повод 23 октомври, Денот на македонската револуционерна борба

Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

На денешен ден  пред 117 години, во Солун, беа шестмина. Меѓу народот беа познати како даскали, екими, или едноставно акллии - учени луѓе. Тие на денешен ден, по тогашниот календар, посадија едно стебло кое низ годините растеше и се разгрануваше. Некогаш некои гранки на тоа стебло се потсушуваа, некои гранки соседите ги калемеа, други жестоко ги сечеа и сакатеа. Тоа стебло одолеа на многу непогоди, суши, студови и мразови. Беше на ветрометина, растеше на раскрсница. Секој недобронамерен патник, по некој белег и лузна му оставаше. Сепак не се даваше, жилавоста од коренот доаѓаше.

Веројатно со вакви зборови тој настан би го опишал книжарот Иван Хаџи Николов, а дијагнозата би ја дал д-р Христо Татарчев, така урокот би го раскажувале учителите Даме Груев, Петар Поп Арсов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Да, на денешен ден овие шестмина ја создадоа првата семакедонска организација. Организација која со тек на време си го менуваше името, но во сите нејзини имиња остануваа две придавки: „македонска“ и „револуционерна“. Токму затоа преку денешниот ден, сега веќе државен празник, го славиме и му се поклонуваме на делото на тие шестмина прометеи.

Го славиме денот на македонската револуционерна борба.

Водени од длабоката љубов кон Македонија и македонскиот народ, тие беа свесни за крепкоста на македонската ослободителна борба. Борба  пред која беа исправени бројни предизвици и странски пропаганди. Цврсто уверен дека слободата може единствено да се освои со сопствени сили, Иван Хаџи Николов, порача:

“Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвика противдејство од страна на другите соседни влади.“

Нивниот фаќел го прифатија десетина, стотина, илјадници следбеници. Многу од нив се и ученици на славните учители. Еден од највозвишените секако е Гоце Делчев. Светлината која кај народот ја симболизираше Свети Илија, овие следбеници ќе ја обединат на Илинден 1903 за да сјае до ден денешен.

Организираниот почеток на македонската револуционерна борба беше израз на најхрабрите и најобразованите луѓе од тоа време. Луѓе со бистра мисла и чисто срце. Херои кои сакаа да ја поврзат и обезбедат иднината за сите Македонци, без разлика на верската или етничката припадност во заедничка борба за државност. Нивната мисија беше да ги обединат напорите на слободољубивите Македонци, Власи, Албанци, Турци, подготвени да застанат под бајракот за ослободување на Македонија од ропството.

Организацијата од најраните денови се залага за братство на сите луѓе во Македонија. Првиот член од правилата гласел: „Секој што живее во европскиот дел на Турција без разлика на пол, националност или лични уверувања може да стане член на организацијата“. Оваа идеја ќе ја најдеме во сите документи на македонската револуционерна борба, во Крушевскиот манифест и сите други манифести. Затоа оваа идеја опстојува и се негува и од нашата генерација во Македонија.

По Илинденското востание организацијата се повеќе станува иницијална програма. Програма за македонскиот непокор, национална слобода, независност и еднаквост со другите европски народи и со сите слободни народи во светот.

Од пред точно сто години, во 1910 година оваа семакедонска организација го доби дефинитивното име: Внатрешна македонска револуционерна организација или ВМРО. Но во таа година дојде и расколот. Раскол кој беше една од причините за парализирањето на македонското национално и револуционерно движење и распарчувањето на Македонија и македонскиот народ во Балканските војни во 1912 и 1913 година.

Еден дел од организацијата отиде на „лево“, другиот дел на „десно“. Едните отидоа на „исток“, другите на „запад“.

Со почетокот на Првата светска војна македонските интелектуалци во странство го дигаат својот глас, Крсте Мисирков на 6 август 1915 година во говорот што го упатил до Општословенското собрание бара „Обединување на цела Македонија во една држава“. Македонската колонија во Петроград во „Македонски глас“ од октомври 1915 година печати апел на македонските патриоти до народните пратеници на Бугарија, Србија и Грција: Во апелот се вели „Македонија треба да биде самостојна, целосна и независна“.

Македонската емиграција во Швајцарија, организирана во бројни емигрантски политички друштва испраќа различни апели и меморандуми до Конференцијата на Втората интернационала, до Меѓународната конференција на Лигата на народите, до сите големи сили и потписнички на Версајскиот мир. Тие бараа да се обрне внимание на македонското прашање и да се воспостави статус на слободна Македонија во политички и црковен поглед.

За одбележување е апелот на „Женевското друштво за независна Македонија“, раководено од д-р Коцарев. Со апелот се повикуваат „сите Македонци без разлика на верата и народноста да заборават на поранешните омрази и лични расправии и да создадат цврсто јадро за единство и независност на Македонија, која не им припаѓа ни на Бугарите, ни  на Србите, ни на Грците, туку само на Македонците“.

Сите македонски друштва во Швајцарија по 1918 година се обединуваат и го формираат „Генерален совет на македонските друштва во Женева“. Во нивниот апел од јуни 1919 година се вели: „Ние Македонците бараме ова неприкосновено право (се мисли на идеите на Претседателот Вилсон за правата на народите на самоопределување) да се почитува, кога ќе стане збор за Македонија. Македонскиот народ ги има неопходните и потребните способности за самоуправа, бидејќи тој не е аморфна маса, ниту несвесна заедница... Слободна и независна Македонија благодарејќи пред сè на својата одлична географска положба, ќе послужи како обединителна врска меѓу балканските држави, ќе им дозволи да се среќаваат поинаку отколку со оружје и ќе придонесе за остварување на Балканска конфедерација“.

Во 1924 година се постигна договор за создавање на ВМРО (обединета) за сите делови на Македонија. Биле издадени Декларација и Манифест. Во овој програмски документ, манифест на ВМРО со нова политичка програма за единство во дејствувањето на македонските револуционерни сили, познат како „Мајски манифест“, меѓу другото стои: „ВМРО во својство на вистинска револуционерна сила се бори за ослободување и обединување на раскараните делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица во нејзините природни етнографски и географски граници.

Таа смета дека политичкото постоење на Македонија може да биде гарантирано само од сојузот на самостојно определените балкански народи во форма на една Балканска Федерација, која што единствено ќе може да ги парализира анексионистичките стремежи на постојните балкански држави, да го осигура правилното решавање на сите национални спорови, да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства“.

Во Манифестот се вели дека тоа е можно: „Кога борбата за ослободување на Македонија и за образувањето на Балканската Федерација ќе смета првенствено на обединетите револуционерни сили на целото македонско население, без разлика на вера и народност и кога таа борба ќе биде поведена во тесна соработка со другите балкански народи...“

Поради ваквите искажани ставови, набргу по објавувањето, ќе биде убиен еден од авторите на „Мајскиот Манифест“ и обновувачот на ВМРО, Тодор Александров.

Поради различните историски околности, основните програмски идеи на ВМРО ќе ги прифати работничкото движење, либералните и народни организации на Македонците, македонските литературни и културни организации, кои ќе ги вклучат во своите историски иницијативи. Едноставно, сите тие ќе ја комплетираат лепезата на македонското национално движење.

Во 1936 година поголема група Македонци, повеќето студенти, во Загреб изработија Декларација која ја потпишаа голем број македонски студенти надвор од Македонија. Оваа Декларација била всушност еден национално-политички документ кој останува доследен на македонската револуционерна борба. Дел од овие студенти, интелектуалци и познати Македонци,  во август 1936 година во Охрид ќе го организираат конгресот на МАНАПО.

Конгресот зазема една демократска, антифашистичка и македонско-патриотска ориентација. МАНАПО раширило широка дејност, придонесувајќи за активирање на пошироките општествени слоеви околу идејата за национална еманципација на Македонците. Врз организацијата е извршен жесток притисок од тогашната власт и во 1938 година таа престанува да постои. Голем дел од нејзините следбеници подоцна ќе се приклучат во народно ослободителното борба и во Комунистичката партија на Македонија.

Токму затоа доследен толкувач и реализатор на идеите и програмата на автентичната македонската револуционерна организација беше и партизанското движење за време на Втората светска војна. Тоа најдиректно ќе го искаже во својот реферат народниот херој Кузман Јосифовски – Питу на Преспанското советување, одржано на 2 август 1943 година. Во овој реферат посветен на 40-годишнината на Илинденското востание тој вели:

...”Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална  слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја... ”

Методија Андонов – Ченто ќе се бори илинденските идеали да станат наша реалност. Жестоко за нив ќе се залага при подготовките за свикувањето на АСНОМ, особено на средбата на македонската делегација на Вис. Токму затоа и ќе биде избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.

Живиот сведок на двата Илиндени Панко Брашнаров, отварајќи го првото заседание на АСНОМ, ќе каже: “животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.”

Ченто, подоцна како избран пратеник во Собранието на НРМ и пратеник во Собранието на Југославија, поднесува амандман на Нацрт Уставот на ФНРЈ. Тој останува доследен на континуитетот на македонската револуционерна борба и токму негова заслуга е внесувањето на одредбата за правото на народите на самоопределување, вклучувајќи го правото за отцепување. Оваа одредба ќе остане во сите следни устави на тогашната држава.

Користејќи ја токму таа одредба, нашето Собрание на 25 јануари 1991 година ја донесе Декларацијата за сувереност на Република Македонија, отцепувајќи се од дотогашната федерација.

Брашнаров беше навистина сведок, но како и многумина други учесници на АСНОМ стана и жртва на илинденските идеали во новата држава. Ченто сакајќи одлуките на АСНОМ да станат нова македонска реалност, заврши во затвор една цела деценија. Цел еден период го избришаа неговото име и неговите заслуги од учебниците, од книгите, од историјата. Забранија дури и името да му се спомнува.

Почитувани,

На овој свечен ден сакам да ве информирам дека како Претседател на Република Македонија донесов одлука. Одлука со која постхумно го одликував Методија Андонов – Ченто со највисокиот Орден на Република Македонија за исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена самостојна, суверена и демократска држава, како македонски деец, борец, државник и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.

Со овој чин, најпосле, јавно му го оддадовме заслуженото признание за неговото дело. Овој голем син на Македонија целиот свој живот го посвети на  борбата за правата на македонскиот народ, со кој заедно се бореше и страдаше, и како таков беше прогонуван и затворан.

Ченто беше искрен патриот и чесен човек избран да го предводи народот во мугрите на слободна и независна Македонија.

Поклонувајќи се пред неговото големо дело, ние денес му оддаваме почит. Верувам дека нашата благодарност можеме најдобро да ја искажеме ако го негуваме аманетот кој ни го остави Ченто – заедно, сложно да ја чуваме Македонија, за да им ја предадеме на нашите потомци.

Почитувани,

Ниту еден државен празник не е празник само на една политичка партија, ниту само на една вера или етникум. 8-ми септември 1991-та, денот на независноста на Република Македонија е нераздвоен од 2 август 1944та, АСНОМ не ќе беше можен без 11 октомври 1941-та. Денот на востанието на Македонија е нераздвоен од Илинден 1903-та. Илинден 1903та не ќе беше можен ако не беше 23 октомври 1893-та година, ден кој го славиме како празник на македонската револуционерна борба.

Сите овие празници го симболизираат континуитетот на македонскиот стремеж кон слободата. Секој од овие празници е посветен на едно од скалилата по кои нашите предци се искачуваа за да го достигнат вековниот идеал. Идеал кој Јане Сандански го сублимира порачувајќи: “...да живееш значи да се бориш – поробениот за слобода, а слободниот за совршенство.“ Денес, ние и нашите деца ја живееме таа слобода.

Затоа, сакам да подвлечам дека тој што ги дели празниците на наши и ваши, го дели и народот на наш и ваш. Тие не и мислат добро на Македонија. Сите ние сме наши. Овој народ е еден и единствен, народ кој го сочинуваат сите граѓани на Република Македонија без разлика на вера, етничка или политичка припадност. Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци. Христијани, муслимани, евреи, атеисти. И како што народот е еден и единствен, така и слободата е една, заедничка и неделива за сите нас. Ако слободата е единствена, зарем може нејзиното славење да биде поделено, партизирано?

Затоа, не треба да се затемнува овој светол празник кој ги обединува генерациите кои се бореа и изборија за нашата слобода и слободата на нашите деца. Затоа, празниците не треба да се делат на наши и ваши, бидејќи тоа е спротивно на идејата поради која денес ги одбележуваме. Празниците обединуваат бидејќи се заеднички, и ни припаѓаат на сите нас. Празници кои нè потсетуваат на заветите на нашите борци за слободна, независна, суверена, демократска и европска Македонија.

Почитувани,

Ние го исполнуваме заветот. Република Македонија од 1991 година достојно ги продолжува идеалите на следбениците на македонската револуционерна борба. Од славната Крушевска Република, од државотворниот АСНОМ. Република Македонија е демократска и правна држава која се темели врз почитувањето на човековите права и слободи. Држава чија големина лежи и во нејзината отвореност. Отвореност кон сите кои живеат во неа, но и кон соседите во регионот.

Таа наша македонска отвореност, како што сум кажал многупати, природно се надоврзува на благородната идеја на Европската унија, идејата за Обединета Европа. Таа наша отвореност е дел од визијата за европски мир, кој ја подразбира Европа како обединет и отворен простор, простор во кој има толеранција и славење на различностите. Каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Простор во кој односите меѓу државите се темелат врз соработка, отвореност, демократија и почитување на човековите права, но и почитување на човековото достоинство.

Македонија и Балканот денес живеат со таа идеја за обединета Европа. Европа кон која природно припаѓаме. Затоа, Македонија и Балканот искрено се посветени на напорите за надминување, помирување и интегрирање. 
 
Почитувани,

Повторно и повторно, апелирам да се престане со дневно-политичките поделби! Само единствени и обединети околу стратешките цели ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува  граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Просперитетна, посреќна, побогата и посплотена европска Македонија.

Потомци и следбеници на шестмината херои, на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, на сите знајни и незнајни херои,

Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба!

Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад