|
Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод постхумното одликување на Методија Андонов Ченто со ,,Орден на Република Македонија’’ за исклучителен придонес во остварувањето на вековниот стремеж на македонскиот народ за слобода и зачувување на својот идентитет и создавање на сопствена, самостојна, суверена и демократска држава, како македонски деец, борец, државник и прв претседател на Президиумот на АСНОМ.
Почитувани членови на семејството Ченто, Почитувани присутни, Дами и господа,
Во пресрет на денот на македонската борба, денес исправаме една голема историска неправда. Денес постхумно го доделуваме нашето највисоко државно признание - Орденот на Република Македонија, на Методија Андонов – Ченто. Големиот борец за Македонија, кој на првото заседание на АСНОМ беше избран за претседател на Президиумот, врховното законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија. Функција на која бил избран и на второто заседание на АСНОМ. А на третото заседание на АСНОМ избран за претседател на Народното собрание на Демократска Федеративна Македонија, односно Народна Република Македонија. Или меѓу народот познат како првиот претседател на Македонија.
Почитувани,
Роден во предвечерието на славното Илинденско востание, во 1902 година во Прилеп, Методија Андонов – Ченто израсна со слободарскиот дух од тоа време. Дух кој го осветлуваше неговиот пат во борбата за националните права на македонскиот народ. Правото на идентитет и самоопределување. За таа негова борба бил апсен и осудуван неколку пати од сите власти што биле на просторот на денешна Република Македонија. Политички и стопански е активен во кралството Југославија бранејќи ја македонската национална кауза и залагајќи се за поголема слобода на Македонците и отварање на училишта на македонски јазик. Ченто е еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп во 1940 година. За таа негова активност е затворен во затворот во Ада Циганлија и Велика Кикинда. По излегувањето од затвор се залага за воведување на мајчин македонски јазик во наставата во училиштата и повторно е уапсен како македонски националист и сепаратист, затворен и интерниран во Баина Башта при што е осуден на смрт. Одведен е дури на стрелање но во последен момент, поради новите околности што ја зафаќаат тогашна Југославија, на 15 април 1941 година е ослободен. Од тоа време останале во сеќавање неговите зборови: “Не можете ниту Вие, ниту кој било друг да ни забрани нам и на нашите деца, дома и овде на часовите да зборуваме на својот мајчин македонски јазик, затоа што ние сме Македонци, а нашите деца се македонски деца. Ние Македонците имаме свој јазик и нашите деца имаат право да зборуваат насекаде на својот мајчин јазик.“ Од 1935 до 1940 година е претставник на прилепските трговци во Индустриско-трговската комора во Скопје, каде отворено се спротивставува на тогашната власт. За неговите изјави биле информирани редовно властите во Белград со оценка дека се сепаратистички и автономистички.
Во 1941 и 1942 година, неколку пати е апсен и задржуван во затворите во Прилеп и Битола, од страна на бугарската влст, затоа што повикува на борба против фашизмот . Тогаш јавно изјавува: “за да се спечали слободата има само еден пат: борба!“ која “може да има само една форма: општо оружано народно востание!“ Во 1943 година е интерниран, близу бугарско-турската граница, а подоцна во логорот Чучулигово во близината на Петрич. По ослободувањето од интернација. Ченто се среќава со Кузман Јосифовски – Питу, неговиот сограѓанин, кој е главната движечка сила за ослободувањето на Македонија. Питу многу добро ја знае улогата и дејноста на Ченто и му укажува зошто е потребно да се приклучи кон НОБ. Ченто веќе во октомври 1943 е на слободните територии во Дебарца. Именуван е за член на Главниот штаб, а подоцна и за претседател на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Воден од принципите, кои, според него, “во основа не се разликуваа од принципите на Илинденското востание и Крушевската Република“ тој се бореше илинденските идеали да станат денес наша реалност. Жестоко се залагаше за нив при подготовките за свикувањето на АСНОМ. Тогаш, Ченто има напишано: “Најважниот акт со кој првото македонско Народно Собрание ќе излезе, пред нашиот народ, ќе биде историската прокламација на полната национална слобода на Македонија. Со други зборови, тоа ќе стане радосен весник на вековниот идеал за слобода.“ Во јуни 1944 година заедно со Мане Чучков и Кирил Петрушев одат како македонска делегација на Вис. Имаат средба со Тито и го убедуваат дека македонскиот народ има право да ги ужива сите права што им припаѓаат и на другите народи.
Почитувани,
Отварајќи го првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров, жив сведок на двата Илиндени ќе каже: “животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.”
Визијата на Ченто и на Брашнаров ја потврди и Манифестот на АСНОМ од 2 август 1944 година, во кој стои: Македонски народе, од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува...“
Верен на демократските републикански традиции, како вистински народен трибун, Методија Андонов – Ченто ни го остави својот завет: “Се исполни вековната желба на македонскиот народ. Таа слобода и рамноправност ние ќе ја пазиме како зеница во окото...“
Ченто како избран пратеник во Собранието на НРМ и пратеник во Собранието на Југославија поднесува амандман на Нацрт Уставот на ФНРЈ и токму негова заслуга е внесувањето на одредбата за правото на народите на самоопределување, вклучувајќи го правото за отцепување. Користејќи ја токму таа одредба, нашето Собрание на 25 јануари 1991 година ја донесе Декларацијата за сувереност на Република Македонија, отцепувајќи се од дотогашната федерација. Токму ова неговата искрена заложба за независна и демократска држава, го доведе во судир со оние кои имаа поинакви планови за Македонија. Комунистичкото раководство ќе ги употреби сите можни средства против Ченто. Обвинуван е дека е против социјалистичка Југославија, дека е македонски националист и сепаратист, реакционер, застапник на буржоаска демократија. Целта била јасна: негова целосна елиминација пред престојната Мировна конференција во Париз. Ченто имал желба да оди на Мировната конференција и да го постави барањето за правото на македонскиот народ на самоопределување. Жестокиот притисок на тогашната власт е причина да се повлече од сите функции. Се вратил во Прилеп и се подготвувал да емигрира во САД. Набргу е уапсен и обвинет дека дејствува против Југославија, за обединување на Македонија под протекторат на САД.
Осудуван од Србите, затворан од Бугарите, сепак, најдолго се задржа и го изгуби своето здравје осуден од своите соборци во македонските затвори. Цел еден период неговото име и неговите заслуги беа избришани од учебниците, од книгите, од историјата. Забранија дури и името да му се спомнува. Токму затоа, Ченто е симбол на сите жртви од комунистичкиот режим чиј единствен грев беше што се залагаа за независна, демократска и просперитетна македонска држава.
Токму затоа, со денешниот чин сакаме да пратиме една јасна порака: Македонија никогаш нема да дозволи монтирани судски процеси, едноумие и тоталитаризам. Никогаш нема да дозволи нејзините синови да бидат заборавени. Никогаш нема да дозволи други да одлучуваат за нејзината судбина.
Почитувани,
Она за што Ченто мечтаеше, независна демократска македонска држава, конечно е остварено. Остварено е и духовното обединување на Македонците како дел од една слободна Европа и слободен свет.
Но, нашата задача не е завршена. Заветот кој Ченто ни го остави не смееме да го заборавиме, особено сега кога Македонија е исправена пред историски предизвици. Кога сите ние треба да застанеме под знамето на независна Македонија. Само сплотени, можеме да ја вардиме слободата, независноста и демократскиот поредок. Само сплотени можеме да ја чуваме Македонија, и не треба да има сомнеж дека тоа и ќе го направиме. На тоа не обврзува Ченто. Не обврзуваат нашите славни претци. На тоа не обврзуваат и генерациите кои следат.
Ви благодарам.
|