60-годишнина од донесувањето на Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа
Вторник, 19 Октомври 2010   

Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на 60-годишнината од донесувањето на Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа

Почитуван генерален секретар на Советот на Европа г-дин Јагланд,
Почитуван генерален секретар на ООН г-дин Бан Ки Мун,
Почитуван претставници на земјите членки на Советот на Европа,
Дами и господа,
 
Со посебна чест се обраќам денес, по извонредно значаен повод за граѓаните на Европа. Задоволството за мене е уште поголемо што се обраќам во време кога мојата земја, Република Македонија претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа, токму кога се прославува ваков значаен јубилеј.
Пред шеесет години, кога со прифаќањето на Европската конвенција за заштита на човековите права  европските држави се откажаа од дел од својата неприкосновена сувереност, оваа значајна, но и чувствителна област – човековите слободи и права доби афирмација преку повисока инстанца на заштита.

Почитувани,
 
Неспорно тогаш поставениот систем ја оправда својата основна функција - да понуди гаранции за заштита на основните човекови права во европските држави, но и да биде главна алатка во рацете на европските граѓани во ситуациите кога нивните загарантирани индивидуални права се загрозени или повредени, овозможувајќи за првпат во историјата индивидуална акција на граѓанинот и можност за негово директно обраќање пред еден меѓународен судски орган -Европскиот суд за човекови права. Но, и повеке од ова, контролниот механизам на Конвенцијата овозможи коректив и на „демократските недостатоци“ на националните правни системи. Пресудите на Европскиот суд за човекови права влијаеа врз отстранување на правните дефекти и усвојувањето и примената на домашен план на правни стандарди и принципи за заштита на човековите права кои се компатибилни со Конвенцијата.

Заштитата на човековите права, демократијата и владеењето на правото - основните вредности што ги промовира Советот на Европа, се област која што постојано се менува, надградува и прилагодува. Четиринаесетте усвоени Протоколи кон Конвенцијата се релевантен показател на ваквиот развој. Но, на овој значаен јубилеј не треба да зборуваме само за минатото и да го славиме постигнатиот успех. Свесни дека ништо, па ни овој систем не е совршено  треба да зборуваме и за иднината и за актуелниот предизвик поврзан со обезбедувањето на  ефикасност на контролниот механизам на Европската конвенција за човекови права.

Почитувани,

Сите ние сме горди што Конвенцијата одамна ги надмина границите на европскиот континент и служи како позитивен пример од кој црпат инспирација голем број на механизми за заштита на човековите права низ светот. Во овој контекст, сакам да посочам дека ме радува фактот што овој јубилеј го прославуваме заедно со Генералниот секретар на Обединетите нации. Потребата од наша континуирана соработка е разбирлива.

Дами и Господа,

За прв пат, од нашето зачленување во Советот на Европа,  како држава имаме чест да претседаваме со најстарата пан-европска организација која ја претставува „европската правна совест и свест“ и ги обединува заложбите на 47-те земји членки во нивните напори за делење на заедничките вредности.
Реформата на системот за заштита на човековите права, воспоставен со Конвенцијата е еден од главните приоритети и предизвици на Советот на Европа денес. Тоа е еден од приоритетите и на Македонското претседателство.
За Европскиот суд за човекови права да функционира за исполнување на својата цел неопходно е неговите одлуки да бидат во целост почитувани и спроведувани од страна на сите земји-членки.
Мора да се зајакне улогата на Судот и на Комитетот на министри, за да се стави крај на непочитувањето на Европската конвенција за човекови права од оредени земји членки. Македонското претседавање се надоврза на активностите од Интерлакен-процесот и организираше Конференција посветена на принципот на супсидијарност, за интегрирање на правните случаи на Судот во националното законодавство и практика. Со тоа даваме наш придонес кон реформата на Европскиот суд за човекови права.
Би сакал да го споменам, како процес од извонредно значење, и пристапувањето на Европската унија кон Конвенцијата и да ја поздравам цврстата определба и започнатите активности за практична реализација на овој голем и сложен проект.

Дами и господа,

Денес ви се обраќам како Претседател на земјата претседавач на Комитетот на Министри на Советот на Европа, но истовремено и избран претставник на граѓаните на Република Македонија. Денес, кога ги славиме бројните и неоспорни придобивки од Конвенцијата, ние во Македонија преку Охридскиот Рамковен Договор не само што ги почитуваме туку и ги надградуваме воспоставените стандарди на Конвенцијата. Сепак, морам да нагласам дека дел од овие принципи во некои Европски институции не се применуваат кон нас, кон граѓаните на Република Македонија, пред се поради политички притисок од една земја членка. Ваквиот меч со две острици повеќе боли кога удира во најсветлата придобивка од демократијата – човековите слободи и права, но особено човековото достоинство.
Денес сме собрани тука, на местото каде основните човекови права и слободи се афирмираат, се почитуваат, се промовираат и се заштитуваат. Тука, каде што се слават различностите, каде се вреднуваат и повеќе бројните и помалку бројните и најмалите. Тука, каде што се поздравува индивидуалноста, исто како и колективноста.
Се сеќавам на некои дебати пред 15 години во овој дом на човековите права, кога одредени политичари на земји членки се обидуваа да го оспорат правото на македонскиот народ и на македонецот како дел од европскиот етно-културен мозаик, да се само-идентификува онака како што се чувствува.
Но, денес сум горд и како Претседател на Република Македонија, но и како македонец, што во името на сите држави членки на Советот на Европа, можам да ги испратам благородните пораки за промоција на човековите права во Европа, токму на мојот мајчин македонски јазик.

Од тука, од оваа куќа би сакал да укажам голема благодарност на пратениците на Парламентарната асамблеја на Советот на Европа, зашто вие бевте најголемите поддржувачи на членството на нашата земја и на правото на македонците да бидат македонци. Денес, нема ниту една држава, ниту една влада и ниту една сила која може да му го оспори правото на македонците да бидат македонци, бидејќи човековите права се и посилни и потрајни од минливоста на одредени влади или одредени политичари.
Почитувани, дозволете ми да бидам краток и јасен во однос на почитувањето на Конвенцијата. Најголемиот проблем е што премногу зборуваме, а премалку реализираме. Ние, како генерација, мораме одново и одново да ја препрочитуваме Конвенцијата која е фундамент на она што треба да го развиваме, таа е темелот на Европскиот дом.

Дами и господа,

Ќе завршам. Горд сум што денес, овде, со вас присутните, и со сите граѓани на Европа го славам овој многу значаен јубилеј на кој го величаме овој голем успех на човештвото.  Овој систем воспоставен со Европската конвенција за заштита на човековите права што влијаеше врз демократскиот развој на Европа мораме да го сочуваме, унапредуваме и усовршуваме.

Ви благодарам.

  Back<<Назад