Oтворање на 31-от Филмски фестивал “Браќа Манаки“
Сабота, 16 Октомври 2010   

Oбраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на отворањето на 31-от Филмски фестивал “Браќа Манаки“

Почитувани,

Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам како покровител на фестивалот посветен на седмата, обединувачка уметност. Филмот ги поврзува народите и културите исто онолку успешно колку што во себе ги сплотува речиси сите други уметности.

Веќе три децении меѓународниот Филмски фестивал “Браќа Манаки“ е мост на културата кој најнепосредно ја поврзува македонската публика со извонредно значајните македонски, европски и светски филмски остварувања. Промовирајќи ги различните филмски естетики и значењето на филмската фотографија тој е своевидна промоција на Македонија во светот, на нашата кинематографија и пошироко на нашата култура.

Почитувани,

Оваа година, повторно, празникот на филмот го славиме на вистинското место, во Битола.

Денес сме тука благодарение на граѓаните на Битола. Благодарение на нивната посветеност, максималната поддршка и љубов кон фестивалот. Впрочем, за тоа најдобро зборуваат и корените на манифестацијата.

Овој фестивал изникна од семето кое го посеаја првите македонски и балкански сниматели, браќата Јанаќи и Милтон Манаки. Со своето визионерство пред повеќе од еден век браќата Манаки ја внесоа Битола и Македонија на светската филмска мапа. Низ објективот на познатата “Камера 300“ тие ја промовираа и афирмираа нашата историја, култура, секојдневие. Велат, една слика вреди колку илјада зборови. Тогаш, можеме да претпоставиме колкава е културно - историската вредност на илјадниците метри филмски ленти кои славните браќа ни ги оставија во наследство. Затоа, горди сме на нив, како што сме горди на овој значаен фестивал.

Почитувани,

Со верба дека очекувањата на публиката за високо квалитетен репертоар ќе бидат исполнувани и во годините и децениите кои претстојат, го прогласувам 31-от Филмски фестивал “Браќа Манаки“ за отворен.

Ви благодарам.

  Back<<Назад