|
 Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на состанокот на шефови на држави или влади на Самитот на НАТО во Лисабон.
Ценети екселенции, Генерален секретар, Дами и господа,
Дозволете ми да се приклучам кон сите соговорници кои го искажаа своето сочувство за војниците на ИСАФ кои ги дадоа своите животи за безбедноста, мирот и стабилноста на Авганистан. Тие направија непроценлива жртва за идните генерации да живеат во свет ослободен од терористички закани.
Пред само неколку дена се вратив од Кабул, каде ги посетив македонските мировници и се сретнав со Командантот на ИСАФ. Горд сум на нивиот ангажман за кој пофалби пристигнуваат од сите релевантни фактори. Горд сум што истите се одлично прифатени и од локалното население. Република Македонија, посветено се вклучи во мисијата ИСАФ во Авганистан. Од август 2002 година до денес, нашиот придонес е: 17 ротации низ кои минаа 1513 македонски мировници. Придонес, кој денес е еден од најголемите по глава на жител,. Горди сме што нашиот придонес по глава на жител е веднаш рамо до рамо со придонесот на дел од најголемите земји членки.
Почитувани,
Македонскиот придонес не е само нумеричка, туку и реална вредност. Во одбраната на слободата, нашите мировници се распоредени на дел од најодговорните позиции и редовно се вклучени во некои од најсложените акции.
Сакам јасно да кажам дека остануваме присутни во Авганистан се додека е тоа неопходно, се до исполнувањето на поставената цел - да му помогнеме на народот во Авганистан да изгради демократско општество втемелено врз почитување на човековите права и владеење на правото. Тоа го правиме бидејќи веруваме во партнерството на НАТО со авганистанската влада за изградба на просперитетна земја, ослободена од тероризам. За тоа зборуваат резултатите на воено - цивилната соработка. Затоа, даваме целосна поддршка на воената стратегија за справување со вооружените групи и примената на сеопфатниот пристап на ИСАФ. Целосно ја почитуваме заложбата на авганистанската влада за преземање на одговорноста за својата безбедност до 2014 година. Токму затоа, македонските напори се повеќе се фокусираат кон подобрување на националните капацитети на авганистанските безбедносни сили.
Почитувани,
Веруваме дека новиот стратешки концепт ќе ја зајакне Алијансата и ќе ја подготви за предизвиците од 21-от век.
Ние во Република Македонија со НАТО ги споделуваме истите вредности, интереси и приоритети. Со НАТО ги споделуваме обврските, задачите и одговорностите. Во Алијансата ја гледаме нашата иднина.

Но, нешто и недостасува на оваа слика и на ова партнерство.
Токму поради ирационалниот билатерален спор, Република Македонија се уште чека пред вратите на Алијансата, и покрај признаената подготвеност за членство и значајниот придонес во мисиите на Алијансата.
Ние, многупати досега покажавме волја да го решиме овој билатерален спор. Јас верувам дека можеме да дојдеме до решение. Можам да ви потврдам дека, за разлика од порано, сега постои позитивна клима во однос на ова прашање. Силно веруваме дека низ дијалог, со зајакната доверба и со подобро разбирање, ќе дојдеме до заемно прифатливо решение. Ние сме подготвени.
Верувам дека не е далеку денот кога ќе биде отстранета оваа единствена пречка за моите сограѓани да можат да уживаат во благодетите од членството во ова семејство, како што веќе ги споделуваме обврските.
|