|
Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го одликуваше Џон Битов со Орден ‘’8 Септември’’, за исклучителната посветеност и ангажираност во поддршката на напредокот на Република Македонија и нејзина афирмација во светот како независна и демократска држава, како и за придонесот во развојот и унапредувањето на односите и соработката со пријателска Канада.
Обраќање на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов
Почитуван господине Битов,
Ценети присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Ова се денови кога го прославуваме 20-годишниот јубилеј од независноста на нашата татковина, денови кога му благодариме на Бога, на нашите пожртвувани родољуби, но и на генерациите посветени сонародници од сите делови на светот.
Во изминатите 20 години, македонското искуство покажа дека, независно од тоа колку една земја е територијално мала, таа е онолку силна колку што е силен стремежот кон заедничката иднина на сите нејзини чеда, како во земјата така и надвор од неа. Без разлика дали живеат во татковината или се дел од дијаспората, македонските родољуби секогаш се бореле и се залагале за слободата на оваа земја, исто како што денес со нескриен ентузијазам ја промовираат вистината за Македонија, за Македонците и за македонското. Затоа сметам дека успехот на Република Македонија, во голема мера, се должи и на посветеноста на успешните Македонци ширум светот.
Независноста на Република Македонија не беше само израз на волјата на нејзините граѓани, туку и остварување на копнежот на Македонците од целиот свет, кои со децении беа афирматори и амбасадори на стремежот за македонската самобитност во земјите во кои живееја. На 8 Септември 1991 година, независна Македонија конечно создаде услови за духовно ослободување и за обединување на Македонците од сите меридијани.
Дами и господа,
Денес со нас е господинот Џон Битов, човекот кој иако далеку од родното огниште, Македонија секогаш ја носи во своето срце и во своите мисли.
Убеден дека никој не може да ни го одземе „она со што најмногу се гордееме – нашата сопствена независна земја со слободите кои се заработени и името кое е избрано од страна на Македонците“, Вие, господине Битов, две децении упорно работевте за поддршка на развојот и за напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и за нејзина меѓународна афирмација, особено во односите со пријателска Канада.
Со Вашата искрена поддршка за Македонија, со негување на македонското име и идентитет, на нашите традиции и обичаи, на нашата култура, Вие давате пример кој треба да го следи оваа и наредните генерации Македонци од дијаспората.
Покажавте колку е важно Македонците активно да учествуваат во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во земјите каде што живеат за да го зголемат влијанието на македонската дијаспора, промовирајќи ги македонските вредности. Вашите ангажмани зборуваат колку е важно да се шири кругот на македонски пријатели и да се создаваат лоби-групи кои ќе ја афирмираат вистината за нашата земја и кои ќе помогнат во остварувањето на визијата за европска и евроатлантска Македонија.
Но, во оваа свечена прилика сакам да истакнам дека Вашиот придонес не се сведува само на полето на промовирањето на вистината за Македонија, заложбите за одбрана на човековите, на индивидуалните права на Македонците за зачувување на своето име, идентитет, јазик и култура. Напротив. Како успешен канадско-македонски бизнисмен, Вие континуирано го охрабрувате почитувањето на законите на пазарната економија, владеењето на правото и личната одговорност, но и борбата против корупцијата и развивањето на менаџерскиот и претприемачкиот дух во македонското стопанство. А како филантроп го развивате чувството за општествена одговорност.
Почитувани,
Мојата визија за Македонија е земја на трудољубиви, амбициозни и успешни луѓе, земја отворена за странски инвестиции, земја на напредни технологии, претприемништво и иновации. Земја во која економскиот развој и успехот се темелат врз лична одговорност, професионалност и посветеност во работата.
Господине Битов, сакам да знаете дека на тој наш пат, Вие, Вашето семејство, како и сите успешни и посветени иселеници низ целиот свет, за нас претставувате извор на непресушна инспирација.
За сета Ваша помош, поддршка и неуморен ангажман, Вие заслужено се најдовте на листата за докажани и заслужни синови на Македонија. Затоа, во знак на нашата длабока почит и благодарност кон Вас лично и кон Вашето семејство, имам особена чест и задоволство да Ви го доделам Орденот „8 Септември“.
Ви благодарам.
|