Обраќање на Претседателот Иванов на првиот академски час на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип
Четврток, 15 Септември 2011   

alt

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес, по повод започнувањето на новата академска година го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, каде што присуствуваше на првиот академски час и имаше поздравно обраќање пред студентите:

Почитувани студенти,
Почитувани професори
Драги пријатели,

Ми претставува особенo задоволство да ве поздравам на почетокот на академската 2011/2012 година, во Штип на универзитетот кој го носи името на големиот македонски револуционер и национален деец, но и просветен работник, Гоце Делчев. Мило ми е што гледам толку многу млади лица и што имав можност да го почувствувам ентузијазмот и енергијата во оваа институција.

Штипскиот е еден од најмладите универзитети во Република Македонија, кој интензивно се развива не заостанувајќи зад другите постари  македонски универзитети. Со оглед дека и самиот доаѓам од академската заедница, секое дружење со студентите, професорите, останатите вработени е искуство кое ме потсетува на моите професорски денови и несомнено извонредна можност да се види на лице-место напредокот на високото образование во Република Македонија. А овој напредок е навистина исклучителен и е една важна, успешна приказна за Македонија која јас, како претседател на државата, со задоволство ја претставувам во моите меѓународни контакти.

Образованието на македонски јазик е реалност повеќе од шест децении. Во самостојна и суверена Македонија, за период од дваесет години, се пристапи кон развој на образованието вклучително и на високото. Тоа значеше и плурализација на образованието, отворање  приватни универзитети, отворање нови државни универзитети, спроведување реформи во склад со болоњските принципи. Меѓу другите, основна цел беше квалитетното образование да биде достапно за сите. Секој да има поголеми можности да биде дел од високото образование. Можеме да бидеме задоволни што конечно, оваа идеја, за високо образование достапно за сите, станува реалност.

Не толку одамна голем број наши сограѓани, не можејќи да најдат место на македонските факултети, заминуваа на студии надвор од Република Македонија најчесто во соседните земји. Тоа беше принуден избор поради ограничениот број места за нови студенти на тогаш постојните универзитети. Сега патувањето надвор е додадена вредност, избор за дополнително усовршување и собирање нови искуства, но не е и нужност.

Почитувани,

Минатата седмица со особена гордост ја прославивме 20- годишнината од нашата независност и имавме можност да им оддадеме почит на сите генерации Македонци кои се стремеа за слободна и независна држава.

Често, кога зборувам пред студентите истакнувам дека вие сте генерациите кои имаат можност да се дел од еден поширок образовен контекст, дел од европскиот отворен образовен простор. Студентите од претходните генерации веќе ги користат придобивките на воспоставените европски стандарди на високото образование кај нас. Нашите студенти може да ги сретнеме на универзитетите низ Европа каде го продолжуваат и усовршуваат своето високо образование. 

Почитувани студенти,alt

На првиот ден од новата академска година би сакал да ви потврдам дека и јас како претседател, во рамките на своите можности, ќе продолжам со поддршката на најуспешните македонски студенти. Пред сè, тука е проектот за избор на најмлад научник. И годинава, во соработка со Министерството за образование и Владата на Република Македонија, се прават напори за доделување  стипендии за најдобрите студенти запишани на основните, постдипломските и бизнис-мастер студиите. Овој заеднички напор ја одразува нашата верба во вас, во вашата способност и во вашата иднина. Како претседател, ја покренав и Школата за млади лидери, која им овозможува дополнително искуство на квалитетни млади луѓе со врвни професори од земјата и од светот.

Почитувани студенти,

Целта на овие иницијативи, законски измени и реформи е да се создадат услови за вас, образовен систем посветен на студентите. Доколку бидете истрајни во вашите напори, доколку се надградувате академски и професионално, доколку се однесувате одговорно, тогаш, верувајте, вашата иднина и иднината на Македонија ќе биде обезбедена. Ако вие сте успешни, тогаш и Македонија ќе биде успешна.

Сакам да знаете дека патот што води до индивидуалниот и колективниот успех не е нити краток нити, пак, лесен. Деновиве сме сведоци на успесите на македонските кошаркарски херои, чија посветеност кон целта и чувството за одговорност кон себе и кон тимот, ги прави рамноправни со сите кошаркарски велесили. Сведоци сме дека водечки светски индустриски гиганти работат во Македонија, привлечени меѓу другото и од квалитетните и едуцирани работници кои можат да се најдат тука. Сите овие успеси навистина ја кренаа самодовербата кај нас. Сепак, самодовербата без знаење не вреди многу.

Затоа, денес, кога почнува крупен чекор во вашиот живот, почнувате една инвестиција во вашето образование. Присуството во академските клупи е повеќе од здобивање на вештини и знаење. Тоа е процес на интензивна општествена социјализација и стекнување нови пријателства и искуства. Вклученоста во високообразовните институции ви ги отвора вратите кон знаењето и кон информациите, вратите кон светот и дефинитивно ги менува вашите животи. 

Вам и на сите студенти, на сите универзитети во Република Македонија ви посакувам здравје, среќа и успешно завршување на академскиот потфат. Бидете трудољубиви, посветени, отворени, чесни и искрени. Многу успех во академските клупи и, воопшто, во животот.

Ви благодарам.
 

  Back<<Назад