|

Почитувани присутни,
Дами и господа,
Драги пријатели,
Во годината кога го славиме 20-годишниот јубилеј од слободна, независна и самостојна Република Македонија, прославуваме уште еден многу значаен јубилеј – 150 години од издавањето на Зборникот на народни песни на струшките браќа Димитар и Константин Миладинови.
Верувам дека овие два настана ги поврзуваат идејата и стремежот на македонскиот народ за слобода. На 8 септември 1991 година, ја достигнавме политичката слобода за која копнееја илинденците и борците од периодот на НОБ и АСНОМ. Но нивната мечта за слободна Македонија, своите корени ги има во македонската преродба која доведе до духовно ослободување на македонскиот народ.
Дами и господа,
Хегел покажа дека историјата на светот е напредување на свеста за слободата. За да биде политичка, слободата прво треба да биде духовна, да се извојува на ниво на свест, преку волја и желба за слобода. Самиот Гоце Делчев во една прилика рекол дека: „Ропството Македонецот ќе го прекине тогаш кога тој ќе прекине да биде роб во душата“.
Во времето на Миладиновци, средината на 19 век, Македонија се наоѓаше под двојно ропство – политичкото османлиско и духовното фанариотско ропство, а македонскиот народ беше подложен на асимилација и систематско погрчување. Македонската интелигенција беше најчесто школувана во високите грчки училишта и многу од подоцнежните македонисти, на почетокот, биле гркофили. Единствениот зрак светлина во тунелот беа народните училишта кои во црквите и манастирите ги отвораа монасите како Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ. Но, беше потребно јазикот од црквите и манастирите да се прошири и во световните училишта, а таму господареа фанариотите.
Затоа, вистински замав, преродбата ќе доживее токму со браќата Димитар и Константин, но и Наум, кои се бореа за духовно и културно ослободување од грчката културна и верска доминација.
Почитувани присутни,
Во јазикот се сите тајни на животот на една заедница, на еден народ. Тоа е духовно богатство и наследство во кое се заклучуваат отпечатени во гласовни знакови или зборови сите народни мисли, чувства и желби со коишто има живеено и живее еден народ и коишто се предаваат како нешто свето од едно поколение на друго. И токму тој македонски јазик беше фронтот на кој се биеше битката со фанариотите.
Самиот Димитар во една прилика вели: „Го укоруваат нашиот јазик и го наречуваат варварски, еден од најстарите и најбогатите јазици! Грците нè одречуваат. Но тоа е стара песна... Да се збогатиме со мисли и со идеи на нашиот јазик, потоа да учиме и други јазици“.
Нивната преродбеничка Одисеја започна со средбата меѓу Димитар Миладинов и познатиот руски славист Виктор Иванович Григорович во Охрид. На 8 мај 1845 година, Виктор Григорович го посетил Охрид и присуствувал на часот каде предавал Димитар Миладинов, кој лекцијата на учениците, откако им ја предал на грчки јазик, им ја превел и на мајчин - македонски јазик. Тоа оставило силен впечаток кај Григорович кој го охрабрил во напорите и повлијаел на Димитар да започне да собира народни песни и други умотворби.
Дами и господа,

Народното творештво кое трпеливо го собираа струшките браќа е показател за степенот на културниот развој на народот и огледало на неговиот живот. Миладиновци знаеја дека народот во песните ги изразува своите чувства, во нив го велича животот и дамнешните подвизи, во нив наоѓа душевна храна и спокојство. Тие добро сфатија дека народот е вечен и голем пејач и дека неговите песни, ако не се запишат, можат да паднат во заборав засекогаш.
Самиот Константин Миладинов во предговорот кон Зборникот напоменува дека „богатството на песните е неисцрпно... Препишувајќи толку песни, човек ќе помисли дека ќе го исцрпи сето богатство, но, кога поминува во друго маало, таму наоѓа многу други песни, како нов извор“.
Токму затоа, издавањето на Зборникот во 1861 година во Ѓаково, со помошта на хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, може да се спореди со своеврсна духовна декларација на независноста на македонскиот народ од туѓото духовно и културно влијание.
Отпечатениот Зборник ја запечати нивната судбина. Во таа нивна борба тие си создадоа моќен непријател. Наклеветени од грчкото свештенство кај турските власти, дека биле руски и српски шпиони, тие беа затворени. На разделба, на своите соборци, ученици и наследници, Димитар Миладинов им рекол: „Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го пожнеете неговиот плод“.
Драги пријатели,
Пред осум дена, на денот на независноста, положувајќи ја Декларацијата на независноста на Република Македонија во Музејот на македонската борба реков дека: „Никогаш во историјата не се случило назадна политика да опстои... Оној кој негира нечиј идентитет не може да го победи оној кој го чува и промовира своето и го споделува со другите“.
Токму тоа го направија Миладиновци – собирајќи ги народните песни и објавувајќи ги во Зборникот, тие го зачуваа и засекогаш го промовираа своето, и го споделија со другите.
Нивната смрт ги разбуди од сонот и ги мобилизираше учениците и следбениците. Така, Григор Прличев дознавајќи за нивната судбина во својата Автобиографија ќе напише: „Останав како статуа недвижен и безодветен, но моето срце го колнеше грчкото духовенство... Си ги прибрав работиве... и тргнав со цврсто решение да гинам или да одмаздам за Миладиновци“.
Нивните животи згаснаа во цариградските затвори, но од семето кое го посеаја никнаа македонските преродбеници како Партенија Зографски, првиот македонски учебникар, Кузман Шапкарев, автор на осум учебници напишани на македонско наречје и наменети за македонските училишта. Од семето кое го посеаја никна и велешанецот Рајко Жинзифов, македонскиот преродбеник, публицист, писател и поет. А, пак, нивниот најголем следбеник во собирачката дејност стана прилепчанецот Марко Цепенков, кој Зборникот на Миладиновци во својот дом го чуваше како второ евангелие.
Дами и господа,
Само пет децении по објавувањето на Зборникот, Крсте Петков Мисирков напиша: „Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик зашто тој е наш, исто така, како што е наша татковината“.
Затоа, на овој свечен ден, можам да заклучам дека нивното дело живее и денес, бидејќи Миладиновци со семето кое го посеаја ги оцртаа границите на нашата духовна и културна татковина. Татковина во која денес ние живееме, за што сме им бескрајно благодарни.
Ви благодарам.
|