| Предавање: Свеченост на доделување почесен докторат на претседателот Иванов на романскиот универзитет „Димитрие Кантемир“ | |
|
|
Почитувани присутни,
Како професор секогаш на моите студенти им препорачував да бидат љубопитни, за да можат вистински да се бават со наука. Читајќи ја импресивната биографија на молдавскиот принц Димитрие Кантемир, чие име го носи овој престижен приватен универзитет, можам да заклучам дека овој голем ерудит и филозоф, историчар и географ, музиколог, полиглот и хуманист со енциклопедиски знаења, бил пред сè надарен со љубопитност. Почитувани, Познатиот поет Михаи Еминеску рече: „Ако сакаш да ја дознаеш иднината, врати се во минатото!“ Но, пред да го направиме тоа, сакам на кратко да позборувам за сегашноста, за тоа што денес Букурешт значи за Македонија и за Македонците. Верувам дека многумина од вас знаат дека, за жал, мнозинството македонски граѓани кон самиот збор Букурешт имаат трауматични спомени. Букурешт, не по своја вина и не по вина на пријателскиот романски народ, два пати беше место каде големите сили ја кроеја судбината на Македонија, секојпат на нејзина штета. Втората балканска војна од 1913 година заврши со Букурешкиот договор, а ослободувањето на Македонија од османлиите беше вовед во ново ропство. Со Букурешкиот договор, Македонија и Македонците беа поделени меѓу Грција, Србија и Бугарија, а македонското име и македонскиот јазик беа оспорувани и потиснувани. Македонија, тоа балканско, но и европско јаболко на раздорот, беше трансформирана во cassus belli што влијаеше на определувањата и сојузништвата на балканските држави за време на Првата и Втората светска војна. 95 години подоцна, на Самитот на НАТО во Букурешт, повторно, Македонија беше оставена надвор од евроатлантското семејство на држави. Се случи некои стари членки да не и дозволат на младата Македонска држава да се самооствари. Затоа, не случајно и денес романската престолнина, не по своја вина, буди трауми кај македонските граѓани. Едноставно, за жал тука се случија настани кои го оневозможија стремежот најпрво за слободна, независна, а подоцна и за евроатлантска Македонија.
Дами и господа, Јас верувам дека негативните чувства не се оправдани бидејќи, иако, не сме непосредни соседи, постои блискост втемелена врз значајни врски. Најдлабоки и најзначајни се духовните и црковните врски меѓу двата народа. Тие датираат уште од времето на последниот римски и првиот византиски император Јустинијан, кој во 535 година ја формира архиепископијата „Јустинијана Прима“, под чија јурисдикција биле и византиските провинции Крајбрежна и Средоземна Дакија, Горна Мизија и дел од Панонија. Но, верувам дека македонско-романската духовна и црковна поврзаност најдобро ја отсликуваат личните истории. Една таква личност е свети Никодим од Тисмана. Роден во Прилеп во Македонија, од мајка Македонка, Никодим од Света Гора ги пренесе идеалите на монашкиот исихазам во романските земји. Монаштвото кое тој го втемели стана непресушен извор кој со векови продолжи да ја храни романската духовна култура. Но, неговото дело не е само духовно. Како неуморен градител Никодим ги изгради манастирите и монашките населби во Мехединц, Горж, Арџеш и Хунедора, додека живото предание му ги препишува и манастирите Тополница и Бистрица. Каде и да одел, градел духовни ученици, поставувал параклиси во камен и дрво, при кои оставал неколку ученици за да го продолжат животот на идниот манастир. Сепак, најзначаен е неговиот манастир Тисмана, срцето на Олтенија, од каде Никодим духовно ги раководел останатите манастири и скитови во романските земји. Овој голем теоретичар на верата, книжевник и висок црковен администратор бил воедно и активен политичар и голем дипломат „кој зборувал со цареви, способен да ги убеди во славата Божја“. Им бил советник на четири кнеза од династијата на Бесарабите: Владислав Влајку, Раду, Дан и Мирча Чел Батрн и тоа не само по прашања на верата туку и за државно-политички одлуки. Му бил учител на Мирча, а бил почитуван и од унгарскиот крал, подоцнежен цар на Светото Римско Царство, Сигизмунд. Непосредно комуницирајќи со нив, Никодим помагал да ги надминат разликите и во 1406 година токму во неговиот манастир Тисман, Мирча и Сигизмунд се договориле за заедничка борба против турските освојувања.
Носејќи го со себе знаењето од Света Гора, бил основоположник и на препишувачката дејност во романските земји, а во манастирот Тисмана ја основа надалеку познатата препишувачко–калиграфска школа. Најстарото препишано евангелие кое денес се наоѓа на романска територија е напишано од негова рака и датира од 1405 година. По Флорентинскиот собир од 1439 година, кога Цариградската патријаршија влезе во унија со Рим, романскиот православен народ одби да го следи Цариград и излезот го најде во Охридската архиепископија, која исто така остана надвор од унијата. На тој начин, Унгаро-влашката митрополија и Молдавската митрополија ја признаа јурисдикцијата на Охридската архиепископија, која била номинална, и не допирала во внатрешните работи на двете митрополии. Иако подоцна, во 16 век митрополиите во Влашко и во Молдавија повторно ја признаа власта на Цариград, сепак, остана сеќавањето на Охрид, како духовен центар кој помогнал да се одржи независноста на романската црква од Рим. По обновувањето на Охридската архиепископија во ликот на Македонската православна црква во 1967 година, се јави проблем околу признавањето на автокефалноста. Многу помесни православни цркви одбија да комуницираат со обновената македонска црква. Но, тоа не беше случај и со Романската православна црква, која не само што даде свето миро за потребите на македонските православни верници, туку продолжи со коректниот однос и комуникација. Верувам дека тоа е плод на духовното семе кое во Романија го посеа Никодим Македонецот. Ценети присутни, Врските меѓу нашите земји и народи не се само духовни, туку се и просветителски и слободарски. Големиот македонски револуционер Јане Сандански рекол: „Да живееш значи да се бориш - поробениот за слобода, а слободниот за совршенство. Ние треба да работиме за будење на националната свест“. Во времето кога Македонија беше политички и духовно поробена, романските земји беа простор на слободно творештво за македонските книжевници, просветители и печатари. Кон крајот на 16 век, во Романија пристигнал Јоан Кратовски, книжевник и просветител, кој препишувал и илуминирал евангелија. Во 17 век во времето на влашките кнезови Матеј Бесараб и Василие Лупу, Мелетије Македонецот отвори печатница во Кампулунг Мусчел, а со печатарство се занимавале монахот Нектарија од Битола и јеромонахот Стефан од Охрид. Романија беше местото каде доаѓаа бројни македонски преродбеници, како Ѓорѓија Пулески, лексикограф, историчар, автор на првата печатена македонска граматика и на еден од првите македонски речници, човек кој сиот свој живот активно се вклучуваше во ослободителните војни на македонскиот и на другите балкански народи. Тука твореше еден од зачетниците на просветителството во Македонија, Јордан Хаџи Константинов–Џинот, но и македонскиот преродбеник, писател и поет, Рајко Жинзифов, кој во Браила ја издаде својата поема „Крвава кошула“ на македонски јазик во 1870 година. Во манастирите на молдавските земји духовно се надградуваше и Партениј Зографски, еден од најзначајните македонски преродбеници и учебникари. Сепак, Романија беше простор не само на духовна и просветителска, туку и на национална и политичка преродба на македонскиот народ. Во време кога Македонија се наоѓаше под османлиски јарем, а македонската емиграција во Бугарија се соочуваше со силен притисок од бугарските власти, македонските преродбеници и активисти кои себе си се нарекуваа Лозари, токму во Романија го испечатија својот таен устав со промакедонски ставови. Едноставно, за Македонците, а и не само за нив, Романија отсекогаш била светилник на слободата, прибежиште од ропството и втор дом. Почитувани, Велат дека татковината е онаму каде што има слобода. Романските земји беа втора татковина не само за преродбениците и за востаниците, туку и за печалбарите, бидејќи отсекогаш Романија била простор надвор од ропство, простор за успех и напредок. Пред, а особено по независноста на Романија од 1877 година, многу ѕидари, сликари, разни занаетчии доаѓале тука на печалба. Впрочем, јас ова го знам од лично искуство. И мојот дедо Аврам беше печалбар во Романија, и токму во Букурешт, во близина на паркот „Чешмиѓу“ имал млечен ресторан, благодарение на кој го прехранувал семејството во Македонија. Некои печалбари доаѓале на сезонска работа, а други пак, засекогаш. Многумина од Македонците, преферирајќи ја слободата наместо ропството, останале да живеат во Романија, а основале и свои фамилии. Дами и господа, Поробените народи за слободата се борат и од слобода. Затоа, многу од поробените Македонци за слободата се борат од слободна Романија. Уште во 16 век, македонската чета предводена од македонскиот борец Баба Новак, се борела на страната на кнезот Михаи Витеазу во битките против османлиите. Во Влашко дејствувал и еден од најзначајните македонски борци, Петар Карпош. За време на австриската офанзива против Османлиското царство, Карпош од Влашко се враќа во Македонија за во 1689 година да го подигне Карпошовото востание за ослободување на Македонија од Турците. По задушувањето на неговото востание, голем број негови соборци пребегнале во романските земји. Но, и подоцна многу Македонци, меѓу кои и браќата Павле и Димитар од Битола, активно зедоа учество во големото народно востание од 1821 година на чело со Тудор Владимиреску. Задушувањето, пак, на Разловечкото и Кресненското – македонско востание од 1876 и 1878 година, принуди многу Македонци, бегајќи од зулумите да дојдат овде во Романија, а некои од нив, како ајдук Велку формирале и ајдучки чети. Романија беше простор на слободољубивите народи кои сакаат да ја постигнат слободата. И Македонците и Албанците, но и Грците. Сите знаеме за Рига Велестинлис, идеологот на грчката револуција, кој работеше како драгоман во Францускиот конзулат во Букурешт. Задоен со идеалите на Француската револуција, тој ги објави своите „Декларација за правата на човекот и т“ и „Новиот политички устав“, предлагајќи воспоставување на Балканска федерација со републиканско уредување во која би постоела и Македонија. Токму во Романија, во Букурешт, македонските и албанските емигранти го издаваа заедничкиот весник „Албано-Македонија“. Тука е зародишот на заедничките планови за ослободување на Македонија и Албанија од османлискиот јарем кои се преточија во создавање на Македонско– албанската револуционерна лига во 1887 година. Дозволете да цитирам еден извадок од Прогласот на Македонско– албанската лига од 1887 година, во кој албанските патриоти го изјавуваат следново: „По многу обиди што ги преземаме за да и помогнеме на нашата татковина Албанија, ние разбравме дека има само едно средство за да се постигне победата. Тоа средство е обединување со нашите блиски Македонци и заедничките акции со нив за ослободување на нашата древна страдалничка татковина. На Македонците што се наоѓаат во бугарското кнежевство и на оние што живеат во Македонија... “ Токму во Романија, во Букурешт, во 1899 година, Македонскиот таен револуционерен комитет водеше преговори со Албанскиот револуционерен комитет за кревање на македонско – албанско востание против османлиското ропство. Востание кое би ја принудило Европа да интервенира и да го реши македонското прашање. Но, историјата и геополитиката не ни беа наклонети. Илинденското востание од 1903 година и неговото крваво задушување привлече големо внимание кај романската јавност. Романскиот конзул во Битола, Александру Падеану во својот Извештај за настаните во Крушево за време на Илинденското востание, број 583 од 6 август 1903 година, меѓу другото вели: „Би било предолго овде да ги набројувам сите христијански села кои настрадаа од зулумите на Турците“. По востанието, ситуацијата во Македонија била очајна. Гладот, разочарувањето и воените дејства принудиле сè поголем број Македонци засолниште да бараат овде, во Романија, во слобода, не очекувајќи дека десет години подоцна, тука ќе биде запечатена судбината на Македонија. Сепак, како пред, така и по поделбата од 1913 година, Македонија продолжува кон Романија да гледа како на простор на сомилост, поткрепа и слобода. Верувам дека за тоа најдобро сведочи и врвниот хуман гест – прифаќањето на околу 8.000 македонски деца-бегалци, жртви на Грчката граѓанска војна од 1947 година. За нивните потреби во Романија беа отворени македонски училишта во Синаја, Туглеш, Орадеа... Биле публикувани учебници на македонски јазик, македонска граматика, весник на македонски јазик... со други зборови на македонските деца кои беа откорнати од своите семејства и огништа, им беше подарен еден нов живот. Згрижени од страна на пријателскиот романски народ како сопствени деца, многумина станаа академски граѓани и се вратија во Република Македонија со силно развиено, македонско национално чувство. Но, тие никогаш не го заборавија романското гостопримство, и денес се еден од најсилните мостови на пријателство меѓу нашите две земји и народи. Дами и господа, Зборував за историските врски меѓу Македонија и Романија кои можат да се сведат на еден збор – слобода. Романија, како земја на слободата, е место каде многу генерации Македонци доаѓаа за во слобода да го градат успехот, да напредуваат, но и да се борат за слобода на нивната прва татковина – Македонија. Преку личните истории на луѓето како свети Никодим, Мелетије и Пулески, преку храброста на Карпош, Влајку и македонските емигранти, сеќавајќи се и на печалбарите, но и на децата бегалци, ние ја дознаваме вистината за длабоките македонско-романски духовни, културни, економски и политички врски. Дознаваме што Македонија значеше за Романија, но и што Романија значеше за Македонија и Македонците. Имајќи ја предвид препораката на Еминеску „ако сакаш да ја дознаеш иднината, врати се во минатото!“, предлагам, за миг, да погледнеме во иднината. Почитувани присутни, За две години се навршува еден век од Букурешкиот договор кој ја подели Македонија, но и пет години од Самитот на НАТО на кој Република Македонија се соочи со грчката блокада на патот кон својата евроатлантска интеграција. Она што е заедничко за двата настани се предизвиците својствени за 19 век, кога државите и народите се бореа за признавање, кога просторот се делеше, наместо да се обединува. Едноставно е недозволиво такви предизвици да фрлаат сенка и денес, на почетокот на 21 век. А тие предизвици ќе бидат надминати само ако се прифати дека слободата претставува иманентна состојба на вистински и траен мир. Тоа секако важи и за Pax Europeana, која ја подразбира Европа како мировен проект. Европа треба да биде и простор на слобода на движење на луѓе, идеи, капитал и производи. Слобода, секој со себе да ги носи своите права и својот идентитет! Како отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи! На Балканот, денес повторно, повеќе од кога било, му е потребна европеизација и уривање на сите граници, кои сè уште го спречуваат да биде дел од она што визионерите го нарекуваа: „Европа, нашиот заеднички дом“. Верувам дека денес имаме нови околности. За првпат во историјата во сите држави на Балканот добивме демократски избрани власти. За разлика од пред само десет години, кога сосема други прашања беа на балканската агенда, денес, разговараме за конкретни проекти, за инфраструктурно, економско и енергетско поврзување, животна средина, подобар и заеднички пристап во превенцијата, справувањето и одговорот на природните катастрофи. Денес, владите од регионот се посветени на заедничка борба против организираниот криминал и другите негативни појави. Забрзаниот, балансиран и одржлив развој во регионот останува наша заедничка цел, вредност и придобивка. Но, и понатаму остана потребата од отворен простор. Сега е повторно моментот, преку Балканот, европската идеја да продуцира мир и стабилност, како што тоа генерации државници и визионери во Европа веќе го имаат направено. Да се гради Европа, значи да се гради мир” велеше таткото на модерна Европа - Жан Моне. Се разбира, треба да бидеме искрени. Европската унија сè уште не е Европа. Кога Европската унија ќе биде Европа, дури тогаш можеме да зборуваме за вистински мир на целиот континент. Дотогаш, треба да се работи на тоа да и се врати привлечноста на идејата на Европската унија како мировен проект. Дозволете да појаснам што мислам. Недозволиво е да се има различен пристап за клучните вредности како мирот, владеењето на правото и индивидуалните човекови права и идентитетот. Условот кој ни е наметнат за да продолжиме по патот на напредокот, по патот на нашата европска и евроатлантска интеграција, не го вклучува само името на нашата држава, туку и индивидуалните човекови права на моите сограѓани, правото на самоидентификација и на човеково достоинство. Драги пријатели, Невозможно е Европа ова да не го знае. А јас верувам дека Pax Europeana не може да се постигне без Pax Balcanica. Време е Букурешт да постане синоним за вистински балкански мир. Вистинско време е Букурешт да го добие епитетот град на мирот, град од каде ќе се шири идејата за Pax Balcanica. Убеден сум дека пријателска Романија со својот капацитет, како членка на Европската унија и НАТО, може да влијае да се постигне Pax Balcanica, а со тоа и Pax Europeana. Тоа го има покажано во минатото, тоа може да го повтори и во иднина. Преку Букурешт до Pax Balcanica, Преку Букурешт до Pax Europeana! Ви благодарам.
|













