| Обраќање на Претседателот Иванов по повод отворањето на Музејот на македонската борба | |
|
|
Затоа што ги осветлува скриените катчиња, скриените периоди на нашата историја. Затоа што овозможува нашите деца и сите идни поколенија да научат кои беа Ченто, Брашнаров, Пирузе, Полежиновски и многу, многу други за кои ние како генерација дознававме од кога станавме возрасни, откога станавме независна држава. Затоа што од нас беа криени со години, но еве дојде и денот кога тоа повеќе не може да се сокрие. Историјата била и останала вистина која може само различно да се интерпретира, но тоа што се случило, тоа и останало. Тоа не се менува според нечија потреба. Не може други да ни ја пишуваат, препишуваат или искривуваат нашата историја. Тоа што нам ни се случило, тоа е наша историја.
Затоа ова не е музеј само на една идеологија. Ова е музеј на сите идеолошки правци на Македонија што произлегоа од револуционерното движење, од борбата за слобода, од Внатрешната македонска револуционерна организација, од движењата и од организациите кои и претходеа и кои ја следеа борбата за слобода. ТВо овој музеј си го најдоа своето место и социјалисти-анархисти и комунисти и конзервативци. Во него тсе и автономисти и федералисти. Ова е сведоштво и за злосторствата на некои комунисти, социјалисти, револуционери. Страдаа, како борци од Илинденското востание, така и борци од Шпанската граѓанска војна. НОБ беше, пред сè, борба за создавање на своја национална држава. И на нивото на основачките документи и заради силната симболика, тоа е повеќе од јасно. Државата ни се конституира на АСНОМ, на ден Илинден, голем верски и народен празник. Основањето на современа Македонија е во црквата „Св. Прохор Пчињски“. Зарем можеле идеолошки задоени комунисти-атеисти да заседаваат и да ја основаат државата во просториите на еден Божји храм? Зошто партизанските одреди се викале Дамјан Груев и Питу Гули, а не Маркс и Енгелс, или не биле именувани по Ленин? Ете, тука е континуитетот на македонската национална борба.
Секако, во НОБ војуваа и гинеа борци поведени од комунистичката идеја, како идеал за еднаквост и правда. Но, исто така, беа водени од идеалот за национално самоопределување. Токму затоа, денес се поклонуваме пред нивната жртва. Се поклонуваме и пред делата на сите оние кои чесно и искрено во годините по војната придонесуваа за изградбата и за напредокот на новата македонска република. Уште еднаш да се навратиме на Крушевскиот манифест, а потоа да ги видиме основачките документи на АСНОМ! Тие се пишувани од врвни интелектуалци. Кога ги читате овие историски документи, како да ги читате Американската декларација за независност или Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од Француската револуција. Тоа се повелби со безвремено и универзално значење. Тие универзални права кои кај нас биле гарантирани уште од основањето на современата држава нè обврзуваат, инспирираат и насочуваат и денес. Она што нè прави особено горди е што во сите конститутивни документи на македонската држава се гарантира полна вклученост на сите без оглед на етничката и верската припадност. Да се биде Македонец значи почитување на сограѓанинот и вклучување на најдоброто од вредносниот систем на другиот. Тоа е моќта на оваа наша земја и на оваа наша национална кауза. Да се биде Македонец значи да се биде толерантен и да се почитува културата и обичаите на другиот. Така било од дамнина уште пред Христа, така било и во сите епохи и царства кои поминале на овој простор, така е и денес. Тоа е Македонија! Кога околните држави граделе авторитарни царства, кралства и кнежества, Македонците граделе република, размислувале за Балканска федерација каде што се гарантираат правата на сите народи, како единствен начин за постигнување на траен и одржлив балкански мир.
И денес, Македонците трагаат за балкански и европски мир. Сакам да знаете дека во секој мој настап и средба повикувам на балканска интеграција во Европската унија и во НАТО, како услов за балкански мир. А без балкански мир нема ниту европски мир. Драги сограѓани, Почнав со слободата и со слободата сакам да завршам. Кога се кандидирав за претседател на Република Македонија, во една прилика ме прашаа, каков споменик во Скопје сакам да видам. Одговорив – споменик на слободата. Денес гордо стојам, заедно со вас, овде пред таков споменик. Споменик кој секогаш ќе нè потсетува на непроценливата вредност на слободата и на големите жртви со кои е платена слободата.
Желбите на нашите предци, на нашите борци се остварија. Слободно изразената волја на граѓаните, пренесена на оние кои ја изгласаа Декларацијата за независноста, денес ќе ја положам овде, како симбол на мечтите и на стремежите на оние кои се бореа за неа.
Да ни е вечна и вековита Македонија! Ви благодарам.
|
Почитувани дами и господа,










