Обраќање на Претседателот Иванов на Македонско-косовскиот Бизнис форум
Четврток, 24 Март 2011   


Обраќање на Претседателот  на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на Македонско - косовскиот Бизнис форум што се одржува во рамките на официјалната посета на Претседателот на Република Косово Беџет Пацоли на Република Македонија.

Ваша Екселенцијо, г-дине Пацоли,
Почитувани Министри,
Почитувани стопанственици,

Ми претставува голема чест да учествувам на овој бизнис форум, и на самиот почеток, сакам да се заблагодарам и да упатам честитки до организаторите на овој настан, до стопанствениците од двете земји кои со своето учество ја потврдуваат желбата за продлабочување на економската соработка меѓу нашите земји.

Република Косово е мошне важен трговски партнер на Република Македонија. Искрено се надевам дека бројот на компании кои соработуваат ќе се зголемува во наредниот период. Убеден сум дека постојат поволни услови за тоа. Пред се, добрите политички односи ни овозможуваат нам, државниците, да ги отстрануваме бариерите и ви создаваме услови за непречено развивање на соработката. Трговската соработка меѓу нашите две земји се реализира во рамки на ЦЕФТА Договорот. И, можеби најважно, сметам дека во Република Македонија имаме одлични производи кои можат да се најдат на косовскиот пазар, и кои се барани од косовските потрошувачи.


Почитувани,

За позитивниот тренд на препознавање меѓу нашите економии и нашите стопанственици, зборува до сега сработеното. Остварените резултати во 2010 година, споредени со истиот период од 2009 година укажуваат на зголемување на вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Косово за 41%. Ако во 2009 година трговската размена изнесуваше $ 324 милиони САД долари, минатата, 2010 година, размената достигна $ 459 милиони САД долари. Но, не треба да се задоволиме со досега постигнатото бидејќи секогаш можеме повеќе.


Верувам дека успехот секогаш носи нов успех. Затоа, наша заедничка цел е да ги искористиме можностите за унапредување на соработката на сите полиња. Ја поздравувам и поддржувам идејата, дека најдобар и најефикасен начин за интензивирање на економската соработка меѓу нашите земји е преку поддршка на активностите на стопанските комори и директно поврзување на стопанствениците од двете земји. Затоа, денешниот настан го гледам како извонредна можност за поголемо продлабочување на бизнис контактите и продолжување со реализација на конкретни бизнис проекти.

Секако, очекувам, со веќе склучениот Договор за економска соработка, компании од двете земји да учествуваат и во инвестиционите капитални проекти, особено во делот на земјоделието, енергетиката, инфраструктурата, туризмот. Очекувам вие стопанствениците да барате нови повисоки форми на соработка, заеднички настап на трети пазари, заеднички вложувања. Бидете уверени дека во тоа секогаш можете да сметата на нашата поддршка.


Почитувани стопанственици,

Владата на Република Македонија континуирано работи на подобрување на бизнис климата и условите за работа, подеднакво за домашните и странските фирми. Наша цел е економски раст, развој на приватниот сектор, привлекување инвестиции и отворање нови работни места.

Република Македонија има долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години. Имаме избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува 32,5% од Бруто домашниот производ. Во изминатите три години спроведени се низа реформи во делот на пазарот на труд, како и активни мерки за вработување, со што невработеноста се намали за околу 4%.

Вкупниот износ на странски директни инвестиции во Република Македонија во периодот од 1998 до 2009 година изнесува околу 3 милијарди евра, што е потврда на сéопфатните реформи за подобрување на вкупната бизнис клима. Токму за постигнатите резултати, во последните три години Македонија се вброи во врвните реформатори, согласно реномираниот “Doing Business” извештај на Светска Банка за Југоисточна Европа.


Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Република Македонија како бизнис дестинација, во Технолошко индустриската развојна зона во Скопје инвестираа познати странски компании како Џонсон Контолс и Џонсон Мети. Воедно, се отворија уште три Технолошко индустриски развојни зони во Штип, Тетово и уште една во Скопје. Овие зони нудат низа поволности кои се привлечни за инвеститори во најнапредните индустрии.

Почитувани,

Глобалната економска и финансиска криза има негативно влијание врз реалниот сектор и инвестициите во нашите две земји. Затоа, Владата на Република Македонија донесе четири пакети на антикризни меки во интерес на ублажување на негативните последици. Овие резултати, комбинирани со намалувањето на невработеноста покажуваат дека, Македонија успеа да ја преброди кризата со најмали можни последици. Остварен е трет најдобар економски резултат во Југоисточна Европа, во последните три години, мерено според Бруто домашниот производ, и спречени се негативните последици на пазарот на работната сила.


Затоа, уште еднаш, би сакал да нагласам дека неопходно е интензивирање на соработката меѓу нашите земји, како на меѓувладино ниво, така и на ниво на стопански комори и компании. Сето тоа е во интерес на натамошно продлабочување на меѓусебната економска соработка, во насока на остварување на заложбите за поголем економски раст и развој на нашите економии.

На крај, дозволете да констатирам дека овој бизнис форум зборува за постојаната поддршка на бизнис секторот од страна на Владите на двете држави. Ние ги отстрануваме бариерите и ви создаваме услови за непречено развивање на соработката. Верувам, овој настан ќе вроди со плод и конкретни зделки, во интерес на двете земји, а пред сé во интерес на македонските и косовските бизнисмени.

Ви посакувам успешна работа.
Ви благодарам.

  Back<<Назад