Новости
Sivas_3
Почесен докторат за претседателот Иванов на Универзитетот „Џумхуријет“ во Сивас, Турција
Петок, 11 Мај 2018

На претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Сивас, Турција, му беше доделен почесен докторат од страна на престижниот Универзитетот „Џумхуријет".

Признанието на претседателот Иванов му беше врачено на свечена церемонија од страна на ректорот на Универзитетот д-р Алим Јилдиз, по што македонскиот претседател одржа предавање на тема „Ататурк и Македонија".

За време на своето предавање, претседателот Иванов истакна дека оваа титула за него претставува привилегија и чест, дотолку што му се доделува во Сивас, градот каде во 1919 година на иницијатива на Ататурк се одржал историски и револуционерен конгрес со кој се означува почетокот на борбата за независност и владеење на граѓаните на Турција.

- Ататурк сметал дека со Конгресот во Сивас, турскиот народ повторно во своите раце го зел суверенитетот. Тој верувал дека единствениот начин на кој Турција ќе стане модерна нација е преку политички систем во кој нема да има поделба, туку единство на моќта, концентрирана во еден единствен авторитет што ќе го отсликува народниот суверенитет. Затоа, Големото национално собрание се јавило како тело што ги контролира законодавната, извршната и судската власт. Како избран претседател на Големото собрание, Ататурк се стекнал со огромна моќ неопходна за да ги направи суштинските реформи во земјата, рече Иванов.

Врската меѓу Мустафа Кемал и Македонија, според македонскиот претседател, не е само географска. Македонија, истакна Претседателот, беше прозорецот низ кој Ататурк се запозна со овие вредности, тоа беше просторот каде што се калеше неговиот карактер, каде се градеше неговиот поглед, каде созреваа идеите од кои подоцна никна Република Турција.

Sivas_4- Македонија не е само местото каде што тој бил роден, туку просторот каде што се формирал неговиот светоглед, неговиот карактер и неговите сфаќања. Ататурк во Македонија најнепосредно учел колку е важен соживотот, ги учел македонските вредности, како што е прифаќањето на другите, Подоцна, она што го научил во Македонија, го применил во Турција. Затоа, изворот на неговиот модел за темелни реформи е во Битола, кој во времето на неговиот престој беше гордиот град на конзулите во кој интелигенцијата, но и пошироката популација беше изложена на западните, европските вредности. Битола беше прозорец кон Европа, простор од каде влегуваат напредните идеи во Империјата, порача македонскиот претседател во своето предавање.

Претседателот Иванов во своето предавање се осврна на изворите од каде Ататурк ги црпел своите идеали, кои ги применува во трансформацијата на Турција.

-Тој го испокина целото политичко ткиво, ја претвори монархијата во република, ја сведе империјата на една територија, ја претвори религиозната држава во световна република, го собори султанот, го протера калифот и ги отфрли сите врски со Отоманската Империја. Тој направи една од најголемите културни, политички и социо-економски трансформации во современата доба. Така е родена Турција, како национална секуларна држава, рече Иванов.

Претседателот Иванов до сега има добиено бројни признанија од високообразовни институции и организации во светот. Македонскиот претседател е прогласен за Почесен професор на Московскиот универзитет „Ломоносов" и на „Југозападниот универзитет за финансии и економија" во Ченгду, НР Кина. Почесни докторати има добиено од Бугарската академија на науки во Софија, на Истанбулскиот Универзитет, на Универзитетот „Хаџи Бекташи Вели"' во Невшехир, на „ТОББ Универзитетот за економија и технологија" во Анкара, на „Академијата за јавна администрација на Азербејџан" во Баку, на Христијанскиот универзитет „Димитрие Кантемир" во Букурешт и е прогласен за член во Светската академија на науките и уметностите и за Почесен протектор на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург.

Во рамки на посетата на Турција, претседателот Иванов оствари средби со градоначалникот и гувернерот на Сивас, а утре во Истанбул, македонскиот претседател ќе присуствува и ќе се обрати на Глобалниот лидерски форум.
Sivas_1

BB-rotator
Претседателот Иванов домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони
Петок, 27 Април 2018


BB_novosti1Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во Скопје беше домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони.

На состанокот учествуваа претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ, претседателот на Република Хрватска, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.

Почесни гости на состанокот во Скопје беа претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск и претседателот на Владата на Република Бугарија, г. Бојко Борисов.

На прес-конференцијата по состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони, претседателот Иванов порача дека врвни стратегиски цели на Република Македонија се членството во НАТО и во ЕУ и оцени дека долго време политиката на проширувањето потфрлуваше во случајот со земјава, не поради принципите и критериумите на ЕУ, туку поради непочитувањето на тие принципи и критериуми од страна на една земја членка.

- Како Претседател на Република Македонија ја повикувам Унијата да овозможи паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералната разлика меѓу Македонија и Грција, изјави претседателот Иванов.

Додаде дека по самата своја природа, проширувањето е политичко, а не само техничко прашање.

- Конечниот збор го има Европскиот совет, а не Европската комисија. А политичкото прашање не може да се реши само со технички пристап и бара храброст, одлучност и креативност од Унијата. Нема подобар пример за тоа од Словенија и Хрватска кои со помош на Европската Унија, успеаја да најдат начин за паралелни преговори. Благодарение на таквиот европски пристап, денес Словенија и Хрватска се лидери на Процесот Брдо-Бриони, изјави претседателот Иванов.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск нагласи дека на регионот му се потребни повеќе позитивни примери, како Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, спогодбата меѓу Приштина и Црна Гора.

- Можеби, историјата на Балканот, која наликува на хорор филм, кој никогаш не завршува, сепак да има среќен крај. Она што се случи со Северна и Јужна Кореја покажува дека невозможното станува возможно, рече Туск.

Напомена дека за време на неговата турнеја низ Западен Балкан дал јасна порака дека земјите-членки на Унијата цврсто се залагаат за европската перспектива на регионот.

- Можете да сметаме на нас, тоа не се само празни зборови, тоа е факт, рече Туск.

BB_novosti2

Бугарскиот премиер Борисов изрази надеж дека Македонија и Грција брзо ќе го решат спорот околу името и оти за тоа сега постои историска можност. И тој направи паралела со Северна и Јужна Кореја, напоменувајќи дека кога овие две држави успеале да постигнат договор, земјите од регионот сигурно ќе можат да ги надминат разликите.

Хрватската претседателка Грабар-Китаровиќ ја поздрави одлуката со која се препорачува почеток на преговори со Македонија и со Албанија и нагласи дека Загреб ќе стори се што е можно да се забрза овој процес за двете земји.

- Хрватска силно ја поддржува политиката на проширување, која е засновна врз принципот на сопствени заслуги, кој е втемелен на строги правила и вреднување, рече претседателката Грабар-Китаровиќ.

Словенечкиот претседател Пахор рече дека одлуката на ЕК повторно да ги поддржи реформите во земјите од регионот, со цел тие да станат дел од Унијата, е од големо значење.

- Врз основа на моите политички искуства јасно е дека Брисел не може да направи се доколку тоа не го направат и лидерите на државите. Убеден сум дека со добра политичка волја може да се решат сите проблеми и на иднината гледам со оптимизам, рече претедателот Пахор.

Лидерите во заклучоците, меѓудругото ги поздравија пораките и конкретните предлози од Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан и потврдата за веродостојно проширување и зајакнување на ангажамнот на ЕУ со регионот. Особено го поздравија претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан, кој ќе се одржи во Софија, како конкретен израз на обновениот пристап на ЕУ кон регионот.

- Го охрабруваме решавањето на отворените прашања и спорови во духот на добрососедство и во согласност со меѓународното право, повикувајќи се на средствата за мирно решавање, пред се, на постојаните меѓународни судови и трибунали и арбитражата, порачаа лидерите.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје беше потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.

Во рамки на Процесот Брдо-Бриони, за прв пат на иницијатива на Република Македонија, минатата недела се одржа состанок на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот, на кој се дискутираше за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка.

Состанокот на лидерите на Процесот Брдо - Бриони идната година ќе се одржи во Албанија.

BB_novosti3

Prm_Ivanov_Kolinda_Grabar
Иванов-Китаровиќ: Билатералните прашања да се решаваат паралелно со евроинтеграцијата
Четврток, 26 Април 2018




PRM_Kitarovik_01Република Македонија и Република Хрватска имаат исклучително добри пријателски односи без никакви отворени прашања. Хрватска е голем поддржувач на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ и НАТО и ќе направи се да го заврши  што побрзо. Отворените прашања со други земји не смеат да се пречка на тој пат. Тие може и мора да се решаваат паралелно со одржување на преговори за членство во ЕУ. Ова е заедничката оценка на претседателите на Република Македонија и Република Хрватска д-р Ѓорге Иванов и г-ѓа Колинда Грабар Китаровиќ, дадена по нивната средба во Скопје.

„Ја поздравуваме порепораката на Европската Комисија за отворање на претпристапни преговори за членство на Република Македонија во Европската Унија, и Република Хрватска ќе направи се што е во нејзина моќ до јуни да се донесе одлука за датум за почеток на преговорите, рече г-ѓа Грабар Китаровиќ на прес-конференцијата по средбата.

Потенцира дека Република Хрватска ќе продолжи да ја поддржува Република Македонија во Советот на ЕУ да се донесе одлука за отпочнување на преговорите, како што рече, како во домените на отворената дипломатија, така и зад затворени врати, преку создавање коалиција на држави кои сметаат дека Македонија треба ги почне преговорите, преку планирање заеднички активности, аргументација и разговор со оние држави кои со тоа не се согласуваат.

Претседателот на Република Хрватска смета дека отворените билатерални прашања не само што можат туку мора да се решаваат паралелно со евроинтеграцијата.

„Мислам дека треба да се покаже зрелост и подготвеност на дијалог со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право и решението за проблемот двете земји да го најдат сами без наметнување решение од страна", рече г-ѓа Грабар-Китаровиќ.

PRM_Kitarovik_04Хрватскиот претседател смета дека процесот на проширување треба да продолжи и оти со застојот се создава опасен вакуум кој ќе го исполнат трети страни на кои не им е од интерес напредокот на државите на патот за членство во ЕУ и НАТО, нешто за што, рече, е свесна и самата Унија.

Според претседателот Иванов, за поздравување е конструктивниот став на Република Хрватска дека билатералните спорови не треба да бидат пречка кон евроатлантскиот пат.

„Во нашиот регион постои позитивно искуство на паралелно движење на преговарањето и наоѓање заедничко решение за отворено прашање. Тоа е примерот меѓу Република Хрватска и Република Словенија, кој може да се примени во случајот со Република Македонија, истакна македонскиот претседател.

Претседателот Иванов истакна дека на средбата со хрватскиот претседател г-ѓа Грабар-Китаровиќ, беа разменети мислења за можностите за соработка и во други сфери од заеднички интерес.

Двајцата соговорници се согласија дека има неискористен потенцијал за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави и оти треба да се работи на нивно унапредување.

„Заедничка цел е Република Хрватска во следните години да биде меѓу петте најголеми трговски партнери на Република Македонија, преку заемен и конкретен придонес, рече Иванов, потенцирајќи и дека значаен аспект во пријателските односи меѓу двете земји се македонската заедница во Република Хрватска и хрватската заедница во Република Македонија.

PRM_Kitarovik_02

Priem_Studenti__i_Menadjeri_01
Прием на учесниците во проектот „Ден со македонските водечки извршни директори"
Среда, 25 Април 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска приреди прием за студентите од додипломски, постдипломски и докторски студии, коишто во рамки на проектот „Ден со македонските водечки извршни директори", беа избрани да поминат еден работен ден со менаџери на успешни компании во Република Македонија. Проектот се реализира под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,  во организација на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Програмата ќе се реализира во периодот од мај до август 2018 година, а меѓу успешните менаџери кои ќе ја спроведуваат обуката се Штефан Петер од ЕВН Македонија, Илина Јакимовска од „Комфи ангел", Волфганг Марингер од „Арчелор митал", Владимир Косијерод од „Пивара Скопје" и Аврам Стојчевски од „Ван Хул".

Претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, г. Штефан Петер, изрази очекување за целосна мотивираност и вклученост од страна на студентите, да ги поставуваат сите можни прашања, коишто пак, би биле предизвик и за менаџерите.

„Ова е неверојатна програма којашто се реализира за прв пат во Македонија. Целта е нашите домашни студенти да не мораат да одат надвор од државата за да ги учат различните менаџерски вештини и да стекнуваат искуства, туку можат да останат дома, во Македонија, и да учат од директорите коишто доаѓаат од странство", рече г. Петер.

Дел од избраните учесници изразија задоволство што ќе бидат дел од проектот, на којшто ќе имаат непосредна можност да стекнат нови искуства, односно да добијат одговори на некои прашања во областите што се од нивен интерес.

Ова е голема придобивка, пред се се гледам овде, во Македонија, делува мотивирачки кога непосредно ќе се запознаеме со работата на луѓе коишто имаат голем придонес овде, рече Марија Андонова.

Можам да кажам дека Школата за млади лидери на којашто учествував во 2015 година, беше причина и мотив да стигнам до позицијата на која што сум сега. Овој проект мене би ми бил од големо значење, бидејќи би можела да ги усовршам своите вештини, да бидам подобра во мојата професија и на позицијата на којашто сум сега, рече Ванеса Василевска.

Главна цел на проектот е избраните студенти непосредно да се запознаат со работниот ден на еден врвен менаџер, да навлезат во процесите на водењето на компанија, да стекнат нови знаења, практични искуства и вештини кои ќе придонесат за развој на нивниот претприемачки дух.
Priem_Studenti__i_Menadjeri_02

francuski_pratenici
Средба со пратеници од групата за француско-македонско пријателство во Националното Собрание на Франција
Вторник, 24 Април 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими пратеникот г. Бертран Сор, претседател на групата за француско-македонско пријателство во Националното Собрание на Француската Република и пратеникот г. Грегори Галбадон, заменик претседател на групата за француско-македонско пријателство.

На средбата со француските пратеници, беше разговарано за продлабочување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Француската Република преку зголемување на политичката и одбранбената соработка, за натамошната француска поддршка во однос на македонските евроинтегративни процеси, како и за состојбите во Европската Унија.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија е цврсто определена за натамошно зајакнување на пријателските и партнерски односи со Француската Република и ја нагласи потребата од унапредување на економската соработка преку зголемување на инвестициите и трговската размена.

Македонскиот претседател изрази благодарност за досегашната француска поддршка во однос македонската европска перспектива и надеж дека истата ќе продолжи, особено за одредувањето на датумот за почетокот на пристапните преговори со ЕУ, по добиената позитивна препорака од страна на Европската Комисија за Република Македонија.

Во тој контекст, претседателот Иванов нагласи дека паралелно со внатрешните реформи и продлабочувањето на интеграцијата меѓу земјите-членки во самата Европска Унија, неопходно е Унијата да продолжи со политика на проширување за земјите-кандидати од регионот на Балканот, затоа што само на тој начин ќе се зајакне мирот, стабилноста и просперитетот на овој дел од Европа.

На средбата, македонскиот претседател го поздрави динамизирањето на меѓупарламентарната соработка меѓу Република Македонија и Француската Република и изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог на највисоко ниво.

BBP3x4
НАЈАВА - Состанок на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, 27.04.2018, Скопје
Четврток, 19 Април 2018


BBP_Baner_rotator
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на 27 април 2018 година во Скопје ќе биде домаќин на состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Земји учеснички во Процесот Брдо-Бриони се Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Косово, Република Македонија, Република Словенија, Република Србија, Република Хрватска и Црна Гора, претставени на ниво на претседатели на држави.

На состанокот на лидерите на земјите учесници на Процесот Брдо-Бриони, што ќе се одржи во Скопје на 27 април 2018 година, се очекува присуство на претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета, претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, г. Бакир Изетбеговиќ, Претседателот на Република Косово, г. Хашим Тачи, претседателот на Република Словенија, г. Борут Пахор, претседателот на Република Србија, г. Александар Вучиќ, Претседателот на Република Хрватска, г-а Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Црна Гора, г. Филип Вујановиќ.

Согласно досегашната практика, покрај лидерите на земјите учеснички, на состаноците на Процесот Брдо-Бриони учествуваат високи гости од Европската унија, како и лидери на земји-членки на ЕУ. Еден од почесните гости на состанокот во Скопје е Претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск.

Во фокусот на годинешниот состанок на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје е потребата за подобрување на меѓусебната поврзаност во политичка, економска, инфраструктурна и безбедносна смисла, а во контекст на новата стратегија на Европската Унија за Западен Балкан.

Во рамки на Процесот Брдо-Бриони, за прв пат на иницијатива на Република Македонија ќе се одржи состанок на директорите на Агенциите за разузнавање на земјите учеснички во Процесот, на кој ќе се дискутира за безбедносната поврзаност, како сегмент на регионалната соработка.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

Во рамките на оваа регионална иницијатива досега се одржани шест состаноци, од кои пет редовни и еден вонреден: во Брдо кај Крањ, Република Словенија во 2013 година, во Дубровник, Република Хрватска во 2014 година, во Будва, Црна Гора во 2015 година, вонреден самит во Загреб, Република Хрватска во 2015 година, во Сараево, Босна и Херцеговина во 2016 година и во Брдо кај Крањ, Република Словенија во 2017 година, а на кои редовно учествува Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.

Состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје ќе се одржи на 27 април 2018 година во хотелот „Александар Палас".

Претставниците на медиумите, кои се заинтересирани да го проследат настанот, е потребно да се акредитираат со пополнување на приложениот формулар на следниот линк:
http://president.mk/mk/-2017/mediumi/2018-03-02-12-42-01.html

Пополнетиот формулар за акредитација, претставниците на медиумите треба да го достават најдоцна до 24 април 2018 година на следната е-пошта Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 15 од 198