Новости
PRM_-_Vodici_8
Иванови со дипломатскиот кор на Водици во Дојран
Петок, 19 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов со својата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, синот Иван и членовите на дипломатскиот кор, учесници на традиционалниот дипломатски прием, денеска во Нов Дојран присуствуваа на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление - Водици.

Најсреќен меѓу учесниците што влегоа во водите на Дојранското езеро по светиот крст беше Мите Пејков од Нов Дојран, којшто упати честитки до сите православни верници. „По крстот се фрлам досега девет пати, а по четврт пат успевам да го фатам", рече Пејков, додавајќи дека чувството е неописливо. Претседателот Иванов на Пејков му подари крст од Гевгелискиот регион и нему и на неговото семејство им посака благосостојба, бериќет, здравје и успеси. Пејков доби подарок икона од рускиот амбасадор Олег Шчербак.

Претседателот Иванов на сите православни верници им го честиташе големиот христијански празник Богојавление - Водици.

„Богојавление е симбол на духовното раѓање и новиот почеток во животот на верникот. Како симбол на новиот почеток, Богојавление треба да нè потсетува да не се навраќаме на старото, туку да се стремиме кон живот исполнет со љубов, понизност, милост и солидарност. Да се престигнуваме со добрина, и да го градиме нашето мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество во мир, соживот и почитување на различноста", порача македонскиот претседател.

Задоволство од присуството на одбележувањето на големиот христијански празник Богојавление - Водици во Дојран, изрази рускиот амбасадор Шчербак.

„Нам ни е многу драго што денеска сме присутни овде, на брегот на Дојранското езеро, и што гледаме дека во Република Македонија, овој празник се одбележува масовно и со голема радост. На сите граѓани на Република Македонија, би сакал да им го честитам овој прекрасен празник, на сите да им посакам добро здравје, среќа, радост, благосостојба и стабилност", рече амбасадорот Шчербак.

Вчеравечер во Гевгелија, претседателот Иванов, го приреди традиционалниот прием за членовите на дипломатскиот кор по повод новогодишните и божиќните празници.
PRM_-_Vodici_11

Hadji-Janev
Бригадниот генерал Методи Хаџи-Јанев - нов Аѓутант на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Понеделник, 15 Јануари 2018

Во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, денеска се одржа свечена церемонија по повод поставувањето на Методи Хаџи-Јанев за Аѓутант на Врховниот Командант на Вооружените Сили на Република Македонија и неговото унапредување во чин Бригаден генерал.

Методи Хаџи-Јанев на должноста Аѓутант доаѓа од функцијата одбранбено аташе на Република Македонија во Вашингтон, Соединетите Американски Држави.

Бригадниот генерал Методи Хаџи-Јанев е офицер со богато воено, дипломатско и академско искуство. Тој е доктор на науки по меѓународно право и меѓународни односи на правниот факултет во Скопје, а магистрирал на постдипломските воени студии во САД. Методи Хаџи-Јанев дипломирал на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски " во Скопје и на колеџот за воздушна команда во САД. Методи Хаџи-Јанев е припадник во специјалните единици на АРМ речиси 12 години и е прв командант на македонските специјални сили во Ирак. Хаџи-Јанев во 2015 година, бил назначен за нерезидентен воен советник при Постојаната мисија на Република Македонија во Обединетите Нации во Њујорк. Од 2017 година, Хаџи-Јанев е придружен професор на Државниот Универзитет Аризона во САД, а бил професор и на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски" во Скопје. Автор и коавтор е на повеќе дела и трудови во областа на сајбер безбедноста и одбраната и има посетувано обемни меѓународни обуки во борбата против тероризмот. Тој е потпретседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, официјален дисеминатор на меѓународното хуманитарно право на Црвен Крст на Република Македонија и Член на експертскиот – советодавен тим на Центарот за кризи и домашна безбедност при Државниот универзитет Аризона во САД.

bozikj
Семејството Иванови на Божикна литургија во Соборниот храм во Скопје
Недела, 07 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов заедно со сопругата, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваа на централното одбележување на Рождеството Христово - Божик во Соборниот храм „Св. Климент Охридски", во Скопје, каде поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г. г. Стефан чиноначалствуваше Архиерејска Златоустова литургија.

По завршувањето на литургија претседателот Иванов на граѓаните со православна вероисповед им го честита Божик и им посака здравје, радост и среќа.

„На верниците им го честитам големиот христијански празник Божик со поздравот Христос се роди, Навистина се роди. Се што посакувам за себе и своето семејство посакувам и за сите добро здравје, радост среќа и успеси. Како што сме сплотени, единствени и соплидарни за време на празниците да бидеме такви и во текот на целата година, но најмногу од се, да си ја сакаме, почитуваме и чуваме државата Република Македонија", рече претседателот Иванов.

Badnik1
Бадник во домот на семејството Иванови
Сабота, 06 Јануари 2018

На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, денеска домот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го посетија децата од Интерактивното филмско училиште „Тинтири Минтири", кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог" го најавија Христовото раѓање

Сопругата на македонскиот претседател, г-ѓа Маја Иванова, изјави дека како семејство секогаш ги почитувале верските и традиционалните вредности, и дека се поборници на враќање и на христијанските духовни вредности.

„Дозволете ми од името на моето семејство, од името на нашите денешни гости, да ви го честитаме Божиќ и Бадник. Нека Христовата светлина влезе во секое христијанско семејство, нека ви донесе многу радост, среќа и здравје, убавини, мир, благосостојба, многу љубов. Дозволете ми да ви го честитаме големиот христијански празник Божиќ со поздравот Христос се роди, Навистина се роди. Честит Божиќ", изјави г-ѓа Иванова.

Badnik2На децата семејството Иванови им подарија пригодни пакетчиња.

Иницијативата за возобновувањето на старата православна традиција да се слави Бадник со пеење на „Вечниот Бог" потекна од свештенството на МПЦ-ОА. Според Црквата, радува будењето на оваа стара православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број градови и повторно навлегува во нашето секојдневие.

Децата учесници во бадникарските поворки ја пејат песната „Вечниот Бог" и носат пригодно изработени пештери на кои е претставено Рождеството Христово и ѕвезди што ја симболизираат ѕвездата која ги водела тројцата мудреци до местото каде што бил роден Исус.

Со божикната каланда (песна) „Вечниот Бог" се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е древна, води корени уште од некогашнто Римско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Сведоштво за универзалниот карактер на оваа каланда се бројните нејзини напеви кои се среќаваат од Европа, преку Азија, сѐ до Африка.

Badnik3

Sv.Naum
Семејството Иванови на одбележување на празникот „Свети Наум Охридски Чудотворец“ на Попова Шапка
Петок, 05 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со сопругата Маја и синот Иван, денеска присуствуваше на одбележувањето на патрониот празник „Свети Наум Охридски Чудотворец" во манастирскиот комплекс на Попова Шапка.

Чествувањето започна со света божествена архијерејска литургија со која чиноначалствуваа митрополитот тетовско-гостиварски, господин Јосиф, и митрополитот на европската епархија, Пимен.

Македонскиот претседател, традиционално со своето семејство, присуствува на чествувањето на патрониот празник „Свети Наум Охридски Чудотворец"

- Одбележувајќи го овој празник ние се потсетуваме на неговото дело и се што тој правел за народот. Така што сега треба да го славиме и да го почитуваме тоа дело, да им помагаме на болните, на сиромашните, на изнемоштените, како што тој им помагал, да им дадеме утеха и да бидеме солидарни. Со почитување на делото Св. Наум, посакувам што повеќе да сме сплотени меѓу себе, да сме солидарни, да си помагаме и да мислиме на тие што им е потребна помош и утеха, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

На чествувањето во манастирскиот комплекс на Попова Шапка присуствуваа и министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Христијан Мицковски.

Запрашан дали ова значи можност да се обединиме и заеднички да ги пребродиме тешките моменти, претседателот Иванов изјави дека секогаш кога сме биле сплотени сме наоѓале решенија и за најтешките проблеми.

Sv.Naum_1- Тоа во историјата сме го имале како позитивен пример. Очекувам, празниците не само да ги славиме, туку и да се обединуваме и да бидеме заедно во сите оние моменти кога треба да покажеме слога, изјави претседателот Иванов.

Митрополит Јосиф на присутните им го честиташе празникот „Свети Наум Охридски Чудотворец" и по повод претстојните божиќни празници, до сите верници упати пораки за здравје, среќа, бериќет, благосостојба и хармонија. Тој изрази благодарност и до претседателот Иванов за неговото присуство на патрониот празник.

За сите верници кои денеска присуствуваа на чествувањето на патрониот празник во манастирскиот комплекс на Попова Шапка беше приредена заедничка трпеза.

PRM_Izjava_Cojlija
Посета на припадниците на АРМ во „Чојлија“ на првиот ден од Новата година
Понеделник, 01 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов денеска ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната „Чојлија"

Претседателот Иванов на припадниците на АРМ кои извршуваат должност за време на новогодишните празници им ја честиташе Новата 2018 година.

„Армијата се покажа дека може да се спротивстави со сите предизвици со кои се соочува. Видовме каква е  улогата на Армијата во чувањето на Република Македонија, во илегалната миграција, колку е таа вклучена и подготвена да излезе во пресрет на сите предизвици на кризниот менаџмент и која секојпат е прва во сите елементарни непогоди и се она што е неопходно кога треба да се помогне", истакна претседателот Иванов, нагласувајќи дека живееме во свет којшто е непредвидлив и во кој постојат нови начини на војување поради што Армијата мора да располага со современи средства и да биде подготвена за сајбер напади.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов се информираше за актуелната состојба и за мисијата и задачите на единиците во состав на првата механизирана пешадиска бригада, лоцирани во касарната „Чојлија".

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 20 од 198