БИОГРАФИЈА НА ПРВАТА ДАМА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
fotomivanova

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој работниот ден го минува на релацијата меѓу Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, каде што работи како советник, потоа во исполнување на дневната агенда која ѝ ја носи улогата на сопруга на Претседателот на Република Македонија и семејните мигови минати со сопругот и со синот Иван.

 

Родена на 15 мај 1964 година во Скопје, Маја Иванова уште од раната младост била активна и динамична личност, чиј пристап кон опкружувањето и светот бил полн со нескриена љубопитност и желба за нови откривања и за поголемо знаење. Деновите кога била ученик во Основното училиште „Кочо Рацин“, а подоцна и нејзините гимназиски денови, биле исполнети со креативност и творење, пред сè со пишување поезија. Љубовта кон својот роден град и неговата уникатна енергија ја насочува во збирката поезија посветена на Скопје, за која ја добива престижната награда „13 Ноември".

 

За време на студиите на Правниот факултет во Скопје го почнува и својот ангажман во многу сфери на општествениот живот. Како младински политички активист е сведок на бурните настани кои го обележуваат создавањето на независната македонска држава, но и силен глас во младинските дебати кои како централна тема го поставуваа идното созревање и развојот на татковината.

 

Својата работна кариера Маја Иванова ја почнува во компанијата „Интеримпекс“, а потоа го прифаќа предизвикот да работи како претставник на швајцарската фармацевтска компанија „Хофман ла Рош“. Кариерата ја продолжува во претставништвото на авиокомпанијата „Олимпик Ервејс“, а од 2001 година е вработена во Агенцијата за цивилно воздухопловство.

 

Нејзината континуирана ангажираност во Црвениот крст на Република Македонија несомнено придонесе кон подготвеноста на г-ѓа Маја Иванова при преземањето на обврските како сопруга на Претседателот на Република Македонија. Г-ѓа Иванова недвојбено се посвети на прашањата кои не секогаш во општество се поставени како приоритетни – подобрување на условите и перспективите на децата без родители и на лицата со посебни потреби, како и зајакнување на позицијата на жената во секој сегмент на општественото дејствување.

 

Слободните часови во семејството Иванови се исполнети со музика. Г-ѓата Маја Иванова, свесна за позитивните влијанија на музиката во животот на секој човек, честопати го исполнува семејниот простор со звуците на инструментите кои ги владее - пијано и хармоника. Таа љубов кон музиката што ја дели со својот сопруг, ја пренесе и на синот Иван, кој денес покрај посветеноста на политичките студии, свири гитара и е активен млад музичар.

 

Фото галерија

Maja_fotogal