Соопштенија
bbp
Писмо од претседателот Иванов до лидерите на процесот „Брдо Бриони“
Вторник, 07 Мај 2019

Почитувани лидери на процесот „Брдо Бриони",
Драги пријатели,

Како претседател на Република Македонија, многу ви благодарам за поканата за учество на Состанокот на лидери на процесот „Брдо Бриони" во Тирана. Поради исклучително краткиот период пред крајот на мојот претседателски мандат и инаугурацијата на новиот претседател на Република Македонија, за жал не можам да учествувам на овој многу важен собир.

Со големо задоволство се сеќавам на минатогодишниот состанок на процесот „Брдо Бриони" во Скопје и уште еднаш срдечно ви благодарам за вашето активно учество и за досегашната плодна соработка. Не се сомневам дека и овогодишниот состанок во Тирана ќе биде уште еден конкретен чекор на нашиот заеднички европски пат. Уверен сум дека мојот пријател, претседателот на Република Албанија, господинот Илир Мета ќе се покаже како беспрекорен домаќин.

Процесот „Брдо Бриони" уште еднаш ја потврди важноста од регионалната соработка. Успехот на овој процес се заснова врз искрен и отворен дијалог, конкретни и реални проекти и непоколеблива верба на нашите држави во европската идеја. Дури и во моменти кога нашите држави и нашиот регион се соочуваа со сериозни предизвици што можеа да ја нарушат стабилноста на регионот, ние, лидерите на процесот „Брдо Бриони" успеавме да продолжиме со непрекината соработка со што превениравме можни нови недоразбирања. Со тоа покажавме дека имаме капацитет за синергија.
Во изминатите десет години како претседател и седум години како активен учесник во процесот „Брдо Бриони" честопати размислував за иднината на нашата регионална соработка и дојдов до два заклучока што би сакал накратко да ги споделам.

Прво, стабилноста и просперитетот на нашиот регион зависат од стабилноста на секоја од нашите држави. Секој синџир е онолку црвст колку што е цврста најслабата алка. Не смееме да дозволиме ниту една од нашите држави да стане слаба алка во синџирот на стабилноста и безбедноста на Југоисточна Европа.

Второ, искуството на бројните регионални иницијативи и процеси ни покажува дека еден процес е онолку успешен колку што може да се трансформира и да се усогласи со новите потреби и реалности. Оттука, мојата визија за Брдо Бриони е дека овој процес ќе доживее автентична трансформација. Не верувам дека процесот ќе замре или згасне по интеграцијата на сите земји од Западниот Балкан во Европската Унија. Напротив, верувам дека со заеднички напори и политичка волја можеме да придонесеме процесот да доживее метаморфоза и да прерасне во систем на регионална соработка преку кој нашите држави ќе можат да ги застапуваат нашите регионални интереси во рамките на Европската Унија.

Како Претседател на Република Македонија благодарен сум за визионерството и иницијативата на претседателот на Република Словенија, Неговата Екселенција, г. Борут Пахор и претседателот на Република Хрватска, Нејзината Екселенција, г-ѓа Колинда Грабар-Китаровиќ. Им благодарам што како земји членки на Европската Унија тие континуирано го поддржуваат процесот на интеграција на Западниот Балкан. Верувам дека оваа поддршка ќе продолжи и во претстојниот период. Ова е вистински пример за помош и солидарност што земји членки им ги даваат на земјите кандидати и аспиранти за членство во Европската Унија.

Истовремено не може, а да не се спомне придонесот на специјалните гости кои учествуваа во нашиот процес. Франсоа Оланд, Ангела Меркел, Хајнц Фишер, Џозеф Бајден, Серџо Матарела, Франк Валтер Штајнмаер, Бојко Борисов и Доналд Туск имаа голем удел во нашиот заеднички успех. Верувам дека процесот „Брдо Бриони" им помогна не само подобро да го разберат нашиот регион, туку и појасно да ги согледаат сите напори што нашите земји ги прават на полето на европските интеграции. Преку процесот покажавме дека ние го направивме она што многумина го сметаа за невозможна мисија за нашиот регион ‒ на регионалната политичка сцена покажавме одговорност, отвореност и храброст искрено да зборуваме за најтешките прашања и заедно да бараме одржливи решенија.

Оваа иницијатива не само што нè приближи кон Европската Унија, туку покажа дека кога сме сплотени можеме да успееме повеќе на полето на инфраструктурното, безбедносното и економското поврзување.

На крајот, сакам уште еднаш да посакам успешен настан и се надевам дека како што со отворени раце ме прифативте во овој процес, така ќе го прифатите и мојот наследник со кого ќе ја продолжите идната соработка.

д-р Ѓорге Иванов

BB_family_photo

PRM_portret_1
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден
Сабота, 27 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:

Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповед како и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија, да упатам искрени честитки по повод најголемиот христијански празник – Велигден. Ова е, воедно, и мојата последна велигденска честитка за време на мојот мандат како Претседател на Република Македонија.

Преку Господ Исус Христос, Бог се стави на наше место. Со својата физичка смрт на крстот, Тој нè помири со себе и нè ослободи од последиците на нашите гревови и промашувања. Со своето физичко воскресение од гробот, Тој ја воскресна надежта кај луѓето за подобар свет и подобра иднина.

Не постои појасна порака за Божјата љубов и милост кон луѓето од Велигден. Речиси два милениума оваа порака им помагала на христијаните во Македонија да ги издржат и најстрашните прогонства, да им одолеат и на најсилните искушенија и да ги пребродат и најголемите премрежија. Велигденската порака создаде духовно променети луѓе кои го менувале духот на нашето општество и преку простување, солидарност и почитување се вклучувале во она што Св. Климент Охридски го нарекува престигнување во добрина.

Овој Велигден за нас е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на поглаварот на Католичката црква, папата Франциск. Длабоко верувам дека оваа посета е важен поттик за духовна обнова на Македонија, македонскиот народ и македонските граѓани.

Во оваа пригода и на овој Велигден сакам да ги повикам сите луѓе со чисти срца и со добра волја, независно од тоа дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството или, пак, на сосема различна верска традиција или светоглед, да се вклучат во духовната обнова на Македонија. Ова е поттик да се вклучиме во изградба на хумано, праведно и слободно македонско мултиетничко и мултирелигиско општество втемелено врз трајните етички и морални вредности.

Честитајќи Ви го најголемиот празник, Велигден, Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, мир и спокој.

Христос воскресна!
Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

PRM_portret_1
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден
Сабота, 27 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово - Велигден, упати честитка до сите православни христијани во Република Македонија, како и до сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија:

Дозволете ми, на сите верници од православна вероисповед како и на сите верници на Евангелско-методистичката црква во Република Македонија, да упатам искрени честитки по повод најголемиот христијански празник – Велигден. Ова е, воедно, и мојата последна велигденска честитка за време на мојот мандат како Претседател на Република Македонија.

Преку Господ Исус Христос, Бог се стави на наше место. Со својата физичка смрт на крстот, Тој нè помири со себе и нè ослободи од последиците на нашите гревови и промашувања. Со своето физичко воскресение од гробот, Тој ја воскресна надежта кај луѓето за подобар свет и подобра иднина.

Не постои појасна порака за Божјата љубов и милост кон луѓето од Велигден. Речиси два милениума оваа порака им помагала на христијаните во Македонија да ги издржат и најстрашните прогонства, да им одолеат и на најсилните искушенија и да ги пребродат и најголемите премрежија. Велигденската порака создаде духовно променети луѓе кои го менувале духот на нашето општество и преку простување, солидарност и почитување се вклучувале во она што Св. Климент Охридски го нарекува престигнување во добрина.

Овој Велигден за нас е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на поглаварот на Католичката црква, папата Франциск. Длабоко верувам дека оваа посета е важен поттик за духовна обнова на Македонија, македонскиот народ и македонските граѓани.

Во оваа пригода и на овој Велигден сакам да ги повикам сите луѓе со чисти срца и со добра волја, независно од тоа дали припаѓаат на православната, католичката или протестантската гранка на христијанството или, пак, на сосема различна верска традиција или светоглед, да се вклучат во духовната обнова на Македонија. Ова е поттик да се вклучиме во изградба на хумано, праведно и слободно македонско мултиетничко и мултирелигиско општество втемелено врз трајните етички и морални вредности.

Честитајќи Ви го најголемиот празник, Велигден, Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, мир и спокој.

Христос воскресна!
Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

KabinetPRM
Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија за поднесените прекршочни пријави од ДКСК
Четврток, 25 Април 2019

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, најостро реагира за политичката одлука на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да поднесе прекршочни пријави против Претседателот на Република Македонија и целосно ги отфрла тврдењата дека со донесувањето на указите, кои се предмет на ваквата одлука, Претседателот на Република Македонија постапил спротивно на законите и ги пречекорил овластувањата.

Разочарува фактот што, и покрај тоа што до Државната комисија за спречување на корупцијата уредно беа доставени образложенијата и законските основи врз основа на кои Претседателот на Република Македонија ги донесе указите, истите не се земени предвид од страна на Комисијата, и наместо тоа, како образложение се даваат општи и непрецизни констатации без законска основа.

Претседателот на Република Македонија ги донесе указите во согласност со Уставот на Република Македонија и законите.

Во согласност со член 79 од Уставот на Република Македонија, Претседателот на Републиката е врховен командант на вооружените сили на Македонија.

Во согласност со член 18 став 1 точка 11 од Законот за одбрана, Претседателот на Република Македонија поставува старешини на формациски места генерали и унапредува и разрешува генерали.

Како врховен командант, Претседателот на Република Македонија нема обврска да бара одобренија за надлежности кои му се пропишани со закон.

ДКСК во образложението се повикува на Законот за служба во Армијата на Република Македонија. Овој закон пропишува постапка за унапредувања до чин полковник, а не генерал, која е надлежност на Претседателот на Република Македонија во согласност со Законот за одбрана.

Дополнително, Законот за одбрана е системски закон, а Законот за служба во АРМ е општ закон. Во согласност со начелото на уставност, предвидено со член 51 од Уставот на Република Македонија, јасно е каква е нормативната хиерархија во носењето на одлуките. Доколку воопшто има судир на норми меѓу двата закони, тогаш меродавни се одредбите од Законот за одбрана, а не од Законот за служба во Армијата.

Единствена одредба во Законот за Служба во АРМ, каде се споменува унапредувањето на офицерите со формациски чин генерал, е Членот 61 став 1, каде се предвидува дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин, во конкретниот случај од генерал-мајор во генерал-потполковник, ако офицерот кој треба да биде унапреден поминал најмалку две години во чинот што го има. Претседателот на Република Македонија го донесе указот бр. 57 бидејќи овој критериум за генерал-мајор Васко Ѓурчиновски беше исполнет.

Во однос на системот на плати и надоместоци на плати, укажуваме дека во согласност со член 170 (1) од Законот за служба во АРМ, ова е надлежност на министерот за одбрана или од него овластено лице, а не на Претседателот на Република Македонија.

Дополнително, би сакале да ја запознаеме јавноста дека ваквата одлука на ДКСК е контрадикторна на претходната практика која самата комисија ја воспоставила. ДКСК во 2016 година дала одговор по слична проблематика, кој е сосема спротивен на сегашните ставови. Во т.61 од Мислењето издадено во 2016 година од страна на Државната Комисија за спречување на корупцијата јасно е посочено дека во период на избори не постои законска пречка да се доставуваат предлози за именувања и/или отповикувања на амбасадори до Претседателот на Република Македонија.

PRM_portret_01
Писмо со сочувство по повод терористичките напади во Шри Ланка
Понеделник, 22 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод терористичките напади во Шри Ланка, упати писмо со сочувство до г. Палеват Гамаралалаге Маитрипала Јапа Сирисена, Претседател на Демократската Социјалистичка Република Шри Ланка.

Почитуван господине Претседател,

Со огорченост ја примив веста за грозоморните терористички напади што се случија во Коломбо. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство. Ја користам оваа прилика да Ве поддржам и охрабрам во истрајноста и решителноста во борбата со тероризмот, насилството и злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани.

Република Македонија најостро ги осудува ваквите подли акти на насилство врз невини луѓе и врз достоинството на различноста. Ваквиот ужасен настан е потсетување дека мораме да вложуваме напори за спречување на сите форми на насилен екстремизам, и да не дозволиме нашите споделени човечки вредности, како што се почитувањето на достоинството на различноста и слободата на совеста, мислата и верувањето да бидат мета на тероризмот, стравот и омразата.

Ве молам, изразите на длабоко сочувство и нашата солидарност да ги пренесете до семејствата на трагично настраданите.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_portret_01
Честитка до христијанските верници кои гo прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар
Сабота, 20 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот скопски и eпископ струмичко-скопски, д-р Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Почитуван д-р Стојанов,

Ми претставува особено задоволство во овие празнични денови, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам најголемиот христијански празник – Велигден. Ова е мојата последна велигденска честитка до верниците од Католичката црква за време на мојот мандат како Претседател на Република Македонија.

На овој голем ден се потсетуваме на едно нешто. А тоа е дека иако самиот безгрешен и бесценет Господ Исус Христос, Синот Божји, со својата физичка смрт на крстот ја плати највисоката можна цена за да нè ослободи од заслужените последици на нашите грешки и промашувања. Со своето физичко воскресение, Тој го отвори патот и за наше воскресение во вечен живот.

Не постои појасна порака за Божјата љубов и милост кон човештвото од Велигден. Со векови и милениуми оваа порака им помагала на христијаните во Македонија да ги издржат и најстрашните прогонства, да им одолеат и на најсилните искушенија и да ги пребродат и најголемите премрежија. Но, овој Велигден за нас е посебен бидејќи го празнуваме во пресрет на посетата на Неговата Светост Папата Франциск на Република Македонија. Во време на длабока морална криза и отсуство на доверба, во нашата земја ќе дојде еден од најголемите живи духовни авторитети во светот. Ќе дојде за да прати порака на простување, помирување и сплотување. Затоа, длабоко верувам дека посетата на Папата Франциск е еден многу важен поттик за духовна обнова на Македонија и македонскиот народ и македонските граѓани.

Иако бројно мала, Католичката црква во Република Македонија дава несразмерно голем придонес кон духовниот живот и соживот во македонското мултирелигиско, мултиетничко и мултијазично општество. Св. Мајка Тереза е само еден пример за таквиот придонес. Во оваа прилика, на овој Велигден, сакам да ги повикам сите луѓе со чисти срца и со добра волја, независно од тоа дали припаѓаат на католичката, православната или протестантската гранка на христијанството, или пак на сосема друга верска или идеолошка традиција, да се вклучат во овој потфат за духовна обнова на Македонија во која ќе се почитува достоинството на секој човек. Бидејќи, веруваме дека секој човек е скапоцен во очите на Бог.

Христос воскресна!
Навистина воскресна!

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 1 од 175