Соопштенија
PRM_OBSE
Средба со амбасадорот Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР
Понеделник, 10 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислење за актуелната политичка состојба во земјава во пресрет на претстојниот референдум.

На средбата, претседателот Иванов истакна дека сите институции инволвирани во спроведување на референдумот треба безусловно да ги почитуваат законските прописи,  во согласност со достигнатите демократски придобивки и европските стандарди, водејќи сметка за државните и за интересите на граѓаните.

Шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ го запозна претседателот Иванов со нивните активности поврзани со референдумот. Македонскиот претседател изрази очекување дека набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР професионално ќе ја извршува својата задача во рамките на својот строго утврден мандат.

PRM-portret
Честитки до претседателот Иванов по повод 8 Септември - Денот на независноста
Понеделник, 10 Септември 2018

По повод празникот 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, до претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, беа упатени писма со честитки од повеќе шефови на држави од светот.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, г. Доналд Трамп, во името на американскиот народ упати честитка до претседателот Иванов и до македонскиот народ.

„Македонија има многу причини годинава да биде горда. Историскиот Договор од Преспа го решава долгогодишниот спор за името со Грција и го отвара патот на Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Договорот и членството на Македонија во НАТО ќе ги зајакнат безбедноста, стабилноста и просперитетот во целиот регион. САД се подготвени да ја поддржат Македонија, особено во претстојните разговори за Вашето членство во НАТО. Им посакувам се најдобро на граѓаните на Македонија на овој посебен ден", пишува во честитката од претседателот Трамп.

Во писмото испратено од Претседателот на Народна Република Кина, г. Си Џипинг се вели: „Во последните години, нашите две земји остваруваат стабилни билатерални односи со силна политичка меѓусебна доверба и преку продлабочување на практичната соработка во различни области".

Во честитката од Претседателот на Руската Федерација, г. Владимир Путин се вели: „Руско-македонските односи се основани на добрите традиции на културната и духовната блискост. Убеден сум дека натамошното унапредување на овие односи би им одговарало на темелните интереси на народите на нашите две земји, но и на цела Европа".

Во пораката од Кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија, Н.В. Елизабета ǁ се вели: „Ми претставува големо задоволство, Ваша Екселенцијо, да ви упатам најсрдечни честитки по повод прославата на Денот на независноста, со најдобри желби за среќа и просперитет на народот на Македонија во претстојната година".

Во честитката од г. Франк-Валтер Штајнмајер, претседател на Сојузна Република Германија се вели: „По повод македонскиот ден на независност, Вам и на сите Македонки и Македонци, Ви упатувам срдечни честитики и во името на моите сонародници. Цврсто сум убеден, дека Вашата земја со напредокот во владеењето на правото и доброто владеење, како и со договорите со соседните земји е на вистинскиот пат да ја создаде својата иднина во Европската унија и Северноатлантската алијанса. Со историскиот договор за прашањето за името Вашата земја докажува дека трпеливата дипломатија и доверливиот дијалог може да отворат нови перспективи дури и со оглед на најголемите предизвици. Се надеваме дека идните диксусии и понатаму ќе се одликуваат со далекувидност и одговорност. Германија и понатаму ќе ја поддржува Вашата земја на нејзиниот пат како искрен и сигурен партнер".

Во честитката од Претседателот на Унгарија, г. Јанош Адер, се вели: „Македонија од своето осамостојување постигна напредок, достоен за признание и како резултат на тоа, на дофат е членството во НАТО, како и започнување на преговори за пристапување во ЕУ. Ми претставува големо задоволство што на самитот на НАТО во јули Македонија доби официјална покана за започнување преговори за пристапување. Ве уверувам дека Унгарија и во иднина е подготвена да ја поддржува Македонија на патот кон европската интеграција".

Во честитката од Генералниот гувернер на Австралија, г. Питер Косгроув се вели: „Австралија ги цени односите со вашата земја, кои се поткрепени со силни меѓучовечки врски. Македонската зедница продолжува да биде важен придонесувач во мултикултурното општество на Австралија. Ми претставува задоволство што нашите земји продолжуваат да работат на поддршката на поредокот и меѓународната безбедност преку Глобалната коалиција против ИСИС и во Авганистан. Австралиската влада го поздравува договорот меѓу Вашата влада и Владата на Грција од јуни 2018 година за надминување на долгогодишниот спор за името. Го сметаме за значаен чекор и ги охрабруваме двете земји да работат конструктивно за имплементација на договорот".

Честитка до претседателот Иванов со желби за благосостојба на народот на Македонија, упати и Кралот на Холандија Н.В. Вилем- Александар.

Честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Македонија, упати г. Алан Берсе, Претседател на Швајцарската Конфедерација: „Во името на Швајцарскиот федерален совет и во мое лично име, би сакал да ви упатам најсрдечни честитки на Вас, Ваша Екселенцио, по повод Денот на независноста на Република Македонија". Исто така, ви упатувам најискрени желби за добробит и просперитет на вашата земја и за ваше добро здравје и успех. Можете да бидете уверени во посветеноста на Швајцарија за развој на нашата заедничка доверба и пријателство со Република Македонија и со нетрпение очекуваме овие односи да продолжат да се развиваат во годините пред нас".

По повод Денот на независноста, честитка до претседателот Иванов упати и претседателот на Република Грција, г. Прокопис Павлопулос. „Дозволете да го изразам моето цврсто уверување и надеж дека нашите две соседни земји ќе останат на отворениот пат на билатерална соработка, со цел корист за нашите два народи. Истовремено Ве уверувам дека Грција има силен интерес за понатамошно унапредување на стабилноста, развој и добрососедски односи во регионот", стои во честитката од грчкиот претседател.

Честитка до претседателот Иванов, по повод 8 Септември упати и претседателот на Република Албанија, г. Илир Мета. „Силно влијание во јакнењето на нашите односи има и унапредувањето на меѓуетничките односи помеѓу Албанците и Македонците. Албанците во Македонија и македонската заедница во Албанија се мостот на пријателството и соработката. Во оваа прилика сакам да го изразам и моето уверување за брзо членство на Македонија во НАТО и Ве уверувам во силната поддршка од Албанија на тој пат. Тоа ќе ја зајакне улогата и позицијата на Македонија во евроатлантската ареа и ќе придонесе за безбедноста на нашиот регион", пишува претседателот Мета во честитката.

Во честитката од Претседателот на Украина, г. Петро Порошенко се вели: „Користејќи ја оваа прилика, со пријатност сакам да го истакнам задоволството од интензивирањето на украинско-македонскиот дијалог, меѓу другото во сферата на изнаоѓање на поефективни патишта за реализирање на заеднички стремежи на двете земји за интеграција во европските и евроатлантските институции. Украина е заинтересирана за понатамошен развој на меѓусебно корисната партнерска соработка меѓу нашите пријателски народи".

По повод 8 Септември, Денот на независноста, честитки до претседателот Иванов упатија и Емирот на Државата Катар, Тамим Бин Хамад Ал-тани, императорот на Јапонија, Н.В. Акихито, претседателот на Азербејџан, г. Илхам Алијев, претседателот на Казахстан, г. Нурсултан Назарбаев, како и Кралот на Кралството на Саудиска Арабија, Салман Бин Абдулазиз Ал-Сауд.

PRM_portret_01
Честитка од претседателот Иванов по повод 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија
Сабота, 08 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Честитајќи ви го 8 Септември - Денот на независноста на Република Македонија би сакал заедно да се потсетиме на суштината на овој голем празник.

Делото што го започнаа Илинденците а го продолжија АСНОМ-ците, конечно го заокружија македонските граѓани на 8 Септември 1991 година, на нашиот трет и конечен Илинден.

Bо очи на тој историски референдум во нашата татковина не доаѓаа високи странски претставници. Тоа беше момент на вистинска народна саморефлексија од која произлезе ненаметната, автентична и чиста волја на македонскиот народ и македонските граѓани.

Македонскиот народ на 8 септември 1991 година  го искористи своето право на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување од дотогашната заедничка држава. Со огромно мнозинство, македонските граѓани ја изразија својата волја и го дадоа својот глас со цел Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Со тој чин, народот ја превзеде врз себе одговорноста за иднината на Република Македонија, без повеќе да се потпира на други. Како што македонскиот народ е создавачот на Република Македонија, така и Република Македонија е чуварот на македонскиот идентитет.

Република Македонија не може да се изградува врз други темели освен оние поставени со референдумот за независност од 8 септември 1991 година. Нашата генерација е обврзана да го зачува заветот од предците и да им го предаде на потомците. Тоа е завет за градење на Република Македонија како модерна и демократска држава во која ќе владее правото, а не луѓето, во која секој ќе биде еднаков пред словото на законот. Република Македонија како европска држава во која ќе се достигнуваат европските вредности, стандарди и критериуми.

Одлуките донесени на тој прв и единствен референдум што ја дефинираше самостојноста и сувереноста на Република Македонија беа и остануваат да бидат обврзувачки за секој еден од нас.

Нека ни е за многу години Денот на независноста на Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Stoltenberg_1
Средба на претседателот Иванов со генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг
Четврток, 06 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг.

На средбата беше разговарано за актуелната внатреполитичка состојба во Република Македонија, за евроатлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите.

Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион.

Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, додавајќи дека уште во 2008-та година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.

- Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор, порача претседателот Иванов, на средбата со генералниот секретар на НАТО, г. Јенс Столтенберг.

Претседателот Иванов истакна дека сите негови обврски како Врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите-членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.

Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека го поддржа процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена.

Имајки ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, додаде претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите.

PRM_Stoltenberg_2

UK
Средба со г. Ендру Пејџ, директор за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство
Понеделник, 03 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Ендру Пејџ, директор на Директоратот за Западен Балкан во Министерството за надворешни работи и Комонвелт на Обединетото Кралство.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу двете држави, за случувањата во Европа и Европската унија, за актуелната политичка состојба во Република Македонија и за состојбите во регионот.

Претседателот Иванов ги реафирмираше стратешките цели на Република Македонија во однос на европските и евроатлатските интеграции и изрази очекување дека и покрај Брегизит, билатералната поддршка од Обединетото Кралство за Република Македонија ќе продолжи.

- Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор, порача на средбата претседателот Иванов.

Македонскиот претседател го реафирмираше интересот за натамошно интензивирање на политичкиот дијалог со Обединетото Кралство и проширување на областите на соработка.

Во однос на актуелните регионални случувања, беше истакната потребата од поддршка на напорите на земјите од Западен Балкан во градење на просперитетно, безбедно и стабилно соседство. Одржувањето на мирот и стабилноста на регионот е од клучно значење за целиот европски континент, рече на средбата претседателот Иванов.

PRMportret
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица
Вторник, 28 Август 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.

Овој празник е симбол на верата, спасението и мајчинската љубов. На овој голем христијански празник го славиме вознесувањето на Богородица во небесните живеалишта. Нејзиниот животен пат, нејзината посветеност кон Бога и љубовта кон луѓето, ни говорат за нејзината големина и улога во христијанството. Празнувајќи ги животот, љубовта и посветеноста на Мајката Божја кон своето чедо се потсетуваме на основните христијански вредности кои биле наша водилка низ вековите.

На овој ден да се присетиме на милоста и мајчинската љубов на Мајката Божја и да се помолиме за меѓусебна љубов, почит и разбирање.

Нека е света, вечна и почитувана Мајка Богородица.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 10 од 175