Соопштенија
Kuba
Проштална средба со амбасадорот на Република Куба, Н.Е. г. Педро Пабло Сан Хорге Родригез
Понеделник, 08 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба го прими амбасадорот на Република Куба за Република Македонија, со седиште во Софија, Н.Е. г. Педро Пабло Сан Хорге Родригез.

На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од соработката со амбасадорот Родригез и од неговото залагање за унапредување на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Куба.

Претседателот Иванов на средбата го посочи интересот на Република Македонија за развој на билатералните односи со Република Куба на повисоко ниво и истакна дека Република Македонија придава значење на соработката со земјите од Централна и Јужна Америка, како на билатерален, така и на мултилатерален план.

Двајцата соговорници се согласија за потребата да се истражат можностите за соработка во областите од заемен интерес, вклучувајќи го образованието, културата, здравството, фармацевтската индустрија и други област.

Заблагодарувајќи се за неговиот досегашниот ангажман и соработка, претседателот Иванов на амбасадорот Родригез му посака успех во натамошната работа.

PRM_portret_01
Честитка од претседателот Иванов по повод Меѓународниот ден на Бошњаците
Петок, 28 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, упати честитка до припадниците на бошњачката заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, успех и благосостојба.

Празнувањето на 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците е симбол на длабока почит што Република Македонија ја има кон сите своите граѓани.

Себеидентификацијата претставува основно, загарантирано и неотповикливо човеково право кое е столбот на кој се темели нашата заедничка држава.

Негувањето на културните различности и традиции е всаденo во кодот на Република Македонија. Принципите на меѓусебна почит, заедништво и разбирање се вредности кои сите ги споделуваме и благодарение на нив успешно градиме иднина која ја посакуваме за себе и за своите деца.

Бошњачката заедница дава огромен културен и економски придонес во развојот на демократска, развиена и модерна Република Македонија.

Упатувајќи ви уште еднаш честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците Ви посакувам убави празнични моменти.

Нека е честит големиот празник.

д-р Ѓорге Иванов

akreditivi_rusija_9
Предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваните амбасадори на Руската Федерација и на Австралија
Вторник, 18 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Руската Федерација и на Австралија во Република Македонија.

На предавањето на акредитивните писма од страна на Н.Е. г. Сергеј Баздникин, новоименуван амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека македонско - руските односи, кои имаат долга и богата традиција на искрено пријателство и меѓусебно разбирање, и натаму успешно ќе се развиваат и интензивираат во сите сфери од взаемен интерес.

„Национален интерес на Република Македонија се евроатлантските интеграции, но едновремено придаваме големо значење на севкупното продлабочување на односите со Руската Федерација, со посебен акцент на економската соработка. Оттука, очекуваме натамошно интензивирање на соработката, особено во делот на енергетиката, земјоделството, градежништвото и туризмот, како и инвестициските активности", рече претседателот Иванов.

Рускиот амбасадор Баздникин подвлече дека повеќевековните историски и духовни врски, кои тесно ги поврзуваат народите на двете земји, станале цврста основа за градење на руско-македонската соработка, особено во сферите на трговско-економските и инвестициските врски како и во областа на културата, образованието, науката и спортот.

„Цврсто сум убеден дека сестраното продлабочување на партнерството меѓу Русија и Македонија целосно им одговара на исконските интереси на народите на нашите две земји, а и на цела Европа. Руската Федерација се залага за унапредување на соработката со Република Македонија врз принципите на рамноправност и заемна полза", рече амбасадорот Баздникин.

Рускиот амбасадор оцени дека Република Македонија доживува клучен момент во својата историја и дека од одлуките кои ќе бидат донесени во наредните неколку недели ќе зависи иднината на Република Македонија. „Од голема важност е тие да бидат донесени строго во рамки на Уставот, а не да ја уриваат правната држава. Да претставуваат недвосмислен одраз на волјата на граѓаните на Република Македонија, а не да бидат наметнати однадвор. Да го обединуваат, а не разединуваат општеството. Да почиваат на фундаменталните принципи на меѓународното право зацртани во Повелбата на ООН, а не на политичката конјунктура", порача амбасадорот Баздникин во својот говор.

akreditivi_avstralija_9На предавањето на акредитивните писма од страна на Н.Е. г-а Рут Карис Стјуарт, новоименуван амбасадор на Австралија во Република Македонија, со седиште во Белград, македонскиот претседател нагласи дека дведецениските дипломатски односи и пријателство со Австралија се од големо значење за нас и го потенцираше интересот за динамизирање на политички дијалог, за интензивирање на економската соработка и унапредување на трговската размена.

„Искрено ме радува што Австралија има максимално позитивен однос кон македонската заедница, која е цврста гаранција за нашите пријателски односи. Како Претседател на Република Македонија, горд сум што во Австралија се прифаќа македонскиот етнички и културен придонес. Сврзувајќи го најдоброто од двете култури, македонската заедница е мостот што ги поврзува двете држави и општества", рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател изрази и благодарност за континуираната, несебична и безрезервна поддршка што Австралија ѝ ја дава на Република Македонија во процесот на нашето евроатлантско интегрирање, преку јасно искажана определба, за што поскоро членство на нашата земја во НАТО.

Австралиската амбасадорка Стјуарт потенцираше дека двете земји имаат топли и пријателски врски, додавајќи дека повеќе од еден век по првата македонска населба во Австралија, заедницата со околу 100 000 Австралијци со македонско потекло напредува и е просперитетна.

„Македонско-австралиската заедница обезбедува цврста основа за нашите позитивни односи. Нашите силни меѓучовечки врски се предност. Се надевам дека за време на мојата амбасадорска должност, ние ќе сме во можност да ги искористиме овие културни врски за да ја зголемиме трговската и инвестициската, како и академската и културната соработка. Ова е нешто за што напорно ќе работам за да се постигне", рече амбасадорката Стјуарт.

Австралиската амбасадорка подвлече дека нејзината земја ги поздравува чекорите што се преземаат за решавање на долгогодишниот спор со името со Грција. „Ние признаваме дека има различни ставови по ова прашање - тоа е нормално во секоја демократија", рече амбасадорката Стјуарт во својот говор.

Претседателот Иванов на новоименуваните амбасадори им честита за функцијата и им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

italija_MO
Средба со г-а Елизабета Трента, Министер за одбрана на Италијанската Република
Понеделник, 17 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-а Елизабета Трента, Министер за одбрана на Италијанската Република.

На средбата беше разговарано за билатералните односи меѓу Република Македонија и Италијанската Република, за соработката во областа на одбраната и безбедноста, како и за состојбите поврзани со интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека македонското интегрирање во евроатлантските структури ќе придонесе за стабилност, просперитет и отвореност на целиот регион, притоа нагласувајќи ја важноста за продолжување на италијанската поддршка во однос на нашето членство во ЕУ и НАТО.

Македонскиот претседател подвлече дека Армијата на Република Македонија со својата посветеност, професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан сојузник на армиите на земјите-членки на НАТО и континуирано придонесува во заедничките меѓународни мировни мисии на Алијансата.

Претседателот Иванов се осврна и на последиците од мигрантската криза, која како што потенцираше, претставува сериозен предизвик и фактор за голема загриженост не само за нашиот регион туку и за целиот европски континент, потенцирајќи дека е потребна координирана соработка во сферите на одбраната и внатрешните работи.

„Соработката меѓу Република Македонија и Италијанската Република во сферата на заедничката безбедност особено зајакна за време на мигрантската криза и неопходно е истата да се интензивира со цел превентивно делување", порача претседателот Иванов на средбата со министерот за одбрана на Италијанската Република.

Во тој контекст двајцата соговорници разменија мислења и за состојбите со миграциските текови во Медитеранот, Блискиот Исток и Северна Африка, за нивното влијание врз континентот Европа и регионот на Балканот, како и за поведување иницијатива за заедничко учество на АРМ во воените мисии.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално пријателски, со висок степен на разбирање и доверба, и беше изразена заедничката определба за унапредување и интензивирање на политичкиот дијалог и понатамошно динамизирање на билатералната соработка.

Matis_za_web
Средба на претседателот Иванов со секретарот за одбрана на САД, г. Џејмс Норман Матис
Понеделник, 17 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими секретарот за одбрана на Соединетите Американски Држави, г. Џејмс Норман Матис.

На средбата беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за билатералната соработка меѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста.

Македонскиот претседател истакна дека пристапувањето во НАТО и ЕУ остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија, што ќе придонесе за напредок и просперитет на целиот регион.

Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД и дека и натаму ќе се залага за безбедноста, слободата и демократскиот напредок на регионот и активно ќе придонесува во заедничките активности во борбата против тероризмот и останатите закани на глобално ниво.

Претседателот Иванов се заблагодари за поддршката што САД ја дава на Република Македонија со цел унапредување на реформите во одбраната и безбедноста, како од аспект на финансиска, така и практична и техничка поддршка преку учество во заеднички обуки, вежби и мисии. Претседателот Иванов изрази задоволство и од соработката со Националната гарда на Вермонт.

„Иако не сме во НАТО, нашата армија е НАТО компатибилна, и за тоа сме благодарни на САД. Тоа е влог во иднината. Мораме да бидеме подготвени за новите закани и новите предизвици", порача претседателот Иванов на средбата со секретарот за одбрана на САД.

Македонскиот претседател истакна дека Армијата на Република Македонија со својата професионалност и високо рангирана борбена подготвеност е докажан партнер на НАТО и континуирано придонесува во меѓународните мировни мисии на Алијансата.

Интензивирањето и унапредувањето на севкупните билатерални односи со САД, додаде претседателот Иванов, се од долгорочен интерес за Република Македонија.

Двајцата соговорници разменија мислења и за предизвиците и очекувањата за иднината на регионот на југоисточна Европа.

PRM_Mogerini1
Средба со г-а Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на ЕК
Четврток, 13 Септември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ја прими г-а Федерика Могерини, висок претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија.

На средбата беа разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија и за процесот на европска интеграција, како и за клучните предизвици со кои се соочува регионот.

Претседателот Иванов истакна дека и понатаму ќе ги поддржува европските и евроатланските интеграции на Република Македонија кои се од огромно значење за просперитетот на државата, но истовремено порача дека стратешките цели не смеат да се злоупотребуваат на сметка на националните интереси и интересите на македонскиот народ.

- Мојот став е непроменет. Стратешка цел на Република Македонија е членство во Европската Унија и во НАТО Алијансата. Ho, ЕУ и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, одошто се затвораат, порача претседателот Иванов на средбата со г-а Могерини.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 9 од 175