Соопштенија
PRM_portret_01
Честитка од претседателот Иванов по повод 21 декември - Денот на наставата на турски јазик
Петок, 21 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Дозволете ми, од мое лично име и од името на граѓаните на Република Македонија, на сите припадници на турската етничка заедница да Ви го честитам 21 декември, Денот на наставата на турски јазик.

Можноста за образование на мајчин јазик е суштинска демократска вредност која придонесува за развој на културниот плурализам во една земја. Правото да се говори и твори на сопствениот мајчин јазик е едно од најзначајните човекови права, преку кои се создава, чува и промовира сопствениот и идентитетот на етничката заедница.

Во Република Македонија внимателно се негува долгата традиција на соживот и на заедништво, и ние можеме со право да се гордееме со достигнувањата и постигнувањата на сите етнички заедници кои се дел од нашето мултиетничко општество.

Припадниците на турската заедница во Република Македонија активно придонесуваат за развојот и за напредокот на нашата држава. Изразувајќи благодарност за вашите досегашни заложби, Ве повикувам и во иднина, заедно, сплотени и единствени да продолжиме во градењето подобра и просперитетна Република Македонија.

д-р Ѓорге Иванов

PRM_Salivan
Средба на претседателот Иванов со г. Џон Саливан, заменик државен секретар на САД
Вторник, 18 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими г. Џон Саливан, заменик државен секретар на Соединетите Американски Држави.

На средбата беа разменети мислења за тековните политички случувања во Република Македонија, за евроатлантските перспективи на земјата и за актуелните случувања во регионот. Македонскиот претседател истакна дека европските и евроатлантските интеграции остануваат стратешки цели и највисоки приоритети на Република Македонија.

„Секогаш сум бил силен и гласен поддржувач на стратешките приоритети на Македонија, а тоа е целосна интеграција во ЕУ и НАТО. Но, членството во ЕУ и НАТО не смее да се злоупотребува за прифаќање на договор со кој се отвораат многу повеќе прашања, отколку што се затвораат", истакна на средбата претседателот Иванов.

Македонскиот претседател потенцираше дека Република Македонија останува стратешки партнер на САД и изрази благодарност за целокупната поддршка и помош во модернизацијата и едукацијата на Армијата на Република Македонија, со цел постигнување на НАТО стандардите.

Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.

Kosovo_akreditivi_novo
Предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваните амбасадори на Република Косово и на Република Бугарија во Република Македонија
Четврток, 13 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Косово и на Република Бугарија во Република Македонија.

На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Косово, Н.Е. г. Ѓерѓ Дедај, претседателот Иванов рече дека Република Македонија, во духот на добрососедството, е подготвена за посветена и суштинска соработка со сите соседни земји, вклучително и со Република Косово, и изрази очекување за продолжување на дијалогот по билатерални прашања од заемен интерес, како и за соработка во рамките на регионалните и други организации и иницијативи.

„Од друга страна, свесен сум и за потенцијалните предизвици и преостанатите отворени прашања кои би можеле да имаат дестабилизирачко влијание во нашиот регион. Затоа верувам дека е неопходна координација, искрен пристап и заедничко дејствување во справувањето со билатерални, регионални и меѓународни предизвици", истакна во обраќањето претседателот Иванов.

Во однос на регионалната соработка, претседателот Иванов порача дека е потребна целосна фокусираност на инфраструктурните и енергетските поврзувања, на економската соработка, на ефикасно справување со ризиците од катастрофи, како и со предизвиците што ги носат безбедносните прашања и организираниот криминал.

Амбасадорот Дедај искажа уверување дека понатамошната соработка и односите на добрососедство со Република Македонија, ќе бидат главен приоритет високо на политичката агенда на сите косовски институции.

„Ве уверувам г. Претседателе дека продолжувањето на таквите политики базирани на принципите на блиска соработка, слобода и демократија, ќе придонесе за успех и просперитет не само на нашите две земји, туку ќе претставува и значаен историски придонес за мирот и стабилноста на регионот, како единствен начин за надминување на негативното влијание од минатото и ќе ја гарантираат стабилноста и оддржливиот демократски развој на Западен Балкан", посочи во обраќањето амбасадорот Дедај.

Akreditivi_Bugarija_6На средбата со новоименуваниот амбасадор на Република Бугарија, Н.Е. г. Ангел Ангелов, претседателот Иванов истакна дека традиционално добрите пријателски односи и очекуваната заедничка иднина во рамките на европското семејство ги поврзуваат, но и обврзуваат Македонија и Бугарија да ги засилат меѓусебните односи во сите сфери од заеднички интерес.

„Нашите заложби за реализација на заедничките демократски цели се рефлектираат во посветеноста на двете земји за градење добрососедска политика заснована врз принципите на меѓусебна доверба и почитување. Имплементацијата на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, пред сè, насочен кон надминувањето на историските предрасуди, отвора перспективи во постигнувањето на европските вредности, како заеднички придонес кон стабилизацијата и просперитетот на целиот регион. Би сакал и во оваа прилика да го изразам нашиот интерес за продолжување на конструктивниот дијалог за голем број прашања од заемен интерес, како и за продолжување на меѓусебната поддршка и соработка во рамки на меѓународните организации", рече претседателот Иванов.

Амбасадорот Ангелов истакна дека активната и посветената работа за понатамошниот развој на билатералните односи во сите области од заеднички интерес, во духот на добрососедството, пријателството и довербата, како и поддршката за полноправно членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО, ќе бидат главната задача за време на неговиот мандат.

„Денес, граѓаните од двете страни на границата имаат пријателски и добрососедски односи кои се развиваат во позитивна насока. Со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан во 2017 година, Република Бугарија и Република Македонија дадоа позитивен пример на сите држави во регионот за тоа како можат да се изнајдат дипломатски решенија дури и за најсложените отворени прашања што траат со децении. Сепак, има уште многу работа да се направи за целосна имплементација на документот", рече амбасадорот Ангелов.

Претседателот Иванов на двајцата новоименувани амбасадори им посака успех во извршувањето на одговорната дипломатска функција.

PRM_Ruci
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Собранието на Р. Албанија, г. Грамоз Ручи
Понеделник, 10 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Собранието на Република Албанија, г. Грамоз Ручи.

Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, г. Ручи разменија мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Албанија, констатирајќи дека политичките односи бележат позитивен тренд на развој, со континуиран политички дијалог и учество во заедничките иницијативи и активности на билатерално, регионално и мултилатерално ниво.

Двајцата соговорници констатираа дека Република Македонија и Република Албанија споделуваат идентични надворешно-политички цели во контекст на европските интеграции, добрососедските односи и регионалната соработка, како клучни предуслови за стабилност и просперитет на регионот. Претседателот Иванов и претседателот на албанското Собрание, г. Ручи  се согласија дека парламентарната соработка може дополнително да се развива преку интензивирање на контактите помеѓу парламентарните тела и комисии.

На средбата беа разгледани можностите за соработка меѓу двете земји во контекст на интеграцијата во ЕУ, а од македонска страна беше изразено очекувањето за активна поддршка од Република Албанија во однос на членството во НАТО.

На средбата беше истакната и потребата за заедничка посветеност за забрзување на реализацијата на тековните инфраструктурни проекти, како и унапредување на економската соработка меѓу двете земји.

На средбата, македонскиот претседател изрази задоволство од усвојувањето на Законот за малцинства од страна на Парламентот на Република Албанија и изрази очекување дека истиот ќе придонесе за подобра заштита и афирмација на културните и јазичните идентитетски одлики на етничките Македонци во Албанија.

PRM_portret_01
Честитка од претседателот Иванов по повод државниот празник 8 Декември - Свети Климент Охридски
Сабота, 08 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Св. Климент Охридски упати честитка до Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми, од свое име и од името на граѓаните на Република Македонија, Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, на преподобното свештенство, како и на сите православни верници во земјата и во странство, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот празник Св. Климент Охридски.

Овој празник е посветен на првиот македонски архиепископ и најдаровитиот ученик на сесловенските браќа светите Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски.

Климент Охридски со своите благо угодни зборови го упати народот во верата, а со своите дела се издигна кон божествениот и блажен живот.

Ликот и делото на Св. Климент Охридски се силно врежани во македонската историја. Неговото дело и мисија се должни за почит, но и поука за сите идни генерации дека чувањето на културната и јазична посебност е исконска должност.

Чествувањето на вакви големи празници е темелна премиса за јакнење на духовноста и почитување на христијанските вредности.

Неговото црковно и просветно дело треба да биде наш пат, водилка и вечна инспирација за добри дела.

Честит празник и за многу години!

д-р Ѓорге Иванов

KabinetPRM
Реакција од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија на соопштението на СДСМ
Петок, 07 Декември 2018

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија остро реагира на соопштението на СДСМ и истото го оценува како очаен обид да се обвини Генералниот секретар на Кабинетот, г. Борис Јосифовски за наводна вмешаност во настаните од 27 април.

Ја разбираме нервозата кај СДСМ поради неуспешното спинување на вистината околу 27 април и прикривање на катастрофалните грешки, како и сопствената неспособност во водење на државата, но со цел да спречиме натамошно шпекулирање и ширење на дезинформации, сакаме да ја информираме јавноста дека присуството на Борис Јосифовски во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април не е непознат факт.

Генералниот секретар на Кабинетот на Претседателот во Основното Јавно Обвинителство уште во месец ноември, минатата година, под целосна морална и правна одговорност даде детален исказ за сите негови движењa и остварени контакти, и одговори на сите поставени прашања.

Ја потсетуваме партијата СДСМ, дека Борис Јосифовски е член на ВМРО-ДПМНЕ и како член на таа партија нема ништо спорно да биде присутен во седиштето на партијата. Истовремено посочуваме дека присуство, не подразбира и инволвирање во конкретни активности. Присуството на Јосифовски во штабот на ВМРО-ДПМНЕ на 27 април беше со цел да оствари договорена средба што нема никаква поврзаност со какво било координирање на некакви активности за наводно прогласување на воена, или вонредна состојба. Откако беше повикан од страна на  Претседателот Иванов со цел да го свика Кабинетот, Јосифовски се врати на работното место.

Согласно Уставот на Република Македонија, слободата на движењето е загарантирано човеково право, освен ако во меѓувреме не настанала нова реалност, за која не знаеме.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 5 од 175