Соопштенија
PRMportret2
Честитка по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука
Четврток, 22 Ноември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Создавање на азбуката е клучен чекор во писмениот и културниот развој на еден народ, таа е огледало на цивилизацијата и суштинско обележје на колективната свест и на идентитетот на народите.

Денешниот празник, 22 Ноември, е значаен ден за припадниците на албанската заедница во Република Македонија. Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество.

Почитувајќи ги идентитетските обележја и меѓусебните разлики ги потврдуваме нашите заложби за градење на подобар живот на сите граѓани и изградба на силна, напредна и европска Република Македонија.

Во оваа пригода на припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на азбуката и да ги повикам сите граѓани заеднички да работиме на негување и зачувување на мирот и македонската традиција на соживот и почитување на различноста.

д-р Ѓорге Иванов

KabinetPRM
Реакција на Кабинетот на Претседателот на Република Македонија на соопштението на Основниот суд Скопје 1
Петок, 16 Ноември 2018

Во врска со соопштението на Основниот суд Скопје 1, во кое се обвинува Претседателот на Република Македонија за мешање во судската власт, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија смета дека повикувањето на овој суд за "независност и мешање во судската власт" има цел да ја прикрие направената злоупотреба на неточна информација.

Немојте позади независноста на судот да ја затскривате вашата одговорност дека врз основа на фалсификат со невистинита содржина и конструкција на лаги е злоупотребен Претседателот на Република Македонија, носите решенија за притвор и спроведувате притворска политика.

Посочуваме дека, како ние, така и јавноста преку јавно објавените Решенија за притвор се запозна со содржината на copy-paste класифицираната "строго доверлива" белешка што поведува и друг вид на одговорност за непрофесионално однесување во судски предмети.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија никогаш досега не реагирал на судска одлука или решение. Сметаме дека е крајно време, а во интерес на ЕУ стандардите кои се бараат земјата да ги исполни, судството да не ги затскрива сопствените недостатоци зад наводно мешање во неговата независност.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се уште очекува одговор на барањето испратено до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент на Судот при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

KabinetPRM
Соопштение од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Петок, 16 Ноември 2018

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија e згрозен од содржината на јавно објавеното решение за притвор на лицето Кирил Божиновски, каде се цитира идентична службена белешка на УБК, како и во случајот на Миле Јанакиески.

На идентичен начин се злоупотребува Претседателот на Република Македонија. Единствената разлика во содржината на цитираната белешка е што во првиот случај се посочува на остварена средба со посредник на Миле Јанакиески, а во вториот на средба со посредник на Кирил Божиновски.

Категорично ги негираме изнесените наводи во службената белешка на УБК и информираме дека ниту е побарана, ниту одржана средба со Кирил Божиновски, ниту со негов посредник. Негираме и дека е остварена средба со посредник на Миле Јанакиески.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија јавно прашува дали се уште незаконското следење на комуникации се прикрива со користење на измислени извори?

Јавно ги повикуваме Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат врз основа на што се следат активностите на Претседателот на Република Македонија и неговиот Кабинет, од страна на УБК.

Врз основа на ова, ги повикуваме собраниската Комисија за надзор над работата на УБК, Советот на јавни обвинители, Судскиот совет и Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации да утврдат одговорност за целиот случај и да го известат Претседателот на Република Македонија.

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија нема добиено одговор за барањата упатени вчера, до министерот за внатрешни работи, до директорот на УБК и до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на Претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски.

KabinetPRM
Соопштение од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Четврток, 15 Ноември 2018

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, по објавата во јавноста на Решението на Основниот суд Скопје 1 за определување на мерка притвор против лицето Миле Јанакиески, категорично одбива каква било инволвираност во врска со донесената судска одлука.

Ја информираме јавноста дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана „строго доверливо", а која е основ за определување на мерката притвор. Миле Јанакиески телефонски побара средба со Претседателот Иванов која е одржана на 13.11.2018 година, вторник во 16:00 часот во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција.

Сметаме дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки со цел да се инволвира Претседателот на Република Македонија, видливо од јавно објавеното образложение на решението на Судот.

Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина.

Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК?

Очекуваме итни одговори од Министерот за внатрешни работи, од директорот на УБК, од претседателот на Основниот суд Скопје 1 на дописите од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија коишто беа испратени денеска.

Очигледно е дека продолжува практиката на конструкции и генерирање на кризи во македонското општество од неодговорно однесување на припадници на УБК, нешто што Претседателот Иванов го потенцираше во годишното обраќање до пратениците во 2017 година.

Претседателот Иванов, како и досега, ќе постапува исклучиво согласно Уставот на Република Македонија и неговите надлежности и со никакви притисоци и закани нема да отстапи од тоа.

muscat
Средба со премиерот на Република Малта, г. Џозеф Мускат
Среда, 14 Ноември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими премиерот на Република Малта, г. Џозеф Мускат, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот развој на билатералните односи и го поздравија интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу Република Македонија и Република Малта.

Македонскиот претседател потенцираше дека со воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји, се поставени темелите за сеопфатна и партнерска соработка на долг рок. Во тој контекст, претседателот Иванов го афирмираше македонскиот интерес за натамошно продлабочување и развивање на севкупните односи, како на билатерален така и на мултилатерален план.

Македонскиот претседател нагласи дека двете држави во наредниот период треба да се фокусираат на интензивирање на економската соработка преку зголемување на трговската размена, унапредување на правната рамка и поттикнување на контактите меѓу бизнис заедниците и граѓаните.

Во однос на европските аспирации, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија во Република Малта гледа искрен пријател и поддржувач, додавајќи дека нивните искуства би можеле да ни помогнат во процесот на нашето пристапување кон ЕУ.

Премиерот Мускат нагласи дека Малта целосно ја поддржува македонската европска интеграција и изрази подготвеност за споделување на нивните искуства на нашиот евроинтегративен пат.

Едно од прашањата коишто беа препознаени како заеднички предизвик за двете земји, но и за Европа, беше прашањето за илегалната миграција, при што двајцата соговорници се заложија за засилена соработка во таа сфера.

Претседателот Иванов и премиерот Мускат се согласија дека македонската заедница во Република Малта, претставува мост за натамошно приближување и развивање на севкупните односи меѓу Република Македонија и Република Малта.

Jordan
Предавање на акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан за Република Македонија, Н.Е. г. Исмаил Иса Исмаил Рифаие
Понеделник, 05 Ноември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Хашемитското Кралство Јордан за Република Македонија, со седиште во Анкара, Н. Е. г. Исмаил Иса Исмаил Рифаие.

Претседателот Иванов упати честитки по повод неговото именување и изрази интерес и подготвеност за натамошно продлабочување на билатералните односи меѓу двете земји.

„Убеден сум дека Вие, со Вашиот професионален ангажман, ќе придонесете за натамошно унапредување и збогатување на соработката меѓу нашите пријателски земји и народи во сите области од заеднички интерес, за што постои голем потенцијал. Бидете уверени дека во вршењето на Вашите дипломатски должности ќе ја уживате нашата целосна поддршка и помош", порача македонскиот претседател на свечениот чин на предавање на акредитивите.

На средбата со амбасадорот Н.Е.г.Исмаил Иса Исмаил Рифаие, претседателот Иванов изрази задоволство од интензивирањето на соработката меѓу двете земји во повеќе сфери, особено во областа на разузнавањето и ја поздрави конструктивната улога на Јордан во стабилизацијата на состојбата во регионот на Блискиот Исток.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања во двете земји и за настаните во регионот.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 7 од 175