Туризам | |
Македонија е земја во која на секој чекор доминира чувството на преплетување на вековите, на античкото и модерното, на цивилизациските наследства низ епохите. На посетителите им се нуди можноста да уживаат во богато мултикултурно искуство со посетата на средновековните манастири, цркви, џамии, виновите лозја и фасцинантната природа, чаршиите и модерните трговски центри. Умерената медитеранска клима извршила влијание врз животните стилови на луѓето во Македонија, кои разговорливо и радосно, со срдечно добредојде ги пресретнуваат туристите и посетителите, вклопувајќи ги во својот животен ритам со спонтаност и непосредност.
На влезот во земјата од нејзината северна граница се наоѓа едно од најголемите чуда создадени од човекот – Кокино, четвртата мегалитска опсерваторија регистрирана од НАСА. Оттаму почнува авантурата низ земјата на Сонцето. Во Скопје ве пречекува следната импозатна глетка - Тврдината на големиот римски император Јустинијан, а спроти неа најбележитиот споменик на градот, Камениот мост преку Вардар кој води од централниот градски реон кон пополчените улици на Старата скопска чаршија. Главниот град е обиколен со кањонот Матка и прекрасните манастири и цркви кои сведочат за животот во средниот век на овие простори. Скопје е познат и како градот во кој е родена Мајка Тереза, чија Спомен куќа го раскажува живот и достигнувањата на големата хуманитарка. Приказната продолжува кон плантажите со лозја во централна Македонија, регионот традиционално познат по високо-квалитетното вино и врвните винарии. Патот на виното во Македонија овозможува уникатно доживување и совршен спој на традиционалната македонска храна, столетно вино, музика и култура. Сонцето во оваа земја ги благослови југоисточните полиња со богато производство на зеленчук и овошје. Тоа е регионот на плодна земја и здрава храна, но и недопрена природа, водопади, бањи, локалитети и споменици.
Низ територијата на Македонија, по масивните планински предели се распространети и неколку развиени регионални скијачки центри.
И тоа е само еден мал дел од она што љубопитното око може да го најде во оваа земја. Популарниот американски весник Њујорк Тајмс ја постави Македонија на 21-то место од 31 локација во светот, претставени од како најатрактивни туристички понуди за 2010 година - "The 31 Places To Go in 2010".
Во срцето на Балканот, на крстопат и во средиште на најголемите светски цивилизации чии остатоци забележливо ве внесуваат во магичен свет на богата археологија, уметност, култура и беспрекорна природа и убавина, ќе ја најдете уникатната светска приказна – Македонија.
Дел од најпознатите македонски туристички атракции
За повеќе информации за Македонија и незјината богата туристичка понуда: |