header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
Detska_klinika_31122018
Г-ѓа Маја Иванова во посета на Клиниката за детски болести по повод новогодишните празници
Понеделник, 31 Декември 2018

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје и на децата згрижени во таа јавна здравствена установа им подари новогодишни пакетчиња.

„Традиционално, десетта година по ред, последниот ден од годината што изминува го посветувам на децата коишто, за жал, новогодишната ноќ и новогодишните празници, наместо во своите домови, ќе ја поминат овде на детската клиника. Пакетчињата што ги подарив и што ги поделив барем за миг ја вратија среќата и радоста на детските лица. На секое од нив му посакав една единствена и голема желба, а тоа е во новата година што побргу да оздрават, да се вратат во прегратките на своите семејства, во прегратките на своите родители, во училишните клупи меѓу своите другарчиња", изјави г-ѓа Иванова.

Г-ѓа Иванова изјави дека е особено горда што зад себе остава два големи проекта поврзани со Детската клиника, реализирани под нејзино покровителство, а со голема финансиска помош на турската агенција ТИКА - отворањето на Детскиот ургентен центар и целосното реновирање на одделот за интензивна нега.

„Сето тоа го направив со голема љубов, затоа што сметам дека здравствената заштита на децата овде во Македонија треба да биде подигната на највисоко ниво, да ги достигне тие европски стандарди. Секогаш сум била, сум и ќе останам со децата и ќе работам за нив, не од причина што мојот сопруг е Претседател на Република Македонија, како негова сопруга, туку пред се како жена и мајка, затоа што функциите доаѓаат и поминуваат, меѓутоа човечноста, солидарноста, хуманоста остануваат, а тоа треба да бидат највозвишените цели на секој од нас. Сакам уште еднаш на овие дечиња што овде остануваат, на нивните родители, на персоналот на детската клиника којшто несебично се вложува и работи овие деца што побрзо да оздрават и излезат од болница, да им ја честитам новата 2019 година", изјави г-ѓа Маја Иванова при посетата на Клиниката за детски болести во Скопје.

g._Ivanova-Zemanova
Активности на г-ѓа Маја Иванова за време на официјалната посета на Чешката Република
Петок, 05 Октомври 2018

За време на официјалната посета на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на Чешката Република, сопругата на Претседателот г-ѓа Маја Иванова оствари средба со г-ѓа Ивана Земанова, сопруга на Претседателот г. Земан. Покрај средбата на претседателските парови, г-ѓа Иванова и г-ѓа Земанова имаа одвоена дамска програма на која покрај средбата, имаа и кратка прошетка низ прашкиот замок.

Сопругата на Претседателот, г-ѓа Маја Иванова, во рамки на посетата, го посети Националниот институт за аутизам NAUTIS. Г-ѓа Иванова се запозна со начинот на функционирање на институтот, програмите за деца, младинци и возрасни лица со аутизам, од градинка, дневен престој, домување до програмите со лични асистенти за лицата со аутизам. Домаќините ја информираа г-ѓа Иванова за дијагностицирањето, особено раната дијагноза на децата со аутизам, терапија, но и помош и поддршка за нив и нивните родители.
NAUTIS_03

Г-ѓа Иванова и соговорниците разменија мислења за актуелните состојби со аутизмот во двете држави, паралела на законските регулативи, активностите на здруженијата, а се отвори и тема за можна идна соработка меѓу Институтот и организации од Република Македонија. Сопругата на Претседателот информираше за нејзините активности за подигање на свеста за аутизмот во Македонија и нејзината соработка со сите засегнати страни во областа на аутизмот.

Г-ѓа Маја Иванова, за време посетата на Чешка, оствари средба и со г-ѓа Ливија Клаусова, сопруга на поранешниот Претседател на Република Чешка г. Клаус. Двете дами имаа прилика да се сретнат неколкупати при официјални активности, и поради нивното долгогодишно пријателство, г-ѓа Иванова изрази желба да се сретнат и при оваа посета на Чешката Република.

Klausova_01

MI_-_Emine_Erdogan_1
Активности на г-ѓа Маја Иванова за време на 73. Генерално Собрание на ОН
Сабота, 29 Септември 2018

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, во рамки на учеството на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации, присуствуваше на настанот со сопругите на шефовите на делегациите учесници на 73. ГС на ОН, во организација на Првата дама на САД, г-ѓа Меланија Трамп.

На приемот првата дама на САД ги престави активностите во рамки на нејзината кампања BE BEST, која е во насока на поддршка и промоција на програми и организации што им помагаат на децата во целиот свет. г-ѓа Трамп информираше и за нејзините следни активности, како и за нејзината прва самостојна посета на Африка во октомври.

Во рамки на приемот на шефовите на делегациите учесници на 73. ГС на ОН  што го приредија американскиот претседател, Доналд Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, покрај средбите со други гости, г-ѓа Иванова се сретна и со јорданската кралица Раниа.
MI_-_Melanija_Tramp

Г-ѓа Иванова присуствуваше и на настан на високо ниво што го приреди првата дама на Република Турција, г-ѓа Емине Ердоган, посветен на зајакнување на положбата на жената во Африка. На состанокот беше порачано дека грижата за жените во Африка е хумана должност. Г-ѓа Ердоган ги презентираше и нејзините активности со ТИКА во афричките земји.
MI_-_Emine_Erdogan_2

Претходно, во Детроит, г-ѓа Иванова ја посети Детската болница Мичиген, кадешто беше запозната со севкупната работа на оваа детска болница, идните планови во нејзината работа, а беше разговарано и за можностите за соработка на болницата со здравствени институции во Македонија. Г-ѓа Иванова ги претстави нејзините активности поврзани со детското здравје, со посебен акцент на децата со аутизам.

Во Детроит, г-ѓа Иванова одржа средба со истакнати преставнички на македонската дијаспора. Г-ѓа Иванова беше прогласена за Почесен член на Советодавното тело на програмата за женско лидерство на Обединетата Македонска Дијаспора.

Detska_Klinika_Detroit
Маја Иванова ја посети Детската болница на Мичиген во Детроит
Сабота, 22 Септември 2018

Во рамки на работната посета на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на САД, сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова, во Детроит ја посети Детската болница на Мичиген.

Сопругата на македонскиот претседател од менаџментот беше запозната со севкупната работа на оваа детска болница, идните планови во нејзината работа, а беше разговарано и за можностите за соработка на болницата со здравствени институции во Македонија. Г-ѓа Иванова ги претстави нејзините активности поврзани со детското здравје, со посебен акцент на децата со аутизам.

„Често велам дека аутизмот не познава големи и мали држави, богати и сиромашни држави, туку тоа е проблем за којшто треба да се обединиме и да работиме сите. Активноста што ја започнав за аутизмот во Македонија, потекнуваше токму од овде, од Соединетите Американски Држави, кадешто присуствував на конференциите што се организираат од организацијата Autism Speaks и веднаш по враќањето ги продолжив моите активности во Македонија. Почнав да ја подигам јавната свест, да бидам гласноговорникот во Македонија за подигање на јавната свест дека аутизмот во Македонија постои, и треба да се обединат сите, да се соочат со тој проблем и едноставно да почнат со негово решавање. Меѓутоа не застанувам тука, затоа што аутизмот не познава само активности, туку познава обединување на сите оние што треба да работат на овој проблем, почнувајќи од образовниот систем, од здравствениот систем, од невладините организации. Посетата на оваа болница ми е големо искуство, затоа што видов дека овде здравствената заштита на децата е на највисоко можно ниво, со најсовремена опрема, со најмодерна опрема. Се надевам дека мојата посета овде ќе биде една иницијатива да се продолжи натаму со соработката помеѓу оваа болница и Детската болница во Скопје. Се надевам дека оваа посета ќе вроди со плод", изјави г-ѓа Иванова.

„Разговаравме за начините како може да размениме информации, како нашите лекари можат да соработуваат, за подобро здравје на децата. За нас ова беше прекрасно искуство", изјави г-ѓа Луан Евалд, главен извршен директор на Детската болница на Мичиген.

Г-ѓа Иванова е носител на повеќе иницијативи за подобрување на здравјето и унапредување на здравствената заштита на децата. Нејзините напори и активности се првенствено насочени кон борбата против аутизмот и подигнувањето на јавната свест за постоењето на оваа болест. Меѓу бројните реализирани активности, под нејзино покровителство, во 2016 година во Скопје беше отворен Центарот за сензорна терапија за лица со аутистичен спектар на нарушувања, а во 2013 година беше отворен првиот Детски ургентен центар во Република Македонија.

За време на работната посета на претседателот Иванов на САД, предвидено е г-ѓа Иванова во Њујорк да присуствува на настанот со првите дами учеснички на 73. Генерално Собрание на Обединетите Нации во организација на Првата дама на САД, г-ѓа Меланија Трамп, како и на настан на високо ниво кој го приредува Првата дама на Република Турција, г-ѓа Емине Ердоган.

MI_35
Велигденски ручек на г-ѓа Маја Иванова за сопругите на амбасадорите во Македонија
Недела, 15 Април 2018

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска организираше велигденски ручек за сопругите на резидентните амбасадори во Република Македонија, при што беа посетени манастирската црква „Св. Андреја" и манастирот „Успение на Пресвета Богородица" на Матка во близина на Скопје.

На ручекот присуствуваа сопругите на амбасадорите на Европската унија, Русија, Чешка, Германија, Унгарија и Шведска.

Според г-ѓа Маја Иванова, Македонија изобилува со огромно културно и духовно наследство и затоа велигденскиот ручек, еднодневната прошетка и посета се одржаа во едни од најубавите скопски манастири - манастирската црква Св.Андреја и манастирот Успение на Пресвета Богородица во Матка од каде што заедно со сопругите на амбасадорите упатија пораки за мир, љубов, благосостојба, здравје, среќа, радост и убавини.

MI_13„ Оваа година е посебно значајна за Република Македонија затоа што одбележуваме еден неповторлив јубилеј, а тоа е 1000 - годишнината од Охридската Архиепископија и 60 години од нејзиното возобновување. Со оглед на тоа што Македонија е лулката од каде што е тргнато христијанството да се шири низ Европа за што сведочи и Библијата, особено ми е драго што со моите гостинки денеска можеме да присуствуваме овде", истакна г-ѓа Иванова.

Г-ѓа Иванова упати и повик до сите православни христијани - со посета на манастирите и црквите во текот на оваа година, да се вклучат во одбележувањето на овој голем јубилеј, затоа што е многу значаен за Македонската православна црква и за православната вера воопшто во Република Македонија.

Сопругата на рускиот амбасадор во Република Македонија, г-ѓа Лариса Шчербак на сите православни христијани им упати честитка со порака за мир и љубов.

„ Многу сум среќна што сум тука во овие свечени денови и би сакала да им посакам на сите православни во светот и на сите православни христијани во светот мир, пред се во светот, мир во нивните души. Љубов кон ближниот, љубов кон Христос. Христос воскресе!", порача г-ѓа Шчербак.

Сопругата на шведскиот амбасадор, г-ѓа Билјана Стафансон истакна дека овој настан кој го организираше г-ѓа Маја Иванова веќе прераснал во традиција.

„Ова е веќе традиција што г-ѓа Маја Иванова организира еден ваков убав настан за нас. Пресреќни сме и уживаме во овој прекрасен настан! ", рече г-ѓа Стафансон.

MI_22

Obrakjanje_g-gja_Maja_Koncert_
Г-ѓа Маја Иванова на Гала концерт на младиот уметник Вејчеслав Поповски
Сабота, 14 Април 2018

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, присуствуваше на Гала концертот на младиот уметник Вејчеслав Поповски, што се одржа во Македонската опера и балет.

Во своето поздравно обраќање г-ѓа Иванова, изрази поддршка за ваквиот подвиг на  Поповски, истакнувајќи дека тој е млад но веќе искусен уметник којшто својот ентуизијазам, енергија и љубовта кон музиката успешно ги пренесува на публиката.

Вејчеслав Поповски досега учествувал на голем број фестивали во земјава и во странство, во 2013 година на Светскиот музички шампионат во Холивуд, беше награден со "Светски шампион во три стила: опера, латино и отворен стил". Освен во полето на вокалната изведба, 17 годишниот уметник аранжира, свири, но и изработува неколку музички инструменти. Досега самостојно ги изработил инструментите Прим и Виолина.

За време на неговиот Гала концерт „Љубовна елегија", на којшто беа изведени стари македонски народни песни, Поповски беше придружуван од оркестарот на Македонската опера и балет.

Maja_Ivanova_-_Emine_Erdogan_1
Средба на г-ѓа Маја Иванова, сопруга на Претседателот на Република Македонија, со г-ѓа Емине Ердоган, сопруга на Претседателот на Република Турција
Среда, 21 Февруари 2018

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, во рамките на официјалната посета на претседателот Иванов на Република Турција, оствари средба со сопругата на Претседателот на Република Турција, г-ѓа Емине Ердоган. Првите дами на Република Македонија и Република Турција на средбата разменија информации и мислења за нивните искуства и активности на кои досега се ангажирани и споделија информации за следните планирани ангажмани.

Г-ѓа Иванова се заблагодари за досегашната одлична соработка со ТИКА – Турската агенција за соработка и координација, со чија поддршка и под покровителство на г-ѓа Иванова се реализираа проекти во Република Македонија. Г-ѓа Иванова искажа благодарност за реализираните проекти на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, отворањето на првиот Ургентен центар на Детска клиника, кој свечено се пушти во употреба во декември 2013 година, и Проектот за комплетна реконструкција, односно реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега на Детска клиника, кој технички се пушти во употреба минатата година. Сопругата на претседателот Иванов нагласи дека со овие исклучително значајни проекти на Детската клиника поддржани од ТИКА се овозможија најсовремени услови за лекување и подобри здравствени услуги за најмалите пациенти.

Г-ѓа Ердоган, информирајќи ја г-ѓа Иванова за нејзините активности и проекти кои се спроведуваат под нејзино покровителство во Република Турција, искажа задоволство за успешното функционирање на двата реализирани проекти преку ТИКА и изрази интерес за посета на Детската клиника во првата прилика при посета на Република Македонија.

Во рамките на официјалната посета на претседателот Иванов на Република Турција, г-ѓа Иванова оствари средби и со г-ѓа Семиха Јилдирим, сопруга на Претседателот на Владата на Република Турција, и со г-ѓа Хулија Чавушоглу, сопруга на министерот за надворешни работи на Република Турција.

Detska_klinika_paketcinja1
Г-ѓа Иванова им подари новогодишни пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Недела, 31 Декември 2017

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје, и на децата кои се лекуваат на клиниката им подели новогодишни пакетчиња по повод Новогодишните и Божиќните празници.

- Традиционално, последниот ден од годината го поминувам со децата коишто се хоспитализирани на Детската клиника во Скопје, и за жал новогодишната ноќ ќе је пречекаат овде. Новогодишните подароци што денеска им ги дадовме барем за миг ќе ја вратат насмевката и радоста на детските лица. Посетите на детската клиника ми се секогаш драги, затоа што сум овде за да поддржам, да поттикнам, или да се вклучам во реализација на некој проект кој што значи подобрување на здравствената заштита на децата во Република Македонија, изјави г-ѓа Маја Иванова.

Г-ѓа Иванова во 2013 година беше покровител на Националната донаторска кампања под мотото „Да помогнеме навреме", со која, со целосна поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА, беше изграден Ургентниот центар на Клиниката за детски болести.

Detska_klinika_paketcinja3Под покровителство на г-ѓа Иванова, и со поддршка на ТИКА, годинава се финализираше и проектот за реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега во рамките на Детската клиника, со кој се обезбеди нов и реновиран простор, најсовремена и модерна опрема и мебел, по сите најсовремени стандарди, со што се подобрија условите на Детска клиника и за буквално најмалите пациенти.

- Горда сум на овие два проекта, затоа што уште еднаш ќе потенцирам дека се одвиваа под мое покровителство, и дека интензивната нега и детскиот ургентен центар, можеме слободно да кажеме дека претставуваат едни од најубавите во овој регион, изјави г-ѓа Маја.

По повод Новата 2018 година, г-ѓа Иванова упати честитки до родителите на децата, до персоналот на Детската клиника и до медиумите.

- Да ви пожелам добро здравје среќа радост и успеси и се надевам дека секогаш од оваа клиника ќе имаме успешни приказни, дека децата се оздравени и се вратени кај своите семејства во прегратките на своите родители и во училишните клупи, порача сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова.

g-gja_Ivanova_Kran_Montana_02
Маја Иванова наградена со златен медал на форумот Кран Монтана
Петок, 07 Јули 2017

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, е наградена со Златен медал на форумот Кран Монтана, за нејзините активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер, што и беше врачен на церемонија во рамки на 28. Годишна сесија на форумот Кран Монтана, во Барселона.

„Активностите што како сопруга на претседателот на Република Македонија ги преземав, се во областа на здравството, образованието и имаат социјален, но пред се хуманитарен карактер. Кога мојот сопруг ја презеде функцијата, почуствував дека можам да ја насочам својата енергија и своите активности, моето знаење и мојот ентузијазам за да поддржам, за да потикнам или реализирам иницијативи кои што ќе бидат за општо добро. Мојата цел ја насочив кон две сфери и тоа кон активности кон жените и кон децата, а посебно кон онаа најранливата категорија на децата со посебни потреби и со аутизам. Вложивме многу напори, многу иницијативи ги преточивме во проекти коишто добија своја реализација“, истакна сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова.

Како што посочи г-ѓа Иванова, под нејзино покровителство беа отварањето на Центарот за сензорска терапија за децата со аутизам, како и отварањето на Детскиот ургентен центар.

„Одовде можам да ви најавам и еден нов проект, една убава иницијатива што прерасна во реализација. За неколку дена ќе биде отворен и Центарот за интензивна нега на Детската клиника, проект што се одвиваше под мое покровителство што исто како и Ургентниот центар, се реализирани целосна финансиска поддршка на турската агенција ТИКА“, рече г-ѓа Иванова.

За неа, сите награди што се добиваат се поттик да се продолжи понатаму, за реализација на други иницијативи и заложби.

„Меѓутоа јас секогаш велам дека најголема наградата за мене, е кога ќе направите нешто за што ќе добиете една детска прегратка, еден детски бакнеж, или една детска насмевка, или кога ќе видите како едно здраво дете излегува од клиниката и се враќа во прегратките на своите родители, пријатели, баби и дедовци“, рече г-ѓа Иванова.

Златен медал на форумот Кран Монтана се доделува на етаблирани имиња од меѓународната јавност како признание за постигнувања во насока на похуман свет.

Сопругата на македонскиот претседател е вклучена во бројни активности што имаат социјален, образовен, здравствен предзнак, а пред се хуманитарен карактер и најмногу се посветени на децата, на нивното здравје и на нивните права, здравата исхрана и навики.

Под покровителство на г-ѓа Иванова во Скопје беше отворен Центар за сензорна терапија на деца со аутизам, а ја предводеше и националната кампања за отворање на првиот Ургентен центар на Детската клиника, прв од таков вид во Република Македонија и регионот.

Г-ѓа Иванова е покровител на повеќе проекти и иницијативи кои се однесуваат на жените, нивните права и женското здравје, меѓу кои серозевите кампањи, посветени на борбата против ракот на дојка. 

Сопругата на претседателот Иванов поддржува бројни општествено-корисни иницијативи и проекти во чиј фокус се ранливите категории.
g-gja_Ivanova_Kran_Montana_01



princeza_tajland_2
Принцезата Маха Чакри Сириндорн од Тајланд во посета на Република Македонија
Недела, 23 Април 2017

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова беше домаќинка на Нејзиното Кралско Височество, Принцезата Маха Чакри Сириндорн од Тајланд, која престојува во посета на Република Македонија.

За време на дводневниот престој во Македонија, тајландската Принцеза ги посети и разгледа дел од значајните културно – историски знаменитости во Македонија и се запозна со богатата македонска култура, историја и традиција.

На средбата меѓу Принцезата Маха Чакри и сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова беа разменети мислења и идеи за соработка во областите и активностите кои споделуваат заеднички вредности во агендите на двете дами.

Г-ѓа Иванова информираше за проектите во кои е таа вклучена и ги поддржува во Република Македонија. Во тој контекст сопругата на македонскиот претседател се осврна на иницијативите кои се оддржуваат под нејзино покровителство а се однесуваат на жените и децата, пред се на активностите поврзани со децата со посебни потреби и детската исхрана.

Двете дами оценија дека ова е добра шанса и отворена врата за можна идна соработка во сферите и темите за кои споделуваат заемен интерес.

princeza_tajlandТајландската принцеза изрази благодарност за гостопримството во Македонија, изразувајќи ја подготвеноста за иницирање на натамошни заедничи активности, преку размена на искуства и знаења.

За време на престојот во Скопје, г-ѓа Иванова и Принцезата Маха Чакри го посетија манастирот Св. Пантелејмон и комплексот Македонско Село во Нерези.

Принцезата Маха Чакри ги посети и Археолошкиот Музеј, Црквата Св. Спас, Милениумскиот крст на Водно, Шарената Џамија во Тетово, Кањонот Матка, Пештерата Врело, а прошета и низ Старата скопска чаршија и Плоштадот Македонија.

Во рамки на посетата, на Тајландската принцеза и беше врачена и на награда за животно дело од страна на Фондацијата „Алијанса на цивилизациите" - Скопје.

Принцезата Маха Чакри Сириндорн е трето дете на поранешниот Крал Бумибол Адулиадеј и Кралицата Сирикит одТајланд. Таа е сестра на актуелниот крал Маха Вајиралнгкорн. Тајландската принцеза е Специјален амбасадор на ОН за Светската програма за храна и Амбасадор на добрата волја на УНЕСКО за еманципирање на децата од малцинските заедници преку образование и заштита на нивното нематеријално културно наследство. Во минатото, таа предавала историја на Кралската Воена Академија во Тајланд, а сега се занимава со општествени и добротворни функции и води филантропски организации и фондации во нејзината држава.
princeza_tajland_3 

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 1 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal