header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
Здраво дете е иднината на секое општество - проект „Здравата храна и традицијата“ во ОУ „Лазо Ангеловски“
Вторник, 27 Декември 2011

Во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана“, која се одвива под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, денес во ОУ „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром беше организирана презентација на училишниот проект насловен „Здравата храна и традицијата“.

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Иванова, која ја следеше презентацијата и детската програма на тема здрава исхрана, нагласи дека отсекогаш сакала да поддржува општествено корисни иницијативи, а оваа и е една од најдрагите.

„Целта на оваа активност е да ги покренеме сите субјекти што се вклучени околу правилен развој на децата, како што се родителите, наставниците, училителите, професорите, педијатрите и сите кои учествуваат во градење на една здрава млада личност. Здраво дете е иднината на секое општество,“ посочи г-ѓа Иванова.

Кампањата „Здрава храна за детство без мана“, која започна во октомври годинава, ја спроведува невладината организација „ОХО“.

Александра Младеновска-Костиќ, програмски директор на „ОХО“ истакна дека целта на кампањата е да обезбедат позитивни навики кај децата од најмала возраст и да поттикнат едукација за исхраната.

„Здравјето зависи од квалитетот на исхраната. Храната во Македонија е здрава и убава. Кампањата е осмислена да се реализира на две нивоа: преку емисијата „5+“ која ќе изобилува со клипови и гости на оваа тема и преку училиштата и градинките кои ќе организираат настани во врска со здравата храна,“ истакна Младеновска-Костиќ.

Оваа кампања е поддржана и од Министерството за образование и наука, и како што посочи претставникот на Управниот одбор на програмата, Љупчо Спасовски, учебната 2011/2012 година е посветена на здравата храна.



Плакета за г-ѓа Иванова за хуманоста и поддршката на лицата со хендикеп
Петок, 09 Декември 2011

По повод Денот на лицата со хендикеп, во Универзалната сала во Скопје се одржа традиционалната манифестација „Различни, а еднакви". Овој настан е посветен на животот и подвизите на лицата со посебни потреби, но исто така оддава признание и на поединци и институции кои се трудат на различни начини да го олеснат и подобрат нивниот живот.

Организаторот, „Детла ексклузив", веќе неколку години ги наградува успешните лица со хендикеп, но и организациите, институциите, заводите и центрите што се грижат за нив, како и поединците што се залагаат за поголема афирмација на активностите на лицата со посебни потреби во јавноста.

На сопругата на Претседателот, г-ѓата Маја Иванова и беше доделена плакета во знак на благодарност за нејзината хуманост и континуирана поддршка и заложби лицата со хендикеп да можат да водат нормален живот, да ги надминат секојдневните пречки и да можат слободно да работат и да креираат.

Меѓу наградените лица со хендикеп се:

- Александар Савевски од Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партение Зографски" од Скопје, успешен студент на Машинскиот факултет, вистински пример за успех во социјалната инклузија применета во образовниот систем кај нас.

- Нена Деспотовиќ, ученичка со попреченост во развојот од Државното средно училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски" од Скопје, која оваа година на Специјалната олимпијада во Република Грција го освои првото место во пинг-понг натпреварите и донесе злато за Република Македонија.

- Ема Ананиевска, ученичка со целосно оштетен вид од Средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј" од Скопје која годинава на меѓународен натпревар по клавир освои прво место, а деновиве ќе гостува и во Москва.

- Ифраим Љута од Тетово кој трча на патека од 200 и 400 метри, момче со над деведесет отсто оштетен вид, шести на светската ранг листа за атлетика за 2011 година.

- Роза Мојсовска, ликовен уметник кој црта со уста и неколку години едноподруго освојува прво место за Македонија на натпревар во Бугарија со мешан состав на учесници - здрави лица и лица со хендикеп.

- Дејан Зафиров, кој во последниве три години, со возење велосипед најнапред во Европа, потоа во Америка, го собори сопствениот рекорд со извозени над 14.000 километри, промовирајќи ја во исто време својата земја.

Добитници на плакети беа и други институции, установи, компании и здруженија на граѓани кои исто така даваат значаен придонес за лицата со хендикеп.



alt
Нема ништо повредно од здрави поколенија – г-ѓа Иванова во поддршка на акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“
Вторник, 22 Ноември 2011

Сопругата на претседателот, г-ѓа Маја Иванова, е посветен поддржувач на напорите за зачувување на природата и унапредување на здравата животна средина. Заедно со својот сопруг, претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, и синот Иван, г-ѓа Иванова засади дрвце во Градскиот парк во Велес во знак на поддршка на акцијата „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“.

Поздравувајќи ги дечињата од детската градинка "Димче Мирчев", кои во знак на својата здрава иднина садеа млади фиданки, г-ѓа Иванова истакна дека засадувајќи дрва се создаваат услови за развој на здрави млади генерации.

„Нема ништо повредно од човечкиот живот, од здрави поколенија. Среќна сум што оваа година семејно сме во Велес каде и младо и старо застана против загадувањето. Никогаш повеќе да не капне ниту една мајчина солза за болно дете како резултат на загадената животна средина,“ изјави г-ѓа Иванова денеска во Велес.

Таа изрази надеж дека и оваа акција „Ден на дрвото - засади ја својата иднина“ ќе биде масовна, како и претходните, особено во Велес, за да може да се надомести барем мал дел од штетата за животната средина која била нанесена во минатото со работата на фабриката „Топилница“, и за да можат младите од Велес да имаат посреќни животи.

Во изминатите три години г-ѓа Иванова во неколку наврати учествуваше во акцијата „Ден на дрвото“ вложувајќи напори за што поголем одзив и подигање на јавната свест. Во првата акција, повикувајќи ги сопругите на амбасадорите заедно да засадат дрвца во претседателската резиденција, г-ѓа Иванова ја обезбеди и дипломатската поддршка за оваа иницијатива.  Вториот пат г-ѓата Иванова и сопругите на претставниците на дипломатскиот кор, се собраа заедно со децата да ја засадат иднината во дворот на градинката „Кочо Рацин“. Традиционалното засадување дрвца беше по трет пат организирано од г-ѓа Иванова во манастирот Св. Никола во село Љубанци, со цел да се спречи свлечиштето на земјата на која лежи манастирот, а кое претставува сериозна закана за вредната градба.

alt
Учество на г-ѓа Иванова на Меѓународниот форум за жената и одржливиот развој, во организација на Се-кинеската женска федерација во Кина
Среда, 09 Ноември 2011

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, е во посета на Народна Република Кина, по повод учеството на Меѓународниот форум за жената и одржливиот развој, во организација на Се-кинеската женска федерација. Форумот се одржува во главниот град на НР Кина, Пекинг, во периодот од 9 -11 ноември 2011 година.

Г-ѓа Иванова ја имаше честа и задоволството да се обрати на свеченото отворање на Меѓународниот форум за жената и одржливиот развој, кој е предвиден како пред-настан на Самитот за одржлив развој на ОН, Рио+20 Самит, што се планира да се реализира во Рио де Женеиро во 2012 година, на дваесет годишнината од првиот самит на ОН за одржлив развој, Самитот на земјата, организиран во Рио во 1992 година. Преку овој форум во Пекинг се планира да се даде посебен придонес за самитот предвиден за наредната година во контекст на одржливиот развој, но гледан од страна на родовата рамноправност и женската вклученост во главните политики, без кои развивањето на концептот за одржлив развој во светот би бил некомплетен.

Сопругата на Претседателот имаше обраќање на свеченото отворање на форумот, а посебно задоволство е тоа што го отвори настанот заедно со Потпретседателот на Народна Република Кина, Н.Е. г-дин Џи Џинпинг.

Г-ѓа Иванова во своето обраќање се осврна на подготвеноста на Република Македонија да го даде својот национален одговор на меѓународните обврски и вложи напор да сеalt обединат сите ставови, активности и ресурси во кохерентна рамка и единствен приод за постигнување на родовата рамноправност, донесувајќи Национален план за акција за родова рамноправност за периодот 2007-2012 година. Исто така, истакна дека основата на овој стратешки документ е во повеќе меѓународни документи, како Пекиншката платформа и План за акција, милениумските развојни цели, обврските кои произлегуваат од процесот на европската интеграција и прилагодувањето и приближувањето на Република Македонија кон Европската унија, како и другите меѓународни обврски, со што ја потврди ангажираноста на нашата земја на овој план. Потенцираше дека Република Македонија е посветена на рамноправната застапеност на жените во секој сегмент и на секое поле, зашто потврда е фактот дека жените имаат загарантирано учество од 1/3 во претставничките тела на граѓаните на РМ на национално и локално ниво, во Собранието на Рeпублика Македонија и во советите на општините.

Понатаму, ја прикажа жената, како рамноправен чинител на општествените текови, истакнувајќи дека жените-лидери успеваат да одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено и да ги зачуваат семејните и традиционални вредности. Нагласи дека токму тоа дава нова димензија на одржливиот развој, во кој одржливоста е всушност жената, а жената е таа која сплотува, која балансира меѓу разумот и чувствата, која знае да се соочи и со успехот и со поразот, и жена која е лидер на денешнината.

На крајот во излагањето, г-ѓа Иванова истакна дека и покрај евидентниот прогрес, можеме да констатираме дека постигнувањето на оваа висока цел се уште не е целосно и соодветно исполнето, дека на тој пат сеуште постојат многу предизвици. Затоа, повика на заеднички и координирани активности на сите земји учеснички, поддржувајќи го донесувањето на Декларација за жената и одржливиот развој, што се планира на свеченото затворање на форумот.

Г-ѓа Иванова оствари и средба со г-ѓа Чен Џили, заменик претседавач со Постојаниот комитет на кинескиот народен конгрес и Претседател на Се-кинеската женска федерација. На средбата беа наброени сите досегашни реализирани и можни идни видови на соработка меѓу женските организации од двете земји, со што уште еднаш беше потврдена одличната соработка со пријателска Кина во секој сегмент и на секое поле од заемен интерес. На овој форум учествуваат повеќе од 300 високи гости од сите земји ширум светот, пример Фиџи, Уганда, Албанија, Русија, Индија, Америка, и мн.др. како и од меѓународни организации од целиот свет, високи претставнички на власти, министри, официјални претставници на ОН, академски институции, приватен сектор, медиуми, невладини организации.

 

 

alt
Одбележување 10-годишнина на СОС Детското село во Македонија
Среда, 02 Ноември 2011

Под мотото „10 години љубов и грижа“ во Македонската опера и балет беа одбележани 10 години од постоењето на СОС Детското село во Македонија. Покровител на одбележувањето беше сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова.

„Во СОС Детското село оние што ги загубиле билошките родители и родителската грижа наоѓаат топол дом и љубов, растејќи во хармонична семејна средина. Благодарение на грижата и подршката во СОС детското село, децата и младите ја добиваат топлината на семејниот дом, добиваат топол мајчиски збор, нега кога се болни, сочуство во тешките моменти, совети за првите симпатии и љубови. Таму децата наоѓаат место каде своето детство ќе го поминат безгрижно низ смеа и песни, со по некој детски плач, но дом кој секогаш е исполнет со пријатната мелодија на детскиот џагор,“ истакна г-ѓа Иванова во своето обраќање.

На тој начин, додаде таа, СОС Детското село им овозможува на децата да се развијат во силни личности способни да се справат со животните предизвици.

„Децата се нашето најголемо богатство, нашата гордост, нашата радост, и нашата иднина. Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходнатаalt поддршка и овозможат еднакви можности. Оние кои се оставени без родителската грижа, како особено ранлива категорија, заслужуваат целосна грижа и заштита која ќе им овозможи правилен психофизички развој. Одговорноста за децата е на целата заедница, на сите нас,“ нагласи првата дама, додавајќи дека светот останува на децата и претставува предизвик да ги научиме да ги спознаат вистинските вредности во животот и да им дадеме сила да истраат и да успеат во овој свет.

Г-ѓа Иванова изрази почит за СОС мајките кои, како што рече, безрезервно ја даваат својата љубов и мајчинска грижа на децата, пребродувајќи ги заедно со нив сите пречки и совладувајќи ги сите предизвици кои се испречуваат на патот низ нивниот живот.

Претседателката на Управниот одбор на СОС Детското село и’ врачи на г-ѓа Маја Иванова плакета во знак на благодарност за поддршката и заложбите за продолжување и зајакнување на мисијата на оваа организација.

Детското село згрижува 87 деца без родители и родителска грижа и поддржува 350 деца во заедницата кои се во ризик да бидат напуштени од своите биолошки родители. СОС Детското село е присутно во повеќе од 132 земји во светот. Овие организации постојат од 1949 година, кога првото СОС-детско село во светот било основано од Херман Гмајнер во местото Имст, Австрија. СОС-детските села ги почитуваат различните култури и религии и работат во духот на Конвенцијата за правата на детето на ООН и ги промовираат овие права низ целиот свет.
 

alt
ВЕСТ интервју - Женски муабети со првата дама Иванова: Јас сум истата Маја
Вторник, 25 Октомври 2011

Зад називот прва дама стои онаа иста Маја што можевте да ја сретнете и пред тоа, вели Маја Иванова (47), сопруга на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Дека тоа е вистина, се уверивме и ние, кога ја посетивме во нивниот нов дом, вилата "Македонија" на Водно каде што домаќински нè пречека со слатко од смокви. За неа најчесто може да се слушне дека е прекрасна, шармантна, секогаш насмеана и со свој стил, што ни го покажа и нам, кога ни ги отвори вратите од домот, нè прошета низ претседателската резиденција и, ексклузивно за "Вест", откри каква е таа приватно. Секако, со кафе разговорот оди полесно. И подолго. Дури три часа женски муабети.

ВЕСТ: Како го чувствуваш она прва дама? Кои, според тебе, се одговорностите, придобивките, можностите?

Зад називот прва дама, иако претпочитам да ме ословуваат како сопруга на Претседателот, стои онаа иста Маја Иванова што можевте да ја сретнете и пред тоа. Привилегиите и одговорностите, со мојата нова улога се еднакво големи. Го придружувам сопругот на официјалните посети и секаде каде што тоа од мене го бара протоколот. Домаќинка сум на сопругите на претседателите што ја посетуваат нашата земја. Се подготвувам за секоја средба со нив, ги читам нивните биографии и така добивам информации за активностите со кои се занимаваат во нивните земји, се информирам за земјата од која доаѓаат или во која јас одам со сопругот. Едноставно, сакам да бидам подготвена, а не да импровизирам. Особено ме прави горда кога на моите гости им ја претставувам Македонија во вистинското светло, како земја со непроценливо историско, културно и духовно наследство и богатство. А уште повеќе ме исполнува кога тоа имам можност да го направам надвор, во странство. Прекрасно беше чувството кога, на покана на првата дама на Турција Хајруниса Ѓул, заедно со првите дами на Словенија, Латвија и на Азербејџан, имав можност да учествувам на Конгресот за културно наследство и музика во Анкара. Во моето излагање ја претставив Македонија со сите нејзини непроценливи богатства, а ансамблот "Танец", кој беше со мене, го покажа тоа на дело.

ВЕСТ: Која е разликата меѓу обичниот живот, кој го имаше претходно, и сега живот под лупа на јавноста?

Преземањето на претседателската функција на мојот сопруг, несомнено, го промени нашиот дотогашен мирен семеен и професионален живот. Одеднаш зачекоривме во живот исполнет со многу предизвици, бројни ангажмани и во Република Македонија и во странство. Улогата која во моментов ја имам како сопруга на Претседателот на Република Македонија, не носи само привилегии туку и одговорности. Граѓаните сакаат да бидат запознати со тоа каква личност сум, кои вредности ги почитувам во животот, каков е мојот однос кон семејството, пријателите, што е тоа за што се борам како жена, сопруга, мајка. И сето тоа е во ред, бидејќи граѓаните имаат право да го знаат тоа. Она што порано го правевме како семејство, сега е изложено пред очите на јавноста.

ВЕСТ: На што најмногу треба да внимаваш сега, кога сите очи се вперени во тебе?

Знам дека треба да се внимавам на сè. На однесувањето, на насмевката која ја имам на лицето, на впечатокот што го оставам за мене. Секогаш треба убаво да изгледам, да бидам умерена, да внимавам што ќе кажам. Честопати луѓето ве гледаат онака како што сакаат да ве видат, а не какви што сте навистина. Меѓутоа, ако сте искрени и природни, како што сте биле и пред тоа, ако зрачите со позитивна енергија, луѓето умеат тоа да го почувствуваат, да го препознаат и да го почитуваат.

ВЕСТ: Како сопруга на Претседателот, посетуваш многу држави. Кое ви е омиленото патување?

Не можам да издвојам посебно, бидејќи секое патување има своја цел и своја убавина. Сè зависи од тоа за каква посета се работи. Дали е официјална посета, мултилатерален настан, средба со верски лидер. Секоја е посебно искуство, посебна приказна.

ВЕСТ: Со која сопруга на Претседател сте се зближиле надвор од протоколот?

Секоја е посебна, со своја карактеристика и со сопствен белег. Искуствата од средбите со нив ми се многу драги, значајни. Се сретнав со речиси сите соп¬ру¬ги на претседателите од Балканот. Со многу други се сретнувам на мултилатерални настани, како што е Генералното собрание на ОН или како што беше самитот на претседатели во Варшава, Полска. На вакви настани се градат и лични пријателства какви што, впрочем, воспоставив со сопругата на чешкиот Претседател г-ѓа Клаус и на турскиот г-ѓа Ѓул. Особено ми се драги и со задоволство ги издвојувам трите средби со првата дама на САД, Мишел Обама. Иако велат дека е најмоќната жена на светот, таа по природа е многу непосредна, мила, исклучително посветена на имиџот на прва дама, зашто во нивниот систем таа е и силна политичка фигура.

ВЕСТ: А што, всушност, прават сопругите на претседателите додека траат официјалните средби?

Нај¬чес¬то на тие средби разговараме за активностите кои ги имаме, секоја од нас во својата земја. Разменуваме искуства, поттикнуваме нови иницијативи. Тоа се секогаш хуманитарни активности. Интересно е што речиси сите имаме интереси кон две целни групи - децата и жените. Посебно децата без родители и децата со посебни потреби. Неизбежни се и разговорите за културните разлики, обичаи, традиционални вредности кои ги негуваме, посетуваме музеи, споменици, градинки, училишта, болници.

ВЕСТ: Зошто, по две и пол години, одлучи јавно да ја промовираш твојата хуманитарна активност, иако ја имаше и пред тоа?

Пред две и пол години, кога мојот сопруг стана Претседател на РМ, се запрашав каде и како да ги вложам своите напори и можности, да поттикнам или да поддржам општествено корисна иницијатива. Почувствував дека најдобро можам да се вложам со љубов и разбирање кај децата и жените. Сфатив дека доколку некој знае да сочувствува и да дозволи чувството да ги облагороди неговите активности, тогаш секој чекор во вакви активности е значаен чекор. Две години учествував на Конференцијата за подигање на свеста на општеството за децата болни од аутизам, која се одржува во рамките на Генералното собрание на ОН во Њујорк, под покровителство на сопругата на генералниот секретар Бан Ки-мун. Сфатив дека не е тешко да изодите и милион чекори во активностите, само да се добие една насмевка, една прегратка, еден збор од овие деца. И затоа се појавив како покровител на два хепенинга, посветени токму на овие деца. Истото го правам и со децата со посебни потреби. Го отворивме нашиот дом и за децата без родители. Заедно со сопругот и со синот ги пречекавме како коледари за божиќните празници.

Неодамна ја поддржав и говорев во кампањата за важноста на здравата храна во градинките и во училиштата, под мотото "Здрава храна за детство без мана". Инаку, оваа активност е по иницијати¬ва на првата дама на САД Мишел Обама, која минатата година побара поддршка од сите први дами во светот за овој глобален проблем кај децата. Во рамките на Генералното собрание, за сите сопруги на претседатели што тогаш беа во Њујорк, Мишел Обама организираше излет на фарма во близина на Њујорк. Бевме на ручек на фармата, па посетивме овошни и зеленчукови градини, па ни ја раскажуваше приказната за нејзината градина во Вашингтон, зошто ја направила, како и колку сака децата да бидат едуцирани и да знаат како расте доматот, дека салата расте во земја, не на дрво, и многу други примери. Низ шеговити примери, нè повика сите да се вклучиме зашто, иако е доста изразено, сепак, дебелината на децата не е само проблем на Америка туку и на сите земји. Побара поддршка како проблем на глобално ниво. Јас ја прифатив акцијата на ОХО, а тоа се едукативни часови во основните и во средните училишта, посета на региони каде што се произведува храната. Ќе се носат деца кои, преку симболична берба на овошја и зеленчук, ќе се едуцираат за тоа што значи здравата храна. Мишел тоа веќе го имаше ангажирано на поголемо ниво, до готвачите што ја готват храната во училиштата, педијатрите, разни повисо¬ки институции, и сето тоа волонтерски. Јас и на излагањето што го имав, кажав дека ги повикувам сите родители, педијатри, училишта да се здружиме и да дојде до резултат.

Пред извесно време, во рамките на Конференцијата во организација на "Борка", проговорив и за активностите за подигање на јавната свест кај жените за постоење на ракот на дојката и ја искажав мојата поддршка на сите жени што се соочиле со овој проблем, за сите жени што се борци во секоја смисла на зборот борба. Познато е дека ги поддржувам и сите активности околу грижата за животната средина, а посебно акцијата "Ден на дрвото", во која ги вклучувам и сопругите на амбасадорите акредитирани во РМ.

ВЕСТ: Колку ти недостига обичниот живот, одењето на работа, пиењето кафе со пријателите?

Јас и понатаму сум во редовен работен однос, како советник во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, и продолжувам со мојата професионална определба. Сакам да ги извршувам задачите кои ги имам на работното место, и се вложувам максимално во тоа што го работам. Отсуствувам од работа само тогаш кога е неопходно моето присуство на патувања и настани поврзани со функцијата на мојот сопруг. Навидум се чини невозможно да ги споите и двете работи, но доколку го сакате и сте посветени на тоа што го работите, успехот доаѓа сам по себе. Секако, неопходно е добро организирање на времето и приоритетите. Семејството и вистинските пријатели се големо богатство во животот на секој човек. Јас и мојот сопруг ја имаме таа среќа да имаме такви пријатели, и покрај бројните обврски се обидуваме да најдеме слободно време за дружење и за одржување на тие пријателства. Некои од нив траат и повеќе од 20 години, и секое дружење ни е многу убаво. Функциите доаѓаат и поминуваат, а семејството и пријателите се трајни.

ВЕСТ: Те погодуваат ли озборувањата во врска со твојот и со приватниот живот на сопру гот и синот?

Присуството во јавниот живот неминовно ве изложува на пофалби и признанија, но и на критики и озборувања. Уште на самиот почетокот изградивме еден одбранбен механизам - добронамерните критики ги пропуштаме до нас и ги прифаќаме, а оние кои имаат намера да нè повредат, едноставно, не ги земаме предвид. Понекогаш изненадува до кои граници може некој човечки ум да ја развие фантазијата. Но ние имаме семејна девиза да не дозволиме неумесните и злобни коментари и лаги да нè одвлечат кон дното, во калта каде што некои поединци, впрочем, најдобро се снаоѓаат. Зашто само во таа кал можат да ве победат. Тешко им е да ве победат на чистина каде што владеат морални норми на однесување и работење. Ние ги почитуваме и живееме според тие морални норми, и тоа ги носи среќата, хармонијата и успехот во нашето семејство. Верувам дека граѓаните умеат да го видат и да го вреднуваат тоа.

ВЕСТ: Колку имаш време лично за себе, посетуваш ли салони за убавина, фитнес, имаш ли време да прочиташ некоја книга, да слушаш музика?

Без оглед на годините, ангажманите и обврските во семејството и работното место, секоја жена треба да одвои време за себе, да се надградува, и умствено и физички. Ги почитувам дамите што успеваат, и покрај мноштвото обврски, да изгледаат уредно и достоинствено. Јас лично ги следам тие принципи. Исто така, ги сакам прошетките и пешачењата во околината на нашиот сегашен дом и по околните планински патеки. Големо е задоволството кога и мојот сопруг ќе ми се придружи. Заедничките прошетки ни овозможуваат да се релаксираме, да поразговараме на многу теми што не ја вклучуваат политиката и, секако, да го одржуваме нашето здравје. Ја обожавам патеката и, доколку сопругот не е во можност, пешачам со синот, или со некоја пријателка, или, пак, со шарпланинецот Алек, кој е четврти член во нашето семејство. Сакам да ја шетам околината, која е полна со разни бои. Есента ја сакам, и уживам во колоритот. Наоѓам време и за книга, за убав филм, а музиката ни е составен дел на семејството. Синот свири, а бидејќи овде имаме клавир, и јас знам одвреме-навреме да седнам да посвирам. Секоја музика ја сакаме, и убавата староградска и забавната музика, посебно од нашата младост. Класиката ја сакаме, и ретко го пропуштаме Џез фестивалот. Па синот Иван од седум години е со нас на Џез фестивалот. Кога сакам да се одморам, задолжително ги слушам Нора Џонс и Дајана Крал. Омилени ми се.

ВЕСТ: Како ја одржуваш линијата? Држиш ли диета?

Исхраната е култура на живеење, а тоа значи почитување на еден здрав животен стил, со примена на правилна исхрана. Се трудам да се хранам здраво и тоа да му го овозможам на моето семејство. Со оглед на активностите и динамиката на живеење што ги имаме сега, здравата храна, навистина ми е од голема корист, и почесто строго се држам до неа. Ја применувам диетата на Дајмонд, која се базира врз принцип на немешање храна, и мислам дека ги дава најдобрите резултати. Понекогаш протоколот не го овозможува тоа, ама се трудам. Некогаш не можеш да одбиеш за да не се навреди домаќинот.

ВЕСТ: Колку го смени стилот на облекување, откако стана сопруга на Претседателот?

Отсекогаш ми се допаѓале класичните стилови. Елегантни костими со прави линии и форми, со малку детали. Не го променив многу стилот на облекување, затоа што ако направев драстични промени, нема да бев таа што сум. Облеката ја избирам според пригодата, внимавам нијансите да бидат складни и не пренагласени, со убави и елегантни детали. Го почитувам правилото помалку е повеќе. Сега за стилот на облекување се грижи мојата драга пријателка Бубе Ристевска, која и ми ја креира и ми ја шие гардеробата. Инаку, купувам облека и од домашни брендови, како што е скопска "Бела" и штипските "Грација" и "Астибо". Редовно посетувам фризер, а кога станува збор за јавен настан, ги користам услугите и на професионален шминкер. Практикувам да го облечам она што го бара протоколот, а тоа е костим во потемна боја за официјални вечери. Интересно беше на официјалната вечера за време на престојот во Чешка каде што ни беше кажано дека жените треба да бидат облечени во долги тоалети, а мажите да имаат вратоврска пеперутка. Обично практикувам, во зависност од настанот, да не мешам нијанси. Единствено при посетата на Ватикан, беше нагласено колку треба да биде долго здолништето, колку треба да биде покриена главата, какви чевли треба да се носат, да не бидат отворени. Мене ниедно патување, во однос на гардеробата, не може да ме изненади. Во поканата сè е напишано - времетраење на посетата и активности. И знам, во зависност од деновите и програмата, што да земам. Колку пати ќе треба да се појавам јавно. Затоа, кога тргнувам, со себе носам и по неколку костими.

ВЕСТ: Колку ти пречи обезбедувањето, камерите или, подобро кажано, колку ти пречи живот по протокол?

Мојот сопруг честопати знае да каже дека со секого може да се преговара, освен со протокол. Едноставно, постојат правила кои мора да се почитуваат и од кои не смее да се отстапува. Уште на почетокот бевме свесни дека тоа нема да биде лесно, но како одминува времето, научивме да живееме и по протокол и со обезбедување, а сепак да останеме природни и спонтани. Сепак, секој треба да си ја врши својата функција, а тоа најдобро се остварува со заемно разбирање и почитување на спецификите на различните професии. Само така ќе можеме да функционираме беспрекорно.


Новинар: Весна Миленковска
Фото: В. Тануровски

Пристапете до интервјуто преку линк

alt
Г-ѓа Иванова ја промовираше кампањата „Здрава храна за детство без маана“
Четврток, 13 Октомври 2011

Првата македонска дама, г-ѓа Маја Иванова денес, пред учениците на О.У. ’’Јохан Ханрих Песталоци’’ официјално ја промовираше кампањата „Здрава храна за детство без мана“, чија цел е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана. Оваа кампања е дел од Програмата “Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која здружението на граѓани ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука успешно ја имплементира веќе две години.

 

Г-ѓа Иванова, инаку покровител на оваа кампања, им порача на сите родители да се приклучат кон заедничките напори да создадеме свесни генерации кои ќе станат имуни на зависноста од брзата храна со што ќе им обезбедиме сигурна и здрава иднина. Во учебната 2011/2012 училиштата и градинките ќе спроведуваат различни активности во текот на целата учебната година со кои децата ќе бидат запознаени со важноста на здравата исхрана и воедно ќе бидат поттикнати да конзумираат здрава храна како дел од нивниот секојдневен оброк. 

 

Активностите ќе вклучуваат: изработка на кратки пораки на темата  “Здрава храна за детство без мана“ кои ќе станат дел од Еко-кодексот на училиштата иградинките; изработка на рецепти на темата  “Здрава храна за детство без мана“ од учениците и децата; одбележување на определените денови на зеленчук и овошје; изработка на ликовни и пишани творби; организација на натпревари, изложби, маскембали и јавни настани за промоција на кампањата. За потребите на кампањата се изработени едукативни постери кои ќе бидат дистрибуирани до сите училишта и градинки, како и до сите останати институции вклучени во воспитно-образовниот процес.

 

Пред неколку месеци слична ваква кампања, насловена “Let’s move” започна и првата дама на САД, Мишел Обама, со која се обидува да ги промени навиките на децата кои се повеќе се соочуваат со прекумерна телесна тежина и да ги поттикне да практикуваат здрава исхрана. При патувањето во Њујорк, Мишел Обама ја запозна г-ѓата Иванова со основните цели на кампањата и плановите за нејзино спроведување, повикувајќи ја и неа да ја поддржи. Г-ѓа Иванова денес го оствари тоа ветување, залагајќи се севкупно ангажирање на сите релевантни фактори, а во насока на унапредување на здравјето на децата.

004zenski
Учество на Женскиот бизнис форум во Истанбул
Петок, 15 Април 2011

Македонската делегација предводена од Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на 14. Евроазиски економски форум во организација на Мармара фондацијата, во Истанбул, од 13-15 април 2011 година. Во делегацијата беше и г-ѓа Маја Иванова по повод учеството на паралелниот Женскиот бизнис форум на тема: „Сопругите на лидерите како примери (Role Models) и нивното влијание на политиките за жените“.

Во своето обраќање на форумот, г-ѓа Иванова се осврна на позицијата на жената во семејството, жената во политиката, жената во однос на социјалната заштита, во однос на здравството, жените во бизнисот, во културата, и во однос на многу други сегменти од општественото живеење, пренесувајќи ја општата слика на жената во македонското општество. Таа, исто така, ги претстави своите активности од стекнувањето на позицијата на прва дама на Република Македонија, полињата на дејствување, причините за истото, како и иницијативите и проектите планирани за идниот период. Се осврна и на почитувањето и практикувањето на концептите на родовата рамноправност и еднаквите можности на жената во Република Македонија.

„Ве повикувам да опстанеме и тогаш кога чувствуваме дека можеби сме ги истрошиле сите наши сили, да погледнеме длабоко во себе и да пронајдеме нова инспирација за нашите наредни активности. Верувам дека ние, жените, ја имаме волјата и цврстината да го надминеме секој неуспех и да опстоиме во таа борба. Ако не можеме сами, тогаш да се сплоти ме и да  погледнеме во историските примери за вечната инспирација на одредени жени,“ истакна г-ѓа Иванова во своето обраќање на Женскиот економски форум.

Како учесник на форумот, на крајот од настанот учествуваше во церемонија на палење свеќи за сеќавање на жените низ светот кои биле жртви на насилство и повик да се поддржи „Платформата за рехабилитација на жените жртви на насилство“. Г-ѓа Иванова при овој симболичен церемонијален гест потсети на зборовите на првата дама на САД, г-ѓа Еленор Рузвелт која во една прилика посочи: „Подобро е да запалиш свеќа, наместо да ја проколнуваш темнината - It is better to light a candle than curse the darkness“.


009zenski
Г-ѓа Маја Иванова на Меѓународен конгрес за културата и музиката во Анкара
Сабота, 06 Ноември 2010

Првите дами на Македонија, Турција, Словенија, Латвија и Азербејџан присуствуваа на Меѓународен конгрес во Анкара посветен на „Меѓународното културно наследство и музика“, кој се одржа од 04-06 ноември 2010 година, во организација на Универзитетот Билкент, еден од најдобрите приватни универзитети во Турција, а под покровителство на Првата дама на Република Турција, г-ѓа Хајруниса Ѓул.

Овој собир беше можност за г-ѓа Маја Иванова, заедно со присутните први дами, Хајруниса Ѓул, Барбара Миклиќ Тирк, Лилита Затлерс, и Мерхибан Алијева да учествуваат во засилувањето на културната размена меѓу овие пријателски земји, и преку  свои обраќања и модераторство на одделни сесии да пренесат дел од своите традиционални обележја во културата и музиката. Покрај првите дами на овој настан присуствуваа многу истакнати имиња од Република Турција, како и звучни имиња од светот на музиката и музикологијата. Меѓу другите, учество на конгресот зеде и од најпознатите современи композитори, диригенти и виолинисти, маестро Лорин Мазел.

Г-ѓа Маја Иванова имаше свое обраќање на конгресот со кое ја презентираше македонската култура и музика во најдобро светло, истакнувајќи ги обележјата и особеностите на нашата култура и музика.

„Уметноста, традицијата и културата претставуваат суштинска интеграциона нишка на секој народ. Традициите и достигнувањата на генерациите пред нас се извор на неизмерна сила која ми помага да ги надминам препреките и ми дава волја да се соочам со новите предизвици. Во таа насока, ги поддржувам сите иницијативи за културно-уметничко изразување, зачувување на традицијата, фолклорот, но и создавање на нови форми на израз преку поезија, музика и уметност. Македонскиот фолкор е една од најпрепознатливите вредности на македонскиот идентитет. Во нашиот фолклор се препознаваат и каракте-ристиките на балканските народи, но уште повеќе се отсликува и несебично го прифаќа и слави триумфалниот момент на препо-знавање на својот сопствен белег, на македонската традиција. Тоа е уште еден факт дека Македонија отсекогаш била спој на различните култури,“ истакна г-ша Иванова во своето обраќање.

Во сесијата  која таа ја модерираше, имаше чест да ги најави највисоките гости покрај присутните први дами, Министерот за култура на Република Турција и националниот011kultura координатор на Република Турција за УНЕСКО. И како што самата тема на конгресот ја наметна потребата, но и задоволството, г-ѓа Маја Иванова со огромна чест ја презентираше македонската култура преку македонскиот фолклор испреплетен во настапот на Ансамблот за народни игри и песни  „Танец“. Општо прифатено беше чувството дека настапот на „Танец“ ги обедини сите присутни и ги доближи сите до она што нашиот фолклор го одржал низ вековите.

Домаќинката на настанот, Првата дама на Република Турција, г-ѓа Хајруниса Ѓул, во своето обраќање се осврна на обележјата на турската култура и музика, нагласувајќи дека: „Култура не се само амамите и ановите. Музиката е универзален јазик преку кој постигнуваме разбирање, а образованието и културата помагаат во исправање на сите неправилности од минатото“. Според првата дама на Турција заштитата на различностите во културното наследство се помага и е доста олеснета благодарние и на УНЕСКО.

Првата дама на Република Латвија, г-ѓа Лилита Затлере, ги презентираше фолклорните карактеристики на нејзината земја, исто како и г-ѓа Турк од Словенија. И двете имаа одлични презентации на тоа како државата помага во развојот на културата и музиката. Првата дама на Република Азербејџан, г-ѓа Мехрибан Алијева, пак, истакна дека музиката е универзален инструмент на дијалог и нагласи дека светот не треба да се унифицира, туку дека се потребни различностите.


alt
Учество во конференции и настани од дамската програма во рамки на 65-то Генерално собрание на ООН во Њујорк
Понеделник, 27 Септември 2010

Претседателот на Република Македонија, Н.Е. д-р Ѓорге Иванов присуствуваше на 65-то Генерално Собрание на Обединетите нации во Њујорк. Г-ѓата Иванова, која го придружуваше својот сопруг на ова патување од 18 до 27 септември 2010 година, активно се вклучи во настаните и иницијативите во рамки на дамската програма.
 

На 21 септември, г-ѓа Иванова учествуваше на Тркалезната маса на тема: “Women Connected for Health”, како дел од целодневниот настан „Првите дами во поддршка на Милениумските развојни цели“ во организација на ADA (Advanced Development for Africa) и во соработка со ITU (International Telecommunication Union), како и неколку организации на Обединетите нации.
 

Наредниот ден, г-ѓа Иванова учествуваше на 3-та годишна Конференција за фокус на аутизмот во организација на меѓународната фондација „Аутизмот зборува“, додека на 23 септември присуствуваше на приемот (tea reception) во организација на сопругата на Генералниот секретар на ОН, г-ѓа Бан Соон-Таек, во чест на првите сопруги(зи) на шефовите на делегациите на 65-то ГС на ОН во резиденцијата на Генералниот секретар на Обединетите нации.
 

Со особено задоволство вечерта го придржуваше својот сопруг на свечениот прием приреден од Претседателот на САД, Почитуваниот Барак Обама, и сопругата г-ѓа Мишел Обама, организиран во чест на Шефовите на делегации на 65-то Генерално Собрание на ОН.
 

Во рамките на ова патување во САД, посебно се издвојува учеството на првата дама г-ѓа Маја Иванова на излетот за Првите сопруги(зи) и ручек (Spousal Tour and07deca Luncheon) во организација на Првата дама на САД, г-ѓа Мишел Обама. При посетата на овој Центар кој всушност претставува една огромна фарма за органска храна, Мишел Обама ја запозна г-ѓа Иванова со иницијативата што ја започнала за здрава исхрана на Американците, особено на децата. За таа цел ја покренала и нејзината првична активност во Белата куќа – обновување на градината за овошје и зеленчук во која се вклучени и студентите од Вашингтон, потенцирајќи дека со ова започнува кампањата насловена како ,,Let’s move’’, односно „Да се придвижиме“ која ја поддржале готвачи од целиот Северноамерикански континент, кои како волонтери во училиштата ќе подготвуваат здрава храна за децата. Идеата на првата дама на САД Мишел Обама е ова движење да прерасне во меѓународна кампања бидејќи смета дека преголемата телесна тежина кај децата не е само американски, туку  глобален проблем и во неа да се вклучат голем број Први дами од светот. Оваа иницијатива г-ѓата Иванова ја прифати со задоволство.
 

„Ние се уште не сме опседнати со она што Американците го викаат junk food, но сепак се почесто нашите деца посегаат по брзата храна, а последица е преголемата тежина. Токму затоа и ние размислуваме како да се вклучиме во оваа веќе меѓународна акција и тоа преку едукација на најмладите зашто, како што вели и Мишел Обама, полесно е децата да ги научите на правилна исхрана отколку на возрасните да им ги смените старите навики. Мислам дека навистина ова е многу позитивна иницијатива од која користа е долгорочна за нашите поколенија,“ - изјави г-ѓа Маја Иванова, по посетата на Стоун Барнс центарот.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 9 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal