header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
Македонија денес се поклони пред паднатите бранители – г-а Маја Иванова приреди прием за семејствата на загинатите припадници на АРМ
Сабота, 18 Август 2012

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска на денот на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од формирањето на Армијата на Република Македонија, организира прием во претседателската вила за семејствата на загинатите припадници на АРМ.

Поздравувајќи ги присутните родители, сопруги, синови и ќерки на загинатите македонски бранители, г-ѓа Иванова ја искажа својата длабока почит и восхит за нивната волја, храброст и истрајност, и за начинот на кој се справуваат со загубата на нивните најблиски.

„Би сакала да ви кажам дека тоа е загуба за сите нас и ние сочувствуваме со вас. Загубата е ненадоместлива и нема соодветни зборови за утеха, но знајте дека нивните имиња вечно ќе бидат запаметени од сите македонски граѓани и ќе останат врежани во срцето на нашата татковина, затоа што тие се жртвуваа за нашата иднина и среќа. Вие имавте татковци и синови, обични луѓе, но херои на Македонија,“ им порача г-ѓа Иванова на семејствата на загинатите припадници на АРМ.

Нагласувајќи дека секој Македонец секогаш гордо ќе се сеќава на загинатите херои, Првата дама посочи дека Медалот за храброст кој денес им беше постхумно доделен е признание за она што тие го направија за нас и за нашата татковина.

„Со овие Медали за храброст, кои денес Претседателот ги додели, Македонија се поклони пред паднатите бранители,“ нагласи г-ѓа Иванова.

Таа изрази надеж дека секој од семејствата на загинатите војници, домот на Иванови ќе го чувствува како свој дом, зашто во него секогаш ќе имаат искрени пријатели.

„Се радувам што сте денеска тука. Нашиот дом е и ваш дом и секогаш со нас ќе можете да ги споделите својата болка и тага, но и сите радости и предизвици што ги носи животот,“ посочи првата дама на Решублика Македонија, г-ѓа Маја Иванова.


„Женските права се човекови права“ - обраќање на г-ѓа Иванова на посебната сесија во рамки на 23-от Форум Кран Монтана во Баку, Азербејџан
Петок, 29 Јуни 2012

Почитувани дами и господа,
Ми претставува особено задоволство денеска да се обратам на 23-тата годишна сесија на Кран Монтана-форумот, еден од најреномираните форуми во глобални рамки. Посебна чест ми е денеска да се обратам на посебната сесија во коорганизација со УНЕСКО и ИСЕСКО. Упатувам посебна благодарност до почесниот претседавач со овој настан, мојата домаќинка, г-ѓа Мехрибан Алијева, првата дама на Република Азербејџан.

Почитувани,
Историјата ни сведочи дека не секогаш концептот на човековите слободи и права во себе го вклучувал принципот на родовата еднаквост. Различните општествени традиции, вредностите стекнати низ историјата на народите и нивното опстојување, меѓусебните врски во заедницата, им придавале различна улога и права на жените во сооднос со мажите. Тие поделени улоги и права во одредени случаи оделе толку длабоко што ја ограничувале слободата на жената, го ограничувале нејзиниот избор во одделни сегменти од животот, а со тоа и нејзиниот придонес кон унапредувањето на заедничкото живеење.

Движењата за женските права, својата вистинска афирмација во глобално дефинирање на женските права како постулати на современото општество ја доживееја дури во 20 век. Во рамките на најголемата меѓународна организација, ООН, жените и нивните права имаат посебно место. Организираните светски конференции за женските права, донесените декларации, усвоените резолуции и платформи за акција, како и нивното прифаќање во земјите-членки на ОН, претставуваат глобална основа за натамошно искоренување на родовата дискриминација, а уште повеќе унапредување на женските права и нивниот еднаков пристап до можностите.

Оттогаш наваму, на забрзан начин, низ разни форми на поединечно и заедничко дејствување, жените имаат можност да ги остваруваат и реализираат своите права. Постоечките опструкции од различен вид на женските права во одредени делови на светот – родовата нееднаквост во однос на основните права, пристапот до можностите, работата, образованието, здравствената заштита, политиката, донесувањето на одлуки – се доказ дека оваа категорија на права не секаде и не секогаш е целосно признаена и имплементирана. Тука, ние сите треба да ја насочиме нашата енергија и сили и помалку стихијно, но повеќе организирано, да настапуваме, да се активираме на локален, национален, регионален и глобален план, за жената, секаде и секогаш, да го добива заслужениот третман на еднаквост во правата и еднаквиот пристап до нив.

Дами и господа,
Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива претставува комбиниран израз на вековните традиции, култура и менталитет на народите чии патишта се прекрстувале на оваа територија, од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите дваесет години од македонската независност, од друга страна. Така, мојата земја, Република Македонија, која длабоко во својата историја, традиција и култура ги има вткаено придобивките од антиката до денес, од Истокот и Западот, од христијанството и исламот, ги создаваше вредностите на секоја генерација, вредности од кои постојано учиме и континуирано ги надградуваме.

Со промените во законодавството на Република Македонија, покрај гаранцијата предвидена со Уставот, родовата рамноправност е регулирана и во други законски прописи и меѓународни договори кои претставуваат составен дел од нашиот правен поредок. Донесени се повеќе законски решенија, како што е Законот за еднакви можности и двата последователни петгодишни Национални планови за акција за родова рамноправност. Уште позначајно е дека се работи на конкретни политики, приоритети и акции за жената во однос на човековите права, во процесите на одлучување и креирање политики, здравството, социјалната заштита, образованието, вработувањето, медиумите, во однос на животната средина. Особено е значајно да се напомене дека во Република Македонија женските права не познаваат поделби, ниту по етнички, ниту по религиозен, јазичен или каков било друг критериум. Во оваа прилика, нагласувам дека определбите на Република Македонија во однос на жената и родовата еднаквост и рамноправност не се само декларативни, туку секојдневно се почитуваат, применуваат и надоградуваат.

Во Република Македонија сè поголем број вршители на високи државни и политички функции се жени. Нивната минимална застапеност во политичкиот живот е законски загарантирана со учество на една третина во претставничките тела на локално и на национално ниво. Жените со својата истрајност и залагања сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти во социјалата, здравството, образованието, културата. Во областа на бизнисот и економскиот развој на Република Македонија, жените-претприемнички заземаат сè позначајна улога. Многу успешни компании денес се раководени од жени, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност промовираат нови општествено одговорни концепти во водење бизнис.



Активностите на жените во мојата земја, поединечно и организирано, и организациите за правата и еднаквоста на жената и нејзиниот еднаков пристап до можностите ги поддржувам на различни начини преку мое директно покровителство, актвивно вклучување и ангажирање на сите видови општествени ресурси за постигнување на нивните благородни цели.

Почитувани,
Денеска, посебно сум горда што жените-лидери успеваат да им одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено да ги зачуваат семејните и традиционалните вредности. Токму тоа нè прави различни. Токму тоа му дава нова димензија и на одржливиот развој. Развој во којшто одржливоста е всушност жената. Жената којашто сплотува, жената која балансира меѓу разумот и чувствата. Жената која знае да се соочи и со успехот и со поразот. Жената која е лидер на денешнината и иден творец на утрешнината.

На крајот, инспирирана од големината на делата кои ги стоплија срцата на целиот свет, водена од скромноста и милосрдието на нејзиниот дух, го завршувам моето обраќање со зборовите на мојата сограѓанка, блажената Мајка Тереза: „Правете мали работи со голема љубов. Колку работите се помали, толку љубовта е поголема". Ве повикувам сите да бидеме истрајни на патот кон промените и да посведочиме со нашите дела.

Ви благодарам.

Манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ заедно со г-а Маја Иванова денес се одржа во Велес
Понеделник, 28 Мај 2012

Во велешкото училиште „Блаже Конески“ денеска се собраа стотици деца од основните училишта и градинките од три соседни општини, на манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“, во рамки на кампањата која под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, се спроведува низ државата.

Поддржани од своите родители и наставници, младите велешани подготвија богати штандови по училишните ходници, кои изобилуваа со свеж зеленчук и овошје, креативни аранжмани од храна, свежо цедени сокови и здрави закуски.

Изразувајќи нескриено задоволство од масовноста на акцијата и посветеноста на најмладите, г-а Иванова уште еднаш потсети колку е значајна здравата исхрана за правилниот развој на децата и израснувањето здрави поколенија, кои се иднината на нашата држава.

Учениците од велешките основни училишта, за оваа пригода, подготвија музички точки и рецитали, тематски поврзани со значењето на здравата исхрана, осврнувајќи се воедно на изобилството свежи производи достапни по македонските пазари. Со еднаков ентузијазам на своите врсници им се придружија и децата со посебни образовни потреби од училиштето „Маца Овчарова“.

Караванот „Здрава храна за детство без мана“ ќе ја обиколи цела Македонија, а го организираат Здружението на граѓани „ОХО“, во партнерство со Министерството за образование и наука, Швајцарската агенција за развој и соработка, и општините домаќини на манифестациите.


Денес чекориме за оние кои секојдневно ја водат битката - Поддршка на кампањата за борба против рак на дојка „Напред розово 2012“
Сабота, 19 Мај 2012

Г-а Маја Иванова, сопругата на претседателот д-р Ѓорге Иванов, Пол Волерс, амбасадор на САД, Гордана Јанкуловска, министерката за внатрешни работи и претседателката на Здружението Борка, Биба Додева, денеска го предводеа розовиот марш што почна на плоштадот Македонија во рамки на кампањата за борба против рак на дојка. Тие упатија порака за важноста на раната дијагноза и поддршка на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка.

„Денес обоени во розевата боја, ќе чекориме за нашите сограѓанки, оние кои секојдневно ја водат битката со ракот на дојката. Оние чиј што живот е пред огромен предизвик, најтешкиот, за кој имаат потреба од секаква поткрепа, подадена рака, поддршка и прегратка,“ изјави сопругата на претседателот на Препублика Македонија, г-а Иванова.

Сите ние денеска, додаде таа, ќе бидеме потсетник дека ракот на дојката е реалност што на секоја жена може да и се случи, потенцирајќи и дека доколку настаните како овој можат да поттикнат барем една жена да изврши преглед и да ја открие заканата додека не е предоцна, веќе сме постигнале една од целите.

Претседателката на Здружението „Борка“, Биба Додева, истакна дека огромна чест е што оваа иницијатива привлече голем број поддржувачи, затоа што оваа борба не треба да ја препуштиме на другите, бидејќи таа борба е наша борба.

Присуството на денешниот настан, според министерката Јанкуловска, најдобро ја потврдува пораката што се пренесува, а тое е дека сите сме заедно во оваа тешка борба за оние кои ја водат, што е и причина повеќе да истраеме до крај.

Американскиот амбасадор во Република Македонија, Волерс, изрази задоволство што е тука со својата сопруга за да даде поддршка на кампањата и со тоа да придонесе за зголемување на јавната свест кај граѓаните за оваа болест.
 

„Особено задоволство е што Првата дама Иванова е денес со нас. Ја поздравувам нејзината посветеност на оваа тема и нејзината заложба за подигнување на јавната свест кај сите жени во Македонија. Горди сме и среќни што Македонија продолжува со движењето за поголема свесност во однос на ракот на дојка, но и со собирањето средства за борба против оваа болест. Овие чекори се чекори на надеж," истакна амбасадорот на САД, Волерс.
 

Амбасадата на САД во Скопје вечерва во знак на поддршка на кампањата ќе биде „обоена“ во розова боја.

Четвртата традиционална кампања за борба против рак на дојка е насловена „Напред розово 2012-Чекори против ракот на дојка“ и се одржа во организација на Здружението Борка - За секој нов ден, во соработка со Здружението Интегритет Алфа и Омега и Амбасадата на САД.

Во Република Македонија на околу 750 жени годишно им се дијагностицира рак на дојката. Денешниот марш имаше и хуманитарен карактер. Организаторите продаваа и розеви производи, а парите ќе ги наменат за поддшра и помош на болните од рак.

Обраќање на женската сесија „Управување, жените и иднината“ во рамки на 15. Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 11 Април 2012

Почитувани дами и господа, Ваши Екселенции,
Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам, денес, на женската сесија во рамките на 15. Евроазиски економски самит, организиран од  Фондацијата Мармара. Дозволете ми, да изразам благодарност и почит до организаторите, а посебно до г-ѓата Мужѓан Сувер, која со огромна упорност од година во година нè соединува на патот на кој секој нареден чекор го преземаме за подобрување на улогата на жената во глобални рамки. Воедно, ја користам приликата да упатам честитки до Фондацијата Мармара за 15-годишниот јубилеј на Евроазискиот економски самит и да посакам многу успеси во организацијата на наредните самити.

Срдечно ве поздравувам и сите вас, присутни овде. Нашето присуство, овде и сега, претставува уште еден доказ дека ниту сме се откажале, ниту сме престанале во борбата за подобро утре, за подобра иднина, туку секојдневно со нашите залагања и активности се трудиме да ги совладаме глобалните предизвици со кои се соочуваат жените.

Драги дами,
Жените со децении наназад го чекорат патот на рамноправноста и еднаквоста. Првата и вистинска цел на тој пат беше да ги добијат истите права и можности како мажите. Сепак, таа цел, сама по себе, не значеше остварување. Напротив, тоа беше само еден чекор на патот кон целосен општествен придонес, кој жената може и има обврска да го даде во социоекономските текови. Благословот кој жената го има во создавањето нов живот претставува и обврска да се грижи и за подобро живеење. На тој начин, балансот кој го создала природата е наш предизвик да создаваме и да промовираме одржливо општество во сите сфери, општество кое ќе може да се справи со сите предизвици. Вистинското прашање во таа насока веќе не е дали, туку колку можеме нашите желби и залагања да ги преточиме во реалност. А, јас сум сигурна дека можеме, дека умееме да придонесеме во развојот на нашите општества, зацврстувајќи ја неповратливоста на тој процес.

Почитувани,
Мојата земја опстојувајќи низ времето, како мост меѓу два континентa, како крстопат на многу култури, религии и цивилизации, длабоко во својата историја ги има вткаено придобивките од антиката до денес, од Истокот и Западот, од христијанството и исламот, од Европа и Азија. Во неа, условите и животот постојано се менувале и се менуваат, но она што останува се вредностите од секоја генерација од кои постојано учиме.

Сликата на македонското општество денес и улогата на жената во него претставува комбиниран израз на традиционалните вредности од една страна, и политичката волја и заложба на жените од друга страна.
Во изминатите години во Република Македонија се направени многу значајни чекори кон подобрување на општествената улога на жената. На патот кон промените, во секој сегмент од моето работење, ги поддржувам активностите и проектите кои го промовираат учеството на жените во подобрувањето на општествениот развој. На различни начини, преку мое директно покровителство, активно вклучување и иницијативи, како и ангажирање на сите видови расположливи општествени ресурси, се трудам да помогнам да се постигнат нивните благородни цели.

Со промените во законодавството за загарантирано учество на жената со 1/3 во претставничките тела, денеска сè поголем број од пратениците, министрите и вршителите на високи државни функции се жени. Со својот придонес, истрајност и залагања, жените сè повеќе успеваат во значајни реформски општествени проекти. Нивните активности суштински придонесуваат во многу политички иницијативи и законски промени во областа на социјалната заштита, здравството, образованието и културата.

Она што посебно сакам да го истакнам е учеството на жената во економските текови. Од година во година се поголем е бројот на успешни жени менаџери, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност и промовираат нови општествено одговорни концепти во водењето бизнис.

Во областа на здравството, ги поздравувам инцијативите и реформите кои се преземаат и спроведуваат во мојата држава од страна на институциите. Но, посебно сум горда на проекти кои се иницирани, водени и реализирани од женски здруженија за кои лично сум секогаш подготвена да помогнам. Во таа насока, би ја издвоила мојата соработка со Националното здружение на жените заболени од рак на дојка, со кое се обидуваме да ја промовираме потребата од редовни прегледи и навремено откривање на ракот на дојката. Но, истовремено и да им дадеме поддршка и посреќни моменти на оние кои таа борба веќе ја водат, и да ги охрабриме со примерите за успешно пребродената болест.

На полето на заштита на децата во изминатиот период, на мое големо задоволство, ги поддржувам иницијативите на граѓанскиот сектор и институциите на Република Македонија за посоодветен третман и здравствена заштита, образование и интеграција на децата со посебни потреби. Особено блиска и значајна за мене е поддршката за децата со аутизам. Под мое покровителство, веќе две години по ред, се организираат различни и многубројни активности со кои се обидуваме да ја промениме јавната свест, да покажеме дека секое дете, секоја личност ги ужива истите права и можности. И оваа година ги мобилизиравме различните општествени групи, политичарите, дипломатите, научната јавност, бизнис-заедницата и граѓаните на Република Македонија, сплотени под мотото „Аутизмот зборува, време е да слушнеме“. Tие деца се тука и важно е да ги препознаеме нивните потреби и да ги поддржиме сите активности за нивно вклучување.

Драги дами,
Денес, со вас присутни, споделив дел од активностите кои ги водам како сопруга на претседателот на Република Македонија. Се надевам дека во вашите излагања ќе ги препознаам сите оние активности и проекти, кои како жени можеби не сме доволно силни да ги реализираме, но сме секогаш успешни да ги инспирираме.

Секоја од нас од денешниот настан треба да замине со една дополнителна обврска – да ја препознае и поттикне секоја жена која е подготвена да даде поширок општествен придонес, да ја охрабри и поддржи во остварувањето на нејзините цели, и, секако, да придонесе во вреднувањето на нејзиниот успех. Само на тој начин, преку меѓусебна поддршка, ќе успееме во промените, ќе успееме да се соочиме со предизвиците, да ги надминеме разочарувањата и да ги прославиме успесите како поттик за иднината.

Ви благодарам.


Г-ѓа Иванова во поддршка на манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ во Битола
Четврток, 05 Април 2012

Учениците од основните училишта и деца од детските градинки во Битола денеска ја одржаа манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“, кампања која под покровителство на г-ѓа Маја Иванова, сопруга на претседателот на Република Македонија, се спроведува во општините низ државата.

На бројните штандови, поставени пред НУ Центар за култура, беа изложени разни домашни производи, креации од овошје и зеленчук, но и детски творби и пораки за здрава храна и правилна исхрана.

„Оваа акција станува сè помасовна и во неа, освен децата, вклучени се и нивните родители, наставници и професори, односно сите субјекти што се вкчлучени во создавањето на една здрава млада личност. Треба да сме среќни што сме држава која изобилува со плодна почва, со здрава вода, со сончеви денови и затоа ако се храниме здраво ќе живееме здраво и ќе создаваме поколенија кои се иднина за нашата држава,“ истакна г-ѓа Иванова за време на денешниот престој во Битола.

Караванот „Денови на овошјето и зеленчукот“ ќе ја обиколи цела Македонија, а го организираат Здружението на граѓани „ОХО“ во партнерство со Министерството за образование и наука, Швајцарската агенција за развој и соработка, и општините домаќини на манифестациите.

Градоначалникот на Битола, Владимир Талески, истакна дека максимално ја поддржува оваа иницијатива и ќе вложи напори за што поголема и помасовна вклученост на деца, ученици, професори од Битола, што ќе придонесе за стекнување здрави животни навики.

Општинската програма за манифестацијата „Здрава храна за детство без мана“ ја подготвија учениците и наставниците од ОУ „Д-р Трифун Пановски“ - Битола кои изведоа рецитал, песни и драматизации и други училишни креативни содржини.

alt


Да застанеме пред предизвикот наречен аутизам – г-ѓа Маја Иванова покровител на Светскиот ден на лицата со аутизам
Понеделник, 02 Април 2012

По втор пат во Република Македонија, а под покровителство на сопругата на Претседателот, г-ѓа Маја Иванова, во центарот на Скопје се одбележа Светскиот ден на лицата со аутизам. Целта е да се подобри квалитетот на животот на лицата со аутизам, да им се даде рана дијагностика, навремен третман, можност за едукација и соодветна здравствена заштита.

„Преку една ваква манифестација, сакаме да застанеме пред предизвикот наречен аутизам. За него велат дека е тивка болест, меѓутоа ние од овде ќе испратиме гласна порака дека ја даваме нашата безрезервна поддршка за сите оние кои што се справуваат со неа. Од овде сакам да ја упатам мојата безрезервна поддршка на родителите чии што деца боледуваат од аутизам, сакам да им кажам дека не се сами, дека секогаш имаат подадена рака, затоа што вреди да се изодат и милиони чекори преку активности и напори за да се дојде до една детска насмевка, до еден среќен блесок во очите на дете со аутизам,“ рече г-ѓа Иванова.

Таа додаде дека децата со аутизам имаат неверојатно големи таленти, за што вреди сите да се потрудиме да ги откриеме тие таленти и да им помогнеме да ги развијат во една насока во која што ќе бидат најдобри.

„Драго ми е што денеска на овој хепенинг се обединети сите - и здруженијата што се бават со оваа проблематика и надлежните институции и граѓаните, а особено ми е драго што овде се и родителите на децата кои боледуваат од оваа болест. Колку повеќе се знае за неа толку повеќе и побрзо се прифаќаат ваквите лица кои што го доживуваат светот на малку поинаков начин,“ додаде сопругата на претседателот на државата.

Манифестацијата, која ја организира здружението „Во мојот свет“ во соработка со Македонско научно здружение за аутизам, беше исполнета со богата музичка програма и осмислени активности за најмладите. Со овој настан почнува и кампањата под мотото „Еден свет за сите“, која ќе се спроведе во текот на овој месец, а со цел будење на јавната свест во Македонија за постоењето на аутизмот, како и начините на справување со него.

Во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, но според статистиката на Светската здравствена организација има 12.240 лица. Аутизмот не е емоционална болест, туку тешко развојно нарушување со генетска основа. Поновите истражувања покажуваат дека се јавува почесто од Дауновиот синдром, од ракот кај децата или глувоста. Почесто се јавува кај машките, отколку кај женските деца и тоа за четири пати.

Раното дијагностицирање на аутизмот е од клучно значење. Со современите знаења, средства и методи, аутизмот може да се детектира најрано на возраст од околу 18 месеци, со што се создава основа за интервенција кога мозокот е во фаза на формирање. Со раното откривање на аутизмот може да се обезбеди излез за аутистичните деца, како и за луѓето околу нив.


Фото-сторија во ТЕА Модерна: дамско дружење на г-ѓа Маја Иванова и г-ѓа Светлана Вујановиќ
Среда, 21 Март 2012
Жената е симбол на сите семејни вредности и темел на заедништвото - Интервју на г-ѓа Маја Иванова за порталот на агенцијата МАРИЛИ
Вторник, 06 Март 2012

„Семејството е најважната алка во општеството, од каде сè започнува. Тука се гради личноста, се воспитува и се насочува. Секој дел од семејството е подеднакво важен, и сметам дека треба и жената и мажот исто да придонесуваат за да се изгради здраво поколение.“

МАРИЛИ: Како сопруга на четвртиот по ред претседател на независна Република Македонија, која е Вашата улога во професионалните ангажмани на нашиот претседател?

ИВАНОВА: Улогата на сопруга на претседател ја чувствувам како улога која ужива привилегии, но со себе носи и голема одговорност. Тргнувајќи од тоа дека сопругата на претседателот е дел од имиџот на претседателот,ми претставува задоволство да го придружувам сопругот секаде, каде тоа од мене го бара протоколот, особено на официјалните посети. Навистина претставува привилегија тоа што имам можност да посетам многу земји и одблиску да се запознам со нивната култура, традиција и историја. Додека пак, кога сум домаќинка на сопругите на претседателите кои ја посетуваат нашата земја се подготвувам посветено за средбите со нив за да бидам достоен соговорник и во најдобро светло да ја претставам мојата земја и нејзиното непроценливо историско, културно и духовно наследство. Во оваа смисла сакам да ги нагласам моите активности како сопруга на претседател коишто ги преземам одделно. Сакам да го издвојам моето учество на Меѓународниот конгрес за музика и културно наследство, кој се одржа во ноември 2010 во Анкара, како и учеството на 5. Меѓународен форум за лица со посебни потреби во јануари 2012 во Доха. Во рамките на моите меѓународни активности, како сопруга на претседател, ја издвојувам посетата на Народна Република Кина и учеството на Меѓународниот форум за жената и одржливиот развој, во организација на Секинеската женска федерација, настан кој имав чест го отворам со воведно обраќање.

МАРИЛИ: Дали според Вас улогата на првата дама е маргинализирана, а со тоа и нејзината функција се става во втор план?

ИВАНОВА: Секогаш претпочитам да ми се обраќаат со „сопруга на претседателот“, со оглед на тоа дека кај нас не постои некаква формална рамка за улогата и функцијата „Прва дама“. Сметам дека улогата на сопругата на претседател како животен сопатник е сè повеќе инклузивна во општественото живеење. Години наназад жените во светот, носители на оваа позиција, водени од своите идеи и желби да го дадат својот придонес во одредени сегменти на општественото живеење ја дефинирале титулата „Прва дама“ и нејзината улога. Постојат многу сфери во општеството каде што се вклучени првите дами, политиката, културата, здравствената и социјалната заштита на жените и децата. Најчесто првите дами во светот се вклучени во најразлични хуманитарни активности, што е природно една жена да сака да ги вложи своите напори и да ги искористи своите можности онаму каде што е најпотребно. Сепак, сакам да нагласам дека колку сопругата на претседателот ќе биде активна во општествениот живот, пред сè зависи од нејзината личност.

МАРИЛИ: Дали улогата на мајка и сопруга се сè уште Вашите клучни улоги во животот?

ИВАНОВА: Улогата на сопруга и мајка секогаш ќе биде моја клучна улога во животот. Жената е симбол на сите семејни вредности и темел на заедништвото. Жената како мајка и сопруга постојано мора да работи на промоција на моралните вредности преку своето лично однесување во рамките на своето семејство, во рамките на работната средина и во непосредното опкружување. Јас уживам во оваа улога и навистина сум многу горда што имам прекрасно семејство. Посветена сум на семејството и се трудам да бидам потпора на мојот сопруг во неговите професионални ангажмани кои се навистина големи, истовремено семејните вредности на кои што нè учеле нашите родители да му ги пренесеме на нашиот син, за тој да се развие во една здрава личност со многу доблести во себе. Така во нашето 21-годишно заедничко живеење сè она што правиме е поставено на трите столба на нашето семејтво, а тоа се љубовта, довербата и разбирањето.

МАРИЛИ: Како дипломиран правник, вработена како советник во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба на Република Македонија, дали ова Ви претставува проблем да ги следите и агендите на претседателот на Република Македонија?

ИВАНОВА: Кога се има желба и јасна цел пред себе сè може да се постигне. Не велам дека е лесно, но со добро менаџирање на обврските сè се постигнува. Ја сакам својата работа како советник во Агенцијата за цивилна воздушна пловидба и го давам својот максимум на работното место. Од работното место отсуствувам исклучиво по потреба, во зависност од обврските кои ги имам како сопруга на претседателот. Кога работите посветено успехот е неминовен.

МАРИЛИ: На кои полиња во општественото делување сте најактивна и истовремено се чувствувате најкорисна?

ИВАНОВА: Откако се најдов во позиција на сопруга на претседателот на државата, посакав да ги искористам своите можности и да поддржам некои општествено корисни иницијативи. Сметам дека мојот глас треба дазборува во името на оние на кои им е најпотребна помош. Сфатив дека доколку ја вложам сета своја љубов и разбирање кај децата и жените ќе успеам да го дадам својот најголем придонес во општеството. Согледувајќи ги актуелните проблеми со кои секојдневно се соочуваат децата и младите со посебни потреби, но и нивните родители и поблиските пријатели, и запознавајќи ја средината во која секој мал напредок е подвиг кон кој вреди да се стремиме и за кој вреди да се изодат милиони чекори само да се постигне една насмевка, еден допир, една прегратка, еден блесок во нивните очи, направив чекор. Се вклучив во иницијативата и посветено почнав да работам на унапредување на нивната положба и условите во кои ќе можат да остварат порадосен и побезгрижен живот, особено децата заболени од аутизам, синдром кој за жал во светски рамки има тенденција на пораст. Децата се нашето најголемо богатство и нашата иднина. Сите деца имаат еднакви права и на сите треба да им се даде неопходната поддршка и да им се овозможат еднакви можности. Тргнувајќи од фактот дека исхраната на децата игра клучна улога во нивниот правилен раст и развој со особено задоволство се вклучив во кампањата „Здрава храна за детство без мана“ на невладината организација „ОХО“ која што се спроведува во училиштата низ Република Македонија во соработка со Министерството за образование. Ние сме среќни што живееме во природно богата земја, земја со богата биолошка разновидност, исклучително плодна земја, која изобилува со чисти изворски води, со многу сончеви денови, традиционално производство на зеленчукови и градинарски култури, храна која се пренесува од генерација на генерација. Тоа богатство е наш знак на препознавање. Нашата традиција и здравата храна создаваат здрави навики. Создавањето на здрави навики во подготовката и консумирањето на храна се предуслов за здрави поколенија. Здравата исхрана не е значајна за децата само од нутриционистички аспект, туку и поради градењето однос кон природата. Една од моите активности кои сакам да ги нагласам е и моето вклучување во активностите на невладината организација „Борка“ земајќи го предвид фактот, дека денеска значително е зголемен бројот на жени кај кои е дијагностициран ракот на дојката. Почувствував потреба да се вклучам во кампањата и преку моето учество на најразлични манифестации да помогнам во подигнувањето на јавната свест кај жените за постоењето на оваа болест, бидејќи нејзиното откривање во рана фаза значително помага во процесот на нејзино лекување. Жената како и многупати досега докажала дека е вистински борец, таа успева да ги воздигне најдлабоките емоции, но истовремено подготвена е да ја скроти и најдлабоката болка, а притоа да ја задржи топлината на своето лице и благоста на своите зборови. Најголемата и најценетата поддршка која една жена може да ја воздигне и одржи е поддршката од друга жена, токму затоа и се вклучив во оваа кампања за борба против ракот на дојката. Се разбира, постојат уште многу други иницијативи што ги поддржувам и ќе продолжам и понатаму да се вклучувам во вакви активности, кои се од особено значење за нашето општество.

МАРИЛИ: Има ли првата дама на Република Македонија слободно време за своите желби, потреби и амбиции и како го пополнувате тој вакуум простор?

ИВАНОВА: Со оглед на обврските кои ми ги наложува професионалниот ангажман, како и ангажманот во улога на сопруга на претседателот на државата немам многу слободно време, но она што го имам сакам да го искористам и да бидам со моето семејство и нашите пријатели, бидејќи функциите поминуваат, а семејството и вистинските другарства и пријателства остануваат. Поради тоа заслужуваат особена почит и внимание, и се разбира негување на тие односи. Богатството на еден човек не се мери со неговата материјална состојба, богат човек е само оној кој има вистински пријатели покрај себе. Со нашите пријатели не врзува искрено пријателство години наназад и во нивно друштво се чувствувам навистина убаво. Тука не смеам да изоставам еден посебно драг пријател кој секојпат кога ќе го видам ме прави среќна, нашиот шарпланинец Алек. Семејните прошетки заедно со него во природа ни даваат еден посебен мир и спокојство.

МАРИЛИ: За збирката поезија посветена на Скопје, ја добивте престижната награда „13 Ноември“. Која е Вашата најголема инспирација за создавање на поезијата, и на кој друг начин ја изразувате Вашата креативност и уникатна енергија?

ИВАНОВА: Сакам да пишувам поезија. Тоа повеќе го правев во младоста. Секој автор има свој печат, свој одраз во стиховите што ги создава. Моето творештво секогаш беше проследено со силни емоции и мисли. Сега повеќе се занимавам со музиката, свирењето на пијано навистина ме исполнува, ми ја олеснува душата, ми дава мир, исто како и пишувањето поезија.

МАРИЛИ: Дали мислите дека созревањето на едно младо општество како нашето, значи и созревање на македонската жена во сите сфери, позицијата на жената во семејството, жената во политиката, жената во однос на социјалната заштита, во однос на здравството, жените во бизнисот, во културата и во однос на многу други сегменти од општественото живеење?

ИВАНОВА: Созревањето на македонската жена е процес кој не е наметнат, туку природен, исполнет со предизвици кои се во согласност со времето во кое живееме. Денес, повеќе се очекува од жената, да се докажува на повеќе полиња, и како мајка, како сопруга, и во кариерата и во социјалниот живот. Сепак, жената сама треба да ги одреди своите приоритети и сама да го одбере и да се стреми кон нејзиниот повик во животот. Дали нејзината улога на мајка ќе биде најизразена, дали нејзината кариера, или пак можеби и двете е нејзин личен избор и тоа мора да се почитува, никако наметнува. Успешна и реализирана е секоја жена која го постигнала тоа што таа од себе го очекува. Успешната кариера не значи откажување од улогата на сопруга и мајка. Едното со другото не се исклучуваат и комбинирањето на успешната кариера и грижата за семејството е апсолутно остварливо благодарение на женската упорност, емотивност и посветеност. Созревањето на македонската жена го гледаме во многу примери денес, а најзначајно од сè е тоа што има проекти кои го величаат и наградуваат нивниот успех. Таква е улогата на вашата организација „Марили“, ги поттикнувате и бодрите успешните, ги поддржувате нивните професионални приказни и давате безрезервна поддршка за натамошен стремеж и пример за останатите.

МАРИЛИ: Минатата година ја поддржавте манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“ во организација на агенцијата „Марили“. Сметате ли дека во овој период на транзиција жените во Република Македонија се доволно застапени на раководни позиции, особено во бизнисот, или треба повеќе да се поттикнат и охрабрат во таа насока?

ИВАНОВА: Во бизнисот жените заземаат сè позначајна улога со видливо зајакнат претприемнички дух. Денес, сме сведоци на постоењето на многу успешни компании раководени од жени, кои ги разбираат условите на пазарот, ја внесуваат својата креативност во производството, промоцијата и маркетингот, и создаваат препознатливи македонски производи и услуги. Сепак, доколку ги разгледуваме статистичките податоци, далеку сме од доволна застапеност на жената на раководни позиции во бизнис секторот во нашата земја. И токму затоа, приказната за успешна жена менаџер е за восхит. Сето ова укажува дека улогата на жените во бизнисот во македонското општество се менува. Затоа, со огромно задоволство го прифатив покровителството на минатогодишниот избор на Агенцијата „Марили“, најмногу поради уникатноста на манифестацијата и опстојувањето на таа идеја цела декада. Ваквиот избор е само уште една потврда дека жената е сè позначаен учесник во бизнис секторот, што од друга страна претставува признание на успесите и кариерата на една жена, како и поттик за идно успешно делување на жената во општеството и нејзин поголем придонес за заедницата.

МАРИЛИ: Дали македонската жена, денес ги ужива сите права, но и обврски и како би ја оцениле нејзината успешност, без разлика на нејзиниот социјален статус во општеството?

ИВАНОВА: Македонската жена денес ужива многу права и државата ѝ нуди многу опции како истите да ги реализира и остварува. Нејзината успешност за остварување на правата не може да се оценува исклучиво според еден критериум, туку според повеќе. Тоа е израз на вековните традиции, култура, менталитет, образование, под влијание на предизвиците и напредокот на модерното општество, и пред сè, преку заложбата на жените во изминатите дваесет години од македонската независност. И затоа, тие заложби на жената за рамноправност и еднаквост треба повеќе да се ценат. Сметам дека секоја жена е успешна на свој уникатен начин, дури и тогаш кога самата не е свесна за тоа, воопшто независно од нејзиниот социјален статус.

МАРИЛИ: Здравото семејство е најважната алка за едно општество, пред сè заради генерациите кои се иднината на земјата. Колкав е уделот на македонскиот маж во семејството и дали мајката е таа која е столб?

ИВАНОВА: Според мене, семејството е најважната алка во општеството, од каде се започнува. Тука се гради личноста, се воспитува и се насочува. Секој дел од семејството е подеднакво важен, и сметам дека треба и жената и мажот исто да придонесуваат за да се изгради здраво поколение. Столбот може да биде жената, или мажот, според мене нема разлика. Само што жената е природно исполнета со посебно чувство на нежност и суптилност и кога таа презема лидерство, тоа зрачи со топлина и милост. Мораме да инвестираме во нашите деца, како родители ја носиме таа обврска, секој на свој начин, но со единствена цел, создавање здрава генерација која ќе го предводи нашето општество. Затоа, со посебно задоволство се приклучувам или, пак, ги предводам инцијативите кои се посветени на градење здрави идни генерации.

МАРИЛИ: Дали постојаните ангажмани на една жена на работното место, следењето на културните збиднувања, хуманитарните активности, семинарите, а со тоа и отсутноста од домот заслужуваат еден ден во 365 дена посветен на жената?

ИВАНОВА: Жената заслужува секој ден да биде посветен на неа, не само еден ден. Сепак, добро е кога постои ден за да се потсетат сите тие кои забораваат дека треба да ѝ се подари цвет на жената која направила многу во животот за нив. И секој ден да биде 8-ми март, има некој што тоа ќе го заборави. Се чувствувам посебно задоволна и среќна што на моите најмили не им треба повод за да ме израдуваат со некоја подарок, цвеќе, прегратка. И го посакувам тоа на секоја жена.

МАРИЛИ: Кога би направиле споредба на жената во Р. Македонија со жената во светот, каков е Вашиот став за нејзиниот рамноправен статус во општеството како чинител на општествените текови?

ИВАНОВА: Жената во Македонија има на располагање дополнителен сет на права кои се посветени на постигнување на еднаквост и рамноправен статус во општеството. Во насока на нејзина зголемена улога и вклучување во општествените текови, исто така, постои одлична правна рамка и стратегија за нејзин натамошен развој. Нашата земја на жената ѝ нуди многу опции и доколку таа е подготвена, храбра и сигурна во себе, има начин како да ги постигне своите цели без притоа да се чувствува изолирано, понижено, несфатено. Во споредба со правата на жената во целиот свет, Македонија како европска земја, слободно можам да кажам дека многу има постигнато и посветено за подобрување и јакнење на правата на жената.

МАРИЛИ: Учествувавте на Женскиот економски форум во Истанбул на тема: „Сопругите на лидерите како примери и нивното влијание на политиките за жените“. Дали жените на сите претседатели во светот можат да водат поздрава и поуспешна политика?

ИВАНОВА: Мислам дека жените секогаш се доста успешни и умешни кога станува збор за работа на која се посветени. Секако, ако изборот на жената е да биде во политиката, тогаш верувам дека таа може многу да постигне. Денес, жените лидери успеваат да одговорат на општествените потреби, да поведат општествена акција, а истовремено и да ги зачуваат семејните и традиционални вредности. Со задоволство ја прифатив поканата за женскиот економски форум во Истанбул, најмногу поради предизвикот да ја пренесам позицијата на жената во македонското општество, посебно во однос на политиките за жените, затоа што Република Македонија е доста напредна во таа област.

МАРИЛИ: Колку Вам Ви значи празникот 8-ми Март и дали нему пошироко во Европа, или светот му е дадено истото значење како и кај нас?

ИВАНОВА: Осми Март претставува значаен ден за борбата на жената за остварување на рамноправност, кој на различни начини се одбележува и прославува во целиот свет. За жал, понекогаш еуфоријата што кај нас се создава околу овој празник ја засенува неговата вистинска смисла. Традицијата создадена во некој изминат период резултира со малку поинаква претстава за празникот и поинакво прославување од останатите земји во светот. Во секој случај верувам дека 8-ми Март им е еднакво драг на сите жени, иако и останатите 364 дена во годината не се помалку значајни за жените и за нивниот рамноправен статус во општеството.

Пристапете до интервјуто на порталот на МАРИЛИ преку линк


Г-ѓа Маја Иванова на 5-тиот Меѓународен форум на Шафалах центарот во Доха, Катар
Понеделник, 23 Јануари 2012

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, присуствува на 5-тиот Меѓународен форум на Шафалах центарот за деца со посебни потреби, кој се одржува во Доха, од 22-24 јануари. Главна тема на Форумот е „Кризи, конфликти и инвалидитет: осигурување еднаквост“, а се организира под покровителство на Нејзиното Височество Шеика Моза бин Насер, сопруга на Емирот на Државата Катар.

Во фокусот на овој Меѓународен форум е влијанието на природните катастрофи, конфликтите и хуманитарните кризи врз лицата со посебни потреби, како и нивната маргинализација во таквите ситуации.

Учесниците на сесиите посебно внимание посветија на тековните светски кризи - камповите за бегалци и конфликтните зони на Блискиот Исток и Африка, како и неодамнешните природни катастрофи во Јапонија, Хаити, Пакистан, анализирајќи го нивното влијание врз лицата со посебни потреби.

На настанот учествуваат повеќе од 300 високи гости, први дами, претставници на меѓународни организации, како и истакнати новинари од светски познати медиуми. Покрај г-ѓа Иванова, меѓу првите дами кои со своето учество му дадоа поголемо значење на форумот, се сопругите на претседателите на Шри Ланка, Полска, Намибија, Гана, Финскa, Кипар, принцезата на Холандија, принцот од Јордан и многу други.

По свеченото отворање на форумот, г-ѓа Маја Иванова оствари средба со Нејзиното Височество Шеика Моза бин Насер. Двете соговорнички разговараа на повеќе теми од заемен интерес. Г-ѓа Иванова ја информираше Шеика Моза бин Насер за нејзините активности во Република Македонија, осврнувајќи се посебно на иницијативите под нејзино покровителство, а кои се однесуваат на жената и децата, но пред сè активностите поврзани со децата со посебни потреби.

За време на свечениот ручек организиран за присутните високи гости, чиј домаќин беше Нејзиното Височество Шеика Моза, г-ѓа Иванова упати покана до неа да ја посети Република Македонија во летниот период и да присуствува на свеченото отворање на фестивалот Охридско лето.

Г-ѓа Иванова оствари средба и со г-ѓа Ана Коморовска, сопруга на претседателот на Република Полска, со која разменија информации за нивните тековни активности. Имајќи предвид дека двете први дами посветуваат посебно внимание на децата со посебни потреби, споделија мислења и искуства кои би можеле да ги применат во своите земји, како и идеи за идни заеднички инцијативи.

Г-ѓа Маја Иванова се сретна и со г-ѓа Чери Блер, сопруга на поранешниот британски премиер, и копретседавач на една од сесиите на форумот. Г-ѓа Блер ја информираше г-ѓа Иванова за најзините активности со фондацијата која го носи нејзиното име и чиј што предводник е таа, разговарајќи за можноста за натамошна соработка.

На свечената вечера која ја организираше г-динот Хасан Али Бин Али, Претседавач на Шафалках центарот, г-ѓа Иванова се сретна со Принцот на Јордан, Миред Раад Зеид Ал Хусеин, меѓународно признат активист за правата на лицата со посебни потреби. Г-ѓа Иванова и Принцот од Јордан имаа прилкиа да разменат мислења и да се запознат со нивните активности во областите во кои дејствуваат и за кои споделуваат заемен интереес. Принцот на Јордан во текот на утрешниот ден ќе биде еден од главните говорници на пленарните сесии.


 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 8 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal