header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
globalforum
Обраќање на г-ѓа Маја Иванова, на Глобалниот самит на жени лидери
Петок, 17 Февруари 2017

Ваши Екселенции, почитувани гости,
Дами и господа, жени лидери,

На почетокот, би сакала да ве поздравам сите вас присутни панелистки и учеснички на првиот Глобален самит на жени лидери во Република Македонија. Упатувам благодарност до Сојузот на стопански комори и неговата Претседателка, г-ѓа Данела Арсовска, за укажаната чест да бидам покровител на овој значаен настан, како и за поканата да се обратам на првиот женски лидерски форум во Република Македонија.

Честитки за успешната организација и реализацијата на иницијативата која ги инволвира жените лидери од нашата земја и од странство. Жени лидери кои имаат висок и истакнат профил и изразен професионален и личен интегритет, кои се докажани особено во својата професија, кои заслужуваат да бидат ставени на пиедестал и кои би требало да бидат пример, особено за младите генерации.

Го поздравувам вклучувањето на жените лидери од Република Македонија во Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор, чија цел е севкупно унапредување на женското лидерство, притоа нагласувајќи ја инспиративната улога на жената лидер.

Ми претставува чест да бидам денес со вас и да ја претставам мојата улога во македонското општество како сопруга на Претседателот на Република Македонија, односно моите активности кои произлегуваат од таа улога.

Почитувани,

Ја користам оваа прилика да ви ги пренесам срдечните поздрави од мојот сопруг Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој секогаш поддржува иницијативи кои ставаат акцент на жената и го поздравува вклучувањето на жените лидери од Република Македонија во Глобалната платформа на жени лидери.

Еден од најдрагите проекти на мојот сопруг воопшто е Школата за млади лидери. Тој ја основаше Школата за да им овозможи на младите амбициозни и успешни граѓани на Република Македонија да имаат можност да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Мисијата на Школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на денешницата. Она што е особено интересно е податокот дека во рамките на Школата за млади лидери на Претседателот Иванов, која се организира 7 години досега, од вкупната бројка на учесници, околу 280, женските млади лидери се 57%. Убедена сум дека дел од учесничките на Школата за млади лидери ќе се приклучат кон Глобалната платформа на жени лидери која ја промовирате денес.

Почитувани присутни,

Сликата на жената во македонското општество и третманот кој таа го добива е комбиниран израз на вековните традиции, културата и менталитетот на македонскиот народ од една страна, и политичката волја и заложба на жените во изминатите години од македонската независност од друга страна. Жените низ историјата ја креирале комбинацијата на манири, изглед, вредности и култура кои ја карактеризираат современата македонска жена. Ние, сите присутни од Република Македонија сме претставници на многу генерации жени кои ја создале оваа слика која ние ја живееме. Затоа, мора да бидеме и ние достојни претставници и да бидеме пример за генерациите кои доаѓаат по нас.

Почитувани дами и господа,

Денес, би сакала да споделам со вас дека низ целиот живот ме води разумот, но ме облагородува љубовта. Уште од најрана возраст сфатив дека што и да правам во животот, ако во тоа не вложам љубов, разбирање и посветеност и ако тоа не остави трага или не направи некоја, барем и најмала промена, нема никакво значење! Сфатив дека доколку некој знае да сочувствува и да дозволи поддршката да ги облагороди неговите активности, тогаш секој чекор води кон посветла заедничка иднина. Искуството уште еднаш ми покажа дека на тој пат кон подобрување на нашето севкупно живеење, жената е најчестиот, најупорниот и најуспешниот водач, односно лидер! Таа е присутна и во бизнисот и во уметноста, и во културата и во социјалата, и во здравството и во дипломатијата, и во новинарството и во администрацијата... Да, впрочем, жената е присутна секаде, но она што го прави посебно нејзиното присуство и ја издвојува е нејзиниот пристап, нејзината емотивност, префинетост, интуиција, одлучност и иницијативност.

Жената, како и многу пати досега, докажала дека е вистински борец, столб на кој може да се потпреме, која успева да ги воздигне и најдлабоките емоции, но истовремено спремна да ја скроти и најдлабоката болка, и притоа да ја задржи топлината на своето лице и благоста на своите зборови. Жената, симбол на сите семејни вредности и темел на заедништво, несебично ја дели својата љубов, својот труд и се вложува себе си во секоја улога – како сопруга, мајка, пријател, работник, професионалец, лидер...

globalforum1Драги пријатели,

Кога мојот сопруг стана Претседател на Република Македонија, се запрашав како и каде да ги вложам своите напори и можности, во која област да се ангажирам од аспект на мојата нова улога, а со цел да поттикнам и поддржам што повеќе општествено корисни иницијативи. Низ пребарувањето и препознавањето на најсоодветните области сфатив дека ништо не е повеќе или помалку значајно. Меѓутоа, морав да се одлучам за неколку области кои јас ги препознавам како поблиски и поприфатливи за мојата позиција. Би сакала да нагласам дека сите активности кои ги преземам како сопруга на Претседателот на Република Македонија, ги спроведувам и како жена и како мајка.

Затоа, најдраги ми се сите активности кои се посветени на децата. Посебно сум посветена на активности за децата со посебни потреби, меѓу кои особено работам за децата со аутизам. Се трудам и мислам дека досега успевам да го засилам нивниот глас, но и да ја ангажирам македонската јавност, македонските институции и да го привлечам и насочам нивното внимание кон ова значајно прашање. Последниот голем проект на ова поле беше отворањето под мое покровителство на посебен Центар за сензорна терапија на лица со аутизам. Во 2009 година, кога се активирав на ова поле, немаше многу информации во јавноста за аутизмот, не беше тема која беше често споменувана. Затоа, се обидував да бидам гласноговорник за нивните права, нивните барања и потреби, за силно и јасно да ја пренесам пораката и до јавноста, но и до сите надлежни институции. Кога ме нарекуваат нивен адвокат, застапник и бранител, јас со гордост потврдувам дека тоа и сум!

Почитувани,

Улогата на жената лидер, на жената предводник, а уште повеќе на жената која ја има улогата на прва дама во едно општество, ја препознавам како позиција од која може да се поведат многу иницијативи, да се организираат многу акции и кампањи, но и да се бранат обесправените и помалку бројните, тие чиј настап често е незабележлив, ненаметлив, тивок и редок. Затоа, дел од моите активности се посветени и на лицата со ретки болести во Република Македонија.

Поради ангажманот кој го имам на национално ниво, а и поради моите залагања во контекст на подобрување на положбата, лекувањето и третманите на лицата со ретки болести, четврта година по ред сум Европски почесен покровител на Европската организација за ретки болести - ЕУРОРДИС во Брисел. Реткоста на болеста не значи дека смее да се занемари, реткоста не значи и ретко ангажирање и посветеност на оваа тематика. Ретките болести најчесто се и животно загрозувачки болести. Овде не се гледа од позиција на бројка туку од позиција на живот. Мојот апел е да се обидеме да обезбедиме подобар третман, брза и рана дијагностика, да помогнеме за подобар пристап до најефикасните третмани за пациентите со ретка болест, да се ангажираме и трудиме да се обезбедат најдобрите и соодветни лекарства и да се бориме за подобрен, достоен и поквалитетен живот на секој пациент со ретка болест. Во таа насока, особено ме радува што Владата на Република Македонија го слушна нашиот глас и презема конкретни мерки и одвојува големи износи на средства за решавање на проблемот со кој се соочуваат пациентите кои имаат ретки болести, а тоа најчесто се нивните лекарства, кои се исклучително скапи и кои пациентите не можат сами да си ги набават.

Ценети присутни,

Поголем дел од моите ангажмани се посветени на децата и на нивното здравје. Бев покровител на кампањата „Здрава храна за детство без мана" која беше посветена на правилната и здрава исхрана кај децата уште од најмала возраст, што прерасна од иницијатива во проект на Владата на Република Македонија, што значеше системски пристап кон имплементацијата на оваа кампања.

Сепак, една од најдрагите активности која се спроведе под мое покровителство е отворањето на воопшто првиот Ургентен центар на Детската клиника. Проектот беше всушност национална кампања во која учествуваа граѓаните на Република Македонија, а потоа доби и поддршка од Турската агенција за поддршка и развој. Успеавме да реализираме проект кој од 2013 година работи и функционира одлично. Мотото на кампањата беше „Да помогнеме навреме!", а, јас пак, дополнував, „каде што секундите живот значат". Особено ми беше значајна поддршката на мојот сопруг и неговите зборови, треба да изградиме иднина за младите, но и млади за иднината, и кој, откако го слушна концептот на проектот, без двоумење ниту за миг, веднаш ја даде својата безрезервна поддршка. За нашите деца се работи, рече, тие се иднината на нашата земја. Затоа, особено сум горда на тој проект и ме радува што нашите деца имаат далеку подобри и посовремени услови за лекување.

Би сакала да најавам, по прв пат јавно, дека наскоро ќе следи отворање на уште еден, исто така значаен проект на Детската клиника. Во тек е комплетно реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега на Детската клиника, кој се спроведува под мое покровителство, а е со примарна и единствена цел, да се постигнат највисоки и најсовремени стандарди на педијатриски услуги за најмалите пациенти.

globalforum3Почитувани присутни,

Поддржувам уште многу активности посветени на децата, меѓу кои би ги издвоила и континуираната соработка со СОС Детското село и покровителството на нивните значајни годишници, 10 и 15 годишнината, посетите на Детското село и дружењето со децата. Понатаму, поддршката која ја давам општо за децата со посебни потреби, за децата без родители и родителска грижа, специјалната олимпијада, активностите со специјализираните училишта за деца со посебни потреби.

Драги пријатели,

Покрај активностите со децата, како сопруга на Претседателот на Република Македонија, како втора област на мој зајакнат ангажман би ја издвоила жената, нејзините права, позиција и здравје. Како сопруга на Претседателот, но и како жена, не пропуштам прилика, а да не ги поддржам розовите кампањи на моите драги пријателки, борките, од Здружението „Борка – за секој нов ден", поддржани од Алијансата за борба против ракот. Без разлика дали е розова прошетка, национална кампања, национална конференција или некоја друга иницијатива, акција или проект, кога се однесува на борбата против ракот на дојката, ја давам мојата целосна и безрезервна поддршка за подигање на свеста кај жените за потребата од навремено откривање и рано дијагностицирање на ракот на дојката. Шансите за надминување на болеста се многу поголеми доколку е откриена во рана фаза. Мојата мисла водилка при секоја активност во оваа област е ако поттикнеме барем една жена навреме да направи преглед и да ја открие заканата додека не е предоцна, сме ја постигнале целта.

Почитувани присутни,

Ова се дел од моите активности кои ги иницирам или поддржувам како сопруга на Претседателот на Република Македонија, но секако, често имам активности кои подразбираат придружување на мојот сопруг на настани во земјата, како и при посети на странски држави и учества на мултилатерални настани. Секогаш сум активна при посетите, со посебна дамска програма, користејќи ја секоја прилика за размена на мислења, искуства и позитивни примери од областите во кои сум ангажирана.

Во корист на времето, не би можела да ги опфатам сите мои активности, но би сакала да ја искористам оваа прилика да ве информирам и за уште неколку други мои ангажмани. Редовно сум вклучена во кампањата Ден на дрвото која има примарна цел подигање на јавната еколошка свест. Понатаму, одбележувањето на христијанските празници во нашиот дом е секогаш почитувано на највисоко ниво, а откако сме во претседателската резиденција, вратите на нашиот дом се отворени за многу групи на деца кои можат да го почувствуваат празничниот амбиент заедно со моето семејство. Како верник, поддржувам и многу настани на Македонската Православна Црква и се залагам за враќање на вистинските и морални вредности кај младите во нашата земја.

И, уште многу активности за кои би сакала да ви зборувам, се со цел, да повикам и да поттикнам повеќе од вас, жени лидери, секоја во својата област, да се ангажирате и да се вклучите во што поголем број во општествено одговорни иницијативи и да им помогнете на оние на кои најмногу им е потребна поддршка.

Во оваа прилика, би сакала да посочам дека сум професионално ангажирана, во редовен работен однос, во Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија и секогаш се трудам да балансирам најдобро што можам меѓу активностите како сопруга на Претседателот, професионалните ангажмани, но и приватниот живот и обврски.

Драги пријатели,

На крајот, би сакала да ја споменам нашата сограѓанка Света Мајка Тереза, која со својот скромен живот, огромно срце и големи дела, е светол пример колку можеме да постигнеме со посветеност, чисто срце и искрена љубов. Целиот свет ја запозна и е фасциниран од благословената мисија на Мајка Тереза, која целиот живот го посвети служејќи им на оние имаат потреба од помош, и која ќе ја паметиме по нејзините дела и по нејзините зборови. Тоа е неконвенционален пример на жена лидер, но затоа за неа вечно ќе зборуваме и на која вечно ќе и благодариме што успеала во својата земска мисија! Света Мајка Тереза има кажано: „Не сме сите створени да правиме големи работи. Но, затоа можеме да правиме мали работи со многу љубов." и дека: „Не е важно колку работите, важно е колку љубов внесувате во тоа што го правите." А, тоа се поуките кои и јас ги извлеков од мојот живот. Со љубов, посветеност и залагања можеме да постигнеме многу само ако сме доследни и упорни во нашите планови и зацртани цели.

Ви благодарам.

globalforum2

zlata_meglenska_hor_8
Обраќање на божикниот концерт „Божик - слава“
Сабота, 07 Јануари 2017

Почитуван Архиепископ Охридски и Македонски, Ваше Блаженство г. г. Стефан,
Почитуван Претседател на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов,
Почитувано свештенство, Почитувани верници,


ХРИСТОС СЕ РОДИ, навистина се роди!

Во новата 2017 година ви посакувам добро здравје за вас и вашите ближни, спокојство во вашата душа, мир во вашите срца, хармонија во вашиот дом и многу радости во вашиот живот.

Почитувани присутни,

Ова се несекојдневни денови во Македонија. Нашите улици, нашите домови и нашите елки се накитени со безброј светилки. Некој ќе рече дека тоа е сосема нормално, бидејќи ја прославуваме Новата Година.

Но, малкумина знаат дека славењето на новата година е нов феномен, не постар од 80-тина години.

Многумина заборавија дека светилките светат, не заради новата година, туку пред сè, поради Божиќ.

Но, зошто Божиќ?

За да разбереме, мора да се вратиме седум века пред првиот Божиќ, во времето на пророкот Исаија. Во тоа време Исаија напишал: „Народот кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка ќе болсне светлина... Зашто дете ни се роди, Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе го наречат Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот."

Седум века подоцна, на првиот Божиќ се роди тоа дете. Витлеемската ѕвезда го осветли патот на тројцата мудреци до местото каде се наоѓаше Младенецот. Истиот оној Младенец кој по 30 години за Себе ќе изјави: „Јас сум светлината на светот; кој врви по Мене нема да оди во темнина, а ќе ја има светлината во животот."

За Него Апостолот Јован вели дека „во Него беше животот и животот им беше светлина на луѓето. Светлината свети во темнина и темнината не ја опфати. Тој беше вистинска светлина која го осветлува секој човек што доаѓаше во светов."

Драги пријатели,

На овој голем христијански празник – Божиќ, кога одново го прославуваме раѓањето на Исус Христос, повикани сме да посведочиме за силата, но и љубовта, праведноста, но и милоста, светоста, но, и сочувството на нашиот Бог кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој кој верува во Него да не загине, туку да има вечен живот. "

Тоа подразбираше дека Создателот се смести во своето создание, Невидливот стана Видлив, Недопирливиот стана Допирлив, Синот Божји стана и Син човечки, кој искуси прогонство, исмевање, закани, предавство, болки, страдања, отфрленост и смрт. И сето тоа го искуси за да се поистовети со секој еден од нас. „Зашто Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да биде спасен преку Него."

Тоа е врвен чин на љубов и себедавање.zlata_meglenska_hor_22

Драги верници,

Секој Божиќ Исус Христос чука на нашите порти и бара од нас да ги отвориме нашите срца и да му дозволиме да влезе, за да ни донесе простување, оправдување, спокој, мир и љубов. Да ни овозможи да бидеме послични на Него. Но, што значи тоа за секој еден од нас, во нашето секојдневие, тука, во нашата татковина Македонија?

Пред сè – одговорност кон себе и кон другите. Треба да постапуваме со другите луѓе онака како што сакаме другите луѓе да постапуваат со нас.

Да го љубиме ближниот како самиот себе си. А, ближен, според Св. Климент Охридски е секој оној што има иста природа со нас.

Треба да сме подготвени да си простиме и несебично да си помагаме, бидејќи, и покрај сите наши разлики, сите ние сме луѓе, со вроден човечки интегритет и неотуѓиво човечко достоинство.

Треба да се почитуваме и да се поддржуваме, бидејќи сме упатени едни на други. Или, како што мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија честопати вели, цитирајќи го Св. Климент Охридски „во сè што правиме, да се престигнуваме во добрина."

Овој систем на вредности треба да биде водилка во животот што ни дава надеж, ни помага да се соочиме и да ги пребродиме и најголемите предизвици, и со тоа ни дава верба во моќта на добрината.

Како покровител на овој Божиќен концерт на хорски изведби ве поканувам заедно да ја почувствуваме Божиќната радост и да ја пренесеме светлината во нашите срца и во нашите домови.


Нека ни е честит Божиќ! Христос се роди!

За многу години!
zlata_meglenska_hor_36 

 

detska_klinika_1
Г-ѓа Маја Иванова им подари пакетчиња на децата во Клиниката за детски болести
Сабота, 31 Декември 2016

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје и им подари новогодишни пакетчиња на децата згрижени во таа јавна здравствена установа.
 

„По традиција, и оваа година сум на Клиниката за детски болести во Скопје во пресрет на новогодишната ноќ. Во посета сум на децата кои за жал оваа Нова година место во своите домови ќе ја поминат на клиника. Посакувам во Новата 2017 година да нема повеќе детски и родителски солзи. Овие деца што поскоро да се вратат во своите домови, во прегратките на своите родители, баби и дедовци, во школските клупи меѓу своите другарчиња, рече г-ѓа Иванова.
 

Сопругата на Претседателот на Република Македонија изрази благодарност и почит кон персоналот на Детската клиника кои, како што рече, пред се ја даваат својата несебична љубов, а потоа и своето знаење за сите деца што се на клиника и воопшто за сите деца на кои им е потребна помош, како и благодарност до медиумите кои, како што рече, секогаш се присутни кога се во прашање децата. „Посебно ви благодарам за се што правите кога се во прашање децата со посебни потреби и децата со аутизам затоа што преку вас допира нашиот глас во јавноста за подигање на јавната свест дека овие проблеми постојат. Ви ја честитам Новата година и ви посакувам лична и семејна среќа на сите и се надевам дека во Новата 2017 година ќе имате многу успешни детски приказни, нагласи г-ѓа маја Иванова.
 

Директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова изрази задоволство од традиционалната посета на сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова со која ги слушаат желбите на дечињата, кои ги искажуваат во просториите на клиниката.
 

„Болеста им оневозможува тоа да го направат во своите домови, со своите другарчиња. Убавата енергија што ја внесуваме заедно, пакетчињата што ги делиме и споделбата на желбите кои сакаме да ни се исполнат, а тоа е здравјето, да ни биде секогаш -примарно. И оваа година тоа е дел од нашата најголема желба - 2017 година да бидеме сите многу поздрави, посреќни и понасмеани и со многу повеќе љубов“, рече д-р Софијанова.
detska_klinika_2 

paketcinja1
„Во нашиот заеднички свет“- предновогодишна прослава за поддршка на децата со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром
Сабота, 17 Декември 2016

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваше на предновогодишната прослава во организација на здружението на граѓани за третман на лицата со Аутизам, АДХД и Аспергеров синдром  - „Мојот Свет“ и Германскиот културен центар.
 

Целта на настанот, подржан од г-ѓа Маја Иванова,  е да се подигне свеста на јавноста за поддршка на децата со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром, како и можностите за нивна инклузија во нормалниот образовен процес.  Воедно, со заедничкиот настап на децата,  целта е уште од најмала возраст да се поттикне чувството за меѓусебна грижа и радувањесо најблиските.
 

Во рамки на настанот насловен „Во нашиот заеднички свет“,  беше одржана креативна работилница и приредена културно-уметнички и забавна програма во која учествуваа стотина деца преку изведба на рецитали, глума и песни на македонски и германски јазик. 
 

г-ѓа Маја Иванова во континуитет ги поддржува активностите и иницијативите на здружението „Во мојот свет“ и е покровител на Меѓународниот ден на аутизмот. Во рамки на прославата, г-ѓа Иванова на децата им подели новогодишни пакетчиња, посакувајќи им среќни новогодишни и божиќни празници.

paketcinja 

SOSjubilej1
Обраќање на г-ѓа Маја Иванова по повод 15-годишнината од основањето на СОС Детско село во Република Македонија
Среда, 30 Ноември 2016

        


Ми претставува посебна чест и задоволство што под мое покровителство го одбележуваме 15-годишниот јубилеј од постоењето на СОС Детско Село во Република Македонија. 

На почетокот, ја користам оваа прилика да ви пренесам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со чија поддршка уште на почетокот на неговиот прв мандат одлучив да се посветам на активности поврзани со нашето најголемо и непроценливо богатство, нашите најмили и најранливи - децата.
 

 Дами и господа, 

Се вели семејството е столб на секое општество, но што со децата кои ја немаат среќата и можноста да растат во своето биолошко семејство. Што се случува кога судбината ќе си поигра со нив и се оставени сами? Децата кои немаат семејство или пак се отфрлени од своето биолошко семејство немаат огромни барања за да се чувствуваат сакани. Малите моменти на внимание и топлина се доволни детето да се почувствува сакано. 

Токму во таквите случаи се препознава вистинската и незаменлива улога на СОС Детското село во животот на тие деца. Пред сè, преку обезбедување на чувство на припадност, заштитеност кај децата згрижени во СОС Детското село, учење на вредности, но и одговорности, создавање на релации кои траат за цел живот, лекување на емоционалните рани, отфрлање на чувството на отуѓеност и оставеност, но и градење самодоверба. 

sosjubilej4Почитувани, 

Минатата недела имав прилика да го посетам СОС Детско село и се уверив дека имате толку многу работи со кои треба да се гордеете и кои сигурно ви се мотивација за натамошни поголеми подвизи и успеси, за што секако ја имате и мојата целосна поддршка. Уште еднаш ви благодарам за срдечното и топло гостопримство. На мое огромно задоволство тоа беше еден прекрасен ден поминат заедно со тимот на СОС Детско село, но и со СОС семејствата, СОС мајките и децата кои го збогатија денот со нивната симпатична претстава и досетливи стихови во нивниот рецитал.

Драги пријатели,

Вечерва би сакала да ги поздравам сите ваши активности и да ве охрабрам да продолжите со успешната работа и понатаму, проширувајќи ја и надополнувајќи ја хуманата и благородна мисија на СОС Детското село за уште многу години. 

Во оваа прилика би сакала посебно да ги поздравам СОС мајките и СОС родителите, чија улога е од највисоко и исклучително значење. Тие со својата грижа и внимание, споделувајќи ги сите радости и таги кои ги носи секојдневието, им помагаат на децата да ја почувствуваат сигурноста на топлиот дом и љубовта од ближните и им помагаат да растат и да се развиваат во стабилна семејна средина, исправајќи ги пред животните предизвици како изградени, силни, независни личности и одговорни граѓани. 
 

 Дами и господа,

Највисоко ја цениме мисијата на СОС Детското село за згрижување на деца кои се во состојба на ризик и се во опасност да бидат отфрлени од нивното биолошко семејно опкружување. Покрај згрижувањето на децата, СОС Детско село работи и на превентива од можноста детето да биде отфрлено од своето биолошко семејство. Уверена сум дека вашите ангажмани во тој контекст даваат позитивни резултати, за што, уште еднаш, ви упатувам честитки. 

Вашата организација им дава поддршка на децата во образовниот процес, ги прави подостапни здравствената заштита и основните здравствени услуги за згрижените деца, им обезбедува социјална нега и грижа, ги учи за нивните права, но и се бори истите да бидат подигнати и почитувани на уште повисоко ниво. И, најмногу од се, им ги отвора вратите на згрижените деца за еден поубав, посветол и повесел свет, каде и тие имаат своја фамилија, каде и тие имаат и браќа и сестри, каде и тие се безгрижни и ослободени од проблемите на возрасните и на секојдневието; им ги отвора вратите за една светла и стабилна иднина во која и тие ги имаат истите права и можности, како и нивните врсници.
 

 sosjubilej3Драги пријатели, 

Секој дополнителен ангажман на СОС селото е за поздравување, меѓу кои би го издвоила отворањето на Советодавен центар за родители и деца во Шуто Оризари, кој по една година од основањето прерасна во Советодавен центар за родители и деца на ниво на општина Гази Баба.

Улогата на СОС Детското село е огромна за сите згрижени деца, затоа што од таму заминуваат како независни и изградени личности со вредности, знаења и вештини за самостоен живот. Но, да не наидат на голем пресврт или пресек во својот живот, од згрижувачко семејство директно во самостојност, улогата на СОС Детското село не завршува одеднаш, туку продолжува со поддршката и понатаму, во младински заедници, а потоа по 18 година и во рамките на програмата за полунезависно живеење. 

Имајќи предвид дека Република Македонија во изминатиот период е соочена со еден од најголемите хуманитарни предизвици во денешно време, мигрантската криза, од неодамна и СОС Детско село го прошири своето работење и со децата во прифатните пунктови во пограничните појаси. Секоја чест за сите ангажмани кои ги преземате за децата кои престојуваат во привремените кампови на Табановце и Богородица. 

Но, ова не е се, има уште многу работи кои треба да се истакнат за СОС Детското село, но според мене, колку и да се обидуваме да кажеме, секогаш може нешто да се изостави затоа што нивниот делокруг на работа е широк. Но, едно сум сигурна, и затоа морам да нагласам – ве замолувам со аплауз да ги поздравиме вработените и волонтерите во СОС Детското село, и, секако, да ги поздравиме сите тие кои од почетоците на СОС Детското село учествуваа во градењето на ваквата успешна приказна за пример.
 

 Почитувани пријатели,

Би сакала да упатам голема благодарност, но и повик до сите институции, невладини организации, поединци да продолжат или да се вклучат и да ја поддржат работата на Селото. Затоа, на овој 15 годишен јубилеј од вашето постоење, испраќам срдечни честитки до сите некогашни и сегашни згрижени деца и вработени, волонтери, СОС родители, СОС мајки, СОС тетки, и до сите кои директно или индиректно ја помагаат работата на СОС Детското село.

Сите ние имаме обврска да се потрудиме правата на децата да ги направиме приоритет, а децата пак можат да ни возвратат со тоа што ќе научат да уживаат во своето право на безгрижно детство.
 

 Ви благодарам.

sosjubilej2 

sosweb1
Г-ѓа Маја Иванова во посета на „СОС Детско село“
Понеделник, 21 Ноември 2016

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети „СОС Детското село" во пресрет на одбележувањето на 15 годишниот јубилеј од нивното основање.

Г-ѓа Иванова беше срдечно пречекана од раководството на „СОС Детско село ", од децата и младите згрижени во селото, како и од СОС Мајките кои се заблагодарија за посетата и за континуирана поддршка и внимание од нејзина страна. Децата од СОС Детското село денеска пред присутните се претставија со рецитал и претстава, додека пак централната манифестација по повод 15 годишниот јубилеј на "СОС Детско село Македонија", чиј покровител е г-ѓа Маја Иванова, ќе се одржи на 30 ноември .

Сопругата на Претседателот изрази задоволство што е дел од „СОС Детското село" и што има чест да биде покровител на манифестацијата. „Ви посакувам многу здравје, среќа, радост и убавини. Да бидете добри ученици и да ви се остварат сите желби. Да станете одлични спортисти, добри глумци и глумици, да бидете аналитичари, правници, доктори и се она што ви посакува срцето, им порача г-ѓа Иванова на децата и младите.

soswebГ-ѓа Маја ја пренесе севкупната поддршка од семејството Иванови и изрази голема почит кон СОС мајките кои, како што посочи, даваат несебична грижа и љубов на децата за тие да израснат во подготвени и лојални граѓани на нашата држава.

Во посета на „СОС Детското село" беше и амбасадорката на Република Австрија во Република Македонија, г-ѓа Ренате Коблер, која посочи дека Австријците од мали растат со концептот СОС Детско село и идејата и замислата на нејзиниот сонародник Херман Гмајнер.„Сметам дека Гмајнер многу би се радувал што неговата идеја и понатаму се развива и во иднина ќе постои. Ви ја честитам 15-годишнината. До мене многу допира тоа што гледам дека голем број на луѓе го изодуваат овој пат, што не е вообичаен", рече Коблер.

Националиот директор на СОС Детско село Македонија Јулијана Гапо, порача дека остануваат посветени да работат и помагаат, дека нивната цел е ниту едно дете да не расте без семејство и без дом, и се додека и последното дете има поддршка од нивната работа ќе продолжат.

По повод новогодишните и божиќните празници г-ѓа Иванова редовно ги посетува децата без родители, како и децата згрижени во болниците. На покана на г-ѓа Маја, децата и младите од „СОС Детското село", беа гости во домот на Иванови за време на Божиќните празници во 2011 година.

Темелите на првото македонско „СОС Детско село" се поставени во април 1999 година. Во моментов во селото се згрижени 69 деца на возраст од две до петнаесет години, за кои се грижат 12 СОС мајки.

sosweb2

mivanova
Поздравно писмо до учесниците на 9. Национална конференција за борба против ракот на дојка
Четврток, 20 Октомври 2016

Почитувани,

Со задоволство ја примив поканата за учество на 9-та Национална конференција за борба против ракот на дојката што се организира од Здружението „Борка за секој нов ден".

Упатувам посебни честитки до организаторите на овој настан, како и до поддржувачите на Националната кампања за борба против ракот на дојка, меѓу кои се и многу долгогодишни пријатели на „Борка". Процесот на подигање на јавната свест и водењето на борбата против ракот на дојката, а посебно основата за поддршка на секоја жена со дијагностициран рак на дојка, ги препознавам во сите проекти, кампањи и акции на државните институции, здравствените установи, медицинските работници, кои високо ги ценам и почитувам. Вложувањето на заеднички напори и континуираниот ангажман резултираат секоја година со реализација на овој значаен настан за секоја жена во македонското општество, помагајќи да се подигне свеста кај секоја од нас, дека никоја од нас не е имуна на заканата или ризикот од оваа болест.

Драги борки,

Нашето дружење за време на розовата прошетка на почетокот на октомври, како глобално прифатен месец за подигање на јавната свест за ракот на дојка, ми дава инспирација и поттик за секој следен заеднички подвиг. Нема застанување, нема колебање, само цврст чекор и крената глава; одиме напред, да го славиме животот, да ја зграпчиме секоја прилика, сплотени, поврзани и уште посилни.

Почитувани присутни, драги пријатели,

Особено ме растажи фактот што токму вечерва сум спречена да бидам со вас поради претходно договорени и неодложни обврски. На мое големо жалење, не сум во можност да бидам со вас, но ве уверувам дека моите мисли вечерва се со вас. Ви праќам срдечни поздрави и топли прегратки за сите.

Ви посакувам успешна реализација на 9-та Националната конференција за борба против ракот на дојката, надевајќи се дека на следната јубилејна конференција ќе бидам повторно со вас.

Искрено,
Сопруга на Претседателот на Република Македонија
г-ѓа Маја Иванова

bal3
„Бал на различности“ за поддршка на лицата со посебни потреби
Недела, 16 Октомври 2016

Почитувани присутни,
Драги пријатели,

Би сакала да го изразам своето задоволство што ја имам честа да бидам со сите вас на третиот Бал на различности.

Дозволете во оваа прилика да изразам особена благодарност до сите поддржувачи и партнери на манифестацијата, до членовите на научниот и организацискиот одбор, а посебно до организаторот, Здружението „Дајте ни крилја" и неговиот претседател, мојата пријателка г-ѓа Ребека Јанковска – Ристески. Упатувам честитки до сите вас за успешната организација на Првиот меѓународен конгрес за лица со посебни потреби во Република Македонија.

Драги пријатели,

Вечерва сакам да упатам најдлабока благодарност до целата мрежа на поддржувачи – родителите, семејствата, пријателите, психолозите, социјалните работници, дефектолозите, наставниците, здруженијата – кои секојдневно и неуморно стојат зад лицата со посебни потреби, менувајќи ја свеста на нашето општество.

Во оваа прилика ви упатувам срдечни поздрави од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и ја пренесувам неговата поддршка за лицата со посебни потреби, кои најмногу од сите во животот нè учат на хуманост, солидарност, заедништво, трпение, разбирање, љубов, искрена емоција. Преку нив учиме да ја цениме еднаквоста, уникатноста и интеграцијата наспроти подреденоста, унифицираноста и изолацијата.

bal4Почитувани,

Сите заедно сме во тимот на различностите, кој не само вечерва, туку секогаш во играта на животот ќе биде победник.

Верувам дека и годинава ќе испратиме силна порака до сите наши сограѓани дека нашето општество знае да живее со различностите, уважувајќи ги и почитувајќи ги истите.

Во ова мое обраќање морам уште еднаш да подвлечам дека е привилегија и благослов да се биде заедно и да се споделува со лицата со посебни потреби. Нивната љубов, духовност, проактивност, истрајност се мотивација за целата наша заедница. Начинот на кој се справуваат со сите животни предизвици е инспирација од која сите ние постојано се вдахнувавме и ја зајакнуваме нашата волја за справување со премрежјата на нашите животни патишта.

Без нив сите ние би биле сиромашни во духот, бидејќи преку нив ни е дадена неповторлива можност да бидеме човечни и солидарни. Затоа, наместо на она што не можат да го постигнат поради ограничувањата, секогаш треба да се фокусираме на она што можат да го постигнат и покрај ограничувањата. Бидејќи, тоа е достојно за највисока почит и најискрена радост.

Убедена сум дека нема тешкотии и пречки што заедно и сплотени не можеме да ги пребродиме. Да му се радуваме на животот и секој ден нека биде исполнет со дарување, љубов и внимание.

Ви посакувам пријатна вечер.

bal2

MI-pedijatri1
Обраќање на свеченото отворање на Првата школа за педијатри во Република Македонија
Среда, 12 Октомври 2016

Почитувани присутни,

Со задоволство ја прифатив поканата да се обратам на Првата школа за педијатри на Здружението на педијатри на Република Македонија. Кога разговаравме со мојата драга пријателка, проф. д-р Аспазија Софијанова и кога ме информираше за значењето на оваа прва педијатриска школа во нашата земја, без двоумење се согласив да бидам со вас вечерва и да ви посакам успешен старт на оваа програма.

Дозволете ми да упатам благодарност до сите членови на Здружението на педијатри на Република Македонија, кои со реализацијата на оваа Школа уште еднаш покажаа дека се темел на здравствената заштита на младите поколенија. Со реализацијатана една ваква Школа, на педијатрите им се укажува можност да разменат искуства и знаења, кои понатаму ќе придонесат за заедничко решавање на проблемите со кои се соочуваат педијатрите во нивната секојдневна практика.

Во оваа прилика дозволете ми да упатам и срдечно добредојде до сите учесници од Република Македонија и од странство, и да посакам успешни излагања, конструктивни дискусии, меѓународна соработка, објективни анализи на актуелните состојби, но и препораки за имплементирање на најсовремените достигнувања во педијатријата на глобално ниво и во нашата република.

Ценети присутни,

Педијатријата ја препознавам како еден од главните столбови на успешно здравство во една земја. Младите, чисти и од бога дарувани се радост за семејствата, а подобро утре за државата. За нивен здрав и нормален психофизички развој,потребна им е љубов и грижа, првенствено од родителите, но и од пошироката заедница а пред се тука мислам на педијатрите.Потребна е редовна лекарска контрола кај матичните педијатри, кои со својата стручност имаат големо влијание во целокупниотразвој на децата. Секојдневно педијатрите поставуваат соодветни дијагнози, даваат најдобри програми за лекување, прават консултации и вршат прегледи. Педијатрите се првите кои детектираат и ја дијагностицираат нарушена здравствена состојба кај децата. Се трудат да одговорат на потребите, на нивните вознемирени родители, притоа, ставајќи ги малите пациенти во преден план. Крајно сме ви благодарни а и јас како родител, како мајка, за целата континуираната лекарска грижа и за редовните прегледи на децата, надополнети со проактивен пристап, ангажираност, посветеност, професионалност, стручност и пожртвуваност.

Почитувани лекари педијатри, почитувани медицински сестри,

Немоќноста да му помогне на своето дете е еден од најголемите проблеми и најкрупните проблеми, понекогаш и порази, кои воопшто може еден родител да ги почувствува. Здравјето, а понекогаш и животот, на нивното најголемо и непроценливо богатство – детето, родителите го ставаат во ваши раце. Се што родителот може во таков момент да посака и да очекува е што поскоро и на што подобар начин негово дете да го надмине и да се избори со предизвикот со кој се соочува. А вие сте единствените кои во тој момент вистински можете да му помогнете, можете да му дадете надеж на родителот дека неговото дете ќе оздрави и дека ќе се врати безгрижната насмевка и радост на неговото невино лице. Затоа повторувам и уште еднаш нагласувам, вашата улога во животот на секое едно дете и во животот на секој родител е од непроценливо значење.

Како сопруга на Претседателот на Република Македонија, но и како родител и како мајка, се трудам да помогнам и поддржам што поголем број иницијативи посветени на децата. Отворањето на Првиот ургентен центар на Детската клиника и тековното реновирање на Одделот за интензивна нега на Детската клиника, проекти кои што се одвиваат под мое покровителство, ми се најдрагите активности за подобрена здравствена заштита на децата. За ваквите проекти ја имам безрезервната поддршка од мојот сопруг, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, кој секогаш вели „за нашите деца станува збор, тие се иднината на нашата земја". Ви ги пренесувам неговите срдечни поздрави, со желби за успешно реализирање на програмата на Првата школа за педијатрија во Република Македонија.

Ви благодарам.

MI-pedijatri2

b01102016
Учество на г-ѓа Maja Иванова на хуманитарната манифестација „Напред розово 2016"
Сабота, 01 Октомври 2016

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска присуствуваше и се обрати на хуманитарната манифестација „Напред розово 2016", што се одржа по осми пат во организација на здружението „Борка" и е посветена на борбата против ракот на дојката.

Како дел од кампањата за подигање на свеста за борба против ракот на дојката, а во рамки на манифестацијата, се одржа и традиционалната розова прошетка.

Во своето обраќање г-ѓа Иванова изрази благодарност за сите проекти, кампањи и акции на државните институции, здравствените установи и медицинските работници до општествено одговорните бизниси и до граѓанскиот сектор, до сите медиумски работници кои ја третираат оваа област, како и до сите поединците, кои, помагаат да се подигне јавната свест за ракот на дојката.

b01102016_2Г-ѓа Иванова укажа на важноста од превентино делување.

„Драги мои сограѓанки, правете редовни самопрегледи. Драги пријателки, внимателно слушајте ги и применувајте ги препораките на лекарите за превенција. Драги дами, ако досега не сте направиле, најдобронамерно препорачувам да направите мамографски прегледи. Дијагностицирањето на ракот на дојка во рана фаза значи поефикасно лекување и поголема веројатност за излекување! Не преговарајте сами со себе, не се убедувајте, туку постапувајте и слушнете го гласот на „борките". Тие сведочат, тие ја споделуваат нивната приказна со сите предизвици и искушенија низ кои поминале. Не смееме да дозволиме да бидеме имуни на нивните зборови. Не смееме да ги занемариме нивните препораки", рече г-ѓа Иванова.

На манифестацијата учествуваше и заменик-амбасадорот на САД во Македонија, г-ѓа Микаела Швајцер Блум.

Сопругата на Претседателот на Република Македонија ја поддржува оваа манифестација од самите почетоци, како и сите останати активности на здружението „Борка" со цел борба против ракот на дојка.

b01102016_3

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 2 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal