header

header_peperut_-_Copy3

Маја Иванова - Новости
Македонија е позитивен пример во процесот на модернизација на жените - обраќање на 16.Евроазиски економски самит во Истанбул
Среда, 10 Април 2013

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска се обрати на дамската сесија во рамки на 16. Евроазиски економски самит насловена „Искуството на жените во процесот на модернизацијата".

Почитувани дами и господа,
Ваши Екселенции,

Со задовоство ја прифатив поканата за учество на Женската сесија на 16. Евроазиски економски самит во организација на Фондацијата Мармара. Благодарност до домаќинката на овој форум, г-ѓа Мужѓан Сувер, и за нејзината упорност и решителност да воспостави посебен женски форум во рамките на Евроазискиот економски самит, каде се дискутираат теми кои се од интерес токму за жените. Ме радува тоа што трета година по ред имам прилика да се обратам на овој реномиран форум и да зборувам за жената како активен чинител во општествениот живот.

Почитувани,

Како сопруга на Претседателот на Република Македонија имав несекојдневна можност да се активирам во одредени области и да предводам или да се вклучам и помогнам во различни иницијативи и акции. Без двоумење се посветив на активностите за жените и децата, на кои посветувам најмногу време и најмногу енергија. Таквите активности ми даваат најмногу енергија и оптимизам дека можам да придонесам и променам. Инспирацијата ја барам во детските насмевки и создавањето услови за нивното безгрижно детство или пак во безбројните успешни приказни на жените на секое поле.

Драги присутни,
 
Денес жената ја препознаваме како рамноправен учесник и чинител во сите сегменти на општествениот, економскиот, социјалниот и политичкиот живот - во институциите, државната и локална власт, политиката, образвованието, здравството, судството, бизнисот, културата и други. Придонесуваат во општествениот и економскиот развој на земјата. Создавањето на таквите можности за жената е вековен процес, а последните децении се препознава во концептите на родовата рамноправност и создавањето еднакви можности. Родовата рамноправност е концепт на кој сеуште се работи, концепт кој се стремиме да биде реалност и за кој се трудиме да обезбедиме континуиран развој, со основна цел - подобрување на статусот на жената, односно постигнување на родова рамноправност и обезбедување еднакви можности. Во овој процес се вклучени сите и владините институции и граѓанскиот сектор, а особено значајна улога играат меѓународните организации преку кои на глобално ниво се препознаваат и применуваат најпозитивните примери и практики.

Дами и господа,

Балансот во природата, без разлика на нашите верувања зошто постои, говори дека половина од светската популација се жени. Логичен заклучок на сегашната состојба би требало да биде дека токму таа половина од светската популација придонесува за половината од придобивките во глобалниот развоен процес. Меѓутоа, реалноста е поинаква и колку и да посакуваме да ги толкуваме сегашните состојби како такви, минатото не потсетува дека многу векови жената била во подредена позиција на мажите и дека рамноправноста меѓу мажот и жената не е завршен процес. Еден период кој е најзначаен за будењето на јавната свест за подобрувањето на статусот на жената се седумдесетите години на минатиот век кога се организираше Првата Светска Конференција за Жените во Обединетите Нации и прогласувањето на Годината на Жените (1975), период кога започнаа и феминистичките движења на глобално ниво. Во тој период жените беа набљудувани од нивната позиција во однос на нивниот придонес во меѓународниот развој, кој се базираше на теоријата за модернизација и беше прифатен од повеќето влади и развојни агенции. Ваквиот приод беше проширен во осумдесетите години на минатиот век кога статусот на жената почна да се разгледува не само во однос на нивниот придонес во развојот на општествата, туку и преку нивната положба во однос на мажите препознавајќи ја подредената положба на жената и нееднаквите односи.

Драги дами и господа,

Во рамките на најголемата глобална организација се организираа неколку конференции и се прифатија неколку конвенции и декларации посветени на жената. Преку тие документи меѓународната заедница се обврза за подобрување на статусот на жените и зајакнување на нивната позиција во јавниот и во приватниот живот. Земјите членки на ООН се обврзаа на спроведување на акционите планови кои опфаќаат области од посебен интерес за жените - женските права, образованието, здравсвото, економијата, учеството во процесите на донесување на одлуки и многу други.  Целта беше претставена од жените и беше посветена на жените. Статусот на жените да биде во согласност со нивните лични потреби, праведност особено во врска со правата, придобивките, обврските и можностите, засегнат од унапредувањето на личната, социјалната, културната, политичката и економската рамноправност за сите.

Почитувани,

Сепак, модернизацијата на жената не значи само донесување декларации, платформи, акциони планови, но значи и промена на концептите во нашите размислувања, промена во традиционалните и конвенционални вредности и стереотипи, како и во поттикнувањето и обезбедувањето политичка волја за прифаќање на тој начин на размислување. Модернизацијата на жената значи прво промена на нејзиниот начин на размислување и поимање на концептите на родовата рамноправност. А после, значи општествено прифаќање и овозможување на еднакви можности за жените и родово недискриминирање. Мојата земја е позитивен пример во таа насока. Законските регулативи за еднакви можности, донесувањето на Национален план за полова рамноправност, формирањето на Комисија за еднакви можности во Собранието и многу други примери покажуваат постоење на  политичка волја сите реформи да се афирмираат и исполнат. И, ова претставува доста голем напредок во постигнување на родова рамноправност, но не треба да застанеме тука. Секоја прилика што ја имаме треба да ја искористиме и помогнеме правата на жената да бидат достапни и осигурани. Затоа што, модерната жена значи и модерниризано општество. Општество кое ќе овозможи што повеќе успешни примери на жени лидери во секоја област.

Ви благодарам.

Собрани потребните средства од првата фаза на проектот за отворање Ургентен центар на Клиниката за детски болести
Среда, 03 Април 2013

Турската меѓународна агенција за соработка и развој (ТИКА), во рамки на националната кампања „Да помогнеме навреме" за собирање средства за реконструкција и адаптација на простор за педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести, чиј покровител е сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, донираше вкупно 55.000 евра, потребни за првата фаза од реализацијата на проектот.

Средствата беа донирани во рамки на донаторски коктел за ВИП личности што синоќа се одржа во МКЦ во Скопје, а на кој присуствуваа Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, и неговата сопруга, г-ѓа Маја Иванова.

- Денеска во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија се случи нешто неочекувано, но, во секој случај, добредојдено, рече сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, во својот говор на донаторскиот коктел одржан вчера вечер. Пристигна писмо за една значајна донација и поддршка за Кампањата која не направи радосни и среќни. Со тоа писмо добивме одговор на сите наши поставени прашања. Писмото и поддршката пристигнаа од еден искрен и докажан пријател на Република Македонија. Средствата за реконструкцијата на просторот на Детска клиника во Ургентен центар во висина од 55.000 евра ќе бидат донирани од Турската меѓународна агенција за соработка и развој, ТИКА, изјави г-ѓа Иванова.

Донираните средствата ги покрива трошоците за градежна адаптација на просторот. Дополнително е потребна и соодветна медицинска опрема, која ќе најде ефикасна примена во реконструираниот простор и ќе овозможи побрза и поквалитетна интервенција за ургентните случаи.

Покрај главната донација од Турската меѓународна агенција за соработка и развој (ТИКА), на донаторскиот коктел за ВИП личности од страна на д-р Аспазија Софијанова, директорот на Клиниката за детски болести беа соопштени и донаторите кои го помогнаа проектот со донации од над 120 000 денари. Тоа се компанијата Тинекс, амбасадата на Државата Катар во РМ, амбасадата на Сојузна Република Германија во РМ, Унија финансиска Скопје - поддружница на Вестерн јунион, како и компаниите Алкалоид и Кожувчанка.

На гала настанот присуствуваа познати и видни личности од јавниот, општествениот и политичкиот живот во Република Македонија. Меѓу нив беа директорот на Клиниката за детски болести, д-р Аспазија Софијанова, која е координатор на кампањата, како и партнерите на Националната кампања, г-ѓа Мариет Шурман, Амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија, г-ѓа Мери Џ. Волерс, сопруга на Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Непрофитната организација ЛинкАкрос и претставници на маркетинг агенцијата „Њу момент".

alt

Почна националната донаторска кампања за Ургентен центар на Детската клиника
Четврток, 28 Март 2013

Национална кампања почна денеска со цел собирање средства за реконструкција и адаптација на простор за педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести, кој ќе овозможи подобра и навремена здравствена заштита на децата, односно на пациенти до 18 години. Во рамки на кампањата која се одвива под мотото „Да помогнеме навреме" потребно е да се соберат 55 илјади евра. Ургентниот центар ќе биде сместен на приземјето на Клиниката на површина од 130 м2.

Главен покровител на Националната кампања е сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова која истакна дека за секој родител не постои ништо повредно и поскапоцено од животот на неговото дете.

„Јас ќе кажам, за секој од нас не постои ништо повредно и поскапоцено од животот на секое дете. Верувам и очекувам дека граѓаните на Република Македонија ќе ја препознаат оваа голема и благородна мисија и акција и ќе дадат голема поддршка без разлика на нивната верска, етничка или национална припадност, зошто децата се нашата иднината, а и се тие кои секогаш не обединуваат. Она што нам лично можеби ќе ни изгледа како еден мал придонес, верувајте дека е бесценет придонес за оние за коишто е наменет. Секундите се многу значајни во спасување на еден детски живот во ваков Ургентен центар", истакна г-ѓа Маја Иванова.

„Поведувајќи се од одговорноста кон идните генерации, од одговорноста кон идните поколенија, а пред сè поведувајќи се од мајчинскиот инстинкт и потребата од грижата за нашите деца, а пред сè за нивното здравје, со големо задоволство ја прифатив поканата да бидам генерален покровител на оваа голема и благородна мисија и акција. Се вклучив во неа со искрена мисла и со еден голем ентузијазам, верба и надеж дека сите ние што сме денес овде, ќе го направиме она што е најдобро за нашите најсакани, за нашите деца, за нашите најмили", рече на прес конференцијата г-ѓа Маја Иванова и се заблагодари за поддршката од медиумите.

Партнери во кампањата се сопругата на амбасадорот на САД, Мери Џ.Волерс, холандската амбасадорка Мариет Шурман и Клеј Батемер од НВО „Линка Крос".

Директорката на Клиниката, Аспазија Софијанова рече дека средствата ќе бидат наменети за реновирање и адаптирање на просторот, спроведување електрична инсталација, вентилација, водовод, канализација и системи за медицинска грижа. Тоа, посочи таа, во превод значи една мала мини болница каде што ќе можат веднаш да се згрижат децата.

„Средствата е предвидено да се соберат на донаторски коктел за ВИП личности што под покровителство на сопругата на претседателот, Маја Иванова ќе се одржи на 2 април во Македонскиот културен центар, како и преку лични донации од граѓаните на специјално отворениот телефонски број за оваа кампања 14321", истакна Софијанова.

Сопругата на амбасадорот на САД, Мери Џ.Волерс рече дека веруваат оти станува збор за многу вредна инвестиција затоа што инвестираат во животите на сите идни генерации во Македонија.

„Како медицинска сестра знам колку брзо еден детски живот може да се изгуби и колку медицинската помош мора да се даде навреме. Ургентниот центар ќе овозможи групирање и дијагностицирање, третман, како и испраќање на детето дома по соодветната нега или негов прием во болницата. Кампањата претставува можност за членовите на заедницата да ја покажат својата граѓанска одговорност преку донирање средства", истакна Волерс.

Амбасадорката Шурман потенцира дека без граѓански активизам ниедно општество не може да успее и обврска на секој е да се биде активен граѓанин. Слоганот на Холандската амбасада е „можеш ако сакаш". Таа ги повика сите граѓани, компании и институции да донираат средства и да се вклучат во остварување на проектот за реконструкција и адаптација на простор за првиот педијатриски Ургентен центар во Македонија.

alt

majakatar01
Г-ѓа Маја Иванова го посети „Шафалах Центарот за деца со посебни потреби“ во Доха
Вторник, 29 Јануари 2013

Сопругата на Претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, која го придружува македонскиот претседател во официјалната посета на Државата Катар, денеска го посети „Шафалах Центарот за деца со посебни потреби“.

Г-ѓа Иванова посети повеќе оддели на „Шафалах Центарот“, при што особен интерес пројави за Одделот за аутизам и Одделот за медицинско-генетско истражување.

Нејзин домаќин беше претседателот на „Шафалах Центарот“,  Хасан Али Бин Али, кој е и претседател на организацијата „Уан Билион Стронг“, каде г- ѓа  Иванова е член на почесниот одбор. „Уан Билион Стронг“ е глобална иницијатива за помош на лица со посебни потреби, основана од Шеика Моза, сопругата на Емирот од Катар.majakatar02

За време на посетата, г-ѓа Иванова го запозна Бин Али со постоечките програми за децата со посебни потреби во Република Македонија.

Во оваа пригода беше даден предлог меморандум за разбирање предложен од „Шафалах центарот“ за соработка со Македонската академија на науките и уметностите  во областите од образованието, науката и генетиката. Г-ѓа Иванова се заблагодари за овој предлог, кој ќе биде разгледан од МАНУ по нејзиното враќање во Република Македонија.

Вчеравечер, г-ѓа Маја Иванова имаше работна вечера со сопругата на Емирот од Катар, Н. В. Шеика Моза бинт Насер, при што беа разменети мислења и идеи за соработка во областите кои се преклопуваат во нивните активности, особено за прoграмите за децата со посебни потреби.

Отворено првото издание на филмската манифестација за деца „Наш мал фестивал“
Петок, 14 Декември 2012

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-а Маја Иванова денеска во Домот на АРМ присуствуваше на отворањето на првото издание на филмскиот фестивал за деца, насловен „Наш мал фестивал“, кој се одржува под нејзино и под поровителство на  министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Фестивалот, во организација на „Наше маало“, свечено го отвори министерката за култура, а присуствуваа и бројни ученици, наставници и родители.

Овој прв детски филмски фестивал нуди програма која интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови и забавни содржини, и која низ неформална едукација на најмладите ќе им го доближи филмот, музиката, ликовната уметност, и сите останати сегменти и видови на култура.

Како што посочи министерката Канческа-Милевска, овој едукативен филмски фестивал, реализиран преку Годишниот конкурс на Министерството за култура за поддршка на проекти од национален интерес, ќе го пополни недостатокот од редовна програма на филмови за децата, преку исклучително внимателна селекција на филмови за деца од европската продукција.

„Нашиот мал фестивал“ е исто така поддржан и од неколку општини и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.

Барем малку да ги осветлиме детските денови - Г-а Маја Иванова донираше постелнина на Клиниката за детски болести
Вторник, 20 Ноември 2012

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-а Маја Иванова, по повод Меѓународниот ден на детето, денеска донираше постелнина на Клиниката за детски болести во Скопје. Во рамки на донацијата, малите пациенти добија нови перничиња, јорганчиња, прекривачи, чаршави и навлаки за перници.

„Можеме со право да кажеме дека Република Македонија ги поддржува и ги развива детските права како граѓански, така социјални, културни и здравствени. Донацијата која денеска ја донираме на Клиниката, финансиски целосно е поддржана од почесниот конзул на Македонија во Измир, Турција, г-ѓата Гаје Акчан, во соработка со генералниот конзул на Македонија во Истанбул, г-а Зерин Абаз,“ истакна г-а Иванова.

Таа изрази надеж дека со оваа донација, барем малку ќе ги осветлиме овие денови на децата кои се згрижени и се на лекување на Детската клиника.

„Единствена желба која ја имам на овој Меѓународен ден на детето е што поскоро овие деца да се излечат, да ја напуштат Клиниката и да се вратат во прегратките на своите родители, баби и дедовци, во школските клупи, да имаат и натаму безгрижно детство. Често пати кажувам дека вреди да се изодат и милион чекори за да добиете една детска прегратка, една детска насмевка, еден детски бакнеж и мислам дека ќе успееме во тоа,“ додаде сопругата на претседателот, г-а Маја Иванова.

Таа воедно им посака на децата кои се лекуваат на Клиниката што поскоро да излезат од таму здрави.

Генералниот конзул на Македонија во Истанбул, Зерин Абаз истакна дека е многу среќна што е вклучена во една ваква хуманитарна акција.

„Децата се нашата иднина и секогаш треба да се инвестира за нив, во областа на образованието, во здравството итн. Тоа се најголемите инвестиции кои во иднина ќе си го дадат плодот,“ додаде генералниот конзул Абаз.


Нашата чудесна земја ги има сите предуслови за да имаме здрави генерации - г-ѓа Маја Иванова во поддршка на одбележувањето на „Денот на јаболкото“ во Прилеп
Петок, 09 Ноември 2012

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова денеска во ООУ „Блаже Конески“ во Прилеп присуствуваше на одбележувањето на „Денот на јаболкото“, во рамки на кампањата „Здрава храна за детство без мана“, која се одвива под нејзино покровителство.

Учениците, вработените, родителите и соработниците на училиштето, со поддршка на општината Прилеп, организираа целодневен настан со различни и бројни активности, а во училишниот двор беше поставена и изложба со изработки и производи од јаболко.

„Ова денеска што го видовме во Прилеп преку Денот на јаболкото, симболично но и практично, треба да биде секојдневие на нашите деца. Особено многу ме радува кога заеднички и несебично се посветуваме на активности кои се во насока на создавање на нивната сигурна и здрава иднина,“ истакна г-ѓа Иванова во своето поздравно обраќање, изразувајќи задоволство што во оваа акција покрај училиштата, активно се вклучени и родителите, и што станува сè помасовна.

Таа ги повика и охрабри и останатите училишта преку вакви креативни настани, да го поттикнат интересот и свеста кај децата и да создаваат навики за здрава и правилна исхрана.

„Во оваа прилика ќе го искористам мотото на една наша прекрасна емисија ’Ах таа чудесна земја’. Навистина нашата земја е чудесна, изобилува со плодна почва, сончеви денови и ги има сите предуслови за да имаме здрави генерации,“ посочи г-ѓа Иванова и порача дека кога се во прашање децата, како и досега така и во иднина, ќе продолжи да ја дава својата поддршка, затоа што нема ништо побитно од иднината, а децата се токму тоа – наша иднина.

„Секој од нас има обврска да придонесе за нивен подобар живот. Животот значи здравје, а здравјето значи, пред сè, здрава исхрана. Затоа сме и тука,“ нагласи сопругата на Претседателот.

„Денот на јаболкото“ е еден од многуте јавни настани како дел од активноста „Денови на овошките и зеленчуците“ од кампањата „Здрава храна за детство без мана“. Кампањата чија цел е да го поттикне интересот кај децата за здрава и правилна исхрана, е дел од Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која Здружението на граѓани ОХО, во соработка со Министерството за образование и наука, успешно ја реализира во сите воспитно-образовни институции во Македонија.


Светски ден на здравата храна - г-ѓа Маја Иванова во посета на Средното училиште за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски”
Вторник, 16 Октомври 2012

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, денеска го посети ДСУ за рехабилитација и образование "Св. Наум Охридски" во Скопје, каде што под мотото "Наш ум, наши раце, наши фигури – сочни фигури" се обележа Светскиот ден на здравата храна.

Г-ѓа Иванова ја даде својата поддршка на проектот „Здрави навики преку здрава храна” во организација на ова училиште, а кој има за цел да ги едуцира учениците за значењето на здравата храна, да ја подигне свеста за хигиенските навики при подготовката на храната, а со тоа да овозможи и поголема социјализација на децата со посебни потреби.

Во рамки на настанот, г-ѓа Иванова ја посети работилницата за изработка на фигури од овошје и зеленчук, при што имаше можност да се увери и во исклучителниот талент на децата со посебни потреби, а воедно учествуваше и на лицитацијата на која беа наградени најдобрите. Притоа, таа ги поздрави сите присутни и ги потенцираше заложбите за подигнување на свеста кај населението за здравата храна, особено кај децата, кои се наша иднина и најголемо богатство.

По повод пет годишнината од смртта на нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески, г-ѓа Маја во рамки на денешниот настан на учениците од Средното училиште „Св. Наум Охридски” им подари музички цедиња со сите издадени албуми на македонскиот непребол.

Во таа прилика г-ѓа Иванова потсети дека за неа претставува огромно задоволство што денеска се наоѓа помеѓу децата - најверната и најискрена публика во краткиот живот на Тоше и порача дека тој со своите дела пред се како голем хуманист, засекогаш ќе биде дел од сите македонски срца.

Не смееме да ги ограничуваме нашите активности ниту временски, ниту просторно - обраќање на 5-та Национална конференција за борба против ракот на дојката
Понеделник, 08 Октомври 2012

Почитувани присутни,
Дами и господа,

Како голем поддржувач на националната кампања за борба против ракот на дојката, ми претставува посебна чест да се обратам и на оваа, петта по ред Национална конференција. Ја користам оваа прилика да го поздравам организаторот, здружението „Борка – за секој нов ден“. Здружение кое со своите активности е најгласниот и најупорниот промотор на борбата против ракот на дојката во Република Македонија. Најпосветен активист за подигање на свеста кај жените за оваа болест, и еден од најистакнатите поддржувачи на жената соочена со оваа болест. Сакам да ве уверам дека за нивниот несебичен ангажман сме им бескрајно благодарни.

Одбележувајќи го месецот октомври како светски месец посветен на борбата против ракот на дојката, ние сме дел од меѓународната здравствена кампања посветена на зголемување на свеста за болеста. Кампања за собирање средства за истражувања, превенција, дијагноза, третман и лекување на оваа болест.

Во текот на овој месец, како впрочем и во текот на целата година, се организираат настани кои го насочуваат вниманието на јавноста кон оваа болест и кампањи со кои се нуди поддршка и информации за засегнатите од ракот на дојката. Поради тоа мора да ги поздравиме сите проекти, кампањи и акции на државните институции, на здравствените установи, медицинските професионалци и граѓанскиот сектор. Уште повеќе, треба сите да ја поддржиме нивната цел – да го предизвикаме вниманието на женската популација за значењето од превенција и рано откривање на оваа болест. Да ги потсетуваме на редовните индивидуални и лекарски прегледи и нивно вклучување во годишните скрининг програми за рано откривање и евентуална превенција. На тој начин значително ќе влијаеме во откривањето на болеста во нејзиниот ран стадиум, кога лекувањето е многу поефикасно. Така, сите ќе придонесеме во борбата со оваа болест и со секоја наша поддршка, со секој наш чекор на добра волја и помош ќе пружиме рака за спас на уште една жена, на уште една од нас. Таква една исклучително корисна активност се групите за психо-социјална помош и поддршка во организација на „Борка“. Местото каде една жена и ја подава раката на друга жена и од искуство ја охрабрува во нејзината лична борба. Тоа е и првата и најнеопходна помош. Помош што всушност најмногу се цени и впрочем најмногу вреди.

Затоа од особено значење за ваквите активности е да им се оддаде признание за вложувањето, поддршката и посветеноста на многу поединци, како и на голем број општествено одговорни бизниси, од кои секој на свој начин се обидува да даде свој придонес во националната борба против ракот на дојката.

Драги присутни,
Денес им искажуваме поддршка на сите кои се засегнати од ракот на дојката, директно или индиректно, како родители, партнери, сопрузи, деца, пријатели. Но, пред се, тука сме да ја искажеме нашата упорност и желба да им помогнеме на жените кои сега се соочуваат со најголемата препрека на нивниот животен пат. Да им покажеме дека не се сами. Да им покажеме дека нашето сочувство не е празен збор или залудно ветување, нашето сочувство е всушност нашето залагање, нашата помош и нашата борба за полесно соочување со оваа болест. Со секој наш чекор во создавање на подобри услови за лекување, сме се поблиску до победа на болеста преку превенција и рано откривање.

Затоа би сакала денеска посебно да ги поздравиме и оние кои успеале да ја пребродат болеста. Тие се денес тука, со нас, за да ни посведочат за вербата, истрајноста, упорноста и пожртвуваноста. Тоа се вистинските борци. Тие се всушност нашата најголема инспирација. Инспирација за сите оние кои уште ја водат таа борба. Инспирација за тие кои имаат некој близок кој се соочува со оваа болест. А, пред се, ни даваат поттик и инспирација за нашите идни активности и ангажмани. Затоа ве повикувам со аплауз да ги поздравиме токму тие жени – победници, предводници, поттикнувачи на сите наши наредни иницијативи во борбата против ракот на дојката.

Почитувани,
Свесни сме дека статистиката има исклучително значење, но не е најзначајна. Ние сме луѓе, а не бројки или статистики. Ние ја имаме можноста да си помагаме, да се поддржуваме и охрабруваме. Затоа секој поединец треба да се вклучи во вакви иницијативи, таму каде може да го даде својот личен придонес и да направи промена. Се вели: „кој спасил еден човечки живот, го спасил целиот свет.“ Ако индивидуалниот активизам помогне во постигнување на една мала промена во животот на една жена заболена од рак на дојката или пак и помогне на една жена навреме да ја открие заканата додека не е предоцна, сме постигнале голем успех. Тоа секако ни дава уште поголем поттик за наше активирање.

Услови за тоа постојат, но треба целосно да се стават во функција на оваа благородна мисија. Што поскоро - тоа подобро. Државните институции, предводени од инцијативите од нивните вработени, инцијативите покренати од граѓанскиот сектор, овозможуваат законска рамка, донесуваат здравствени стратегии за натамошен развој на овој сегмент од здравствената политика, водат кампањи за рана дијагностика, овозможуваат достојно и рамноправно лекување и третман, еднакво пристапно за сите.

Континуирано го создаваме, надградуваме и зацврстуваме партнерството меѓу државата, невладиниот сектор и бизнис заедницата. Партнерство втемелено врз високата хумана и благородна цел – борба против ракот на дојката. Партнерство кое постојано и напорно работи за подигање на свеста, со поголем и помасовен јавен ангажман, ширејќи го розевиот бран и неговата симболика.

Почитувани,
Секој месец е месец во борба против ракот на дојката. Секој ден е ден на надеж, истрајност во борбата против ракот на дојката. Не можеме и не смееме да ги ограничуваме нашите активности ниту временски, ниту просторно. Нашата цел е континуирана борба која започнува со превенција, не само во Скопје, туку во секој дел на Република Македонија.

Со таа порака, на самиот крај, сакам да ве повикам сите заедно да се обидеме со нови сили и нови мисли во секој нов ден да придонесуваме повеќе онаму каде што можеме и колку можеме. Да помогнеме токму таму каде нашата помош е најпотребна.

Ви благодарам.

Лицата со инвалидитет се луѓе како и сите други, со желби, копнежи, и аспирации – поддршка за пристапноста кон образование за лицата со посебни потреби
Четврток, 20 Септември 2012

Сопругата на претседателот на Република Македонија, г-ѓа Маја Иванова, ја даде својата поддршка на Меѓународниот проект за зголемување на пристапноста кон образованието за лицата со инвалидитет, на настанот кој под нејзино покровителство денес се одржа денес на плоштадот „Македонија“. Целта на проектот е да се иницираат суштински промени во образовниот процес, со што ќе се овозможи промоција и гарантирање на еднакви права за лицата со инвалидитет. На настанот за подигнување на јавната свест за значењето на соодветното образование на лицата со посебни потреби, учествуваа ученици од градинките и училиштата, професори и студенти, јавни личности, естрадни уметници, спортисти и граѓани.

Во своето обраќање пред присутните г-ѓа Иванова истакна:

Почитувани,
Ми претставува особено задоволство што денес сум овде меѓу вас и што ја имам можноста да ја дадам својата поддршка во реализацијата на меѓународниот проект за зголемување на пристапноста кон образованието  за лицата со инвалидитет. Ме радува што оваа иницијатива е поддржана од  голем број здруженија и институции, но уште повеќе што е поддржана од  граѓаните на Република Македонија.

Денес сме тука сите заедно да придонесеме кон една многу значајна цел, да го привлечеме вниманието на јавноста кон еден значаен сегмент од нашето општество – образованието, но, образование кое е еднакво пристапно за сите граѓани. Правото на образование е загарантирано со Уставот и законите на Република Македонија. Тоа е универзално човеково право и предност која денешното современо општество мора да му ја овозможи на секој поединец. Како што секој граѓанин треба да има можност да го оствари секое свое право, така и лицата со инвалидитет мора да имаат еднакви можности и пристапност до нивото на образование кое тие сакаат да го стекнат. Затоа, сите заедно, свесни за значењето на овој сегмент во издигнувањето на една здрава, општествено свесна и социјално реализирана личност, треба да работиме посветено за остварување на ова право на лицата со инвалидитет.

Почитувани,
Лицата со посебни потреби се уникатни поединци кои поседуваат богатство на знаења, вештини, интереси и искуства. Кои можат да дадат огромна разновидност, и со својот потенцијал и креативна енергија да бидат активни чинители во општеството. Тие ги прават истите работи како и сите ние, но на малку поразличен начин, и сигурна сум дека можат да ги постигнат истите резултати, па дури и повеќе. Да ги поздравиме и наградиме нивните успеси кои сите нас нè прават среќни и горди. Оваа година, радоста за златен медал од Параолимписките игри во Лондон ни ја донесе нашата гордост, Оливера Наковска-Бикова. Да ја поздравиме и да и го честитаме овој голем успех и, воедно, да поттикнеме уште многу поединци да се борат со секојдневните препреки, потпирајќи се на нашата поддршка. Токму затоа треба да се фокусираме на нивните способности, а не на нивниот инвалидитет. Треба да се фокусираме на нивната личност, а не на нивниот недостаток. Тие се рамноправни граѓани на нашата заедница, и наша обврска е да направиме сè што е во наша моќ за да им овозможиме еднакви услови и полна социјална интеграција.

Во тој контекст, образованието игра клучна улога. Ако на едно дете, еден човек со инвалидитет, не му дадеме можност за соодветно образование, тоа значи дека од старт сме му ја скратиле можноста за нормален и продуктивен живот. Тоа е неприфатливо!

Постојано и со сите напори мора да го промовираме значењето на образовниот процес, преку кој лицата со инвалидност ќе можат да се образуваат од најмала возраст, па сè до стекнување на највисоки академски степени. Образованието е од суштинско значење за проширување на животните видици. Со целосна интеграција во образовните и социјалните системи, кај лицата со инвалидност ќе се зајакне самодовербата и чувството на независност. Ќе се отворат вратите кон поквалитетен и поудобен живот, и ќе се зајакнат перспективите за постигнување успеси.

Би сакала да нагласам – лицата со инвалидитет се луѓе како и сите други. Имаат душа, желби и копнежи, аспирации и амбиции. Ним не им е потребно нашето сожалување, туку нашето пријателство и охрабрување. Ним не им е потребна милостина, туку услови за напредок и просперитет. Секој граѓанин на Република Македонија треба да ја развие таа свесност и да ги негува овие темелни вредности. Убедена сум дека тоа го можеме и дека тоа ќе го направиме.

За крај, би сакала да упатам искрена благодарност до здруженијата, универзитетите, училиштата, градинките, кои се вклучија и го поддржуваат овој проект, како и државните институции преку кои Република Македонија во своето домашно законодавство има постигнато солидна основа во заштита на правата на лицата со инвалидитет. Ја поздравувам нивната посветеност во реализацијата на една ваква благородна мисија.

Ви благодарам.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Следно > Крај
Страница 7 од 9

Биографија

Првата дама на Република Македонија, госпоѓа Маја Иванова, е дипломиран правник кој во слободното време пишува поезија. 

Повеќе

 

Фото галерија

Maja_fotogal