Претприемништво

Претприемништвото е категорија тесно поврзана со новите идеи и иновациите, како и со напорите тие иновации да се трансформираат во економски добра. Претприемништвото е движечка сила за раст на економијата, придонесува кон намалување на невработеноста и го трасира патот на напредокот. Тоа е процес на испитување на можностите на пазарот, планирање, организирање и антиципирање, што воедно подразбира преземање независен ризик.

Во суштина, претприемништвото се заснова на иновативноста, која може да претставува нов производ или услуга, но и иновативен бизнис процес. Успешниот претприемач е подготвен да презема ризици, мотивиран е за постигнување успех, не е обесхрабрен од неуспехот, и е цврсто определен да биде чекор понапред од конкуренцијата.

Моторот на економскиот раст е приватниот сектор, додека столб и двигател на приватниот сектор се претприемачите. Но, за да имаме одржлив економски раст, потребно е да создадеме иновативно и претприемачко општество. Претприемачкото  општество се заснова на креативност, иновативност и преземање ризик, кој води кон имплементација на нови и храбри идеи. Имплементацијата на овие идеи ќе отвори патишта за нови индустрии, ќе ја зголеми технолошката продуктивност, и со тоа ќе генерира одржлив и долгорочен економски раст.

За Република Македонија е особено важно да вложува во развојот на претприемништвото, како и во развојот на претприемачка култура кај младите, со оглед на фактот што малите и средни претпријатија имаат значајно учество во бруто домашниот производ (БДП) и надворешната трговија, и вработуваат голем процент од работната сила во државата. Малите и средни претпријатија се од витално значење за успешноста на економијата на една земја, пред сè затоа што одговараат на локалните потреби, но и развиваат успешни приказни за иднината, значително придонесувајќи кон намалување на процентот на невработеност. 

Во оваа насока се реализира проектот „Претприемништво“, кој предвидува покровителство и поддршка од страна на претседателот Иванов на настани и иницијативи за поттикнување на претприемачкиот дух кај младите, за вмрежување на голем број мали и средни бизниси во покрупни синџири на производство и промет, втемелени врз единствени стандарди, силен маркетинг и управување со квалитет. Навремено препознаените и поддржани иновативни претприемачки идеи се битен предуслов за зголемување на конкурентноста на македонските компании и нивно рамноправно учество на  регионалните, европските и светските пазари.

Активности

Според претседателот Иванов, првиот чекор кон освојување на иднината се иновациите, а наша заедничка цел е во Република Македонија да создадеме економски амбиент во кој малите и средните претпријатија ќе се натпреваруваат преку создавање нови идеи кои ќе се преточуваат во производи и услуги. Поттикнат од оваа идеја Претседателот стана главен покровител на „Националниот натпревар за најдобар бизнис план за средни училишта“, кој има за цел да ги развива претприемачките вештини и размислување кај младите, но и да ги подготви за идните животни предизвици. Оваа практика се покажа како еден ефективен начин за поттикнување на претприемништвото во Македонија уште од најраната возраст. Наградите за најдобрите ученици беа доделени во мај 2011 година во хотел Метропол – Охрид, во рамки на 4-та Меѓународна конференција за претприемништво, иновации и регионален развој (www.iceird.org), од страна на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорѓе Иванов.

„Во бизнисот најважен не е ниту капиталот, ниту искуството. Најважни се идеите до кои се доаѓа само со отворен ум. Затоа, сметам дека нашиот најголем ресурс се нашите граѓани со нивната работливост, иновативност, креативност и посветеност. А наша најголема одговорност е преку образованието да го култивираме духот на отвореност, инвентивност, решителност,“ истакна претседателот Иванов пред учесниците на Меѓународната конференција за претприемништво, иновации и регионален развој што под негово покровителство се одржа во Охрид.

Меѓународната конференција за претприемништво на тема „Од претприемачко учење до иновации и регионален развој“, ја организираше Националниот центар за иновации и претприемачко учење. На Конференцијата присуствува претставници на Европска комисија, Светска банка, Европска академија на науки и уметности, МАНУ, повеќе универзитети меѓу кои и еминентните од Кембриџ, Оксфорд, Рим, Берлин, Виена, Вашингтон, Катар, Белград, Загреб, Љубљана, Грац, Солун, Софија, како и регионални агенции, бизнисмени од земјата и од странство.

Секоја година наесен со промотивна кампања почнува натпреварот за најдобри бизнис планови на млади лица до 30 години, при што се доставуваат во просек до 300  бизнис идеи годишно од цела Македонија. На отворањето на новиот циклус на „Националниот натпревар за најдобар бизнис план во средните училишта“, што се одржа на 22 септември 2011 на Машинскиот факултет во Скопје, претседателот Иванов им порача на младите претприемачи дека не треба да се задоволат само со добивање знаење и информации, туку стекнатото знаење да го користат креативно, да произведуваат нови технолошки знаења и да ги применуваат во практичниот живот. Традиционалниот натпревар за најдобри бизнис идеи, како што посочи претседателот Иванов, полека, но сигурно ја гради новата генерација македонски претприемачи врз кои ќе се темели македонската економија. Претседателот ги посети и новите лаборатории на Машинскиот факултет и саемот на старт-ап  фирми во организација на Бизнис старт-ап центарот.

Под покровителство на претседателот Иванов во ноември 2011 година се одржа и конференцијата „Претприемништвото во образовниот систем во Република Македонија“, организирана во рамки на прославата на Европската недела на мали и средни претпријатија, со примарен фокус на значењето од интегрирање на претприемништвото во образовниот процес.

„Време е да ги подготвиме младите за да бидат способни да се соочат со трите предизвици на претприемништвото: соочување со ризикот, стресот и сопственото его.  Време е да подготвиме самоуверени  лидери,  со јасна визија за иднината и способни да се соочат со конкуренцијата, да се успешни во бизнис-претприемништвото. Само со една ваква образована младина може да се сочува динамиката на општеството, чиј извор се претприемачите и претприемништвото,“ истакна претседателот Иванов на отворањето на конференцијата.
 
Преку видео порака, Претседателот се обрати и на свеченото отворање на „Глобалната недела на претприемништвото“, која по трет пат се одржа во Република Македонија во организација на Претприемачкиот сервис за млади - ПСМ Фондација, и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија (АППРМ). Целта на овој глобален настан е мотивирање, поттикнување и поддржување на претприемништвото кај младите, кои имаат идеи да започнат бизнис - да им се обезбеди обука за стекнување бизнис вештини, да се поврзат со соодветните бизнис партнери со цел да станат конкурентни на глобалниот пазар, како и да се забрза напредокот на малите и средните претпријатија како носители на националната економија.

Успешноста на „Глобалната недела на претприемништвото“ беше поттик претседателот Иванов да ја посети  ПСМ фондацијата и Бизнис инкубаторот што работи во нејзини рамки, при што му беа презентирани реализираните бизнис идеи на младите претприемачи поддржани од инкубаторот. Нивниот успех, како што оцени Претседателот, е позитивен пример за младите во земјава и доказ дека добрите идеи успеваат доколку се вложи труд, креативност и упорност.

Во март 2012 година, Претседателот присуствуваше на изложбата на современ накит од млади креативци, дел од практичната примена на Стратегијата за развој на креативни индустрии, која пред три години ја изработија еминентни професори, меѓу кои и претседателот д-р Ѓорге Иванов. Спроведувањето на оваа Стратегија ќе овозможи нови вработувања, мобилност во економската размена и афирмација на претприемачкиот дух, но и културна промоција на нашата земја.

По повод освоеното второ место од страна на тимот на гимназијата „Раде Јовчевски - Корчагин“ – Скопје, на Глобалниот виртуелен натпревар во претприемништво за 2012 година, организиран од Британскиот совет, претседателот Иванов го посети нивниот Бизнис центар. Четворицата средношколци, добитници на наградата, ја презентираа пред Претседателот својата идеја за воспоставување Етно-села, во хипотетичка ситуација на одржување на Олимписките и Параолимписките игри во Македонија.

„Видов многу инвентивност и креативност во оваа гимназија и тоа е за почит. Наставниците и учениците создаваат нешто што е препознатливо и на глобален план. Не само што како држава инвестираме во образованието и им создаваме услови за иднината на овие генерации, туку преку овој пример видовме дека создаваме и млади за иднината,“ истакна претседателот Иванов.


Големи мисли на големи луѓе за претприемништвото

Највредното нешто што можете да го направите е да згрешите – не може ништо да се научи од совршенството. – Адам Озборн
Човек треба да е доволно голем да ги признае своите грешки, доволно паметен да профитира од нив, и доволно силен да ги исправи. – Џон Максвел
Логиката ќе ве одведе од А до Б. Имагинацијата ќе ве однесе секаде. – Алберт Ајнштајн
Ако сè изгледа дека е под контрола, најверојатно не се движите доволно брзо. – Марио Андрети
Успехот е да чекорите од неуспех до неуспех без да го изгубите ентузијазмот. – Винстон Черчил
Вредноста на човекот е голема колку што се големи неговите амбиции. – Марк Аврелиј Антоние
Најдобар начин да ја предвидите иднината е да ја создадете. – Питер Друкер
Делата зборуваат погласно од зборовите, но ни приближно толку често. – Марк Твен
Целта е сон со краен рок. – Наполеон Хил
Претприемништвото не е ниту наука ниту уметност. Тоа е пракса. – Питер Друкер
Неколкумината кои прават предизвикуваат завист кај многумината кои само гледаат. – Џим Рон
Успехот е колку високо ќе се одбиете откако сте го допреле дното. – Генерал Џорџ Патон
Во модерниот свет на бизнисот, бесполезно е да сте креативен и оригинален, доколку не умеете да ја продадете својата креација. – Дејвид Огилви
Ако немате волја да преземете необичен ризик, ќе морате да се помирите со обичноста. – Џим Рон