Соопштенија
PRM_Cerar_web
Средба со заменик претседателот на Владата и МНР на Р.Словенија, д-р Миро Церар
Среда, 24 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими заменик претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Република Словенија, д-р Миро Церар.

На средбата, двајцата соговорници разговараа за унапредувањето на билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Словенија кои ги карактеризира доверба, пријателство и цврсто партнерство, како и за актуелните случувања и предизвици во регионот.

Македонскиот претседател нагласи дека континуираните посети на политичко ниво дополнително ги потврдуваат одличните односи меѓу двете земји и се заблагодари за одличната соработка меѓу двете земји за време на мигрантската криза во 2015 година и за присуството на словенечката полиција на нашата граница. Претседателот Иванов додаде дека во наредниот период напорите треба да се насочат кон динамизирање и зголемување на економската соработка и трговската размена, преку поттикнување на заедничките инвестиции.

Во однос на македонските евроатлантски интеграции, претседателот Иванов изрази надеж дека долгогодишната отворена и безрезервна поддршка од Република Словенија ќе продоложи и во иднина, со цел отварање на пристапните преговори со ЕУ и членство на Република Македонија во НАТО.

Во однос на политичките случувања во нашата земја, македонскиот претседател истакна дека иако на референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено не го прифати Договорот од Преспа, Собранието на Република Македонија тоа не го зема предвид, при што мнозинството пратеници постапија спротивно на волјата на народот.

Соговорниците разменија мислења и за предизвиците од илегалната миграција, констатирајќи ја потребата досегашната успешна соработка да продолжи и во иднина со цел поголема регионална стабилност и безбедност.

PRM_cestitka
Честитка од претседателот Иванов по повод Денот на македонската револуционерна борба
Вторник, 23 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври - Денот на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Највозвишена цел на еден народ е да создаде своја држава. Само оние народи кои формирале своја држава ја реализирале слободата со тоа што станале самодоволни. 23 Октомври 1893 година е клучен момент во македонската револуционерна борба за остварување на таа возвишена цел. Пред точно 125 години неколкумина храбри Македонци го формираа Македонскиот револуционерен комитет кој на народот му даде надеж дека со свои сопствени сили може да биде свој на своето. Неброени македонски патриоти ги положија своите животи за остварување на овој идеал.

Денес, нивниот сон за слободна и независна Македонија е реалност. Но, слободата не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Затоа, обврска на нашата генерација е да не дозволиме нашата слободна и независна држава Република Македонија да биде обезличена.

Во речиси сите одлучувачки моменти од нашата историја, народот носел мудра одлука. Така беше и овој пат. На референдумот одржан на 30 септември народот со негласање јасно се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На референдумот народот ја изрази својата суверена волја и недвосмислено го отфрли Договорот од Преспа. Собранието на Република Македонија тоа мораше да го земе предвид, но мнозинството народни избраници постапија спротивно на волјата на народот.

Потребна е храброст за да се истрае во остварувањето на правото на самоопределување и зачувување на суверенитетот и независноста на државата. Храброст што им овозможи на македонските револуционери и борци да го остварат својот сон.

Народот секогаш ги слави храбрите, а историјата ги презира страшливите и поткупливите. Без почит кон минатото, без свој идентитет и самосвест ниту има просперитетна сегашност, ниту ќе има подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, тука, во Република Македонија.

Затоа, да не ја губиме надежта и љубовта кон Република Македонија, бидејќи само како суверена и независна држава таа ќе биде заштитник на нашата слобода и нашето човечко достоинство.

Нека ни е за многу години Денот на македонската револуционерна борба.
Да живее Република Македонија!

Д-р Ѓорге Иванов

polska_11
Предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Полска
Четврток, 18 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими акредитивните писма на Н.Е г. Војчех Јежи Тичињски, новоименуван амбасадор на Република Полска во Република Македонија.

На церемонијата на предавање акредитиви, претседателот Иванов истакна дека македонско-полските односи ги карактеризира искрено пријателство, меѓусебна почит, континуиран политички дијалог и значајна динамика во соработката во повеќе области од взаемен интерес.

Претседателот Иванов порача дека за нашата земја од особено значење е поддршката и помошта од Република Полска за реализација на нашите зацртани стратешки цели, членство во НАТО и во Европската Унија.

„Јас како Претседател на Република Македонија немам апсолутно никаква дилема дека местото на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО. Но, таму треба да влеземе со нашето човечко достоинство, без уцени, притисоци и двојни стандарди. Суверената волја на македонските граѓани на референдумот треба да се почитува. Затоа, и по референдумот се надевам дека процесот за зачленување на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија ќе продолжи", рече претседателот Иванов.

Во таа насока, претседателот Иванов побара поддршка од Република Полска за деблокирање на процесот за членство на Република Македонија во НАТО и во Европската Унија без притоа да се крши правото на самоопределување.

„Искрено очекувам и се надевам дека Република Полска ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот, исклучително значаен период. Европската перспектива е најдобрата гаранција за просперитет и стабилност на Балканот", порача македонскиот претседател.

Амбасадорот Тичињски истакна дека неговата земја придава големо значење на унапредувањето на билатералните односи и на зацврстувањето на пријателските односи меѓу двата пријателски народи. Во таа насока амбасадорот Тичињски истакна декa на вредностите кои ги приближуваат двата народи и двете држави треба да им се додаде уште едно нешто, а тоа е компатибилноста на заедничките интереси како партнери во меѓународните односи.

„Како земја што одигра важна улога во соборувањето на комунистичкиот систем во нашиот дел на Европа, ние веруваме дека секоја држава ја заслужува нашата поддршка за своите амбиции да ја обликува својата судбина во согласност со волјата на нацијата и принципите на демократскиот свет", рече амбасадорот Тичињски.

Како што истакна амбасадорот Тичињски, прифаќањето на ваква политичка филозофија од страна на Полска, исто така, резултира од претпоставката дека слободната, демократска, развојна и добра соработка со Македонија претставува важна цел не само за Македонците, туку и за целокупниот Балкански регион и Европа како целина и дека Европа не може да биде стабилна доколку сите европски земји не останат стабилни.

Претседателот Иванов на новоименуваниот амбасадор му честиташе за функцијата и му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

polska_5

Prostalna_BiX_1
Проштална средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Босна и Херцеговина, Н.Е. г-ѓа Лепа Бабиќ
Четврток, 18 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска на проштална средба ја прими Н.Е. г-ѓа Лепа Бабиќ, амбасадор на Босна и Херцеговина во Република Македонија.

На средбата двајцата соговорници изразија задоволство од досегашниот развој на односите и на соработката меѓу двете држави, кои ги карактеризира традиционално пријателство, идентична визија и приоритети за развојот на меѓународната и регионалната соработка, како и заемни стратегиски цели – мир и стабилност во регионот, членство во европските и евроатлантските структури.

Амбасадорката Бабиќ изрази уверување дека Босна и Херцеговина ќе продолжи да биде партнер на Република Македонија во постигнувањето на стратешките цели, се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на нејзиниот мандат како амбасадор и изрази задоволство од соработката со сите македонски институции.

Претседателот Иванов изрази благодарност за придонесот на амбасадорката Бабиќ во градењето на одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, посакувајќи и успех во натамошната кариера.

PRM_portret
Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Октомври - Денот на народното востание
Четврток, 11 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври - Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на народното востание.

Вооруженото востание против фашистичкиот окупатор, започнато на 11 октомври 1941 година ни ја донесе слободата и остварувањето на сонот за формирање на македонска држава. Патот до конечната победа преку долготрајната Народноослободителна борба исполнет со страдање и хероизам ни обезбеди место на страната на правдата и на човечноста. Борбата за слобода зеде многу жртви пред кои ние денес се поклонуваме и чие дело го славиме.

Затоа денес, 11 Октомври е повеќе од државен празник, тој е и отелотворување на идеалот за слобода и правда. На овој ден се слави пожртвуваноста и решителноста на македонскиот народ за слобода и за создавање на самостојна и независна држава. Тој идеал нè води и денес во остварувањето на подобра сегашност за денешните и подобра иднина за наредните генерации во Република Македонија.

Македонија секогаш била на страната на слободата и демократијата и со овие вредности нема правење компромиси.  Затоа обединети и сплотени,  да го продолжиме стремежот на борците од НОБ за просперитетна Република Македонија, приклучувајќи се како рамноправна држава во обединета Европа, Европа во која ќе нема мали и големи, позначајни и помалку вредни, Европа базирана на рамноправност, еднаквост и солидарност, Европа ‒ лулка на демократијата.

На овој голем празник, уште еднаш, да се потсетиме на заветот кој ни го оставија нашите предци, достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме.

Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!

Да живее Република Македонија!

д-р Ѓорге Иванов

laos_3
Проштална средба со амбасадорот на Народна Демократска Република Лаос, Н.Е. г. Поукао Помавонгса
Среда, 10 Октомври 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Народна Демократска Република Лаос за Република Македонија, со седиште во Виена, Н.Е. г. Поукао Помавонгса.

На средбата, претседателот Иванов и амбасадорот Помавонгса разменија мислења за актуелните политички состојби и предизвиците со кои се соочува нашиот регион.

Двајцата соговорници изразија очекување дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи да се унапредува на билатерален и на мултилатерален план во рамки на ОН.На средбата беа разменети мислења околу можноста за реализирање на проекти во областа на културата, образованието и науката, кои ќе ги збогатат меѓусебните односи.

Претседателот Иванов укажа дека Македонија е заинтересирана за соработка со Лаос во рамките на Франкофонијата, каде оваа земја е особено активен член.

Македонскиот претседател му заблагодари на амбасадорот Помавонгса за неговиот досегашниот ангажман и му посака успех во натамошната работа.

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 8 од 175