Соопштенија
mo_hrvatska_3
Средба со потпретседателот на Владата на Република Хрватска и министер за одбрана, г. Дамир Крстичевиќ
Вторник, 05 Февруари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со потпретседателот на Владата на Република Хрватска и министер за одбрана, г. Дамир Крстичевиќ.

На средбата беше изразено задоволство од досегашниот развој на севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и беше искажан интерес за унапредување на соработката особено во сферата на економијата, инфраструктурата и регионалната соработка.

Претседателот Иванов ги поздрави напорите за натамошно продлабочување на билатералната соработка во сферата на одбраната, преку реализација на заеднички проекти и активности, како и тековната соработка во доменот на обуката, едукацијата и заедничко учество во меѓународните мисии.

Двајцата соговорници разменија мислења и за надворешно политичките приоритети на Република Македонија. Во тој контекст, македонскиот претседател изрази очекување дека принципиелната поддршка од Република Хрватска ќе продолжи и во иднина.

На средбата беа разменети мислења за актуелните состојби во двете земји како и за тековните случувања и предизвици со кои се соочува регионот и Европа.

PRMportret
Сочувство до Претседателот на Федеративна Република Бразил г. Жаир Болсонаро
Вторник, 29 Јануари 2019
Litvanija
Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи на Литванија, г. Линас Линкевичиус
Понеделник, 28 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Литванија, г. Линас Линкевичиус.

На средбата беше заемно констатирано дека односите меѓу двете земји се традиционално добри и пријателски, со чести средби и континуиран политички дијалог.

Двајцата соговорници разменија мислења околу можностите за развој на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Литванија, како и за надворешно политичките приоритети и актуелните состојби во двете земји.

Претседателот Иванов се заблагодари за досегашната поддршка од Литванија во однос на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, и изрази надеж дека истата ќе продолжи и во иднина.

На средбата, македонскиот претседател ја потенцираше потребата од доследно спроведување на реформите, со цел надминување на предизвиците и заокружување на интеграциските процеси на Република Македонија.

PRM_portret_01
Честитка до припадниците на српската заедница по повод празникот Свети Сава
Недела, 27 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод празникот Свети Сава упати честитка до припадниците на српската заедница во Република Македонија.

Почитувани сограѓани,

Ми претставува особено задоволство да ви го честитам големиот празник Свети Сава и да ви посакам здравје, радост, мир и благосостојба.

Чествувањето на денешниот празник, 27 јануари – Денот на првиот српски архиепископ и просветител е порака за заедништво, почит и меѓусебна соработка. Свети Сава за српскиот народ е непресушен извор на вера, надеж и љубов кон Бога и патоказ кон иднината.

Припадниците на српската заедница со своите јазични, етнографски и културни особености го збогатуваат нашето мултиетничко и мултикултурно општество постојано придонесувајќи за напредокот на Република Македонија.

Благодарение на српската заедница во Република Македонија како и на македонската во Република Србија, во нашиот северен сосед имаме пријател и поддржувач.

Уверен сум дека и во иднина заеднички ќе продолжиме да работиме во интерес на сите наши граѓани, сè со цел подобра и посветла иднина.

Нека Ви е честит големиот празник!

д-р Ѓорге Иванов

CG23012019
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ
Среда, 23 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседателот на Собранието на Црна Гора, г. Иван Брајовиќ.

Двајцата соговорници изразија задоволство од севкупните билатерални односи и одличниот политички дијалог на сите нивоа меѓу двете држави. Заемна констатација на средбата беше дека меѓу Република Македонија и Црна Гора нема отворени прашања и дека двете земји се посветени на идентични надворешно-политички цели, мир и стабилност во регионот, како и на проширување и развој на регионалната соработка.

На средбата беше посочено дека само со целосна интеграција на земјите од регионот во ЕУ и НАТО, Европа може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува.

Соговорниците констатираа дека економската соработка не соодветствува со нивото на политичките односи и беше истакната потребата од подобро инфраструктурно поврзување како предуслов за развој на економијата и трговската размена.

Претседателот Иванов порача дека парламентарната димензија е значаен сегмент во севкупната соработка и изрази надеж за нејзино натамошно унапредување.

Македонскиот претседател и претседателот на собранието на Црна Гора разменија мислења за актуелните политички случувања во Република Македонија и Црна Гора, како и за состојбите во регионот и Европа.

PRM_portret_01
Честитка од претседателот Иванов по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици
Сабота, 19 Јануари 2019

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан и до сите православни верници.

Ваше Блаженство,

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, на ценетото свештенство, како и на сите православни верници во Република Македонија и дијаспората, да Ви упатам најискрени и најсрдечни честитки по повод големиот христијански празник Богојавление - Водици.

Славејќи го крштевањето на Господ Исус Христос, го прославуваме нашето духовно раѓање и ја потврдуваме нашата вера. Со осветувањето на водите и објавата на Божјиот лик се осветува човековото живеење во верата и богоугодниот пат.

На овој голем ден треба да ги зацврстиме основите на нашето верување, да го зацврстиме нашето единство, да се почитуваме, да си помагаме, да продолжиме по патот на успехот и просперитетот на нашата татковина.

И годинава на Водици, да се помолиме Бог да ни даде сила да истраеме пред искушенијата и надеж за подобро утре.

Нека Бог ги чуе нашите молитви и во домовите на сите верници нека владее хармонија, разбирање и љубов, бидејќи само сплотени и единствени ќе успееме да чекориме по божјиот пат.

Честит празник и за многу години.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 3 од 175