Соопштенија
PRMportret
Честитка од претседателот Иванов, по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите
Понеделник, 08 Април 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, упати честитка по повод одбележувањето на 8 Aприл – Меѓународниот ден на Ромите.

Драги сограѓани,

Како Претседател на Република Македонија ви го честитам Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април. Одбележувањето на овој голем празник е симболична потврда за почитувањето и поддржувањето на ромската заедница во Република Македонија со сета нејзина автентична и богата културна и јазична посебност. Ваквото почитување е во духот на нашиот македонски модел на соживот и почитување на достоинството на различноста што не прави посилни и побогати.

Но, празникот е и момент на потсетување на неостварените цели. Праведноста и човечноста на едно општество се гледа од односот кон немнозинските заедници. Во изминативе години многу е направено за унапредување на севкупната позиција на Ромите во македонското општество. Но, останува уште многу да се направи за подостоинствен живот на секој припадник на ромската заедница во Македонија. Процесот за натамошно подобрување на животниот стандард на Ромите бара максимален ангажман од македонските државни институции, од академската заедница, бизнис секторот и цивилното општество. Едно од приоритетите е преку подигнување на јавната свест да ги искорениме и последните остатоци од предрасудите и стереотипите, наместо нив, да ги вкорениме добрите навики на вклучување и заедништво. Крајно време е студената толеранција да ја заминиме со вистинско почитување на Ромската заедница.

Честитајќи ви го денешниот празник, дозволете ми да изразам надеж, дека и во иднина заедно ќе работиме за доброто на нашата држава и на нашите граѓани.

Ви посакувам добро празнично расположение, многу здравје, љубов, успех и благосостојба.

Нека Ви е честит 8 април - Меѓународниот ден на Ромите!

д-р Ѓорге Иванов

KabinetPRM
Демант на соопштението на СДСМ, под наслов „Иванов неодговорно го завршува мандатот, како што го почна, ќе потроши илјадници евра пари на граѓаните за накит, марами и вратоврски“
Вторник, 26 Февруари 2019

Кабинетот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов во целост ги демантира наводите во денешното соопштение на СДСМ, за кои сметаме дека се тенденциозни и со злонамерно извртување на фактите се прави обид да се дискредитира институцијата претседател на Република Македонија.

Голема иронија е што СДСМ се дрзнува да го обвинува претседателот Иванов за недомаќинско и неодговорно работење, кога речиси секојдневно македонската јавност се шокира со бројните скандали и пропусти, предизвикани токму од нив.

Сметаме дека станува збор за уште еден очаен обид за напад врз претседателот Иванов, со цел да се пренасочи вниманието на јавноста од неморалното и несовесното работење на владејачката партија.

Голема лага се наводите дека претседателот Иванов нарачува над 700 сувенири со своето име, за сопствена промоција и маркетинг.

Вистината е дека во јавната набавка се предвидени само 50 марами и 100 вратоврски со името на претседателот Иванов, кои се наменети како протоколарен подарок за странски делегации и гости, до завршување на мандатот на претседателот Иванов.

Уште поголема лага се наводите дека Кабинетот на претседателот на Република Македонија постапува неодговорно, со недомаќинско работење и спротивно на интересите на граѓаните и државата.

Со цел правилно информирање на пошироката јавност укажуваме дека станува збор за годишна набавка на репрезентативни подароци, што се реализира врз основа на годишен план, а како востановена практика на сите претходни претседатели на Република Македонија и речиси насекаде во светот. Јавната набавка опфаќа протоколарни подароци, што се набавуваат во согласност со протоколарните активности на претседателот, вклучувајќи посети на странски делегации, како и возвратни посети на странски држави.

Укажуваме дека наведениот износ од Договорот за јавната набавка претставува планирана вредност на јавната набавка, односно не се исплаќа целиот износ наведен во договорот, туку по фактура за извршената услуга. Следствено на ова, следниот претседател на Република Македонија на почетокот на својот мандат ќе има на располагање репрезентативни подароци, продолжувајќи да ja искористува јавната набавка.

Досегашните јавни набавки на Кабинетот на претседателот се извршени на максимално транспарентен начин и во согласност со сите законски регулативи и истите се транспарентно и јавно објавени.

Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија.

KabinetPRM
Осуда за вчерашното физичко насилство во КПУ Затвор Скопје – Скопје
Петок, 22 Февруари 2019

Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, најостро го осудува физичкото насилство што се случи во текот на вчерашниот ден во КПУ Затвор Скопје – Скопје. Безбедноста на сите притворени и затворени лица мора да биде загарантирана од затворската управа, за ваквите и слични случаи, не може и не смее да има никакво оправдување.

Во казнено поправните установи во Република Македонија мора да се заштити психофизичкиот и моралниот интегритет на лицата, да се почитува нивната личност и достоинство, како и нивното право на лична сигурност.

Согласно чл.10 од Уставот на Република Македонија „Животот на човекот е неприкосновен", а согласно чл.11 „Физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени и се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување".

Согласно Законот на кривична постапка, чл.176 ст.1, „При издржување на притворот не смее да се навредува личноста и достоинството на обвинетиот".

Во изминатиов период до Комисијата за помилување како и до Одделението за постапување по претставки и предлози во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, беа доставени писма од граѓани кои изразуваа загриженост за безбедноста во затворите во Република Македонија. Затоа, очекуваме што побрзо расчистување на овој, како и на сите досегашни случаи, познати или непознати за јавноста. Бараме одговорност од сите надлежни институции.

PRMportret
Сочувство од Претседателот Иванов по повод трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово
Среда, 13 Февруари 2019
TR_1
Средба на претседателот Иванов со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган
Сабота, 09 Февруари 2019

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, вчера попладне во Истанбул се сретна со претседателот на Република Турција г. Реџеп Таип Ердоган.

На средбата, двајцата претседатели изразија задоволство од високото ниво на севкупните политички односи и содржајната билатерална соработка меѓу Република Македонија и Република Турција. Во разговорите претседателот Иванов и претседателот Ердоган разменија мислења за актуелните политички случувања во двете земји, односно за престојните претседателски избори во Република Македонија и за локалните избори во Република Турција.

Македонскиот претседател изрази сочуство до турскиот претедател за неодамнешната несреќа во Истанбул, каде што при рушење на зграда животот го загубија повеќе лица.

На средбата двајцата претседатели разменија мислења и за тековните случувања и предизвици со кои се соочува регионот и Европа.

KabinetPRM
Соопштение од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија
Среда, 06 Февруари 2019
 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 2 од 175