Соопштенија
PRM_portret_01
Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на г. Љубиша Георгиевски
Четврток, 06 Декември 2018

Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на г. Љубиша Георгиевски.

Почитувани,

Со голема тага ја примив веста за смртта на нашиот режисер, писател и професор Љубиша Георгиевски.

Иако немам соодветни зборови кои можат да ја опишат големината на загубата, дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство на неговото семејство и на целата македонска јавност. Со смртта на Љубиша Георгиевски загубивме голем интелектуалец, уметник и патриот. Со своето уметничко дело остави неизбришлива трага во македонскиот театар и филм инаугурирајќи се во креативен и мислечки бард на македонската уметност и култура. Зад него останаа повеќе од 160 театарски претстави и неколку играни филмови кои ја издржаа критиката на времето. Љубиша Георгиевски со својата луцидност, творечка храброст и човечка доблест беше наша гордост и инспирација.

Во текот на исклучително богатата политичка и дипломатска кариера мошне одговорно и креативно ги одигра своите улоги на претседател на Собранието и амбасадор во Софија и во Белград каде ревносно ги бранеше државните интереси на Република Македонија. Како член на мојот Совет за меѓународни односи, тој даваше мудри совети и промислувања за клучните прашања за Република Македонија.

И преку својот уметнички и преку општествениот ангажман до крајот на својот живот, Георгиевски се бореше за македонската кауза останувајќи верен на своите вредности, ставови и убедувања.

Вечно ќе сме благодарни за сè што направи за Република Македонија и за наследството кое ни го остави и кое ќе остане патоказ и светлина за идните генерации.

Вечна му слава и нека почива во мир.

д-р Ѓорге Иванов

Polska1
Средба на претседателот Иванов со полскиот претседател Анджеј Дуда
Понеделник, 03 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на учеството на Самитот за климатски промени COP 24, што се одржува во Катовице, одржа билатерална средба со претседателот на Република Полска, г. Анджеј Дуда.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Полска, при што беше констатирано дека двете земји негуваат пријателски и конструктивни односи, со стабилен политички дијалог.

Претседателот Иванов изрази благодарност за целокупната поддршка на Република Полска од воспоставувањето на дипломатските односи кои годинава одбележуваат 25 години како и за употребата на нашето уставно име во билатералните односи.

Истакнувајќи дека Република Полска е важен и докажан партнер и поддржувач на македонската интеграција во ЕУ и во НАТО, македонскиот претседател го изрази интересот за натамошно продлабочување на билатералната соработка преку размена на посети на највисоко ниво.

На средбата беа разменети мислења и информации за мигрантската и бегалска криза, при што претседателот Иванов се заблагодари за досегашната помош од страна на Република Полска. Во тој контекст, македонскиот претседател нагласи дека полскиот контингентот како дел од на странските полициски сили дава значајна поддршка на македонските безбедносни сили во контролирањето и сузбивањето на обидите за илегални премини на нашата јужна граница.

Претседателот Дуда посочи дека полската поддршка за Република Македонија како во однос на нашите евроатлантски интеграции така и за мигрантската криза ќе продолжи и во иднина.

На средбата беа разменети мислења за севкупните состојби во регионот, во контекст на неговата европска и евроатлантска перспектива.

Polska2

PRMportret
Сочувство од претседателот Иванов по повод смртта на Џорџ Х. В. Буш, поранешен претседател на САД
Сабота, 01 Декември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов упати писмо со сочувство до Џорџ В. Буш, поранешен Претседател на Соединетите Американски Држави, по повод смртта на неговиот татко, Џорџ Х. В. Буш, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави.

Почитуван господине Претседател,

Со длабоко жалење ја примивме веста за смртта на Вашиот татко Почитуваниот Џорџ Х. В. Буш, поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави.

По тој повод, дозволете ми, во мое лично име, како и во името на граѓаните на Република Македонија, да ги упатам изразите на нашето длабоко сочувство и искрено жалење за Вашата загуба.

Името на Претседателот Буш ќе остане длабоко врежано во сеќавањето на македонските граѓани. Граѓаните на Република Македонија ќе го паметат како голем пријател и поддржувач на нашата земја, во време кога се соочувавме со сериозни предизвици и големи искушенија. Соединетите Американски Држави под водството на Џорџ Х. В. Буш ја поддржаа одлуката на македонските граѓани за самоопределување и прогласување на независна и суверена држава. Таа политика беше дополнително унапредена под Ваше водство кога донесовте принципиелна одлука да го признаете уставното име Република Македонија. Република Македонија и македонските граѓани никогаш не ги забораваат своите пријатели.

Ние му остануваме благодарни и за посветеноста кон зачувување и зајакнување на пријателството и соработката меѓу нашите две земји и народи.

Нека почива во мир.

д-р Ѓорге Иванов

crnagora_ambasador_3
Проштална средба со амбасадорот на Црна Гора, Н.Е. г. Предраг Митровиќ
Петок, 30 Ноември 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во проштална средба го прими амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Н.Е. г. Предраг Митровиќ.

На средбата, двајцата соговорници изразија задоволство од севкупната досегашна соработка на билатерален и на мултилатеран план, како и од искреното пријателство и од одличните политички односи меѓу Република Македонија и Црна Гора. Взаемна констатација беше дека нема отворени прашања меѓу Република Македонија и Црна Гора и дека двете земји се посветени на негување на добрососедството и меѓусебна поддршка и помош на патот на евроатлантските интеграции.

Амбасадорот Митровиќ се заблагодари за укажаното гостопримство во текот на неговиот мандат и изрази задоволство од целокупната соработка.

Заблагодарувајќи се за досегашниот ангажман и одличната соработка, претседателот Иванов на амбасадорот Митровиќ му посака успех во натамошната работа.

PRMportret
Сочувство од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на академик Блаже Ристовски
Четврток, 29 Ноември 2018

Почитувани,

Со длабока болка и тага ја примив веста за смртта на познатиот македонски историчар и филолог, академик Блаже Ристовски. Иако во овие тажни мигови не постојат зборови со кои може да се надомести загубата, дозволете ми да ви изразам најискрено и најдлабоко сочувство. Академик Блаже Ристовски целиот свој работен век го помина во научно проучување на историскиот и културен развој на идејата за создавање на слободна македонска држава.

Тој објави повеќе книги и стотици научни статии за развитокот на македонската културно-национална мисла, во кои одново ни го приближи животот и делото на најзначајните македонски културни дејци, како што е Крсте Петков Мисирков.

Како потпретседател на првата влада на независна Република Македонија, тој даде пример за тоа како се бранат државните интереси. Тој беше пример на ангажиран интелектуалец кој имаше храброст да зборува и за најтешките прашања за Република Македонија.

Ова е огромна загуба, за Вас, за научниот и академискиот свет, но и за мене и за Република Македонија. Ќе ни недостасуваат неговите мудри совети исполнети со длабока промисленост за македонската кауза.

Вечно ќе сме благодарни за творештвото кое ни го остави, за сè што напиша, создаде и инспирираше.

Нека почива во мир!

д-р Ѓорге Иванов

PRMportret
Сочувство од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов по повод смртта на Горан Стефановски
Среда, 28 Ноември 2018

Почитувани,

Со голема тага ја примив веста за смртта на нашиот драмски писател, Горан Стефановски. Иако нема соодветни зборови кои можат да ја надоместат загубата, дозволете во овие тажни мигови да изразам најискрено и најдлабоко сочувство до семејството и до цела наша јавност. Со прераната смрт на Горан Стефановски загубивме врвен драматург, но и голем ерудит, мислител и пред сѐ прекрасен човек кој со своето дело остави неизбришлива трага во нашето културно и општествено живеење.

Горан Стефановски беше наш најпознат и најизведуван современ драмски автор чии драми оставија неизбришливи траги во нашиот театар и книжевност, претставувајќи своевидна луцидна панорама на нашето живеење и светоглед. Покрај маркантниот драмски опус, неизбришливи се и неговите остварувања во телевизискиот медиум, пред сѐ преку култната телевизиска серија „Бушава азбука".

Вечно ќе сме благодарни за творештвото кое ни го остави, за сѐ што напиша, создаде и инспирираше.

Нека почива во мир.

д-р Ѓорге Иванов

 
Почеток < Пред 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Следно > Крај
Страница 6 од 175