За време на официјалната посета на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на Чешката Република, сопругата на Претседателот г-ѓа Маја Иванова оствари средба со г-ѓа Ивана Земанова, сопруга на Претседателот г. Земан. Покрај средбата на претседателските парови, г-ѓа Иванова и г-ѓа Земанова имаа одвоена дамска програма на која покрај средбата, имаа и кратка прошетка низ прашкиот замок.
Сопругата на Претседателот, г-ѓа Маја Иванова, во рамки на посетата, го посети Националниот институт за аутизам NAUTIS. Г-ѓа Иванова се запозна со начинот на функционирање на институтот, програмите за деца, младинци и возрасни лица со аутизам, од градинка, дневен престој, домување до програмите со лични асистенти за лицата со аутизам. Домаќините ја информираа г-ѓа Иванова за дијагностицирањето, особено раната дијагноза на децата со аутизам, терапија, но и помош и поддршка за нив и нивните родители.
Г-ѓа Иванова и соговорниците разменија мислења за актуелните состојби со аутизмот во двете држави, паралела на законските регулативи, активностите на здруженијата, а се отвори и тема за можна идна соработка меѓу Институтот и организации од Република Македонија. Сопругата на Претседателот информираше за нејзините активности за подигање на свеста за аутизмот во Македонија и нејзината соработка со сите засегнати страни во областа на аутизмот.
Г-ѓа Маја Иванова, за време посетата на Чешка, оствари средба и со г-ѓа Ливија Клаусова, сопруга на поранешниот Претседател на Република Чешка г. Клаус. Двете дами имаа прилика да се сретнат неколкупати при официјални активности, и поради нивното долгогодишно пријателство, г-ѓа Иванова изрази желба да се сретнат и при оваа посета на Чешката Република.
|