Новости
Изјава по одлуката на Европскиот Совет за визна либерализација
Понеделник, 30 Ноември 2009


Почитувани граѓани,

Денес е голем ден за Република Македонија. Одлуката на Европскиот Совет за визната либерализација е долго очекувано добредојде за нашите граѓани во заедницата на рамноправни и слободни граѓани на Европа.
Визната либерализација претставува огромен чекор поблиску до Европската Унија и го зголемува чувството на заедничка припадност во големото европско семејство. Европа со децении беше извор на сите напредни и демократски идеи, честопати промовирани токму со можноста за директни патувања. Затоа, со радост ја примив веста за конечното симнување на визниот режим за патување низ Европа. Сакам да им се заблагодарам на граѓаните на Република Македонија, за нивното трпение при спроведувањето на неопходните реформи, кои честопати знаеа и знаат да бидат и болни и тешки. Граѓаните покажаа длабоко разбирање дека ова се реформи кои се прават во нивен интерес, и во нивно добро.

Денешниот ден е резултат на исклучителните напори вложени за исполнување на сериозните реформи кои беа побарани од Република Македонија. Би сакал да им честитам на сите институции кои беа ангажирани за брзо и темелно спроведување на потребните мерки.

Владата на Република Македонија и сите надлежни министерства и институции покажаа дека се на ниво на високите стандарди кои беа поставени пред нив. Би сакал да им се заблагодарам и на сите претходните раководства, за нивниот придонес кон денешниот ден.
Им честитаме и на другите две држави, кои заедно со Република Македонија се изборија за овој успех. Се надевам дека наскоро и граѓаните од другите земји од нашиот регион ќе можат да патуваат слободно. Нашата администрација им се става на располагање за размена на позитивните искуства на овој пат.

Конечно, сакам да изразам задоволство што Европската Унија остана достојна на големата визија за обединет и отворен континент. Република Македонија продолжува со исполнување на реформи, со натамошно отворање на своето општество и промовирање на демократските и европски вредности. Се надевам дека, по денешниот успех, ќе продолжи вреднувањето на Република Македонија се до зацртаната цел – полноправно членство во заедницата на европски држави и народи. Сакам јасно да порачам дека Република Македонија и нејзините институции имаат и волја и капацитет и целосно се подготвени да ги отпочнат преговорите за членство во Унијата, и да ги пресретнат и да се носат со предизвиците кои ги носи овој процес.

Ви благодарам

Претседателот Иванов во Ерусалим се сретна со Премиерот Нетанјаху
Среда, 21 Октомври 2009
Претседателот Иванов се сретна со Вселенскиот патријарх Вартоломеј
Недела, 18 Октомври 2009
 
Почеток < Пред 191 192 193 194 195 196 197 198 Следно > Крај
Страница 198 од 198