Новости
01
Претседателот Иванов на 6. Глобален Баку форум: Македонија поддржува меѓународни иницијативи за подобрување на инфраструктурата и поврзаноста
Петок, 16 Март 2018

Целта на Република Македонија е членство во НАТО и во Европската Унија, ние сме вклучени во европскиот економски простор, но нам ни е неопходна и европска инфраструктура. За таа цел Македонија одлучи со поволни кинески кредити да гради важен дел од европскиот коридор 8, порача претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во своето обраќање на 6. Глобален Баку форум во Азербејџан, говорејќи на тема: Како да се разбере надворешната политика на Кина?"

Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека инфраструктурните проекти во рамките на „Еден пат, еден појас" ќе им овозможат на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа да бидат меѓусебно цврсто поврзани, со што ќе се зголеми компетитивноста на економиите од регионот за странски инвестиции.

Претседателот Иванов додаде дека Македонија смета дека оваа иницијативата на Кина придонесува кон мирот, просперитетот, отвореноста, иновацијата и поврзувањето меѓу цивилизациите.

„Одлучивме со поволни кинески кредити од иницијативата „16+1" да градиме еден дел од европскиот Коридор 8, кој го поврзува Јадранското море со Црното море. Ние сме дел од иницијативата и за брзата пруга од Будимпешта до Белград која треба низ Република Македонија да продолжи до пристаништето Пиреја. Исто така се залагаме и за обновување на проектот за поврзување на реките Вардар-Морава-Дунав со Егејското море“, рече македонскиот претседател во своето обраќање.

Иницијативата „Еден пат, еден појас" предвидува изградба на повеќе економски коридори што ќе покријат две третини од светската популација и една третина од БДП во светот.

„Иницијативата има за цел да развие нови пазари за кинеските производи, да го зголеми економскиот раст, да создаде работни места и да им овозможи на помалку развиените кинески региони да профитираат од инфраструктурниот развој и од зголемената трговија. Всушност, и целта и на стариот и на новиот пат на свилата е водење трговија, а не проектирање влијание“, порача македонскиот претседател.

Покрај за иницијативата „Еден појас, еден пат", преку која Кина се обидува да ги надмине економските предизвици, претседателот Иванов во говорот се осврна и на капиталните инвестиции на Кина во развојот на вештачката интелигенција.

На глобалниот форум во Баку учествуваат повеќе актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот, универзитетски професори и претставници на Програмата за млади лидери.

Претседателот Иванов претходно оствари билатерални средби со претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, со претседателот на Молдавија, Игор Додон и со турскиот премиер, Бинали Јилдирим.
03

01._Aliyev
Билатерални средби на претседателот Иванов во рамки на 6. Глобален Баку форум
Петок, 16 Март 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на 6. Глобален Баку форум, оствари средби со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев, со претседателот на Република Молдавија г. Игор Додон и со премиерот на Република Турција г. Бинали Јилдирим.

На средбата со претседателот на Република Азербејџан г. Илхам Алијев се разговараше за билатералните односи меѓу Република Македонија и Република Азербејџан со акцент на искористување на економскиот потенцијал. Заедничка констатација на претседателот Иванов и на претседателот Алијев беше дека односите меѓу двете држави кои ги карактеризира пријателство, континуиран дијалог и разбирање, е потребно да се прошират во конкретни области од взаемен интерес. Претседателот Иванов изрази задоволство од континуираниот политички дијалог и од средбите на највисоко ниво, истакнувајќи дека е неопходно нивно ефектуирање во сферата на економската соработка. Во тој контекст, македонскиот претседател истакна дека Република Македонија се залага за зголемување на трговската размена преку конкретни можности за развивање на соработката и стои на располагање за влез на азербејџански директни инвестиции во македонското стопанство, преку гасоводни и енергетски проекти. За таа цел, нагласи претседателот Иванов, е неопходно и интензивирање на контактите меѓу владините претставници и бизнис заедниците од двете држави.

02._Dodon

На средбата со молдавскиот претседател г. Игор Додон, се разменија мислења за севкупните односи меѓу Македонија и Молдавија и за актуелните состојби и предизвици во регионот на Југоисточна Европа. Претседателот Иванов истакна дека постојат бројни потенцијали за соработка, кои со заеднички ангажман треба да се искористат, со цел зголемување на економската соработка и целосно искористување на економските можности на двете земји. Двајцата претседатели оценија дека односите меѓу Република Македонија и Република Молдавија ги карактеризираат меѓусебно пријателство и почит.

03._Yldrm


На средбата со премиерот на Република Турција г. Бинали Јилдирим, македонскиот претседател се заблагодари за гостопримството укажано за време на официјалната посета на Република Турција и изрази благодарност за принципиелната поддршка за употреба на уставното име на Република Македонија и членство на Македонија во НАТО. „Покана за членство на Македонија во НАТО ќе придонесе за долгорочната стабилност и безбедност на регионот", порача претседателот Иванов. Премиерот Јилдирим истакна дека е придобивка за Турција што има голем пријател како Македонија, и дека неговата земја ќе продолжи силно да ја поддржува Македонија на нашиот евроатлантски пат, особено пред претстојниот самит на НАТО во јули. Двајцата соговорници изразија поддршка за понатамошно засилување на економската соработка, преку зголемувањето на инвестициите и соработката меѓу бизнис заедниците на двете земји.

Претседателот Иванов престојува во работна посета на Азербејџан, по повод неговото учество на 6. Глобален Баку форум, што се одржува во организација на меѓународниот центар „Низами Ганџави". Годинашната тема на Глобалниот Баку форум е „Премостување на разликите за создавање на инклузивни општества".

PRM_Ivanov_-_predavanje_1
Претседателот Иванов одржа предавање пред членовите на Советот за високо образование на Турција
Среда, 21 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара одржа предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум" пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција.

Претседателот Иванов во своето предавање се осврна на историските промени во процесот на образованието, притоа правејќи паралела меѓу милет системот и македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и за важноста на почитувањето наместо толерирањето на различностите.

„Еден куриозитет со кој се гордееме – првата телевизиска програма на турски јазик се емитувала на македонската телевизија во Скопје 1967 година. Турската држава својата телевизија ја формира 1969 година. Две години во етерот одела слика и збор на турски јазик од Македонија. Првиот професионален театар на турски јазик, надвор од Турција, е во Македонија, кој набрзо ќе слави 70 години постоење. Тоа укажува дека другиот не треба да го толерирате, туку треба да го почитувате. Затоа, оваа филозофија е она што нуди решенија за состојбите и на блискиот исток и на Кавказ. Кога ќе го почитувате другиот, можете да очекувате и тој вас да ве почитува. Ако го толерирате, тој ќе знае дека не го сакате, дека само го трпите", рече претседателот Иванов во предавањето пред турската академска заедница.

PRM_Ivanov_-_predavanje_2Претседателот Иванов зборуваше и за тоа какво образование им е потребно и е најсоодветно за новите генераци

„Живееме во време на голема преобразба, кога сето знаење бара поинаква интерпретација, затоа што младите ќе живеат во сосема поинаков свет во кој знаењата што сте ги стекнале вие, веќе не се од корист. Но, ако ги сфатат принципите, ги сфатат законите и сфатат едно нешто што се вели етика, никој пат ќе немаат проблем во животот. Кој ги почитува моралните закони, тој ги почитува и природните закони. Кој е во баланс со природата, секој пат е со добри луѓе", рече претседателот Иванов, на кого му беа подарени дела од отомански автори.

Претседателот Иванов истакна дека на Македонија и на Турција им се потребни универзитети што ќе им помогнат на младите да ги достигнат своите потенцијали и да се остварат во 21 век. Според него, дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, кои преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција.

Претседателот на Советот за високо образование на Република Турција, д-р Јекта Сарач, во своето воведно обраќање ја престави академската и политичката кариера на претседателот Иванов и информираше дека на Универзитетот во Анкара, неделава почнала со работа Катедрата за македонски јазик. Тој упати повик до академиците и ректорите да ја поддржат соработката со Република Македонија во областа на високото образование.

На предавањето присуствуваа и македонски студенти во Анкара, кои остварија средба со претседателот Иванов. Тие ги пренесоа своите искуства од образовниот систем во Турција и истакнаа дека им е голема чест и задоволство што присуствуваа на предавањето на претседателот Иванов.

Во Република Турција функционираат 185 државни и приватни универзитети, на кои студираат над 7 милиони студенти.
PRM_Ivanov_-_predavanje_3

Erdogan_za_web
Официјална посета на Република Турција - средба со претседателот Ердоган
Вторник, 20 Февруари 2018


PRM_Ivanov_-_PRT_Erdogan_01Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара оствари средба со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

Деблокадата на интегративните процеси е клучна за долгорочна стабилност, безбедност и напредок на целиот регион. Во наредниот период очекуваме конструктивна поддршка, помош и отворено лобирање за членство на Република Македонија во Алијансата од страна на нашите пријатели – земји членки на НАТО. Поканата за членство ќе биде дополнителен поттик за националните реформски процеси и ќе претставува позитивен пример во регионот, изјави претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по средбата со претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

Македонскиот претседател изрази благодарност за принципиелниот став на Република Турција за решавање на билатералниот спор, кој Република Грција го има со Република Македонија, за уставното име.

„Во 21-от век, недозволиво е сувереното право на самоопределување на една држава, гарантирано со Повелбата на Обединетите Нации, да биде оспорувано од која било друга држава.  Разликата околу името треба да се решава во рамките на ООН и во рамката  дефинирана со Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011. Задирањето во прашања, како што е идентитетот, јазикот и Уставот на Република Македонија, не придонесува, туку напротив го отежнува процесот за изнаоѓање на решение. Ме радува фактот што Претседателот Ердоган и при оваа посета искажа целосно разбирање за нашите ставови по однос на оваа тема и стои на македонска страна", рече претседателот Иванов, кој престојува во официјална посета на Турција.

Претседателот Иванов се заблагодари и за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка и особено за начинот на кој Турција ја поддржува Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО.

Турскиот претседател Ердоган ја повтори поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмираше и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.

„Ние сме први што го признавме уставното име на Република Македонија. Она што го мислевме тогаш, го мислиме и сега. Ние не мрдаме ни лево ни десно. Турција во дипломатијата никогаш не се однесува двострано. Ние откако сме донеле своја одлука, ние умираме, но не се враќаме назад", рече турскиот претседател Ердоган, истакнувајќи дека покрај признавањето на уставното име на Македонија и името на нацијата, Турција била првата земја што испратила свој амбасадор во Македонија.

На средбата беше констатирана потребата од интензивирање на соработката во борбата против тероризмот.
PRM_Ivanov_-_PRT_Erdogan_02

PRM_Ivanov_-_premier_Jildirim_1
Средби со турскиот премиер Јилдирим и претседателот на турското собрание Караман
Вторник, 20 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во рамки на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара оствари средба со претседателот на Владата на Република Турција, г. Бинали Јилдирим и со претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г. Исмаил Караман.

На средбите беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, при што беше оценето дека двете земји негуваат традиционално пријателски односи, со интензивни контакти на високо и на највисоко ниво.

Претседателот Иванов со премиерот Јилдирим и со претседателот на собранието Караман разменија информации за состојбите во двете земји и за актуелните состојби во регионот.

Во контекст на евроатлантските аспирации на Република Македонија, претседателот Иванов изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Турција за членство на Република Македонија во НАТО и изрази очекување таа да продолжи.

„Покана за членство на Македонија во НАТО ќе биде дополнителен поттик за реформските процеси во земјата и ќе создаде огромни придобивки за долгорочната стабилност и безбедност на регионот", порача претседателот Иванов на средбите со премиерот Јилдирим и со претседателот на собранието Караман, изразувајќи благодарност за принципиелниот став на Република Турција за употребата на уставното име на Република Македонија, вклучително и во рамки на НАТО.

На средбите беа разменети мислења и за можностите за економска соработка, при што беше констатирано дека треба да се следи примерот на одличните политички односи и двете земји да се стремат кон натамошно интензивирање на трговската размена. Претседателот Иванов изрази очекување за проширување на интересот на турските компании за инвестирање во Република Македонија.

На средбите беше изразено очекување за продлабочување на соработката меѓу безбедносните служби на двете земји, и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

На средбата со претседателот на турското собрание Караман, беше истакнато значењето на парламентарната соработка за севкупните билатерални односи, од аспект на нејзините ингеренции за дефинирање на законската рамка, која создава услови за унапредување на политичкиот дијалог и динамизирање на економската соработка.

PRM_Ivanov_-_Kahraman_2

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 18 од 198