Новости
WBAF
„Школата за млади лидери“ прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година
Понеделник, 19 Февруари 2018

Сакаме да изградиме млади луѓе со вистински вредности, интегритет и отворен ум, порача претседателот Иванов на свеченото отворање на Светскиот форум на бизнис ангели, кој се одржува во Истанбул, Република Турција.

Во своето обраќање на форумот на кој присуствуваат над 1200 учесници од 70-тина држави, македонскиот претседател говореше за целите и вредностите на Школата за млади лидери, која што е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година, од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Тој истакна дека целта на Школата за млади лидери е на најталентираните и најуспешните млади од Македонија и од регионот да им се овозможи она што не можат да го добијат во рамките на официјалниот образовен систем.

„Сакаме да изградиме лидери со вистински вредности, интегритет и отворен ум. Само со отворен ум младите ќе можат да размислуваат надвор од шаблоните, да изнаоѓаат нови и иновативни решенија на патот до индивидуалниот и колективниот успех," рече Иванов, дополнувајќи дека учесниците на Школата имаат можност да се стекнат со интердисциплинарно и апликативно знаење, практични совети, насоки и менторство од врвни светски лидери.

Иванов порача дека Школата за млади лидери е start up училиште за идните општествени лидери на Македонија кои преку вмрежување може да придонесат за позитивни промени во општеството.

wbaf_2„Можеби најважното нешто што сакаме младите да го научат е лекцијата за моралното лидерство. Стана популарно да се вели дека не е важно дали некој политички или бизнис лидер е морален или не, се додека добро ја извршува работата. Способноста, а не карактерот, е она што е важно. Но, прагматизам без морал води кон краткорочни решенија со долгорочно штетни последици. Лидери без морал се дел од проблемот, а не од решението" рече македонскиот претседател.

Иванов откри дека идејата за организирање на ваква Школа ја добил кога како професор благодарение на своите студенти стана претседател на Република Македонија и дека истата финансирана од приватниот сектор е пример за јавно-приватно партнерство кое инвестира во општеството и иднината.

Тој потсети дека на Школата за млади лидери која што е негова лична иницијатива и проект кој се организира под негово покровителство, досега учествувале над 320 млади луѓе од Македонија и од регионот како и над 180 врвни светски предавачи од областа на политиката, бизнисот, иновациите, комуникациите.

Во своето обраќање Иванов зборуваше и за дигиталната трансформација на компаниите, на политиката и на универзитетите, за кои како што рече се дел од незапирлив процес на раѓање на нова парадигма што треба да понуди иновативни и креативни решенија за глобалните предизвици.

Вечерва во рамки Светскиот форум на бизнис ангели, на македонскиот претседател ќе му биде доделена наградата за Светско лидерство, по повод прогласувањето на „Школата за млади лидери", за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година.

Светскиот форум на бизнис ангели е меѓународна организација која го олеснува пристапот до финансии за малите и средни претпријатија, иноваторите и за стар-ап бизнисите од самиот нивен почеток, со крајна цел креирање работни места и поголема социјална правда. На овој инвестициски форум учествуваат над 120 говорници од 30-тина држави, а присутни се и претставници на голем број светски компании.
wbaf_3

stopanska_komora_3
Иванов-Радев:Македонија и Бугарија треба да ја унапредуваат севкупната соработка
Сабота, 17 Февруари 2018

Претседателите на Република Македонија и Република Бугарија, д-р Ѓорге Иванов и г.Румен Радев денеска имаа средба со бизнисмените и претседателите на стопанските комори на двете држави.

На средбата двајцата претседатели истакнаа дека Македонија и Бугарија треба да имаат поуспешна бизнис соработка, подобра инфраструктура, повеќе проекти, поголема размена на стоки и на луѓе и многу подобра комуникација на сите нивоа.

Претседателот Иванов истакна дека освен подобрување на инфраструктурата меѓу двете држави, која во некои делови е очајна, мора корупцијата да се сведе на нула и да се инвестира во вода, храна и енергија.

„Ние мора да бидеме подготвени на новите трендови. Бугарија е многу напредната во ИКТ секторот и може да се искористи тоа искуство зашто ние имаме млади компании кои се занимават со дигитална анимација, дигитални услуги кои се повеќе заземаат дел од бизнис заедницата", рече претседателот Иванов. Според македонскиот претседател неопходни се меритократија, прагматизам и чесност.

Претседателот Радев истакна дека постои политичка доверба на највисоко ниво дека и таа е услов за сите понатамошни успеси. Бугарскиот претседател потенцираше дека е многу важно што побрзо Македонија да стане членка на НАТО, а странските инвестици мора да доаѓаат во секоја средина, со помала или поголема безбедност.

„ Веќе има шанса во рамките на нашето претседателство со ЕУ Република Македонија да добие покана за членство. За да ги убедиме нашите партнери да ја дадат таа покана ние треба да покажеме дека Бугарија и Македонија можат да работат заедно", рече претседателот Радев.

Според бугарскиот претседател, исклучително важни се и размената во образованието, науката, културата и туризмот. Во тој контекст претседателот Радев истакна дека Бугарија има голем проток на странски инвестиции и големи искуства во искористување на европските фондови, а Македонија може да ги искористи позитивните формули за разработување на конкретни проекти.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески истакна дека има потреба од сериозна акција со динамика и рокови за конечно да завршиме некакви работи кои се од интерес на бизнисот меѓу двете држави. Соработката долги години се движеше околу 300 милиони, а денеска напреднува и се движи на 664 милиони долари, што е значителен напредок од минатата година од 19,3 отсто.

На состанокот Македонско-бугарската стопанска комора и Бугарската трговско-индустриска комора потпишаа договор за соработка.

Radev_rotarot
Иванов и Радев иницираат склучување договор за стратешко партнерство
Петок, 16 Февруари 2018

Radev1Претседателите на Република Македонија и на Република Бугарија, д-р Ѓорге Иванов и г. Румен Радев на денешната средба во Скопје се согласија да иницираат потпишување договор за стратешка соработка меѓу двете земји.

На заедничката прес-конференција по средбата, претседателот Иванов рече дека по потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој многу ќе придонесе за развој на севкупната билатерална соработка би било добро Скопје и Софија да склучат и договор за стратешко партнерство, какви што Македонија има со САД и со Турција.

„Мигрантската криза ни покажа дека е потребна соработка и размена на информации во областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето. Затоа ние ќе иницираме потпишување на договор за стратешко партнерство. Разговаравме и за новата стратегија на ЕУ за проширувањето која во голема мера е заслуга и на Бугарија. Реални се можностите за време на бугарското претседавање, Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ и реално е да очекуваме покана за членство во НАТО, на самитот кој ќе биде летоска. Ја поздравувам иницијатавата на Бугарија и демонстрираната заложба како прв сосед директно да ги подржи еврспските и евроатлантските интеграции и да се заблагодарам преку претседателот Радев, на се што досега Бугарија го има сторено за напредок на Македонија во овие евроинтегративни процеси, рече претседателот Иванов.

Бугарскиот претседател Радев ја оцени како многу важна иницијативата за склучување договор за стратешко партнерство, додавајќи дека ќе ја пренесе до Владата во Софија и дека со таквиот договор ќе се зголеми безбедноста за сите чинители во регионот.

„Договорот за добрососедство со земја, која е членка на Европската унија и НАТО е најсилен доказ дека во македонскиот Устав нема одредби за иредентизам и територијални претензии, рече претседателот Иванов и потсети дека Бугарија била првата земја што ја признала Република Македонија под уставното име.

Radev2Претседателот Радев за Договорот за добрососедство рече дека не треба да остане само мртво слово на хартија, туку да биде незапирлив процес што ќе се унапредува.

„Бугарија секогаш била еден од најсилните поддржувачи на Македонија за ЕУ и НАТО. Но, има уште многу да се сработи во разни сфери, а Бугарија е подготвена да и помогне во тоа на Македонија", кажа претседателот Радев.

Во врска со актуелните преговори меѓу Македонија и Грција за решавање на спорот за името, бугарскиот претседател рече дека Софија поддржува решение на спорот за името меѓу Скопје и Атина кое нема да вклучува територијални делови од Бугарија и нема да засега трети страни.

„Бугарската позиција е јасна, решението за името во спорот со Грција да не содржи географска одредница која во себе ќе вклучува територијални делови од Република Бугарија, рече претседателот Радев, одговорајќи на новинарско прашање и нагласи дека Бугарија не планира воведување на никакви санкции кон Македонија во однос на нејзините европски и евроатлантски интеграции во врска со преговорите за името и додаде дека тие се водат меѓу две суверени држави под покровителство на Обедините нации.

Претседателот Радев додаде дека овие преговори ја засегаат и Бугарија, но напомена дека верува дека ќе биде најдено решение кое е прифатливо и за Македонија и за Грција, но кое нема да засега трети страни.

Претседателот Иванов рече дека преговорите за проблемот што Грција ги има со уставното име на Република Македонија ќе продолжат во ОН, при што македонската страна ќе се труди да се најде решение кое нема да биде на штета на трети држави и да ги инволвира во процесот.
Radev3

Kavadarci1
Претседателот Иванов на одбележување на празникот Св. Трифун во Кавадарци
Среда, 14 Февруари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на православниот празник „Свети Трифун" денеска присуствуваше на традиционалното закројување на винова лоза во Кавадарци.

На градскиот плоштад, претседателот Иванов со градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и Митрополитот Повардарски Агатангел симболично ги закроија виновите лози и упатија желби за родна година.

Македонскиот претседател им го честиташе празникот на граѓаните и во духот на нашата традиција, посака Св. Труфун на лозарите да им донесе многу бериќет, а на винарите квалитет. - На овој ден посакуваме годината да биде родна и благородна, да биде успешна, не само за винарите и за лозарите туку и за сите нас, рече претседателот Иванов.

Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, порача дека годинашното одбележување на „Свети Трифун" треба да биде почеток за една нова состојба и нови стандарди во лозарството. - Винарските визби да бидат тие што ќе прават добро вино, лозарите добро грозје, а државата да биде таа којашто ќе не заштити, заедно со општината, за грозјето и родот да ни се плаќа на време", рече Јанчев.

Во духот на македонската традиција, претседателот Иванов секоја година присуствува на свеченото одбележување на Денот на лозарите и големиот христијански празник – Св. Трифун. Минатата година, македонскиот претседател присуствуваше на симболичното закројување на винова лоза во Демир Капија.

Sv._Atanasij_Veliki_01
Претседателот Иванов присуствуваше на одбележувањето на христијанскиот празник Св. Атанасиј Велики во Тетово
Среда, 31 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ја посети црквата „Св. Атанасиј" во Тетово, по повод одбележувањето на големиот христијански празник Св. Атанасиј Велики.

Во црквата се одржа света божествена литургија со која чиноначалствуваа Протојереј-Ставрофор Мирко Станкоски и протојереј Дарко Наумоски којшто на присутните верници им посака мир, слога, љубов и благосостојба.

По повод празникот беше одржана и церемонија на осветување на празничниот колач, а потоа беа избрани кумовите за идната година.

Претседателот Иванов на присутните верници им го честита празникот Св. Атанасиј Велики и им посака здравје, радост и бериќет.

Во црквата на тетовското Кале која датира од крајот на осмиот век, традиционално се прославува христијанскиот празник Св. Атанасиј Велики. Според различни историски извори, црквата „Свети Атанасиј" претставува еден од најстарите христијански црковни споменици во овој дел од Македонија.
Sv._Atanasij_Veliki_02

Petkov22012018
Средба на претседателот Иванов со амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, г. Иван Петков
Понеделник, 22 Јануари 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, г. Иван Петков, кој ги претстави приоритетите и програмата на бугарското Претседателство со Советот на Европската унија во периодот од 1 јануари до 30 јуни 2018 година.

На средбата претседателот Иванов посака успешно спроведување на програмата на бугарското претседателство и успех во реализацијата на приоритетите. Македонскиот претседател изрази задоволство што меѓу главните приоритети на бугарското претседателство е европската перспектива на регионот.

Зголемениот интерес на Европската унија за регионот, според претседателот Иванов, укажува на тоа дека постои позитивна политичка клима за проширувањето на ЕУ, што е исклучително важно како за Македонија така и за целиот регион. Претседателството на Република Бугарија е одлична шанса за искористување на оваа позитивна политичка клима, рече претседателот Иванов на средбата.

Во тој контекст, македонскиот претседател изрази очекување дека Република Бугарија ќе даде силна поддршка за неодложен почеток на пристапните преговори на Република Македонија со Европската унија.

„Македонија очекува натамошно динамизирање на интегративните процеси. Перспективата за членство во Европската унија е наша единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет. Одложувањето на почетокот на преговорите се покажа како непродуктивен пристап - делува демотивирачки, создава фрустрации и тензии во нашето општество", рече претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател изрази надеж дека двете земји ќе продолжат да соработуваат на промоција на заедничките интереси во регионот и да го одржат позитивниот напредок во билатералната соработка што е остварен во изминатиот период.

Република Македонија како и досега така и во иднина ќе настојува да гради и развива здрави, добрососедски односи со Република Бугарија врз основа на меѓусебно почитување, искреност, взаемна доверба и рамноправност, рече претседателот Иванов на средбата со бугарскиот амбасадор, г. Иван Петков.

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 19 од 198