Новости
PRM-FR
Средба со г-ѓа Женевиев Дариесек, Државен секретар во Министерството за вооружени сили на Француската Република
Четврток, 31 Мај 2018
NBRM
Средба со г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, гувернер на НБРМ и г. Димитар Богов, досегашен гувернер на НБРМ
Среда, 23 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска ги прими г-ѓа Анита Ангеловска-Бежоска, Гувернер на Народната банка на Република Македонија и г. Димитар Богов, досегашен гувернер на НБРМ.

Претседателот Иванов на г-ѓа Ангеловска-Бежоска и го честиташе нејзиното именување за гувернер на Народната банка на Република Македонија, посакувајќи и успех во работата.

„Водењето на монетарната политика и севкупното централнобанкарско работење во нашата држава, во континуитет е позитивно оценувано во извештаите на Европската комисија за напредокот на Македонија. Имајќи ја во предвид вашата професионална биографија и досегашно работно искуство, уверен сум дека ќе продолжи континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Во оваа прилика, претседателот Иванов му се заблагодари на г. Богов за успешното водење на НБРМ во изминатите седум години, оценувајќи дека со неговиот ангажман даде значаен придонес во исполнувањето на предвидените цели и задачи на Народната банка.

„Со вашата работа, дадовте значаен придонес во водењето на монетарната политика, постигнувањето и одржувањето на ценовната стабилност, во одржувањето на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем и во поддршката на општата економска политика, во согласност со принципот на отворена пазарна економија. Верувам дека со вашето професионално искуство ќе продолжите да давате натамошен значаен придонес во интерес на Република Македонија", рече претседателот Иванов на средбата.

Гувернерот Ангеловска-Бежоска се заблагодари на претседателот Иванов за дадената доверба и изрази очекување дека по превземањето на функцијата од г. Богов ќе продолжи континуитетот на успешно управување и функционирање на Народната банка.

На средбата г. Богов му се заблагодари на претседателот Иванов за дадената доверба, поддршката и успешната соработка во изминатите седум години.

izlozba_1
Иванов: Наша должност е да го негуваме наследството на светите Кирил и Методиј
Вторник, 22 Мај 2018

Правото на сопствен јазик, на образование, на самоидентификација и денес се основни универзални и европски човечки вредности. Јас денес го говорам македонскиот јазик, исто како што нашите словачки пријатели го говорат словачкиот јазик, благодарение на светите Кирил и Методиј, истакна претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на отворањето на изложбата „По трагите на светите Кирил и Методиј" на словачкиот автор Павол Демеш, а во организација на Амбасадата на Република Словачка.

- Битката на светите Кирил и Методиј беше да им се овозможи на словенските народи сами да го спознаваат Божјото слово, сами да ја создаваат и пренесуваат својата култура, традиција, сами да ја пишуваат својата историја, порача во обраќањето претседателот Иванов.

Духовното стебло на светите Кирил и Методиј, додаде македонскиот претседател, е богатството на Европа кое денес го именуваме како единство во различноста.

izlozba_2- Без тоа словенско стебло денес ќе имавме една интелектуално и духовно посиромашна Европа. Затоа, должност на нашата генерација е да го негуваме и афирмираме тоа наследство, благодарение на кое ние денес имаме наш светоглед, наша посебност и идентитет, рече во обраќањето претседателот Иванов.

Изложбата е по повод 1155-годишнината од доаѓањето на солунските браќа на територијата на Велика Моравија, предците на Словаците и Чесите, и 25-годишнината од осамостојувањето на Република Словачка. Изложбата претставува фотографска биографија на солунските браќа, заштитниците на Европа, на која авторот работел три години. Станува збор за избор фотографии, којшто треба да покаже кои биле Кирил и Методиј, и воедно, зошто се толку важни за словенските народи. Изложбата опфаќа и споменици од најразлични земји, зачувани од времето на светите Кирил и Методиј или кои им се посветени ним.

Павол Демеш е експерт за надворешна политика и граѓанско општество. Живее во Братислава. Активно фотографира, а неговите фотографии повеќе пати беа изложени и презентирани во Словачка, како и во странство

izlozba_3

grupna_2
Претседателот Иванов прими учесници на Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ“
Четврток, 17 Мај 2018


Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска прими дел од учесниците на Меѓународната научна манифестација „Македонистички денови во МАНУ", што се одржува во Македонската академија на науките и уметностите.

На средбата присуствуваа проф. д-р Марјан Марковиќ, организатор на конференцијата и член на МАНУ, истакнат лингвист, македонист, славист и балканист, проф. д-р Мотоки Номачи, славист од Јапонија, проф. д-р Кристина Крамер, македонист од Универзитетот во Торонто, проф. д-р Јан Соколовски, од Универзитетот Вроцлав од Полска, и проф.д-р Татјана Вендина, која го води престижниот проект Општословенски лингвистички атлас при Меѓународниот комитет за славистика.

Професорот Марковиќ информираше за проектот на МАНУ „Дигитални ресурси на македонскиот јазик" (http://drmj.manu.edu.mk/). Професорите Крамер и Соколовски информираа за зголемениот интерес за учење на македонскиот јазик во Канада и Полска. Јапонскиот професор Мотоки Номачи, на средбата со претседателот Иванов ги сподели неговите погледи и досегашната научна работа за македонскиот книжевен јазик, како и патешествието за изгубената граматика, за која професорот говореше на денешната научната манифестација во МАНУ. Јапонскиот професор Номачи во Градскиот архив на Москва ја пронашол Граматиката на македонскиот јазик, напишана во 1946-47 година од рускиот професор Самуил Борисович Бернштејн, а нарачана од Президиумот на АСНОМ, дело кое никогаш не било објавено и се сметало за исчезнато 70 години.

На средбата со славистите, претседателот Иванов ја истакна важноста на работата на македонистите и им се заблагодари за нивниот голем придонес во проучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик.

„Научниот пристап и систематско проучување на македонскиот јазик се од непроценлива важност за севкупната негова афирмација, особено во време на непринципиелни обиди за негово преименување", рече претседателот Иванов на средбата.

Македонскиот претседател истакна дека јазикот е темел на идентитетот на секој народ и неговото негирање претставува удар за основните човекови права и достоинството. Во тој контекст, претседателот Иванов истакна дека македонскиот јазик како официјален јазик на државата претставува lingua franga, израз на единството на нашата држава, и основен комуникациски код што ги поврзува и обединува сите сегменти на македонското мултиетничко, мултирелигиско и мултијазично општество.

islaa_1
Одбележана 7 - годишнината од формирањето на Иванов Школа за Лидери - Алумни Асоцијација (ИСЛАА)
Среда, 16 Мај 2018

„Ме радува што основните принципи што ги воспоставивме на Школата за млади лидери, меритократија, прагматизам и чесност, вие ги негувате и ги практикувате, им порача претседателот Иванов, на учесниците на Школата на одбележувањето на 7 - годишнината од формирањето на Иванов Школа за Лидери - Алумни Асоцијација (ИСЛАА).

Македонскиот претседател обраќајќи се кон младите, рече дека тие се генерација која преминува од еден во друг милениум, која создава sharing економија и функционира во светот на blockchain, додавајќи дека во такви околности треба да се биде што повеќе поврзан и интерактивен, бидејќи само на тој начин се создаваат повеќе можности и се решаваат предизвици.

„Оваа година настојуваме деветтата по ред Школа за млади лидери да биде посветена на старт-ап филозофијата, за младите луѓе во Македонија да не очекуваат некој друг да им ги создава условите, туку тие самите да ги создаваат условите и да бидат дел од трендовите коишто се случуваат во светот", рече македонскиот претседател.

Потсетувајќи на мотивот за организирање на ваква Школа, кога како професор влегол во политиката, тој истакна дека истата станала бренд и благородна идеја која треба да се негува и да продолжи во иднина. Воедно, изрази благодарност и до поддржувачите на Школата за сето она што го направиле во изминативе години.

islaaЗа време на одбележувањето на 7 - годишнината од формирањето на ИСЛАА, на претседателот Иванов му беше врачена публикацијата од Светскиот форум на бизнис ангели, кој го прогласи за Најдобар лидер којшто инвестира во новите генерации, а проектот Школа за млади лидери беше препознаен како најдобар општествен проект за 2017-та година во Европа.

„Ме радува што сега Светскиот форум на бизнис ангели го препозна тоа што го работиме и ја додели наградата за светско лидерство, која е резултат на сите вас досегашни учесници и на сите ваши залагања", рече македонскиот претседател.

На одбележувањето присуствуваа повеќе гости и пријатели на Школата за млади лидери како и претставници на дипломатскиот кор меѓу кои и амбасадорот на САД, г. Џес Бејли, францускиот амбасадор г. Кристијан Тимоние, амбасадорите на Јапонија и на Кина, г-а Кеико Ханеда и г-а Јин Ликсијан, амбасадорот на Швајцарија г-а Сибилe Сутер и амбасадорот на Црна Гора г. Предраг Митровиќ.

Објавен e конкурсот за деветтата по ред Меѓународна обука за млади лидери што ќе се одржи од 20 август до 31 август во Охрид. На конкурсот, што е отворен до 23 мај, може да учествуваат сите млади од Македонија и наши иселеници што живеат во странство. Условите за конкурирање, предвидуваат апликантите да имаат одлично познавање на англиски јазик, да имаат просек, еднаков или поголем од 8,5 на додипломските студии, а работното искуство од минимум една година ќе се смета за предност. Апликацијата, што треба да се достави до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, треба да содржи биографија, кратко мотивациско писмо, копија од уверение за положени испити, потврда за напреден степен на познавање на англиски јазик и две препораки.

Школата за млади лидери за прв пат беше организирана кон крајот на август 2010 година во Охрид. Во изминатите осум години на школата учествуваа околу 320 млади луѓе со различна академска и професионална определба. Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, кадешто преку организација на семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, продолжува развојот на знаењата и вештините на досегашните учесници на школата.
islaa_2

ucenici_natprevar_1
Претседателот Иванов прими наградени ученици од ООУ „Лазо Трповски“ на натпревар за воздушен и вселенски сообраќај во Берлин
Вторник, 15 Мај 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и сопругата г-а Маја Иванова, денеска ги примија учениците четвртоодделеци од ООУ „Лазо Трповски" – Скопје, кои беа наградени на традиционалниот меѓународен училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2018 кој се одржа во Берлин, Германија.

Честитајќи им за добиената награда за освоеното седмо место во конкуренција од над 150 учесници, претседателот Иванов на младите им посака уште многу вакви тимски успеси во иднина. „Сите вие што освојувате награди заслужувате чест и внимание", порача македонскиот претседател.

Учениците се заблагодарија за приемот и истакнаа дека имаат повеќепати учествувано на овој меѓународен натпревар со досега три пласмани во финале, а пред две години на истиот натпревар го освоиле десеттото место.

Проектот за кој македонските ученици беа наградени на меѓународниот натпревар во Берлин е изработка на автентичен модел на товарниот авион од флотата на Ербас: Ербас Белуга во размер 1:200. Натпреварот е во организација на Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас).

Наградата и дипломите на наградените ученици им ги врачи директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија, г. Горан Јандреоски.

ucenici_natprevar

 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 14 од 198