Новости
moldavija_precek_19
Иванов-Додон: Македонија и Молдавија да ја интензивираат економската соработка
Вторник, 17 Јули 2018

Македонија и Молдавија се две пријателски земји, меѓу кои постојат потенцијали за соработка, кои за жал не се доволно искористени. Потребно е интензивирање на политичкиот дијалог и на соработката меѓу институциите од двете земји, со цел зголемување на економската соработка и трговската размена, е пораката што ја упатија Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов и Претседателот на Република Молдавија, г. Игор Додон, по нивната денешна средба во Кишињев.

„Во овој контекст, особено ме радува што Молдавија ја поддржува нашата иницијатива за склучување на договор за економска соработка, за пренесување на нашите искуства од областа на привлекување на странски инвестиции и ме радува што ова наше искуство може да го споделиме затоа што очигледно е дека на Молдавија и требаат и другите искуства во оваа сфера", рече претседателот Иванов, кој престојува во дводневна официјална посета на Молдавија.

„Нашата трговска размена е навистина симболична, но со затворањето на правната рамка и потпишувањето на договорите кои се неопходни, се надеваме дека ќе изнајдеме можност да ја подигнеме трговската размена, затоа што имаме слично производство, особено во производството на вино и на храна, и можеме заедно да настапуваме на трети пазари, односно да поттикнеме што поголема размена меѓу нашите сродни економии", рече претседателот Иванов.

Според молдавскиот претседател Додон, постои неискористен потенцијал во однос на економската соработка меѓу двете земји, и понуди чекори што, според него, треба да бидат направени во блиска иднина.

„Најпрво да биде создадена меѓувладината комисија за економска соработка. Вообичаено тој механизам дава дополнителна мотивација за решавање на различни проблеми во трговската област. Второ потребно е да се потпишат дополнителни договори особено она што го споменав, околу заемната заштита на инвестиции. Молдавија може да биде интересна земја за западни инвеститори, коишто ќе ги продаваат нивните производи, меѓутоа треба да постои сигурност за инвестиции. И трето да се зајакне соработката и дијалогот помеѓу бизнис заедницата, а тоа го спомена и господинот претседател. Се на се се сведува на добра соработка меѓу коморите за трговија и индустрија. Доколку го направиме првиот и вториот чекор мислам дека третиот ќе биде многу поедноставно да се реализира", рече молдавскиот претседател Додон.

За време на официјалната посета на Молдавија, претседателот Иванов ќе оствари средба со Премиерот на Република Молдавија, г. Павел Филип и со претседателот на Парламентот на Република Молдавија, г. Андриан Канду.

MD_1

Skrebatno_izvidnici_01
Претседателот Иванов на отворањето на 12. Македонска национална извидничка смотра во Скребатно
Недела, 15 Јули 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов се обрати на отворањето на 12. Македонска национална извидничка смотра, што под негово покровителство, а во организација на Сојузот на извидници на Македонија, се одржува од 12 до 22 јули во близина на охридското село Скребатно.

На годинешната смотра учествуваат повеќе од 1000 извидници. Покрај македонските извидници, на смотрата учествуваат и извидници од Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Германија, Израел, Молдавија, Русија, Словачка, Словенија, Србија, Украина, Франција, Хрватска, Црна Гора и Чешка.

Смотрата е најголемиот настан кој го организира еден сојуз и истиот претставува голем собир на извидници и млади во еден камп. Програмата на смотрата се состои од 117 едукативни работилници поделени во области од животни вештини, цели за оддржлив развој, интеркултурен дијалог, предизвици, природа и авантура. Покрај работилниците смотрата ќе обезбеди и платформа за форуми, дискусии и размени на култури.

Ohridsko_leto_ucesnici_01
Средба на претседателот Иванов со организаторите и уметниците кои ќе го отворат фестивалот „Охридско лето“
Среда, 11 Јули 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска во „Вила Билјана" во Охрид, ги прими светски познатата оперска дива Елена Мошуц, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовану, кои во придружба на оркестарот на Македонска филхармонија, ќе настапат на отворањето на 58. издание на „Охридско лето" како и организаторите на фестивалот.

Во пресрет на утрешното отворање на „Охридско лето", македонскиот претседател изрази задоволство од годинешната богата програма, истакнувајќи дека овој престижен македонски фестивал континуирано дава придонес за промовирање на македонската култура, музика и уметност во светот и истовремено, најзначајните светски музички достигнувања ги носи пред македонската публика.

Претседателот Иванов го поздрави учеството на врвните музички уметници од Романија, оперската пејачка, Елена Мошуц, тенорот Калин Братеску и диригентот Николае Молдовану, и им посака успешен настап на утрешното отворање на фестивалот.

Македонскиот претседател посочи дека Охрид, како место со долга духовна и културна традиција, преку фестивалот „Охридско лето" уште повеќе ја збогатува туристичката понуда на градот.

Заблагодарувајќи се за средбата со македонскиот претседател, музичките уметници изразија задоволство за поканата и од престојот во Македонија, како и за можноста да настапат на овој популарен фестивал во Европа.

На средбата, организаторите на фестивалот го информираа претседателот Иванов за текот на активностите и за годинешната програма на фестивалот „Охридско Лето", во кој се содржани над 45 настапи на домашни и странски уметници, меѓу кои над 35 музички настапи, 8 театарски претстави и неколку уметнички изложби.

Република Македонија и Охрид до 20-ти август ќе бидат домаќини на над 800 врвни уметници, изведувачи и автори од 27 земји од целиот свет, и тоа од Велика Британија, Канада, Русија, Шпанија, Италија Романија, Франција, Полска и други.

Манифестацијата „Охридско лето" традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на Република Македонија.
ohridsko_leto_ucesnici_02


ankara1
Претседателот Иванов на инаугурација на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган
Понеделник, 09 Јули 2018

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска присуствуваше на свечената церемонија по повод инаугурацијата на Претседателот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган.

Претседателот Иванов му честита на претседателот на Република Турција за победата и за постигнатиот успех на предвремените претседателски и парламентарни избори и му посака успешно извршување на претседателската функција. Македонскиот Претседател се заблагодари за сета досегашна поддршка од Република Турција, и изрази уверување дека и во наредниот период ќе продолжи силното пријателство и соработката меѓу двете земји.

На церемонијата што се одржа во Претседателската палата во Анкара, претседателот Ердоган имаше свое обраќање, откако претходно положи заклетва во турскиот Парламент. На свеченоста присуствуваа 22 претседатели на држави и 28 премиери, претседатели на парламенти и министри.

ankara2

Slovacka1
Претседателот Иванов на манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј“ во Словачка
Четврток, 05 Јули 2018

Народите без писменост неповратно исчезнале во историјата. Благодарение на светите Кирил и Методиј, Македонскиот и Словачкиот народ не само што опстанаа, туку, со својот светоглед, посебност и идентитет го збогатуваат Европскиот културен простор. Јас денес го говорам мојот мајчин македонски јазик исто како што вие го говорите вашиот милозвучен словачки јазик благодарение на светите Кирил и Методиј, порача Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на традиционалната манифестацијата „Денови на Св. Кирил и Методиј" што се одржува во Терхова, Република Словачка.

Денот на Сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј - 5 Јули, Словачката Република го прославува како државен празник.

Годинешната манифестација „Денови на Св. Кирил и Методиј", во чии рамки се организираат повеќе културно-историски и духовни настани, е посветена на десетгодишнината од основањето на Епархијата на Жилина, чии заштитници се Св. Кирил и Методиј.

Говорејќи за светите браќа, македонскиот претседател посочи дека тие не се само словенски апостоли, туку и копокровители и патрони на цела Европа, без кои Европа ќе беше духовно, културно и цивилизациски сиромашна.

- Пред 12 века, врз основа на старословенскиот говор од Македонија, тие ја составиле азбуката наречена глаголица. Со глаголицата, тие го трансформирале старословенскиот јазик во првиот пишан јазик на словенските земји. А потоа, со тој пишан јазик успеале да го ослободат огромниот духовен, интелектуален, културен и креативен потенцијал на словенските народи, рече претседателот Иванов во обраќањето.

Претседателот Иванов истакна дека светите браќа Кирил и Методиј оставија комуникациски код што поврзува не само генерации, туку и цели народи и држави.

- Код низ кој продолжуваме да ги градиме и унапредуваме одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Словачка, онака, како што им доликува на пријателски држави и народи, порача македонскиот претседател.

Во рамки на одбелжувањето, претседателот Иванов присуствуваше и на свечена литургија во катедралата Св. Кирил и Методиј – Брдо Оравцове, што претставува најголем храм во Словачката Република посветен на Сесловенските просветители. Во рамки на манифестацијата на претседателот Иванов му беше врачено признание од општината Терхова. Терхова во Жилина, е местото каде што во древната Велика Моравија, Светите Кирил и Методиј ја извршиле својата четврта просветителска мисија.

За време на престојот во Словачката Република, претседателот Иванов оствари средби со градоначалникот на Општина Терхова, г. Јозеф Давидик, со претседателката на Жилинскиот самоуправен регион, г-ѓа Ерика Јуринова и со Бискупот на Нитра, Мон. Вилјам Јудак.

Slovacka2

zdruzenie_egejci
Прием на делегација од Сојузот на здруженија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија - „Македон"
Четврток, 28 Јуни 2018
 
Почеток < Пред 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 Следно > Крај
Страница 12 од 198